Professional Documents
Culture Documents
Скопје ... Визија и Реалност
Скопје ... Визија и Реалност
Скопје 1963-2013
Скопје со себе носи една специфика која можеби малку градови на XX век ја доживеале:
да биде урнат од една катастрофа во услови кога постоеше свест за тоа како повторно да
биде изграден, но истовремено да доживее неверојатно разочарувачки неуспех на таа
обнова! Наједноставно, за Скопје може да се каже дека, социолошки и просторно,
претставува фрагментарен град на една бирократска утопија: развиен центар, плус нови
населби на планска индивидуална и колективна станбена изградба, плус нехигиенски
населби распослани по целата територија, плус запуштена и деградирана периферија.
Напорот да дојдеме до квалитетот на местото наречено Скопје и да го идентификуваме
она што скопјани ги прави скопјани, а не некои други, се покажува во голема мера залудна
работа. He станува збор за немоќ како резултат на сознанијата или нешто друго, туку
едноставно немаме одговор на едноставни прашања, како што се на пример: Дали постои
нешто заедничко, освен просторот, како нешто „неделливо“ на оние кои живеат во
Топаана, Аеродром или Драчево?
He станува збор за заеднички проблеми или услови за домување. Дали постои нешто што
ги идентификува како скопјани? Нашиот одговор на тоа во многу нешта е загрижувачки и
се чини нѐ враќа на основната позиција на размислувањето: Дали населбата Скопје е во
толкава мера неодредена и просторно и социјално што го изгубила „сопствениот“ карактер
или пак сѐ уште не го формирала за да ја препознаеме неговата човечка конкретизација?
Едноставно, се работи за населен простор за кој знаеме поединечно што содржи, но не
сме сигурни во иднина во што ќе се претвори.
Фактот што Скопје има долга „предисторија“ и кратка „историја“ само ја нагласува нашата
заблуда дека сепак градот „спонтано“ ќе го формира својот идентитет. Во модерните
градови како плод на силниот индустриски развој се менува ритамот на времето, се губи
„човечката мера“ во просторот. Она што се формирало со десетици и стотици години го
уништува и на негово место воспоставува нови правила на однесување, кои за многу
градови останаа непознати, не поради тоа што тие не биле присутни, туку од едноставна
причина што заедничката населба не била во состојба да ги спроведе. Скопје во тој поглед
остана соочен со немоќта теоретски да се разбере, што говори за карактерот на
противречностите во кои се најде.