Teorija Voved - MK

You might also like

Download as pdf or txt
Download as pdf or txt
You are on page 1of 17

Универзитет Св.

Кирил и Методиј – Скопје Архитектонски факултет

ТЕОРИЈА НА АРХИТЕКТУРАТА

Професор Др Анета Христова-Поповска

I. ПРЕЛИМИНАРНА ТЕОРЕТСКА РАСПРАВА

I.1. Област на проучување на архитектонската теорија


I.1.1. Релација на архитектонската теорија со историските дисциплини
(археологија, историја на архитектурата, историја на уметноста)
архитектонската критиката и политичката идеологија
I.1.2. Современите парадигми на архитектонската теорија
I.1.3. Видови архитектонски теории
I.1.4. Поимот на теоријата, процес на теоретизација, формализација на
правилата
I.1.5. Архитектурата како уметност и како наука

Анета П. Христова-Поповска

ТЕОРЕТСКИ АСПЕКТИ ВО АРХИТЕКТОНСКОТО ПРОЕКТИРАЊЕ


докторска дисертација
Скопје, 2002

6
I. ПРЕЛИМИНАРНА ТЕОРЕТСКА РАСПРАВА

I.1. Област на проучување на архитектонската теорија

Во најгенерална смисла архитектонската теорија претставува синоним за


текстовите кои се однесуваат на архитектурата и опфаќа широк дијапазон
на дефиниции, кои служат како база за нејзината систематизација,
типизација или категоризација. Еден од најчестите приоди е развојот на
архитектонската теорија да се набљудува во историскиот континуитет на
меѓусебното влијание на теоретските расправи, каков што е ставот на Хано
Валтер-Круфт, кој ја претставува архитектонската теорија како “сума од
теоретски формулации, односно историја на архитектонската мисла
забележана во писмена форма”.1
Доменот на архитектонската теорија може да биде генерален или
специфичен, во зависност од поставените граници, намери и цели на
теоретските расправи. Најголемиот дел од програмите кои имаат значење
на теории на архитектурата ги комбинираат естетските, социјалните и
практичните аспекти на архитектурата во интегрирана целина. Притоа,
како основа за општата поделба се земаат архитектонските теми, кои можат
да се констатираат како повторливи низ историјата и с#уште бараат
концептуално, или физичко разрешување. Концептуалните, или
интелектуалните прашања се проблематизираат во подрачјето на
филозофијата, додека физичките прашања на теоретски план се
поставуваат како технички проблем на специфичната релација на
архитектонската теорија со архитектонската пракса.
Споменатата релација сама по себе подлежи на одередена систематизација
и типизација, во зависност од тоа дали се акцентираат теоретските или
практичните аспекти, односно дали авторот ги допира концептуалните
проблеми во потрага по алтернативни солуции на тековните состојби во
дисциплината, нудејќи притоа нови парадигми за приод кон одредени
проблеми, или има намера да состави прирачник со практични инструкции
за проектирање и градење, со сопствени и туѓи проекти како примери за
одредени “обрасци” и техники на проектирање. Широкиот опсег на оваа
релација Кејт Незбит го сумира во дефиницијата на архитектонската
теорија како “дискурс кој ја опишува праксата и архитектонската
продукција и ги идентификува нејзините предизвици”, при што “теоријата
дејствува на различни нивои на апстракција, евалуирајќи ја
архитектонската професија, нејзините намери и нејзината културна
релевантност, истовремено истражувајќи ги архитектонските аспирации и
достигнувања”.2 Во смислата на оваа современа дефиниција лесно се
препознава класичната идеја на Витрувие за архитектурата како резултат од
праксата и теоријата, каде “практиката е непрестајно и извежбано искуство
со кое рачно се создава секаков вид дело од материја, според нацртот за
обработка”, додека “теоријата е она преку кое можат да се прикажат и
објаснат веќе изработените дела, согласно со пропорциите од искуството и
науката.” 3

7
Во корпусот на архитектонската теорија “книгите со обрасци”, или
архитектонските прирачници кои во различен обем се придружени со
текстуални објаснувања за архитектонската теорија имаат ограничено
значење бидејќи го одразуваат личниот став на авторот. Овие и
таканаречените “редукционистички” теории, кои третираат пооделни
тематски области (теорија на пропорции, теорија на редови и т.н.) ја носат
опасноста теоретскиот систем да неможе да се согледа во целина и да се
одредат внатрешните врски во системот и корелацијата помеѓу различните
системи, што претставува услов за нивното критичко вреднување.
Со оглед на тоа дека постојат сознанија за исчезнувањето на парцијални
или целосни теоретски расправи од различни архитектонски, т.е. историски
епохи, инсистирањето на пишаните извори не е секогаш од суштинско
значење за архитектонската теорија и во таквите случаи сознанијата за
степенот на развој на архитектонската мисла базираат на заклучоци
изведени од материјални докази во вид на остатоци или целосно сочувани
архитектонски објекти. Тогаш станува збор за т.н. “интерпретативен приод”,
т.е. за екстраполација на архитектонската теорија од материјалната база,
поради што истата има релативна вредност.4
Од таа причина, за истражувањето на историскиот контекст на
архитектурата оригиналните архитектонски текстови имаат примарно
значење. Ова произлегува од потребата историските системи да се сватат
преку нивните оригинални поими и идеи, што овозможува донесување на
критички суд за тој систем врз база на неговите намери и цели, а од друга
страна го поттикнува прашањето: дали постојат константни фактори кои
трансцендентираат низ времето, или, факторите кои влијаат врз
архитектурата се секогаш детерминирани од историските услови. Трајните
теоретски прашања, кои ги проблематизираат изворите и границите на
архитектурата, релацијата на архитектурата и историјата, архитектурата и
архитектонската пракса, како и прашањата на културниот израз и значење,
го дефинираат најширокиот домен на подрачјето на истражување за
теориите кои тековно ги испитуваат неистражените и необјаснети аспекти
на архитектурата.

I.1.1. Релација на архитектонската теорија со историските


дисциплини (археологија, историја на архитектурата, историја на
уметноста) архитектонската критиката и политичката идеологија

Теоријата се совпаѓа, но истовремено и се разликува од архитектонската


историја која ја опишува архитектурата на минатото, како и со
архитектонската критика која е потесно ориентирана кон судот
(вреднувањето) и интерпретацијата на специфични дела, кои се сложуваат
со стандардите поставени од самите критичари или архитекти, по тоа што
таа поставува алтернативни солуции базирани на опсервациите на
тековните состојби во дисциплината, или нуди нови парадигми за приод
кон овие проблеми. Она што ја разликува теоретската активност од
историјата и критиката е нејзината спекулативна, антиципаторска и
каталитичка природа.

8
Архитектонските теории секогаш припаѓаат на одреден историски контекст,
кој делумно ги детерминира, т.е. дејствува причински-последично. Според
Маркс, афирмацијата на примарноста на теоријата е само афирмација на
историјата. Секој историски систем во голем дел произлегува од
интелектуалната дебата на претходниот и, доколку се претендира на
одредена иновативност, таа може да биде релевантна само во историска
корелација, како што вели Хано Валтер-Круфт “не постои систем кој може
да се декларира како сосема нов, и доколку ја има таа претензија, тој е
глупав или опасен”.5 Одтука, архитектонската теорија и историјата, особено
онаа на архитектурата и уметноста се синоними во смислата која укажува на
нивниот историски континуитет.
Врските и можните влијанија помеѓу архитектонската теорија и историјата
на уметноста се базирани на значењето на фактичките или објективни
податоци кои се разработуваат во историските дисциплини како
материјална основа за теоретските интерпретации. Целта на историчарите е
објективноста (колку и да е невозможно таа да се достигне), т.е. фактичката
интерпретација на податоците, а на архитектонските теоретичари
разработката на најширокиот опсег на интерпретации на истата.
Врската помеѓу архитектонската теорија и археологијата потекнува од
материјалната - археолошка оставштина од која се изведени емпириски
заснованите расправи, пред с# на класичната традиција, кои ја сочинуваат
интелектуалната основа на архитектонските теории од Ренесансата с# до
првата половина на 19-тиот век. Многу знаменити интелектуалци на
Ренесансата (Вињола, Паладио, Пиранези) истовремено биле архитекти,
теоретичари и археолози. С# до крајот на 18-тиот век особено во зенитот на
Нео-класицизмот публицирањето на археолошките откритија станало
популарна пракса поради интересот на западноевропските интелектуални
кругови за антиката и директната примена на античките модели како
норми адаптирани на современите програми, од што ќе произлезе првата
програматската систематизација на архитектонската теорија врз база на
архитектонската историја, направена во 19-тиот век од Фергусон и Шојси.6
Архитектонската теорија мора да се набљудува како принципиелна
расправа во нејзиниот историски контекст, бидејќи естетската идеја добива
значење само ако се толкува во релација со општествениот контекст и
историските (политички, идеолошки) околности во кои настанала. Врската
помеѓу архитектонската теорија и политичката идеологија бележи
константни меѓусебни влијанија, но во различни правци, во зависност од
сопствените цели на системот во одредениот општествен момент.
Набљудувано историски, во екстремни случаи архитектонската теорија
самата по себе претставувала идеологија ставена во функција на
политичките идеи на државата, каков што е случајот со француската теорија
во времето на јакнењето на апсолутистичката монархија (17 в.), базирана на
интелектуалната основа на Просветителството и спроведувана преку
институциите на државата под раководството на Колбер. Архитектонската
теорија во споменатиот политички контекст ги исполнувала нормативните
одредби на државата, но истовремено задржала одредена интелектуална
слобода. Слична е состојбата во тоталитарните режими како италијанскиот

9
и германскиот во времето на фашизмот, кога важната коректурна улога на
уметничката критика била редуцирана со цензури или потполно забранета,
но и покрај тоа, одредени силни авторски делувања, (како Џузепе Терањи)
успеале да опстојат на професионалната естетска линија, спротивно на
политичките аспирации на државниот естаблишмент.
За да можат критички да се анализираат, системите во архитектонската
теорија треба да се сватат како ентитети кои претставуваат историски
секвенци. Тоа овозможува да ја протолкуваме историската основа од која
последователно произлегле, или ќе произлезат други системи. Правилната
критика и вреднувањето на еден систем, како што вели Хано-Валтер Круфт
зависи од тоа во која мера се разбрани и објаснети неговите сопствени
намери.7

I.1.2. Современите парадигми на архитектонската теорија

Истражувањето во архитектонската теорија во последните триесетина


години опфаќа множество на проблеми, кои се во основата на
плуралистичкиот приод, опишан со непрецизниот термин “постмодерен”,
за кој е карактеристично непостоењето на доминација на едно, единствено
гледиште или проблем. Од средината на 1960-тите архитектонската теорија
станува интердисциплинарна, заснована на широк опсег на критички
парадигми, со заедничка тенденцијата кон трансформација на
архитектонскиот дискурс во правец на замена на историскиот критицизам и
поставување на приоритет на методолошкото значење на архитектонската
историографија.
Проектот на ревизија на модернизмот од овој период најчесто е
презентиран компилациски, во вид на расправи структурирани тематски
или парадигматски, врз база на етички, лингвистички, естетски и
феноменолошки позиции, кои го конструираат овој препознатлив и
помалку или повеќе кохерентен архитектонски дискурс.8 Неможноста да се
одреди цврста граница на подрачјето на архитектонската теорија, особено
по 1968 година ја претвора нејзината продукција на, како што вели Мајкл
Хејс (Michael Hays) “пракса на посредување (медијација), која во најсилната
форма се однесува на создавање на релации помеѓу формалните анализи на
архитектонските дела и нивниот социјален “бекграунд” (колку и да се тие
несинхронизирани), но на начин кој го прикажува архитектонското дело
како автономно, и кое дејствува како негирачка, дисторзивна, репресивна
сила во тој контекст”. 9
Зборувајќи генерално за создавањето на теоријата, Фредерик Џејмсон
(Frederic Jameson) дава модулирана формулација на ова посредување -
“транскодирање” што всушност претставува пронаоѓање на сет од термини,
т.е. стратешки избор на одреден “код” или јазик, така што истата
терминологија може да се употреби за анализа и артикулација на два
различни типови на објекти, или “текстови”, т.е. две многу различни
рамништа на структуралната реалност. Според него: “Новиот теоретски
дискурс се создава со поставување на два постоечки кода во активна
еквиваленција, кои притоа, во еден вид на молекуларна - јонска врска

10
стануваат нов код. Треба особено да се нагласи дека новиот код, или
“метакод” никако несмее да се смета за синтеза помеѓу претходниот пар. Тој
претставува прашање на поврзување на два термини на таков начин, што
секој од нив може да го изрази и вистински да го интерпретира другиот”. 10
Ваквото објаснување произлегува од дисперзијата на архитектонскиот
дискурс во плуралната мапа на ревизионистичките идеологии на 60-тите,
која Јирген Хабермас (Jürgen Habermas) 11 ја опишува како “криза на
легитимацијата”, кога започнува слободното и континуирано отварање на
архитектонската теорија кон идеите од други теоретски дисциплини, од
Марксизмот, семиотиката до психоанализата, препишувајќи ги системите
на мислење кои понекогаш се ирелевантни за нејзиниот сопствен идиолект.
Делата на архитектонската теорија напишани по 1970-тите се под
непосредно влијание на развитокот на структуралната и на
феноменолошката мисла, усмерени против усвоените модели на
модернистичкиот функционализам и т.н. “позитивистички анализи”,
изведени од облиците на бихевиоризмот, социологијата и истражувачките
дејности во 1960-тите. Спротивно на нив, структурализмот и
феноменологијата ги проектираа прашањата за “значењето” во структурата
од релации помеѓу архитектонските елементи во рамките на “полето од
значење” на семантичкиот простор. Семиологијата, како една од
доминантните парадигми на архитектонската теорија на касните 60-ти, ги
поврзува архитектурата и социјалниот град преку популарната врска на
културата и потрошувачката со фракцијата на “знакот” : означувач -
означен (signifier/signified)12 како основа на теоретизацијата на
“постмодернизмот”, кој изврши влијание на речиси сите последоватени
дискурси. Од една страна, архитектонската теорија го заштитува
фундаменталниот структуралистички апаратус на “знакот”, додека јазикот
како доминантен модел на тој апаратус е применет како посредничка
техника во испитувањето на семиолошките системи.
Одвојувањето на “знакот” од “објектот” на Фердинанд де Сосер според М.
Хејс (M. Hays) може, во архитектонските теоретски верзии да се смета за
аналогно на феноменолошките стојалишта на Едмунд Хусерл (Edmund
Husserl). Двете операции ја поддржуваат вообичаената перцепција на
архитектурата како насочувач на значењата исполнети од надворешноста,
или како збир од “однесувања” и “функции” кои ја претставуваат нејзината
содржина. Обете инсталираат кодови од инхерентни и нередуктивни
архитектонски елементи или феномени, кои се во меѓусебни релации во
рамките на еден генерализиран систем. Како во структуралистичката, така
и во феноменолошката мисла архитектонското значење е автономно, на
дистанца од реалноста, но архитектонскиот концепт е с#уште концепт на
“нештото”; идеализираниот или тотален систем на архитектурата е с#уште
еден вид “мапа” на реалноста, иако на одделните координати на таа мапа им
недостасува коресподенција со секојдневниот свет. Истовремено,
структурализмот и феноменологијата различно се однесуваат со статусот на
субјектот. Карактеристично за структурализмот е што го ликвидира
субјектот, дефинирајќи го само како ефект од системот на значења, додека
феноменологијата почива на концепти како “свесност” и “присуство” и

11
настојува да го привилегира “означениот” наспрема “означувачот”,
внатрешноста наспрема надворешноста, доминантноста на субјектот над
системот.
Значењето на истражувачкиот период по 70-тите е во новото колективно
искуство од објективната ситуација, која ги генерира различните начини на
архитектонска интервенција и ги артикулира специфичните услови и
ограничувања на архитектонската пракса. Ова искуство го диктира
експанзијата на потрошувачкото општество и изменетиот став кон
производството и потрошувачката, кој во голем дел се проектира и врз
архитектонската продукција. На теоретски план, по 1980-тите, логиката на
комуникациите и “типот”, кои беа првите продукти од испитувањата на
семиолошката структуралност, се заменети од новите концепти на
медиумите, со нивните специфични технологии, институции и форми, кои
стануваат логичка и визуелна елеборација на својството на знакот.13
“Посредничката функција” на архитектонската теорија за која зборува М.
Хејс (M. Hays) е онаа која “ги ослободува сличностите и општите особини
помеѓу различните реалности”,14 кои повеќе не се толкуваат како
сингуларни, дивергентни и различно конституирани. Посредувајќи помеѓу
различните дискурси и интелектуални дисциплини, архитектонската
теорија отвори голем број на практични проблеми - улогата на несвесното,
социјално конструирано тело (социјалната логика на просторот),
екологијата, политиката на просторни релации и начините на кои таа ја
продуцира формата, како истражувачка база за нови методи и техники, кои
истовремено ја уважуваат комплексната структура на социоисторискиот
контекст.
Меѓутоа, трајната преокупација на архитектонската теорија, која при с#
поголемото усложнување и преплетување на големото подрачје на
архитектурата станува с# поевидентна, е с#уште неоткриената “тајност” на
оригиналниот архитектонски објект, т.е. екстраполацијата на оригиналната,
иманентна и инхерентна природа на архитектонскиот објект, прикажана во
едно конзистентно толкување. Денес с#уште опстојуваат трагите на
постарите филозофски “критицизми”, кои применуваат различни
филозофски системи на архитектурата, со што во архитектонската теорија
делумно се дислоцираат традиционалните проблеми на фиолозофијата
(“вистина”, “квалитет”) во полза на дистинктивните и не-редуктивни
архитектонски идеи, како обид да се да се постават иманентни концепти и
кодови, кои меѓусебно се интерпретираат, поништуваат и
трансформираат.15
Потрагата по оригиналните просторни и формални обрасци е уште
посложена, кога ќе се земе во предвид поврзаноста на архитектонската
продукција со нејзиниот социоисториски контекст, во смисла дека неможе
да им се пристапи одделно и директно, како на различни и неповрзани
нешта, туку само преку нивната претходна диференцијација пронижена со
идеолошка мотивација. Суштински и практичен проблем на теоријата е што
светот претставува тоталитет, а теоријата е таа која треба да ја реартикулира
таа реалност, да создаде концепти кои се однесуваат на архитектонскиот

12
факт со социјални, историски и социолошки “субтекстови”, од кои во
суштина никогаш не ни бил одвоен.
Ваквото гледиште е поддржано од идејата дека архитектурата покажува
одредени начини на размислување кои неможат да се редуцираат со
средства кои ја одвојуваат од контекстот на реалноста. Меѓутоа, доколку
било каква теорија, која зборува само за архитектурата, не ставајќи ја во
релација со поголемото социјално, материјално поле е практично
бескорисна, истовремено секоја теорија која не ги артикулира конкретните
специфичности и полу-автономијата на архитектонските кодови и
операции го губи главниот медиум на социјалната пракса. Доколку постои
теоретска вокација да се создаваат концепти преку кои архитектурата се
става во релација со другите сфери на социјалната пракса, таа исто така
може да биде сватена како конструкција на нови просторни концепти, од
што произлегува дека зградите и цртежите можат да се толкуваат како
теоретски продукти, кои воспоставуваат подударност помеѓу објектот и
анализата, создавајќи концепти кои се потполно објективни и кои го
третираат материјалот како изградена форма.

I.1.3. Видови архитектонски теории

Спрема карактерот на теоретската расправа, т.е. начинот на кој го


презентираат предметот на истражување, целокупниот теоретски корпус
може да се подели на четири главни категории, (според Кејт Незбит)16:
1.) советодавни теории, изложени во вид на решенија или начини на
решавање на проблемите;
2.) рестриктивни теории, изложени во вид на забрани на одредени
постапки;
3.) афирмативни теории, изложени во вид на постапки кои се
препорачуваат;
4.) критички теории.
Советодавните теории нудат нови, или обновени солуции на специфичните
проблеми и функционираат преку естаблирање на нови норми за праксата,
промовирајќи позитивни стандарди, или проектантски методи. Најчесто,
тонот на овие расправи е полемичен, а содржината критична, понекогаш и
радикална во однос на одредената востановена состојба.
Рестриктивните теории се многу слични на советодавните, од кои се
разликуваат по тоа што стандардите кои ги поставуваат одредуваат што
треба да се избегне во проектирањето. Како инстанца на конзервативната
инструментална теорија, рестриктивната теорија го озаконува
конзистентниот квалитет преку рестрикција на изборот на материјалите,
стиловите, одредување на масите и т.н. Добрата архитектура или урбанизам
во поимите на рестрикција се дефинирани со отсуството на негативни
атрибути, за што како типичен пример може да се спомене функционалното
зонирање.
Поширока од советодавната и рестриктивната теорија, критичката теорија
ја евалуира изградената средина и нејзините релации со општеството на кое
му служи. Овој вид на полемичка расправа честопати има изразена

13
политичка или етичка ориентација и настојува да стимулира промени.
Базирана на различни идеолошки ориентации, критичката теорија е
спекулативна, полемична, а понекогаш и утописка.
Сите четири категории се разликуваат од неутралната - дескриптивна
позиција, каква може да заговара еден историчар, покажувајќи различни
приоди кон проблемите, без експлицитно да брани одредена позиција,
едноставно нудејќи објаснување за феномените кои резултираат од некоја
корелација на фактички појави.17
Како што веќе споменавме, релацијата помеѓу архитектонската теорија и
пракса е условена повторно од намерите, т.е. целите на теоријата - дали таа
претставува ex posto facto, т.е. интелектуална поткрепа во вид на расправа
која го надополнува, објаснува, валоризира или инспирира веќе
изграденото, или пак ги теоретизира барањата и програмите кои
архитектурата треба допрва да ги исполни.
По однос на ова прашање можат да се забележат различни гледишта кои
осцилираат помеѓу потполна негација на врската, или поточно на потребата
од врска помеѓу архитектонската теорија и пракса. Тезата за автономија на
уметничката теорија, уште во далечната 1924 година ја образложил Емил
Кауфман: (E. Kaufman), цит. “Уметничката теорија сама по себе е само израз
на духот на времето и нејзиното значење не се состои во фактот дека таа го
покажува патот за сопствениот приод, туку во нејзиното значење за
подоцнешните генерации, како доказ за идеите од минатото”.19
И помеѓу архитектите гледиштата се поделени. За Бернард Чуми (Bernard
Tschumi) на пример, “архитектурата не е илустративна уметност, таа не ги
илустрира теориите”. Неговите текстови тврдат дека улогата на теоријата се
состои во интерпретацијата и провокацијата, додека, спротивно на него,
Виторио Греготи (Vittorio Gregotti), инсистира на “теоретското истражување
како директен темелник (основа) за акција во архитектонското
проектирање, што во екстремни случаи може да резултира во кодификација
и нормативност изложена во вид на правила или обрасци за проектирање,
за кои постои опасност да ја потиснат креативноста сведувајќи го процесот
на создавање на архитектонското дело на рутинирана шема.”20
Доколку теоријата мора да биде апликативна, “корисно знаење” и доколку
може да резултира со предвидливи резултати, тогаш од претходната
типологија единствено се прифатливи советодавната и рестриктивната
теорија. Концеквенците од обете, кои во основа ја изразуваат крајната
апликативност, ги коментира пост-модерниот теоретичар Алберто Перез-
Гомез: “(Модерното) верување дека теоријата мора да биде вреднувана од
аспект на нејзината применливост...ја предизвика редукцијата на
вистинската теорија до статусот на применета наука...Оваа “теорија” не е
свесна за митот и за вистинското знаење и е ексклузивно заинтересирана за
ефикасната доминација на материјалниот свет”.21
Генерално, не постои било каква проста - каузална релација помеѓу
архитектурата и архитектонската теорија. Взаемни влијанија можат да се
регистрираат во двата правци: одредени истакнати архитекти чиј
проектантски опус е во помала или поголема мера реализиран, извршиле
влијание врз архитектонската теорија преку нивните реализации или

14
проекти. Улогата на теоретскиот проект во дисциплината, критичката моќ
на неизградениот проект и дали е тој дел од архитектурата е прашање кое во
теоријата е поддржано како од историски, така и од тековни референци и е
с#уште отворено за расправа. Од историските примери меѓу најзначајните
архитектонски проекти кои извршиле големо теоретско влијание се Етјен-
Луи Буле и неговата монументална “архитектура на сенки” и Пиранезиевата
серија “Carceri”, кои ја демонстрираат силата на цртаната визија. На
актуелната архитектонска сцена Даниел Либескинд, Заха Хадид, ОМА и
многу други извршија големо теоретско влијание, пред с# поради тоа што
преку цртежот презентираа нови просторни квалитети.
Во спротивниот правец, проблемот на релацијата помеѓу теоријата и
праксата е во последиците од влијанието на теоријата врз праксата:
позитивната страна на архитектонската теорија е што може да воспостави
норми кои ќе ја контролираат, па дури и оневозможат лошата продукција,
додека негативната страна е во опасноста естетските конвенции да постанат
нормативни и на тој начин да ја потиснат креативноста и индивидуалниот
печат на творечкиот чин.

I.1.4. Поимот на теоријата

Според неговото античко - грчко потекло глаголот “theoreein” (theoreein)


значи да набљудува, а производот од оваа набљудувачка активност
“theoremata” (theoremata) е спекулација, т.е. нагаѓање. Во поширока смисла,
теоријата е “воопштено искуство, чисто сознание” (спрот. на пракса), а во
потесна смисла, “систематско излагање на некоја наука, изведување на една
појава од законите на кои таа се заснова” (спрот. на емпирија); учење
створено од закони и претпоставки; чисто научно набљудување без обзир на
стварноста; школска мудрост.”22 За Бејкон (Bacon) теориите едноставно се
грешки, “усвоени системи на филозофија и доктрина”, кои во текот на
работата можат да бидат заменети со подобри.23 Според Хилиер, во
вообичаената смисла “теориите се нагаѓања со понизок статус од фактите,
во најдобар случај со времена важност, додека фактите не го докажат
спротивното.”24 Во модерната наука смислата на зборот “теорија” лежи во
најдлабокото ниво на разбирањето на феноменот.
Причините за различните толкувања на поимот на теоријата не лежат во
фантазиите на етимолошката историја, туку во природата на самите теории.
Теориите сами по себе се спекулативни, бидејќи претставуваат предлози за
хипотетички процеси кои можат да ги објаснат правилата
(регуларностите) кои ги пронаоѓаме кај феномените. Како такви, тие имаат
апстрактна природа и се чисто концептуални ентитети. Од таа
причина, теоријата неможе да се види, ниту да се верификува, можат да се
видат и верификуваат само нејзините консеквенци. Теоријата се проверува
од аспект на тоа во колкав степен феномените во реалниот живот се
конзистентни со таа теорија, а не со некоја друга. За да се провери некоја
теорија, одговорите се бараат надвор од таа теорија. Теориите во самите себе
не се подложни на опсервација и на искуственост и поради тоа, дури и
најистрајните теории остануваат до извесен степен спекулативни.

15
Збирот од концепти, кои стануваат дел од една теорија никогаш неможе да
егзистира во изолација, или во интелектуален вакуум, туку само како дел од
некоја концептуална шема, преку која го интерпретираме нашето искуство
за светот, а информациите ги претвораме во знаење. Секој концепт мора да
биде вклопен во поширок круг на предлози, или претпоставки за тоа каков е
светот и како делува, познати под името “парадигми” (според Thomas
Kuhn).25
Ако го следиме потесното толкување на поимот, можеме да кажеме дека
“теоретизацијата” започнува кога забележуваме одреден тип на феномен и
во врска со него правиме одреден вид претпоставка. Феноменот што го
забележуваме е феномен на појава која се повторува, па следствено на тоа
констатираме одредена регуларност. Претпоставката која произлегува од
таквото набљудување е, дека таа појавна регуларност содржи одредени
константи на процесите кои го предизвикуваат набљудуваниот феномен.
Претпоставката за постоењето на правила кои се повторуваат
теоретизацијата ја дели со јазикот, кој базира на добро дефинирани и
повторливи структурални “стабилности” на кои се должи смислата на
јазичните конструкции, и кои ја одредуваат разликата помеѓу редот и
хаосот. Јазикот има зборови за класите на нештата, а не за индивидуалните
нешта кои се повторливи во објективниот свет, поддржувајќи ја одредбата
на имињата. Во таа смисла, зборуваме за денотација на симболите, која
претставува одредена врста на стварни предмети на кои се однесува
употребата на еден симбол (име) и конотација, која е збир од особини кои
треба да му се припишат на поимот, означен со тој симбол. Имињата се
апстрактни, универзални термини за класите, кои зависат од шемата на
апстракции од кои претставуваат дел, како денотации кои се поистоветуваат
со екстензионалноста (множество од поими), или конотации кои се
поистоветуваат со интензионалноста (множество од значења) на
поимите.26
Овие шеми се разликуваат од еден до друг јазик, поради што тие имиња не
се неутрални, туку се концептуални инструменти со чија помош се создава
организирана слика за светот. Јазикот е всушност, систем кој се објаснува
самиот себеси со помош на постојани системи од конвенции, кои взаемно се
објаснуваат, или според формулацијата на Сосир: “Јазикот е општествен
производ на способноста на говорот, а истовремено и систем од нужни
конвенции, прифатени од општеството, за да им се овозможи на
поединците да ја применат оваа способност”.27 Јазикот е систем, чии делови
според Сосир можат и треба да се набљудуваат во нивната синхронична
солидарност, што значи дека има одредена структура, која може да се
опише апстрактно, како збир од односи (релации). Во позадината на
таквата организирана слика на светот, која е однапред дадена со помош на
јазикот и културата, започнува теоретизацијата.
Теоријата започнува од истата појдовна точка како и јазикот, во протокот на
искуството и повторливите правила, но додава понатамошна претпоставка:
со оглед на тоа дека регуларноста не претставува продукт на случајност,
мора да постои некаков ред, не само кај регуларните феномени што се под
опсервација, туку и во процесот кој го поттикнува настанувањето на

16
феноменот. “Ако јазикот произлегува од нашето постоење и од потребата да
ги запознаеме неговите објективни константи, теоретизацијата произлегува
од нашето дејствување во светот и врз светот, како и од потребата да ги
запознаеме внатрешните процеси кои го проследуваат резултатот
веродостојно на акцијата.”28
Од тоа произлегува дека правилата се почетна точка на теоријата, но не и
самата теорија. Правилата го иницираат процесот на теоретизација,
бидејќи заклучоците за постоење на правилата се изведуваат врз основа на
претпоставката за постоење на некаква непроменлива структура во било кој
процес, кој ги произведува. Појавата на структурата, аналогно на јазичната,
се случува кога се споредуваат меѓусебно различни феномени, кои се
сведуваат на ист систем на односи, заснован на внатрешна кохезија.29
Теориите ја испитуваат природата на тој процес, или уште попрецизно, тие
претставуваат обиди да се направи модел на непроменлива структура на
процесите за кои се смета дека постојат и од кои произлегуваат појавните
правила. Структуралистичката операција наместо да ја “пронаоѓа”
структурата, едноставно ја поставува како хипотеза и теоретски модел и
настојува појавите кои ги проучува да одговараат на поставениот теоретски
структурален поредок. Во таа смисла, структурата е модел конструиран
спрема извесни операции кои ја поедноставуваат стварноста и
овозможуваат воедначување на различните феномени спрема одредено
гледиште, или, како што вели Умберто Еко, структурата е “модус за
хомогено именување на различните нешта”.30
Според тоа, теоријата не претставува листа од правила, правилата се нешто
што теоријата се стреми да го објасни, но самите правила не се теорија. Тие
ја иницираат потрагата по теорија, но не се и неможат да бидат нејзина
крајна точка. Теоријата која се стреми да ги објасни правилата е ентитет од
целокупноста на различните видови на правила. Иако теоретизацијата
понира подлабоко од јазикот, трагајќи по скриените процеси кои ги
поттикнуваат појавните правила, таа не започнува во концептуална и
лингвистичка празнина, туку во еволуцијата на мислата и јазикот и нивната
релација со просторно-временските феномени кои ги доживуваме без
претходното искуство со нив. Бидејќи мислата и јазикот однапред ја
создаваат сликата за светот, кога го започнуваме процесот на теоретизација
веќе поседуваме одреден поглед на светот, кој во многу аспекти е сличен на
теорија, со тоа што тој поглед го претставува светот како кохерентно и
организирано место. Разликата е во тоа што теоретското сваќање кое го
стекнуваме од културата и од јазикот не го одразува внатрешниот ред кој го
поттикнува настанокот на појавните правила, туку редот во самите тие
правила. Од аспект на “објективноста”, теории во “тврда смисла” се
аналитичките, или научните теории бидејќи се стремат кон поголема
вистина и не тежнеат да воведат ред во појавните правила, туку да покажат
како тие појавни правила произлегуваат од непроменливите потреби кои се
закопани длабоко во природата на нештата.
Одтука, значењето на зборот “теорија” може да се прецизира како обид
непроменливите својства да се моделираат во систем од меѓусебно зависни
концепти. Теоријата е модел, бидејќи се однесува на начинот на кој

17
нештата мораат да бидат поставени во меѓусебни релации со цел да се
создаде појавниот феномен, а е апстрактна, бидејќи го репрезентира
системот со помош на средства кои се различни од оние на самиот систем.
Теоријата е модел, но не во смисла на физичкиот модел, кој претставува
мала копија на самиот објект, туку во спротивната смисла, модел кој ја
завзема најапстрактната можна форма, неповрзан со никаков особен вид на
репрезентација, или отелотворување. Според Б. Хилиер, во најчистата
форма теоријата е еден вид на “апстрактна машина”, обид да се создаде
апстрактна репрезентација на функционирањето на процесот кој го
предизвикал она што го гледаме.31 Поради тоа, првиот чекор во
теоретизацијата е формализација на појавните правила чија природа има
за цел да ја истражи.
Огромната моќ на теориите всушност извира од една специфична особина
на таквите “апстрактни машини”: бидејќи теориите се апстрактни работни
модели на процесите кои го предизвикуваат фактичките појави, тие исто
така ја даваат основата за претпоставување на возможните појави. Со тоа,
тие н& овозможуваат да го надминеме акумулираното искуство од
реалноста и да предвидиме возможни состојби на реалноста кои се
комппатибилни со моделот. Врската помеѓу фактичкото и возможното која
е предмет на делот од теоријата кој се занимава со предвидувањето, е клучот
за “применливоста” на одредена теорија, при што суштинско прашање е,
дали она што е предложено е возможен случај. Меѓутоа, теориите не
претставуваат само “објаснувања” за тоа каков е светот, туку и за одредени
состојби кои неможат да се констатираат во реалноста. Теоријата ги
дефинира непроменливите фактори кои се содржани во многу различни
состојби на реалноста. Принципиелно, не се случува сите можни состојби од
еден посебен збир од феномени веќе да постојат или однапред да бидат
познати. Одтаму, може да се очекува теоријата да предвидува возможни
состојби кои не постојат, но кои би можеле да постојат според моделот.

I.1.5. Архитектурата како уметност и како наука

Потребата од архитектонска теорија произлегува од потребата да се


формулираат принципи од искуството на веќе изграденото, кои ќе се
користат како основи за идните смерници. Динамиката помеѓу стварното
(фактичкото) и возможното е суштината на архитектонското
теоретизирање. Архитектонската теорија произлегува од фактот дека
архитектонската традиција неможе ниту да се заборави, ниту буквално да се
повтори. Теоријата во архитектурата не е едноставно средство за
оформување на слика за светот, туку средство со чија помош формата се
дестабилизира и се зачнуваат нови изразни потенцијали, процес кој
Б.Хилиер го опишува како “инкорпорирање на нејзиниот одраз од минатото
во апстрактната рамка на возможното”, која ја претставува теоријата.43 Без
теоријата, историската мисла е стерилна и може да води само кон
имитација. Преку посредувањето на теоријата одразот од минатото станува
возможна иднина.

18
Ова го отвара суштинското и вечно прашање за идентитетот на
архитектурата: дали линијата помеѓу архитектурата како наука и
архитектурата како уметност треба да се повлече поблиску до науката?
Размислувањата на Ернст Касирер (Ernst Cassirer) ја расветлуваат
суштината на релацијата помеѓу уметноста и науката: “Јазикот и науката”,
пишува тој, “се двата важни процеси преку кои ги воспоставуваме и
детерминираме нашите концепти за надворешниот свет. Ние мораме да ги
класифицираме нашите сетилни перцепции и да ги доведеме до генерални
поими и генерални правила, со цел да им дадеме објективно значење.
Таквата класификација е резултат на постојан напор усмерен кон
симплификацијата. Уметничкото дело на таков начин содржи акт на
кондензација и концентрација... Но, во двата случаи постои разлика во
нагласокот. Јазикот и науката се скратеници на реалноста; уметноста ја
интензивира реалноста. Јазикот и науката зависат од еден, единствен
процес на апстракција; уметноста може да се опише како континуиран
процес на згуснување... уметноста не признава... концептуални
симплификации и дедуктивни генерализации. Таа не ги испитува
квалитетите на причините за нештата; таа & ја дава на интуицијата
формата на нештата... Уметникот е исто толку пронаоѓач на формите во
природата, колку што е научникот пронаоѓач на фактите за природните
закони.”44
Објаснувањето на богатството на посебните реалности не е во природата на
науката, бидејќи тие како целини се толку различни што го надминуваат
корисниот опфат на теоретската симплификација. Науката се занимава со
димензиите на структурата и редот на кои се заснова комплексноста, при
што се ослонува на апстрактните симплификации кои можат да бидат
најмоќен извор на “суштината”. Меѓутоа, и покрај тоа што архитектонските
реалности не се подложни на целосна анализа, улогата на просторните
конфигурации во архитектонската реалност може исто така да биде
анализирана и генерализирана. Науката дава сосема поинаков вид на
искуство за реалноста, искуство кое е парцијално и аналитичко, а не
с#опфатно и интуитивно и како такво треба да биде вреднувано.
Интензивното инволвирање на теоријата во архитектурата и фактот дека
таа ја вклучува социјалната егзистенција, го дефинираат особениот статус и
природата на систематската намера на архитектурата - архитектурата е
теоретска конкретизација. Возбудата на креативниот чин е едно од
задоволствата на архитектурата, кое се споделува со одговорноста при
теоретската екстраполација која ја врзува креацијата со социјалната
егзистенција. Архитектурата, според Мишел Фуко се зема како елемент на
поддршка во сферата на социјалните релации, за да обезбеди одредена
дознака, канализација на движењето и креирање на реципрочни релации,
како основа за нејзините понатамошни специфични ефекти.45 Токму тоа ја
прави архитектурата дистинктивна и уникатна: невозможно е
архитектурата да се редуцира на теорија, како што е невозможно теоријата
да се елиминира од архитектурата.
Архитектурата не е константа: таа има долга традиција на променливи
преокупации, системи, различни правила. Комплексниот домен на

19
архитектурата истовремено ги опфаќа историјата на професијата,
еволуцијата на научната – конструктивна технологија и преиспитувањето
на естетските теории. Вистинската природа на архитектурата, според
Мишел Фуко, може да се открие доколку вниманието не се усредсредува на
потрагата по нејзините научни референци, туку на изворното класично-
грчко значење на зборот ‘techne’, а тоа е практична рационалност
раководена од свесна цел.46
Одтука, архитектурата е истовремено уметност и наука, затоа што ги
сублимира процесите на апстракција, преку кои ја спознаваме науката и
процесите на конкретизација, преку кои ја спознаваме уметноста.
Суштината на оваа расправа најдобро е апсолвирана во мислата на Б.
Хилиер: “Тешкотијата и славата на архитектурата лежат во реализацијата
на двете задачи: да го развива теоретскиот домен преку изградената
архитектура и да создава искуствена реалност чиишто аспекти се безбројни.
Во тоа се состои вистинската тешкотијата на архитектурата, поради која
толку ја цениме и обожуваме”.47

I. РЕФЕРЕНЦИ

1 Hanno-Walter Kruft., A History of Architectural Theory, from Vitruvius to


the Present., Zwemmer, Princeton Architectural Press, London and New York.,
1994., p. 13. Introduction: What is architectural theory?
2 K. Nesbitt., Theorizing a New Agenda for Architecture., Princeton
Architectural Press, New York,1996, p. 16: Introduction, Part I: The Necessity of
theory
3 Vitruvii de Architectura Libri Decem., Зумпрес, 1998., Книга I, стр.25
4 Витрувие, Книга IV, str. 185., цит. “Императоре, сега видов дека
многумина оставиле упатства, книги и записи за архитектурата, но
несредени и само зачнати како расфрлени делчиња, па помислив дека е
вредно и полезно ако делото за оваа наука го доведам во совршен ред и ако
во одделни книги ги објаснам и определам својствата на секој вид работа”;
Книга VII, стр.341. Тука Витрувие ги набројува имињата на оние кои
оставиле записи и расправи за пропорциите и архитектурата на храмовите:
Агатарх од Атина, Демокрит, Анаксагора, Силен, Теодор, Метаген и многу
други, на кои им благодари, цит. “затоа што, со извонредни умствени
способности собирале отсекогаш едни едно, други друго и подготвиле
обилен материјал…”
5 Hanno-Walter Kruft., A History of Architectural Theory, from Vitruvius to
the Present., Zwemmer, Princeton Architectural Press, London and New York.,
1994., p.16 Introduction: What is architectural theory?
6 IBID, p.15 Introduction: What is architectural theory?
7 IBID, p.18 Introduction
8 Примери: K. Nesbitt., ‘Theorizing a New Agenda for Architecture, an
Antology of Architectural Theory 1965-1995’. 1996; M. Hays., ‘Architecture
Theory since 1968’., 1998; N. Leach., ‘Rethinking Architecure’. 1997 ect.

20
9 K. Michael Hays., Architecture Theory since 1968., The MIT Press,
Cambridge, Massachusetts, London, England, 1998., Introduction
10 IBID, Introduction
11 IBID, Introduction
12 IBID, Introduction
13 IBID, Introduction
14 IBID, Introduction
15 K. Michael Hays., Architecture Theory since 1968., The MIT Press,
Cambridge, Massachusetts, London, England, 1998., Introduction
16 K. Nesbitt., Theorizing a New Agenda for Architecture., Princeton
Architectural Press, New York,1996, p. 17: Introduction, Part IA. Types of theory
17 Пример: Николаус Певснер “Пионери на модерниот дизајн” (Nicolaus
Pevsner, ‘Pioneers of Modern Design’)
19 Hanno-Walter Kruft., A History of Architectural Theory, from Vitruvius to
the Present., Zwemmer, Princeton Architectural Press, London and New York.,
1994., p. 16. Introduction: What is architectural theory?
20 K. Nesbitt., Theorizing a New Agenda for Architecture., Princeton
Architectural Press, New York,1996, p. 19: Introduction, Part IB. The purpose of
the theoretical treatise: defining the scope of the discipline
21 IBID, p. 19. Introduction, Part IB. The purpose of the theoretical treatise:
defining the scope of the discipline)
22 М.Вујаклија, Лексикон страних речи и израза, Просвета, Београд, 1972,
стр. 943
23 F.Bacon, The New Organon (1620), B.Merrill 1960, Aphoprisms Book I,
Aphorism cxv, p.105
24 Bill Hillier., Space is the Machine., Cambridge University Press, 1996 p.68,
What exactly, are theories?
25 T.Kuhn, The Structure of Scientific Revolutions, University of Chicago Press,
1962
26 U. Eko, Kultura, informacija, komunikacija, Nolit, Beograd, 1973, str.40-43,
I. Značenje “označenog”. Denotacija i konotacija; Де Сосир (De Saussure) го
предлага поимот на лингвистички знак, како предмет кој претставува
извесно единство на “ознаката” и “означениот”: “Лингвистичкиот знак не го
обединува предметот и називот, туку поимот и акустичката слика”.
27 U. Eko, Kultura, informacija, komunikacija, Nolit, Beograd, 1973, str.47-48,
II. Kodovi i potkodovi, цитатот е изваден од: Ferdinand De Saussure, Cours de
linguistique générale, Paris, Payot, 1915
28 Bill Hillier., Space is the Machine., Cambridge University Press, 1996 p.71,
What exactly, are theories?
29 U. Eko, Kultura, informacija, komunikacija, Nolit, Beograd, 1973, str.50, На
Сосировото структуралистичко гледиште за јазикот како систем, се
повикува Клод Леви-Строс (Claude Levi – Strauss, Razza e storia, Torino,
Einaudi, 1967) кога зборува за поимот на “структурата” кај општествените
системи: “Структурата е самоуредување кое одговара на двострукиот услов:
тоа е систем заснован на внатрешна кохезија, а таа кохезија, невидлива за
оној кој го набљудува системот изолирано, се открива во проучувањето на

21
трансформациите, благодарение на кои во навидум различните системи се
пронаоѓаат слични особини”.
30 U. Eko, Kultura, informacija, komunikacija, Nolit, Beograd, 1973, str.54, IV.
Struktura kao teorijski model
31 Bill Hillier., Space is the Machine., Cambridge University Press, 1996 p.75,
Formally defining simple regularities
43 Bill Hillier., Space is the Machine., Cambridge University Press, 1996 p.84,
Architecture as art and science
44 Ernst Cassirer, An Essay on Man, Yale University Press, 1944, ‘On Art’,
p.p.152-88, Bantam Matrix, 1970, citirano od: Bill Hillier., Space is the Machine.,
Cambridge University Press, 1996 p.84, Architecture as art and science
45 M. Foucault, Space, Knowledge, Power (interview conducted with Paul
Rabinow), p.p. 367-378, Rethinking Architecture, Routledge, London and
NY,1997
46 IBID, p.p. 367-378, Rethinking Architecture, Routledge, London and
NY,1997
47 Bill Hillier., Space is the Machine., Cambridge University Press, 1996 p.86,
Architecture as art and science

22

You might also like