Professional Documents
Culture Documents
Револуционерен и контрареволуционерен патриотизам
Револуционерен и контрареволуционерен патриотизам
Со својата даночна моќ државата нужно го дели општеството на две големи класи,
„даночни обврзници и потрошувачи на данок“. Но, ефектот од ова е што ги поставува во
антагонистички односи. Голем дел од рамковните вработени седат дома и земаат плата.
Охридскиот рамковен договор продуцира нови потрошувачи на данок, уште подобро
наречени социјални паразити, и е расадник на нови гласачи за секоја буржоаска партија
која се затекнала со власт над државните институции. Во таа смисла, Охридскиот
рамковен договор отуѓува дополнителна сума од новата додадена вредност и ја
концентрира во рацете на државната бирократија, што претставува исто така губење на
суверенитетот на работничката класа како даночен обврзник. Од овие паразитски
потрошувачи на данок по заслуга на етничка припадност се експлоатирани сите даночни
обврзници. Според тоа, укинувањето на Охридскиот рамковен договор би било
придобивка и за Албанците кои не се потрошувачи на данок, туку даночни обврзници.
„Русо вели дека само во цивилното општество човекот може да се оплемени користејќи го
разумот, и дека преоѓањето од состојба на природа во цивилна состојба, произведува
многу големи промени во човекот, менувајќи го инстинктот во неговото однесување со
морал кој порано му недостасувал.“
Изгледа Стошевиќ заборава или се прави удрен со мокар чорап дека за време на
референдумот за излез на Британија од ЕУ, социјалистичката левица беше едногласна во
изјавата дека луѓето треба да гласаат за да заминат, бидејќи ЕУ е про-капиталистичка
институција во рамките на која е невозможно да се спроведе социјалдемократска, а
камоли оригинално социјалистичка политика. „Солидарност Шкотска“ исто така го зазеде
тој став! На изненадување на политичките елити и на владејачката класа, генерално,
резултатот беше победа за британско напуштање на ЕУ, придружена со повисока од
очекуваната излезност на гласачите од работничката класа, кои гласаа несразмерно за
напуштање на ЕУ. Политичкиот естаблишмент секако е сочинет од универзитетски
образувани и од стручни, бизнис и менаџерски класи, па затоа беа шокирани од
резултатот. Ова се однесуваше на сите главни политички партии: Ториевците,
Лабуристите и Шкотската национална партија.
Разликата во гласањето ја одразува реалната разлика во класните интереси.
Професионалната и бизнис класа имаат придобивки директно од фондовите на ЕУ, може
да добијат финансирање од ЕУ, како и достапност на дополнителна работна сила чиишто
обуки не ги плаќаат. Шкотската национална партија отворено работи во интерес на оние
работодавци кои сакаат да ја надополнат релативно малата локална понуда на работна
сила со луѓе од Европа. Разбирливо е дека Шкотската национална партија, која сега е
неолиберална, десничарска про-ЕУ партија, би изготвила слоган со кој ќе бара втор
шкотски референдум за независност како начин за враќање во ЕУ. Ако ја добијат
кампањата за независност, тогаш тие ќе ја вратат Шкотска веднаш во ЕУ. Ваквиот тек на
настани сигурно ќе ја уназади каузата за социјализам во Шкотска - бидејќи добро знаеме
дека напредокот кон социјализам е невозможен во ЕУ.