Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 12

Синајско законодавство

Настаните за Мојсеј и Исходот се толку длабоко врежани во народното сеќавање и


свеста на еврејскиот народ што престанува секаква можна расправа за тоа дали Мојсеј бил
историска личност. Со самото тоа не се доведува во прашање дали Исходот навистина се
случил. Она што е важно и што дава важност на овој настан е избавувањето од ропство од
страна на Бога, Кој постанува Бог на целиот народ, и Кој на таков начин јасно се
претставил.

Централниот настан, Сојузот на Синај крунисан со Божјиот Закон, оставил на сите


книги на Светото Писмо и на целиот народ и на поединиците силен впечаток.

Исходот и Петокнижието се и вовед во спасението. Тоа е книга на Законот, како


израз на Божјата промисла, неспорен авторитет, центар и јадро на верата.

Преку Мојсеј склопен е сојуз низ Законот, како израз на Божјата љубов и грижа за
својот народ. Преку Мојсеј, ни се открива иднината на децата на Израилот, но и иднината
на човештвото, низ ветување, пророштва и повик. Мојсеј со тој повик упатен од Бога,
постанал зачетник, организатор на Израилот, верски водач и законодавец. Исходот е
централна етапа на историјата на спасението на старозаветниот народ; исход од
египетското ропство и склопување на сојуз со Бога преку законот. Исходот е
ослободување во секој поглед преку Божја интервенција.

Сојузот склопен со Мојсеј на Синај не е само централна тема на исход, туку и на


целиот Стар Завет. Тоа е средба на Бога со човекот, цврста поврзаност помеѓу Бога и
човекот, нивно здружување, синергија, се со цел за сигурен и смислен живот овде на
земјата, но и гаранција за влез во Божјиот свет.

Во книгата Исход гледаме личносен однос и интервенција од Бога со давање на


законот на луѓето, кој ќе помогне човековиот однос кон Бога, но и кој другите луѓе и кон
целата твар во потполност да се исполни, како и тоа дека овој однос е темелен во сојузот.

Преку Мојсеј најавен е Господ Исус Христос Кој го изведува новозаветниот народ
од прогонство, од робување на темнината и на гревот, најава на новиот Израил и давање
на Новиот Закон. Низ Христовата жртва, Бог склопува нов Сојуз, вечен и неуништив.
Таков е почетокот на расказот од средбата на Бога со Мојсеј на Синај. Мојсеј беше
препознал во Огинот на Капината еден нематеријален оган - Оганот на Божеството. Тој не
се поколеба, зашто неговото срце, кое гореше од љубов, подготвило едно такво видение
без тој да знае. Мојсеј стоеше вака: бос, со покриено лице кога гласот се чу повторно, да
му ја одреди мисијата при што Бог рече: „Ја видов неволјата на мојот народ и те праќам
при Фараонот за да ги изведеш од Мисир (Египет) децата на Израил”. Тогаш Мојсеј се
исплашил и рекол „Кој сум јас за да отидам при Фараонот?”. Бог го охрабри: „Јас ќе
бидам со тебе”. Мојсеј рече „Но ако децата израилеви ме прашаат кој е името на Оној
што ме прати, што ќе им одговорам”. Бог одговори: „Јас сум Оној, Кој е“. И ќе им
кажеш: „Оној што ме прати при вас”. Преку овие зборови Бог му дава на Мојсеј
откровение, а преку Мојсеј и на целото човештво го открива своето Име - ОНОЈ КОЈ Е.1

Десетте Божји заповеди важат во христијанството за сите луѓе до свршетокот на


светот. Овие вечни Божји норми се и во нашиот внатрешен закон што ни го дал Бог.

Десетте заповеди Бог ги дал поделени на две камени плочи. На едната биле
напишани првите четири заповеди, а на втората останатите шест. Таа поделба е направена
според нивната содржина, а врз основа на двата основни облици на љубовта:

1. Љубов кон Бога;

2. Љубов кон ближните.

Тоа го потврдил и Господ Исус Христос кога ги кажал двете најголеми заповеди во
кои најкратко е содржан целиот Декалог, односно целиот Божји закон и учењето на
пророците.

Двете најголеми заповеди за кои се вели дека се скратен Декалог гласат: „Возљуби
Го Господа својот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум - тоа
е првата и најголема заповед. А втората е слична на неа: возљуби го својот ближен како
себеси”. (Матеј 22, 36-40)2.

1
Таковски Јован, Бог е жив, Париз 1989, 83.
2
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 18-19.
Пред да почнеме да се занимаваме со секоја заповед поединечно би било полезно
да се кажат неколку зборови. Заповедите се дадени како директна заповед или објава на
основниот принцип. Тој облик на закон бил редок на подрачјето на древниот Блиски
Исток. Најчесто користен облик на закон во ова подрачје и време бил закон кој едноставно
наведува одреден случај, односно: „ако се случи тоа и тоа, тогаш следи тоа и тоа”. Осум
од Десетте заповеди изразени се со негација - не го прави тоа. Тоа значи дека тие не ги
ограничуваат можностите и животот туку ги поттикнуваат. Заповедите се јасно смислени
да ја изградуваат заедницата. Дадени му се на тукушто створениот Божји народ. Нивната
цел е припадниците на тој народ да останат заедно и да го заштитат тој народ со што би го
спречиле да ги прекине и разруши односите. Замислени се така да ги почитува група,
односно народ.

Заповедите се кратки, лесно се учат, памтат и изговараат. Јасно е дека заповедите


се замислени така да може секој да ги разбере и применува, а во тоа време кога имало
малку писмени луѓе, се подразбирало учење напамет и рецитирање.

1. Првата Божја заповед гласи: „ЈАС СУМ ГОСПОД БОГ ТВОЈ, ДА НЕМАШ
ДРУГИ БОГОВИ ОСВЕН МЕНЕ”.

Оваа заповед е темел на сите останати. Јахве бара исклучителен однос со Израилот.
Он не трпи конкуренција во своите права во однос на Израилот. На никого друг не смеат
да се поклонуваат, ниту да бидат послушни. Јахве мора да биде прв и над сите, во сите
подрачја на животот. Он е единствен кој заслужува верност и послушност. Токму тоа е
важно за заветот и односот помеѓу Бога и човекот како поединец. 3 Против првата Божја
заповед можеме да ја нарушиме ако изразиме неверие во Бога, односно ако се сомневаме
во Неговото постоење. Многубоштвото е исто така нарушување на оваа заповед. Како што
греши неверникот со своето неверие, исто така греши и многубожецот со своето
кривоверие. Првата Божја заповед се нарушува и со обожување на луѓе наместо Бога, или
со преголема надеж во себе (егоизам). Грешиме кон првата Божја заповед и преку ерес.

3
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 125.
Ереста значи оддалечување од вистинското црковно учење за Бога. Потоа оваа заповед ја
нарушуваме и со суеверие или празноверие, волшебништво, баење, гатење и слично.

2. Втората Божја заповед гласи: „НЕ ПРАВИ ИДОЛ ИЛИ СЛИКА НА ОНА
ШТО Е ГОРЕ НА НЕБОТО, ШТО Е ДОЛУ НА ЗЕМЈАТА И ШТО Е ВО ВОДАТА И
ПОД ЗЕМЈАТА. НЕ ИМ СЕ ПОКЛОНУВАЈ И НЕ ИМ СЛУЖИ”.4

Во Светото Писмо Бог вели: „Не вршете беззаконија правејќи си ликови на маж
или жена, или на некое животно што е на земјата, или на некоја перната птица, која
лета под небото, или на некоја гадинка што ползи по земјата, лик на некаков вид риба
која е во водата подолу од земјата; и да не се соблазниш ти, кога ќе Му се обрнеш на
Господа твојот Бог и ќе го чуеш гласот Негов (5.Мој. 4, 16-19)“. Со оваа заповед се
забранува идолопоклонството, односно најголем грев што може човекот да го направи е
да падне во идолоклонство. Во Светото Писмо се вели: „Идолите на незнабожците се
сребро и злато, дело на рацете човечки; имаат уста, но не говорат, имаат очи, но не
гледаат; имаат уши но не слушаат, ниту, пак, во устата нивна има здив. Слични на нив
нека бидат и оние кои ги прават, и секој кој се надева на нив” (Псалм 134, 15-18).

Се поставува прашањето дали се нарушува втората Божја заповед со употребата на


светите икони? Тоа навистина би било така кога ние би ги обоготворувале иконите. Но,
светите икони се исто како што се светите книги, само напишани со бои место со букви
(свети Григориј Богослов). Светата Црква го востановила иконопочитувањето на Седмиот
вселенски собор.

Верникот кога се поклонува пред светата икона, во својот ум го гледа Бога или
светителот што е претставен на иконата, а не самата икона. Ние не се молиме на дрвото,
штицата, платното, металот, кожата, хартијата или на бојата - не на материјалот од кој е
направена иконата, туку со умот и срцето му се обраќаме на ликот кој е претставен на
неа.5

4
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 18-32.
5
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 35-44.
3. Третата Божја заповед гласи: „НЕ ГО ИЗГОВАРАЈ НАПРАЗНО ИМЕТО НА
ГОСПОДА ТВОЈОТ БОГ”.

Конкретен проблем на Израилот со оваа заповед веројатно било колнењето во и со


Бога. Тоа веројатно било користено за заколнување поради потврдување на некое
ветување или сведоштвто. Луѓето во текот на самата работа или во личните односи се
заколнувале во некое верско име, личност или символ за да ги уверат луѓето во
вистинитоста на своите зборови. На тој начин се злоупотребувало Божјото име за
остварување на некоја лична добивка или да се оствари некоја измама. Оваа заповед може
да се однесува и на употреба на Божјото име за клетви или магиски формули. Така, преку
оваа заповед Бог ја забранил употребата на Божјото име за придобивање на лична корист,
а на штета на Неговиот вистински карактер. Овде Јахве води сметка за своето добро име.
Он не е само некој бог, туку милостив Бог така што се што би го одвраќало вниманието од
Неговиот идентитет е грев.6

Третата заповед бара Божјото име да не го употребуваме напразно, лекомислено и


без почитување. Кој зборува лага, а се заколнува во името Божјо, тешко греши. Оваа
пракса и денес е применувана во судниците во САД.7

Со третата Божја заповед се забранува: богохулство, потценување на светите


предмети, невнимателност во молитвата, грдење на Божјото име со пцост.

Затоа, Божјото име секогаш треба да го споменуваме со стравопочит и побожност,


во молитвите, како што се: Господ да ти помогне, со Божја помош, голем е Господ, т.е.
таму каде што му изразуваме благодарење на Бога. Вака правилно употребеното Божјо
име е корисно, бидејќи од Божјото име и демоните се плашат.

4. Четвртата Божја заповед гласи: „СПОМНУВАЈ СИ ЗА ДЕНОТ НА


ОДМОРОТ, ЗА ДА ГО ПРАЗНУВАШ. ШЕСТ ДЕНА РАБОТИ, А СЕДМИОТ ДЕН
ПОСВЕТИ ГО НА ГОСПОДА ТВОЈОТ БОГ“.

Оваа заповед ни наредува шест дена да работиме, а седмиот ден да се посветиме на


одморот, т.е. на Бога, бидејќи за шест дена Бог ги создаде небото и земјата со сиот жив
6
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 127.
7
Филиповски Андреј, Светото венчавање, Скопје 2007, 15.
свет, а на крајот како круна на сите созданија го создаде човекот, а седмиот ден го остави
за одмор.8

Четвртата заповед вели дека овој ден треба да биде ден за одмор. Седмиот ден е
одвоен (свет) ден. Ова лесно нè доведува во заклучок дека овој ден е создаден за ден за
богослужење. Ова е исто така ден на хумано постапување. Не одмараат само возрасните
Израилци, туку и нивните деца, слуги, животни и странци кои се гости во нивните домови.
Сите луѓе и сите животни го празнуваат благословениот седми ден. Според тоа, неделата е
символ на рамоправност, одмор се дарува на сите, млади и стари, мажи и жени, робови и
слободни, Израилец и незнабожец, богат и сиромав.9

Само со од Бога благословена работа се постигнува потребното. Работењето во


недела е забрането, не е благословено и не донесува корист. Оваа заповед бара седмиот
ден да му го посветиме на Бога, а тоа значи да мислиме на Него, да појдеме во храмот на
молитва, да запалиме свеќа, духовно да се освежиме, и да добиеме сили за работа во
наредните денови

5. Петтата Божја заповед гласи: „ПОЧИТУВАЈ ГО ТВОЈОТ ТАТКО И


ТВОЈАТА МАЈКА ЗА ДА ТИ БИДЕ ДОБРО И ДА ПОЖИВЕЕШ ДОЛГО НА
ЗЕМЈАТА”.

Нашите должности и одговорности кон нашите ближни почнуваат од нашите


родители. Семејството е клучна установа на општеството и тоа може да биде силно дури
кога секоја генерација ќе ги почитува оние кои ги родиле.

Почитувањето значи повеќе од послушност. Почитувањето подразбира


покажување на чест, грижа, љубов и уважување. Пред ние да дознаеме за Господа Бога, за
Него знаеле нашите родители. Само тоа е доволно за да им се поклониме и да им дадеме
пофалба и почит. Поклони му се и дај му пофалба и почит на секој што пред тебе дознал
за најголемото Добро на овој свет. Петтата Божја заповед ни укажува на потребата од
почитување на оние кои те сакале и тогаш кога сите други се гаделе од тебе, во немоќта и
нечистотата. Тие ќе те сакаат и тогаш кога сите ќе те замразат и кога сите ќе фрлаат на

8
Свето Писмо - Стар и Нов Завет, 1.Мој. 1, 2-8, 10.
9
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 127-128.
тебе камења, мајката твоја ќе фрла на тебе смиљ и босилок. Твојот татко те сака иако ги
знае сите твои маани, а другите ќе те мразат дури и да ги знаат само твоите доблести.

Нашите татко и мајка нè сакаат со стравопочит, зашто претчувствуваат дека ти си


Божјо благо што им е доверено на чување и негување. Никој не е во состојба да ја види
тајната Божја како твоите родители. Нивната љубов кон тебе има свет корен во вечноста.
Преку својата нежност кон тебе, твоите родители ја разбираат нежноста на Господа
спрема сите Негови создадени деца. Па како што велиме во молитвата:

Господе, Оче небесен и Мајко небесна, Ти благодариме што си ни заповедал да ги


почитуваме нашите татко и мајка на земјата. Себлаг, помогни ни низ тоа почитување
да се научиме да ги почитуваме сите луѓе и жени на земјата - Твоите скапоцени деца.
Семудар помогни ни низ тоа да се научиме не да ги презираме, туку да ги почитуваме и
цениме времињата и поколенијата што биле пред нас и што пред нас ја гледале Твојата
слава, го изговарале Твоето свето име и исчезнале во правот пред Твојот блескав
престол. Амин!10

За кршење на овој закон во Израилот биле предвидени сосема одредени казни.


Напад на мајка или татко, или колнење на родителите било казнувано со смрт. Тоа
покажува колку сериозно Бог и Израилот ја сфаќале оваа заповед.

6. Шестата Божја заповед гласи: „НЕ УБИВАЈ”.

На сите создадени битија, Бог им дал живот, од својот живот. Животот е


најскапоцениот имот на Бога. Според тоа, тој што ќе се осмели да посегне по било чиј
живот во светот, се дрзнал на најскапоцениот живот на Бога - на самиот Божји живот.
Сите ние што сега живееме сме привремени носители на Божјиот живот во себе, чувари
сме на најскапоцениот имот на Бога. Оттука, ние не смееме, ниту можеме да го уништиме

10
Владика Николај, Првиот и последниот закон Божји, Скопје 2001, 37-42.
тој Божји живот во себе или во другите. А тоа значи: прво не смееме да убиеме, а како
второ не можеме да го убиеме животот.

Еден лончар ќе направи лонче од глина, па ако го скршиш, лончарот се лути и си


бара надоместок. Навистина, и човекот е како и лонецот, од евтин материјал, но скапоцено
е тоа што е во човекот - душата, која што го ткае човекот одвнатре, и Духот Божји, Којшто
и дава живот на душата.

Дури ни таткото и мајката немаат право да им го одземат животот на своите деца,


зашто животот не го даваат родителите, туку Бог низ родителите, па кога ќе мораш да му
го надоместиш скршеното лонче на лончарот, уште повеќе ќе мораш да му го надоместиш
на Бога животот што му го одземаш. Навистина, дури иако луѓето не бараат надомест за
тоа, Бог ќе бара. Не лажи се! Тогаш кога луѓето ќе го заборават злосторството, Бог не
може да го заборави. Има некои нешта што не ги може и Семоќниот Бог. На пример, Он
не може да заборави убиство. Затоа да се сеќаваме секогаш на ова во својот гнев пред да
се фатиме за нож или за пушка.11

7. Седмата Божја заповед гласи: „НЕ ВРШИ ПРЕЉУБА“.

Седмата Божја заповед забранува незаконски полов однос, како и други видови
„ниски склоности и противоприродно употребување на телото од мажот или од жената”
(Рим. 1, 26-32).12

11
Владика Николај, Првиот и последниот закон Божји, Скопје 2001, 43-49.
12
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 89.
Со оваа Божја заповед се забранува незаконска врска со маж или со жена.
Навистина, во оваа заповед животните му се попослушни на Бога отколку многу луѓе.
Бидејќи животните се поврзуваат помеѓу себе, точно во она време и на оној начин како
што им предодредил нивниот Творец. Многу луѓе не го познаваат ниту времето, ниту
начинот на таа врска меѓу машките и женските. Нивниот разум затапел од блудот, па тие
не разликуваат законска врска со жена од незаконска врска, како што болниот човек не
разликува солено и кисело.

Прељубочинството го разорува човекот телесно и душевно. Прељубочинците


обично ќе се искриват како гудало и пред староста, и својот живот го завршуваат во рани,
маки и лудило. Најстрашните и најгнасните болести за кои знае науката се болестите што
се множат и се разнесуваат помеѓу човештвото преку прељубата. Телото на прељубниците
во болеста станува слично на смрдлива бара од која секој бега со затворен нос и со големо
гнасење.

Но, кога барем целото зло би се завршувало со оние што го прават злото, работата
би била помалку ужасна. Преужасно е кога ќе се помисли дека децата на прељубочинците
ги наследуваат болестите на своите родители: синовите и ќерките, па дури и внуците и
правнуците. Навистина, болестите од прељубата се камшик за луѓето, како што е
филоксерата за лозјето. Од тие болести човештвото е уназадено, дегенирано повеќе
отколку од сите други болести.13

Прељубата на подрачјето на древниот Блиски Исток и Новиот Завет била позната


како голем грев. Прељубници биле и мажи и жени. Прељубата, следствено означува
обожување на идоли, со што се раскинува заветниот (брачниот) однос со Бога. Прељубата
се сметала за многу сериозен престап. Казна за тој голем престап била или смрт со
каменување, или смрт со палење. Прељубата не била само газење на довербата во
семејните односи, со што се кинело семејното единство, туку и се сметала за директен
грев против Бога.

Без сомнение многу општества во ова време можат од ова многу да научат бидејќи
и некои верници сметаат дека прељубата не е нешто особено сериозно.14
13
Владика Николај, Првиот и последниот закон Божји, Скопје 2001, 51-56.
14
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 130.
8. Осмата Божја заповед гласи: „НЕ КРАДИ!“

Може ли да замислиме живот во место од густо наредени шатори, во кое многу се


краде? Ништо повеќе не го разорува поредокот во мали и густо населени населби од
кражбата. Како и во случај на сите останати заповеди, кражбата е грев против човечноста,
но воедно и грев против Бога.15

Лисицата краде, не познавајќи ги законите за кражбата, а глушецот го подгризува


амбарот не знаејќи дека со тоа некому штети. Ним не им е дадено да го знаат тоа, но на
луѓето им е дадено, и затоа на човекот не му се простува тоа што им е простено на
лисицата и на глушецот. Оваа Божја заповед е дадена со цел да не го ожалостиме својот
брат, со непочитување на неговиот имот.16

Благословен е оној дом и онаа трпеза од која се јаде чесно заработен леб и чесно се
живее, среќно, радосно, и благословени е само она што е чесно заработено, натопено со
труд и пот. Крадењето е грев против туѓата мака.17

Вообичаена казна за кражба била враќање на украденото, што и да било. Во намера


да се постигне спречување на кражба, во многу случаи од луѓето се барало повеќе од она
што украле.

9. Деветтата Божја заповед гласи: „НЕ СВЕДОЧИ ЛАЖНО ПРОТИВ СВОЈОТ


БЛИЖЕН“.

Основно тежиште на оваа заповед е од судски карактер. Таа го штити интегритетот


на судскиот правен систем. Да се сведочи лажно, значи да се лаже на суд на штета на
своите ближни, на своите сограѓани.

Правната постапка во Израилот се темелела на сведочење на сведоци. За да се


осуди некој по некоја оптужба, било потребно најмалку двајца сведоци. Сведокот кој лаже
15
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 131.
16
Владика Николај, Првиот и последниот закон Божји, Скопје 2001, 57.
17
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 97.
би ја упропастил постапката, со што виновни луѓе би биле ослободени или невини би биле
осудени. Поради тоа казните за лажна оптужба биле особено строги. Во прашање биле
угледот, статусот, па дури и животот на луѓето. На суд, морало да се зборува вистина.18

Деветтата Божја заповед забранува секаква лага. Да не лажеме ни за себе, ни за


другите. Забранува клеветење, озборување и слично.

Христијанинот не смее да лаже и кога не мисли и нема намера со тоа да му


наштети на ближниот, затоа што „лагата доаѓа од ѓаволот, и тој е татко на лагата” (Јован,
8, 44; 14).19

10. Десеттата Божја заповед гласи: „НЕ ПОЖЕЛУВАЈ НИШТО ШТО Е ТУЃО“.

Десеттата заповед е едниствена, бидејќи се занимава со внатрешен став, а не со


надворешен чин. На некој начин таа е како резиме на сите заповеди, бидејќи посакувањето
туѓо, алчноста, може да не натера на кршење не претходните девет заповеди. Некои се
обидуваат да не убедат дека алчноста не подразбира само став туку и делување. Но, дали е
така? Ако би се гледало на туѓа жена со желба и има делување, тоа би било опфатено со
седмата заповед. Ако би се посакал туѓ имот и притоа би се одземал, и тоа би било
забрането со заповедта против кражбата. Сепак, алчноста или посакувањето на туѓо значи
нешто на што немаш право. Алчноста означува желба која е плод на штетното умување.
Тоа не мора да се однесува на посакување на имот или на семејството на некој друг. Тоа
може да се однесува и на посакување на верското искуство на друга личност. 20

Со оваа заповед Бог го уништува коренот на гревот.

Последната заповед од Декалогот е мост и премин од Стариот Мојсеев Закон кон


Новиот Христов Закон. Десеттата заповед и се обраќа на човековата совест и на срцето.
Христос во Светото Евангелие ги забранува и лошите помисли.21.

18
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 132.
19
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 110.
20
Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995, 132.
21
Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008, 117-120.
Господ Исус Христос кога ги поучувал луѓето, им велел да се раководат според
Десетте Божји заповеди (Матеј 5, 17). Бог поставил ред во љубовта, а тоа го истакнал и во
Десетте заповеди.

Така, прво доаѓа љубовта кон Бога (Матеј 10, 37); потоа љубовта кон ближните
(Јован 15, 13), и на крајот љубовта кон себеси.

Тоа се начела по кои би требало да се раководиме. Но, човекот го нарушува


моралниот закон, и се случува љубовта кон себе да ја постави на прво место, а љубовта
кон Бога на последно.

Бог не бара од нас сите да бидеме маченици или пустиножители за да се спасиме,


туку бара, едноставно, да Го сакаме Бога и да ги сакаме ближните, односно да ги
исполнуваме Божјите заповеди.

Користена литература:

Свето Писмо - Стар и Нов Завет, 2002.

Грозданоски Ратомир, Декалог - Десетте Божји заповеди, Скопје 2008.

Владика Николај, Првиот и последниот закон Божји, Скопје 2001.

Jon Dybdahl, Exodus - God creates a people, 1995.

Филиповски Андреј, Светото венчавање, Скопје 2007.

Таковски Јован, Бог е жив, Париз 1989

You might also like