Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 36

Марко Цепенков

АВТОБИОГРАФИЈА

Има мнозина филозофи што се говедари и мнозина говедари што станале филозофи. Вака
велат нашите стари. И вистина – така си е, според тоа како сум ги оценил мнозина мои
пријатели и непријатели, а најмногу од сите сум му се чудел на татко ми, Бог да го прости.

Татко ми се викаше Коста Марков Цепенков. Дедо ми беше од село Ореоец, Прилепско1, и
работеше самарџилак во Прилеп. Јас дедо ми не го затекнав. Татко ми ми раскажуваше за
дедо ми, за тоа како му го дале прекарот Цепенко. Еден неделен ден бил облечен со едни
бели гаќи, многу расцепени, дури до газот, и излегол насред село да игра со децата. Штом
го виделе тие му довикнале: „Марко Цепенко, Марко Цепенко“, и од тој ден му беше
останал прекарот „Цепенко“. Дедо ми многу бил песнаџија и имал многу силен глас.
Штом ќе тргнел да оди во село Коњари, да венчава или да крсти кај крштениците што ги
имал, веднаш ќе запеел една песна, толку гласно што дури во Коњари ќе се слушнело.
Така, штом ќе го слушнеле крштениците, веднаш ќе излезеле на буниште да го пречекаат.
„Деца, невести, излегувајте да го пречекаме, оти нункото иде.“ Вака ќе речеле
крштениците и ќе излегле на буниште да го пречекаат.

Кога ќе седнел на чесна трпеза, три дни и три ноќи само кралски песни ќе им пеел на
сватовите или на гостите, според тоа каков бил денот. На многу села дедо ми бил нунко,
само затоа што знаел „турли-бе-турли“ кралски песни и дека бил многу гласен, и освен
тоа, оти бил самарџија, и тоа бил прв мајстор за правење самари, прочуен и во Прилепско,
и во Битолско, и во Тиквешко, па сите оделе кај него да им направи самар. Ете поради тој
себап селаните го викале за нунко. Колку што знам јас, во три села затекнав дека сме
нунковци: Коњари, Кадино Село и Бела Црква.

Дедо ми имал четири сина: најголемиот, Никола, работеше кувенџија во Прилеп; Коста,
татко ми, еким работеше насекаде; средниот, Ристе, мајстор во Стамбол работеше; а
најмалиот, Илче, многу години работеше како чешлар во Софија, во Прилеп и на крајот во
Крушево. Имаше и три ќерки дедо ми: едната ја викаа Като, другата – Маро и најмалата –
Дафо. Ката умрела во Прилеп и јас не ја затекнав, а Мара и Дафа – во Крушево и ги
затекнав.

Само татко ми и Дафа2 беа песнопојци како татко им (дедо ми), а другите не беа толку
многу.

1
На два часа оддалеченост од градот Прилеп на исток.
2
За тетка ми, Дафина, дека била вистинска песнопојка, Наум Слепиот потврдува дека од неа научил 160
песни.
Да ги оставам на страна моите стриковци и тетки, Бог да ги прости, онаму каде што
починале, и да почнам да прикажувам нешто за мојот мил татко, како започнал да живее
во детството, во средната доба и во староста, сè додека не умре на рацете мои и на сестра
ми во 1873 година, 20 ноември.

– До 15 години без гаќи сум одел, синко – ми велеше, – и арач не сум платил, а вие сега,
штом се роди машко, и наплати му го арачот. Тешко вам, што исчекавте на овој век!

Близу до дваесет години кога стасал, ни занаат фатил, ни пак некоја работа. Само ќеф си
терал, на лов си одел, гуски почнал да чува и со гусакот одел со други гусаци да се тепа.
Такви работи правел.

Еден неделен ден се качил на една црница да јаде боболки во Долни бавчи и за пакост,
дошле арачлиите, та седнале под црницата и отвориле тефтерите да гледаат кој го платил
арачот и кој не го платил. Како седеле, а седеле повеќе од два саата, никако не се опулиле
горе на црницата да го видат татко ми. Татко ми, стоејќи на една гранка два-три саата, му
капнале нозете, стоејќи, и на крајот беше рипнал од црницата долу и веднаш се беше
исправил на нозе, и трештил право удолу. Рипнале двајцата арачлии и му се пуштиле по
него да го фатат.

– Стој бре, ќерата – му велеле, – да те видиме кој си ти!

Бре, брате, ич не стоел татко ми, кога можел да бега како некој стршен.

– Бегај, бегај, еве ние те пишавме, ќе си го платиш арачот!

– На, на-а арачо! – му замавнал со десната рака и побегнал.

Иако тогаш не платил арач, ама малку како да се сетил оти треба да биди домаќин и
побарал да се зафати со некоја работа. За среќа, тргнал зет му да оди в планина, да му
бичи греди и штици на некој бег, и татко ми нашол за мунасип да оди и тој да биде
бичкиџија. Отишол во планината Рамна Бука и се сместиле таму да работат. За првиот и
вториот ден имале леб од дома и на третиот веќе почнале да варат бакрданик и да јадат.

Свариле бакрданик и го туриле на една мешина, и му седнале да ручаат.

Каснал една топка од бакрданикот и тој му се залепил за непцата. Голтајќи, ќе се удавел.


Кај пусто видел и јадел татко ми таков бакрданик – од ‘ржано брашно и посен. Истиот миг
беше станал од ручекот, божем ќе оди по вода, и си заминал дома.

Откако ја видел планината, се досетил дома да биди дрвар. Го молел зет му, Смиле, да му
купи едно магаре и собрал уште две-три од бавчанџиите, па бил дрвар баеги време. Дури
било лето, арно му било, ама во зимно време голема мака му било.
Го оставил дрварлакот и ти се сторил фурнаџија. И фурнаџилакот му се смачил, па потоа
се сторил бакал. И бакалакот го оставил и мунасип нашол да оди на туѓина до Влашко, за
да спечали многу пари ѓоа ми ти.

Одејќи во Влашко, барал работа ваму-таму, ама не можел да најде. Се конуштисал со


некој измеќар, што работел кај некој кадија, и тој го зел со себе, кај кадијата да му биде
како помошник.

Седел, што седел некоја година, и пак си дошол дома, со онолку пари колку што беше
спечалил. Кога си дошол дома си ги поарчил паричките и се договориле со брат му
Никола да одат во Србија. Рекле и отишле.

Никола се зафатил со занаетот, а пак татко ми се вработил како пандур кај кнез Милош.
Сите пандури, што тогаш биле кај Милош, биле од Македонија. Најмногу биле суварии
(коњаници) околу Милош.

На Велигден излегол Милош надвор од Белград со сите коњаници, да играат кошија (ала
турка), за Милош да гледа сеир.

Играле, што играле, и на завршување ги боднале коњите за в град на дизгини. Како што
му бодинал атот на татко ми, така дошол до една калдрма, што била спуштена, за да
истекува некоја вода, и наместо да ја помине бодинајќи браздата, тој ја рипнал и му се
скинале сите три колани, та коњот го фрлил татко ми сосе седло на десното рамо, и на
местото се онесвестил. Го кренале другарите и го однесле в град. Му кажале на Милош и
Милош го зел во својата одаја, та го завиткале во една пресна кожа од брав. Дваесет и
четири саати, ич не се разбудил. Кога се разбудил, чул глас од мало дете како плаче и
осетил како му смрди кожата.

– Море, кај сум овде бре, Димитри – му рекол на другара си, што го вардел додека да се
освести, – што вака ми смрди? Оти чув глас од мало дете?

– Молчи, не викај, Коста – му рекол, – оти овде си во одајата на Милошица. Чекај малку
да му кажам на Милош.

Отрчал и му кажал на Милош, оти татко ми се свестил. Дотрчал Милош и се израдувал,


дека се освестил. Ден по ден си оздравел. Милош многу го сакал, дека татко ми бил голем
јунак и бинеџија.

По некое време го оставил пандурлакот и отишол во Смедерево, па најмил едно кафе,


фурна и меана баш до Дунав. Таму арно ја курдисал работата и во ќемерот ставил стотина
дукати. Дознале двајца Срби дека има сто дукати во ќемерот и му скроиле марифет да му
ги земат. Едниот Србин имал една сестра и секој ден му носела по една киска цвеќе, оти
ѓоа го сакала. Еден ден му дошле на татко ми Србите и едниот му рекол вака:
– Брат Косто, мене ми дојде на сон да одам кај фиљан нива, под една круша, што била
таму, да откопам еден казан дукати, арно ама требало еден човек да е со бели очи и да има
еден нож (јатаган) со црни кабзиња, и да го бележи местото, та да го закачи ножот во
средето, и после да се копа казанот со парите, а без така да се стори, не се појавувале
парите, а па ти си со бели (сиви) очи и имаш јатаган со црни кабзиња. Ај, ако сакаш, ела со
нас да го откопаме казанот и да си ги делиме парите, и така си ни пријател.

Пусто око човечко лакомо, беше се излажал и отишол таму со Србите. Го обележал
местото, каде што му кажал Србинот, и го забодел ножот во средето; само што се
исправил, кога овој му фрлил една рака пепел в очи. За касмет, татко ми беше се наведнал
и му преминала пепелта преку глава, и веднаш испукал со пиштолот по нив, арно ама не
ги погодил, чунки бегале многу брзо.

Потоа, неколку месеци се криеле и одвај го измолиле татко ми преку пријатели да им


прости, и тој им простил.

Во Смедерево насадил едно лозје од дваесет илјади прачки и тамам стасало за да бере
грозје, побегнал од Србија поради некоја грешка и оставил и лозје, и сè.

Откога поседел дома, пак му се приоди во Влашко со Никола и таму го беа начекале
времето да спечалат пари. Во тоа време имало некој, Слуџар Тодор што го викале, и тој ги
накренал сите јабанџии (најмногу Македонци) против болјарите со еден лажен ферман,
ѓоа од Русија му бил даден.

Кога се беа кренале дваесет и шест илјади јабанџии, тргнале да ги ограбуваат болјарите,
до сè што им нашле по куќите, сè им зеле, а кога стасала турската војска востаниците се
разбегале.

Бегајќи татко ми заедно со 30-40 другари од Влашко за Немечко, потерата сите ги убила, а
само шест души живи беа останале, со нив татко ми и стрико ми, татко ми лесно ранет во
плешката однапред.

Еден ден се беа скриле во едно трње пет-шеснаесет души, а еден Каравлав терал два вола
по патот далеку од нив околу пол саат, па побегнал едниот вол од патот и трчешкум
дошол право кај нив, та застанал да ги гледа. Бре, го ишкале (со мавтање со рака) да си
оди, бре, му викале, не се иставал, па дошол Каравлавот, та си го собрал и ги видел. Штом
ги истерал воловите в село, им кажал на селаните и тргнала потера. Востаниците тргнале
да бегаат и влегле во еден овоштарник па направиле метериз, по што голем број луѓе од
потерата беа потепале.

Нејсе, како било – било, си дошол татко ми дома и му се курдисал да ги јаде парите, дури
не ги беше дојал. Потоа за Србија не можел да оди на пат, за Влашко – ич, од друга страна
занает нема, а треба да се јаде, па се чудел што да прави.
На негов касмет, в чаршија сретнал еден Мијак од Лазарополе, стар околу 60 години, кој
му вадел еден катник на некој човек. Му го извадил многу лесно и му ги видел татко ми
алатите отворени, та почнал да му ги гледа еден по еден и да го прашува кој алат е за
каква потреба.

– А што ме прашуваш бре, момче – му рекол Мијакот, – ти не ќе се учиш за еким, па што


сакаш да знаеш кој алат е за која потреба? Ај, ако си севдалија, ела со мене, да ти купам
еден коњ и да одиме по вилаетот, да лекуваме болни и неволни, па колку пари ќе
извадиме, ортачки ќе си и делиме и занает ќе те научам. Мене ме викаат аџи Стојан, јас
сум Бошњак, не прегледувам до толку.

Кога ги чул татко ми тие зборови од аџи Стојан, веднаш му се беше залепил. Бидејќи имал
иктиза од човек, аџи Стојан, го зел татко ми и му купил коњ, та тргнале по села и градови,
да бараат болни да лекуваат. Од сараџа лекувал, од очи перде, од камен, од дијареја и од
секакви рани и други неволи. За година-две татко ми сиот марифет беше го научил. Се
чудел аџи Стојан на силната памет, што имал татко ми.

– Ах бре, Коста, што те жалам дека си неписмен, чунки за овој занает треба да знаеш
писмо, за да си ги запишуваш билките што лекуваат, чунки без пишување не се паметат.

Кога ги чул татко ми тие зборови од аџијата, се позамислил малку и му текнало оти од
неписмен човек еким не бидува, та го замолил аџијата да го научи. Му пишал аџијата едно
алфавита на грчки и му покажал неколку пати. За чудо големо, беше го научил алфавита
за една недела и му пишал едно писмо на аџијата на грчки како поздрав (грчки, влашки,
каравлашки, арнаутски, турски знаеше да зборува, фарси, а српски веќе – како вистински
Србин беше) и му го дал на аџијата. Кога го отворил аџијата, го читал саде со ќеф.

Само една грешка беше имало, што зборовите не биле одделени, како што е редот, ами сè
со ред биле пишувани едно до друго и без растојание.

– А бре, Коста, оти ме лажеш – му рекол аџијата, – дека не си знаел да пишуваш, еве дека
си знаел, само ова ти е грешка, што не си ги разделил зборовите.

Кога разбрал татко ми како треба зборовите да се делат, го врзал тоа во ум и уште една
недела учел, па научил совршено да пишува и да чита на грчки.

По малце време научил и бугарски и српски, та ни пееше песни на српски и секакви, а


додека не умре ни пееше и по српски песнарки. Три-четири години што шеташе со
аџијата, се научи поарно од него да работи со џеравликот. За болести однатре и тие ги
научи, сè од голема практика. Внатрешните болести ги лекуваше со надворешно
сурдисување и со крв пуштање од рака, ама ако беше болниот со голема тежина на срцето
и висока температура. А пак на старите, болни и оние што имаа слабо тело, им правеше
еден или друг маџун со силни билки.
Многу ќамил беше да познае дали болниот ќе оздрави или ќе умре. Тој што не му го
фаќаше окото, не го фаќаше да го лекува. На лева страна со куршум погоден не го фаќаше
да го лекува, чунки непара оздравувале. И ако имаше коска со куршум скршена од лакотот
угоре или од коленото угоре, не веруваше дека тој болен ќе оздрави.

Кога ќе видеше некој болен за првпат, штом ќе си дојдеше дома ќе го прашавме за


болниот како е, дали ќе оздрави или ќе умре. За чудо големо, како што ќе ни кажеше, така
ќе излезеше.

Народот му беше дал прекар: Коста Цепенков, екимот на сиромасите.

– Море, ај да го викнеме сиромашкиот еким, не ни треба Филип и Алекса да нè залечат.

Некогаш ќе му дадеше некому шербет за да го сурдиса, ама кога ќе клаваше некого во пот,
ако е настинат, таму ќе седеше, како бабиците што седат кај некоја бремена жена, кога ќе
раѓа, за некако да му помогне на болниот. Откога ќе болниот ќе оздравеше, колку ќе му
коптисаше од срце, толку ќе му дадеа; со акот, што ќе му го дадеа, ќе му дадеа и некој
бакшиш – или бовчалак, или нешто друго.

– Ами оти бре, татко, се кандиса на толку малце пари? – ќе му речевме од дома.

– Колку за напорот на ајакот (потта на ногата) ми се плаќа бре, синко – ќе ни речеше, –


нека рече Бог да прости, и тој е сиромав јунак како мене.

Ако лекуваше некој човек погоден од пушка, земаше сто или двесте грошеви откога ќе го
оздравеше болниот, ако му скусеа, пак ќе му простеше и не се караше.

Со еден збор, многу беше милослив за сиромасите и не беше среброљубец. Сто пари му
земаше на сиромав за пат да појде, а дваесет пари земаше за еден катник вадење, така и за
сите болести што ќе ги лекуваше.

– Оти бре, татко, толку евтино работиш – ќе му речев, – нели треба да ни оставиш троа
сермија кога ќе умреш, за да живееме и ние како што живеат комшиине?

– Доста ти е благословот, што ќе ти го дадам, синко – ми велеше, – чунки благословот од


татко чини повеќе од стока ако ти оставам. Па и друго да ти кажам, како што рекле
старите: на челад прокопсана не треба стока да му оставаш, чунки прокопсана е челадта,
сама ќе си спечали, а пак на челад непрокопсана пак не треба стока да му оставаш, чунки е
непрокопсана, сета ќе ја изедат и ќе ја запустат. Да гледаш, синко, да бидеш прокопсан и
да гледаш најпрвин едно чесно име да спечалиш, да после и стока ќе си спечалиш.

– Арно така велиш, домаќине – му велеше мајка, – ами нели имаме умирачка, ене старост
ќе дојде, ќе треба пари да ти се најдат за тоа време.
– Јас кога ќе умрам, домаќинке, ништо не сакам да арчите по мене, ни за дужбина да
даваш, ни парастоси да пееш, ни парусии-марусии да правиш, чунки јас сум си направил
сто пати повеќе, отколку што ќе ми направиш ти. Ама ти ќе речеш, што добро сум
направил, што се фалиш? Еве што добро сум направил и ти сама ќе се сетиш: на невестата
од Лакаид желката од вратот и ја извадив; од детето на Црвенковци сараџите од нозете му
ги оздравев; патем на Јосета сараџите околу гуша му ги оздравев; на Анѓелка од Бела
Црква брадавицата од носот му ја извадив и сега ми е Свети Јован; Божин Секоиќ од село
Лажани, погоден со пушка со два куршума и три сачми, го оздравев; Насин, воденичарот
од Крушево, носот беше му го изело јенмеџе (живеница), јас му го заздравев и сребрен му
ставив, и ете го жив; попот Божин од с. Крапа, погоден со пушка од арамии, јас му го
извадив куршумот од осум драмови, и ете го жив; Мијалче Влавот, од Крушево, сандак-
емини во Кичево, погоден со пушка, јас го оздравев. Е, сакате уште да ви редам? Колку
коса што имам на главава, толку болни и неволни сум оздравел, со помошта Божја, и сите
тие велат: „Бог да прости“. Ете затоа не сакам да ми пееш, жено, парастоси и парусии,
чунки моето добро, што сум го правел на болни и неволни, доста ми е, зошто Бог да ме
проштева со илјадници други луѓе. Та ако не ми е доста тој Бог да прости, не ќе ми е ни
пеењето парастоси и друго, затоа тоа гајле ти да не го береш. Нека ми се живи челадта,
ако доживеам голема старост, ќе ме гледаат сакаат-нејќат, ем затоа што ќе им биде жал, ем
затоа што ќе им биде срам од светот.

Со ваква надеж живееше татко ми, Бог да го прости, во царството небесно да го стави, сè
додека не умре. Од неговите набожни зборови, што ни ги велеше, се опеавме донекаде и
ние сите во куќата, а најмногу мајка ми. Дури не умре тој им помагаше на болни и
неволни колку што можеше.

Во тоа време се појави еден магаровалија во прилепските села да бележува од сипаница.


Штом дозна татко ми му тргна по трагата за да се научи како можи да го каптиса и тој
занает.

Вака-онака, го каптиса и сипаничарлакот и бележуваше сè додека беше способен да вјава


на коњ, да оди по Прилепско, Кичевско, Дебарско, Охридско и по други места.

Татко ми не само што знаеше екимлак и сипаничарлак знаеше уште многу занаети, сè што
ќе му видеше око, ќе направеше.

Брат му Никола, бидејќи кувенџија беше, татко ми многу пати седеше кај него и од
гледање можеше што да сакаш да ти направи. На многу пушки и пиштоли нови кундаци
им направи; на сабји јатагани им правеше кабзиња од рогови и ножници.

Куќата нова ја направивме, а од штици парчиња што останаа тој сам сандалии направи и
ден-денеска се кај сестра ми.
На сабји и ножеви отвораше чуден џувер. Едно време беше во војска во Прилеп, од куќите
кишла правеа, на сите јузбашии и мулазими џувер им отвори на сабјите. Покрај нив и на
војниците.

Еден јузбашија имаше сараџа на едната нога, која не можеа да му ја залечат во царското
(х)астане; не знам како дознал дека татко ми знае да лекува сараџи, го викна и овој го
излекува. Една полна шамија со бешлици зеде од јузбашијата. Како сега да ги гледам, еве.

Оздрави и неколцина војници, што не можеа да се излекуваат во царската (х)астане. По тој


себап дури и пашата ја дозна работата, та посака татко ми да го земе во аскерот да биде
еким. Арно ама татко ми не сакаше, оти сметаше дека ако влезеше во војската, ќе требаше
да оди со нив од град во град, да носи деца, жена со себе и затоа не прифати.

Навистина чуден беше татко ми, што и да го прашаш, сè знаеше, од сите занаети се
разбираше; Бога го сакаше, политика – уште повеќе. А пак приказни и песни колку
знаеше, им немаше број, јас ни черек не сум ги запишал. Кога ќе седнеше во некоја куќа
со луѓе, сè тој ќе раскажуваше, чунки штом ќе кажеше нешто, секој ќе се чудеше и ќе го
молеа уште нешто да им раскаже.

Иако татко ми знаеше толку занаети, пак беше сиромав и сиромашки живеевме. Јас и брат
ми Јован и три девојчиња бевме. Јас од сите поголем, арно ама и јас невреден да хранам
куќа.

Многу пати татко ми велеше да научам еден занает, ама еден, и да биде вреден, а не како
него, кој знаеше многу и ни еден салам не го знаеше.

– Политехнитис, аримо спитис3 е тој, што за многу занаети се фаќа и не ги довршува. Па


затоа ти велам, синко – ми велеше, – научи некој занает од корен, за после ич не бери
гајле.

– Ама арно занает да учи бре, домаќине – му велеше мајка, – ами да пишува не ќе учи?

– Безбели и да пишува ќе учи – ѝ велеше, – ама малку-многу, нека се научи колку да може
да си го напише името, да речеме, и да ги води книгите за работа; нека го научи
букварчето, наусницата и псалтирот, и доста му е на Маркуш. Повеќе нека учат тие, што
ќе стануваат попови.
Во тогашното време, навистина и толку се учеше, по псалтирот учеа, светата книга и
апостолот. Нејсе, како и да беше, ме прати кај даскалот аџи Костадин Дингуле од село
Варош, кога поучуваше во куќата на попот Алекса и оттука – во куќата на Трпче. (Сега таа
куќа ја има Бомбол).

Училницата беше еден чардак, кај што учевме сите деца поседнати на голи штици крст
нозе, едно до друго, а пак даскалот, седнат на едно тезге од терзија – и тој крст нозе, со
3
(грч.) Од многу занаети, празна куќа.
еден долг прат в рака, да досега прилично далеку и да нè тепа, ако не пее некое дете или
ако џагори.

Често ќе стануваше даскалот и ќе врвеше покрај нас, та ќе нè удираше по плеќи со пратот


и ќе ни велеше:

– Ај читајте бре, читајте, ај читајте!

Кога ќе почневме да читаме, брате мили, кој од кој викаше повеќе.

Едно вели: „аз зема аз“; друго пее „буке азбра“; трето вели „помилуј ме Боже“; четврто –
„коловозлублено“ и другите, кое како што си учело, така и си читаше, ама не тивко, ами
гласно, та се слушаше до не знам каде. Како (х)авра еврејска тогаш беше училницата.

Ќе завртеше даскалот околу-наоколу и ќе ни удреше по еден прат по плеќи. (Пуста сила,


колку се стегав, кога ќе се приближеше даскалот до мене, чекајќи да ми го удри пратот по
плеќи за ништо. Многу мака ми беше, оти да ме удира без кабает, арно ама адетот му беше
таков, па истер истемес, ќе траеш и прат ќе јадеш, и по рака со прачка ќе јадеш, бре, и во
валака ќе те тепа даскалот, пак ќе траеш). Ќе си седнеше на тезгето и ќе почнеше да си
подврзува некоја книга али да препишува нешто со печатни слова. А пак ние, децата, ќе
почневме да си правиме муабет, да се задеваме и да се клеветиме на даскалот: „Даскале,
овој ме опцу“ – му велеше едно; друго: „Даскале, овој се задева“; трето: „Даскале, овој ми
го грабна орловото перо“, и друго дете друго.

На тие давии на децата даскалот откај што седеше ќе му викнеше на тоа што се задева:

– Бре, ѓавол бре, седи мадро, ќе те кладам во валака!

По рака ќе му се пуштеше да го тепа или на една нога да стои или друго, што ќе му
текнеше тоа ќе му речеше, или ќе му речеше и ќе му го стореше.

Ќе нè викнеше даскалот пред него и ќе нè курдисаше на коленици да ја кажеме матимата.


Кој ја научил матимата арно, ќе му предадеше друга лекција:

– Од тука до тука да земеш ти, и од тука до тука да земеш ти – ќе му речеше на друг, – а па


ти не го знаеш арно, затоа ќе го учиш уште.

Кој ќе го изучеше букварчето, наусницата, псалтирот и друго, ќе го однесат неколку деца


дома кај него и ќе го креваат да го удрат трипати со главата од горниот праг на вратата,
велејќи му: „Достоен, достоен, достоен“ – до три пати. Татко му, мајка му на детето саде
ќеф ќе беа, дека му го кренаа детето за да биде достојно.

На децата, што ќе го кренат, ќе им дадеа нешто бакшиш, исто така и на учителот ќе му


дадеа бакшиш.
Нејсе, како и да беше, тогаш беше кој колку кувет имаше толку ќе учеше, а пак јас,
сиромашец, кога учев, учев – цела година што ти учиш, одвај букварчето ќе го научиш, и
почнав по троа да пишувам по нешто имиња, села, еднаш по едно – едно, два пати по две –
четири, и ме натера татко ми да одам на занает, чунки доста ми било учење.

Голема севда имав да учам, ами пуста сиромаштија, не те остава да учиш, кога немаш пет
пари за книги да си купиш, сакаш-нејќеш, на занает ќе одиш, за да се научиш и лебот да си
го вадиш.

Видов – не видов, излегов од училиштето и се договорив со аџи Петко и содружниците


Коне и Пере Каранџулови, терзии (азарџии), за 6 месеци – цели четириесет грошови; по
шесте месеци се договорив за една година време 120 грошеви и две рала чевли, и да си
јадам од мене – носиш во торбето ‘ржан лебец со солца и праз на дуќан, да си јадеш.

Многу пати му велев на татко ми, оти не ме остави повеќе време да одам на училиште, за
да се изучам арно, ами само со толку ме остави.

– Море, де бре, синко, доста ти е толку учење – ми велеше, – не ќе стануваш поп, па што
сакаш толку да учиш? Доста ти е тоа, што го знаеш, па дури и од повеќе. Ете знаеш
секакво писмо да читаш; знаеш писмо да пишеш; знаеш есап да правиш; еве, знаеш и по
некој темесук да напишеш. Е, право, што е право, синко, ем жими Бог единствен, ти од
поп знаеш поарно. Знаеш ли или не знаеш, синко Марко, оти од поп Рабуш па илјада пати
ти поарно знаеш да читаш, односно од поп Трајко од село Долгаец. Ами ќе ти го донесам,
синко, еден петок вечер, да видиш и да поверуваш, оти ти илјада пати повеќе знаеш.

Со таквите зборови сиромашкиот ми татко ме утешуваше, само и само да одам на занает,


да си го вадам лебот, чунки 6-7 души бевме дома и тешко можеше да нè храни.

По две-три недели, туку еве ти го поп Рабуш, ми го донесе на вечера. Откога вечеравме,
ме натера татко да му го подадам на попот Евангелието, да ни каже нешто за Бога. Само за
да видам, оти поп Рабуш не знае да чита и сепак е поп. Му го подадов Евангелието од
пред иконата на попот. Го зеде попот и го отвори во скутот, божем да чита. Ја пикна
раката в пазува да бара зрцала; бара, бара, ѓоа му ги немало. На тоа згора посегна татко
под перница и ги извади неговите зрцала, та му ги даде на поп Трајко. Ги зеде попот в
раце, ги кладе на очи и погледа во Евангелијата, пак ги извади од очи зрцалата, ги
избриша убаво со шамиче и пак ги стави, и се загледа во Евангелијата. Ја замавна два-три
пати главата и рече:

– Хака, хака, овие зрцала ич не ми се погодуваат, братко, ситни буквите ми ги гледаат,


како некои гниди. Ај следниот пат кога ќе дојдам, ќе си ги носам моите зрцала и тогаш ќе
ви читам и ќе ви прикажувам, а сега, ако сакате, да ви раскажам.
(Тој поп Трајко вистина не знаеше да чита, ама пак знаеше чудни ѓаволии (сојтарилаци),
што секој, што ќе го видеше, ќе се зачудеше и ќе прикажуваше).

– Еј, синко, виде, оти поп не знае колку тебе – ми рече татко, – затоа ти велам да не
запнуваш толку за книга многу да учиш, ами занает, занает да учиш, оти тој дава леб, а не
книга, што не ти дава леб. Ете поп се сторил поп Рабуш – и не знае колку тебе. Не оти
нејќам да знаеш многу книга, ами еве сме па и сиромаси, затоа не можеме да денгубиме.

Со такви и други зборови ме утешуваше сиромашкиот татко и ме остави да одам на


занает.

Имав и на занаатот севда да го учам, ама пак севдата, што ја имав за книга да учам беше
многу голема. Арно ама пуста сиромаштија, немав ни пет пари да купам некое книже, да
си читам.

Бог да ги прости, од некои другари деца, што беа побогати, што ми дадоа едно книже од
Настрадин оџа и од Бертодол, па со нив прво се учев да читам и да разбирам од тоа што го
читав.

Во 1846 год. татко ми отиде во Струга да работи екимлак. Туку му текна, оттаму ѝ прати
писмо на мајка ми по едни кираџии, да ме донесат мене во Струга кај него. Таман во
месец мај ме зеде кираџијата и ме донесе во Струга кај татко ми. Конакот на татко ми му
беше во куќата на попа Јован, Бог да го прости, близу до Дрим и до касапниците. Останав
некој месец во Струга, додека да го научам градот, а после ме даде татко на училиште кај
даскалот Наум Хаџов, да учам книга, ама по грчки да учам, чунки бугарското бев го
научил од крај до крај, што велат старите, па требаше да се научам и грчки. (Во Струга
тогаш учеа само грчки).

Почнав да учам алфавита и за брзо време го научив букварчето да го пеам како вода. Од
букварчето веднаш ме префрли татко ми на псалтирот – псалтирот бил како некое море
најголемо, во него ја имало сета наука, затоа него требало да го учам; се курдисав до
даскалот Н. Аџов и го почнав да го учамс „Макариос анир, осу кье порефти...“4 и другото.

Во таа година мислам да беше џенкот со Унгарците во Немечко, чунки стасуваа во Струга
некои српски песнарки, во кои пишуваше џенкот како се правел со Унгарците и како им
дошла руска војска на помош на Австријците, та ги победиле Унгарците.

Во таа година беше се појавила големата сипаница во Кичево и во вилаетот Кичевски, па


му дојде абер на татко ми од еден пријател да оди таму.

Во тој момент татко ми не можеше да оди, чунки лекуваше еден селанец од село
Лабуништа, искасан од една мечка, што ја беше ранил самиот тој во една нива, посеана со

4
(грч.) Блажен е оној човек кој не заминува...
царевка. Откога го излекува човекот, купи уште еден коњ за мене и ме однесе во градот
Кичево. (Толку беше од грчкото учење мое.)

Само што слеговме од коњ во еден ан, и дотрчаа кичевчани да го викаат татко ми да
бележува деца од сипаница.

Следниот ден мене ме даде кај еден терзија, да учам занает и да седам кај него, чунки
татко ми ќе шеташе по бележување деца по градот и по селата. Сите села ги избележа и
бележа околу илјада деца. Ни едно не умре од бележаните деца, и грчкиот владика
кичевски, што беше тогаш во Кичево, му даде на татко ми едно шајтнаме (свидетелство),
оти најдобра маја имаше и ниедно дете не му умре од тие што ги бележа.

Тоа шајтнаме и ден-денеска го чувам. Санким зошто ми е, туку ми иде од мака да го


искинам па сум го оставил кај сестра ми да стои.

Кај Наун Влавот јас седев до пред Велигден и пред Велигден ме прати во Крушево со еден
товар јајца, да му однесам дома на мајсторот.

Му ги однесов јајцата и Велигденот го правев кај стрико ми Илче, чунки Илче и Ристе
таму живееја, а пак ние и стрико ми Никола во Прилеп живеевме.

Стрико ми Илче во тоа време беше бакал и ме задржа за калфа кај себе некое време, дури
дојде татко ми во Крушево и ме зеде, па ме однесе дома. Поседовме некое време дома, па
ајде, татко ми најде за згодно да одиме во Битола, таму да правиме екимлак и тутунџилак.
Татко ми рече и јас не можам да одречам, ќе се оди и друго чаре немаше.

Тамам во 1852 година отидовме во град Битола и најмивме еден дуќан во Солни пазар од
аџи Шандан. Ја наредивме спицаријата и донесовме тутун од Прилеп, па го здробивме и
продавав јас, а пак татко ми екимуваше низ Битола.

Не бил касмет да седиме многу во Битола, чунки во тоа време се отвори кавгата во
Севастопол на Русија и Европејците со Турчинот.

Се дигна сиот аскер од Битола и отиде во Севастопол. Остана празна Битола и мене ми се
секна продажбата. Бидејќи бидна така, ајде си дојдовме пак во Прилеп и јас се договорив
за терзија кај Ице Мрме. Туку една вечер се стори пожар во чаршијата и изгоре од крај до
крај; тој пожар беше во 185... во месец август.

По пожарот, откога се направи чаршијата, се договорив да работам кај Тимион терзијата,


прв мајстор во Прилеп (чојаџија) каде имав мерак да учам занает. Во таа година имаше
голема трговија, па јас се договорив кај Тимион по 6 и плата на ден да шијам панталони и
други алишта.

Кога се договарав, беше неделен ден, кај него дома бев. Се погодија кај Тими и Д.
Миладинов и Фони Зинзифов, па дури и тие ме кандисуваа да седам, за колку што ми
даваше плата Тимион, и како и да беше, се договорив и живеев кај Тимион неколку
години, па дури излегов и мајстор.

Кај Тимион имаше еден калфа, го викаат Коста Гуџиков. Коста беше учен на грчки во
Филибе5. Голем мерак имав да се научам грчки. Се спријателивме многу и го молев да ми
зборува се грчки; денес, утре се научив да зборувам грчки, а исто колку што знаеше и
Коста, и да пишувам.

А пак бугарски, од тоа што знаев, ич не бев задоволен. Да одам на училиште ем бев голем,
ем бев сиромав, ем татко ми треба да го слушам, како што ми велеше занает да учам, па
кога ќе видиш – ќути си и молчи си; тоа што мерак си имал за учење – имај си, кој те
прашува?

Ми падна в рака едно книже – житие на св. Никола со црвени слова и кога му запнав да го
читам, и од тоа што можев да разберам, кажувај им на татко и мајка навечер, кажувај им,
колку што можев.

По тоа книже ми падна до рака едно книже, во Солун печатено, како молитвеник да беше,
туку речи сум го заборавил што велеше. И едно друго книже, од Солун печатено, од некој
си Неофит, покрстен Евреин во Влашко, дури и сега таа книга ја имам.

Од тие книги се учев да читам и да раскажувам. Во тоа време ми падна до рака и еден
вечен календар, печатен во Стамбол, и него и сега го имам. Кога го видов тој календар и
го прочитав, коњ не ме стасуваше од радост, чунки чудни работи видов во него: празници
кој кога паѓа; кога ќе запостиме за Велигден; Велигден кога ќе падне; нова година кога е и
многу други работи. Откога ги запаметив во умот, почнав да им кажувам на пријатели од
она во календарот, а секој што ме слушаше се чудеше. А пак јас никако не се задоволував
со тоа знаење, чунки гледав и слушав луѓе, што идеа кај мојот мајстор на муабет како
раскажуваат чудни работи, од некои книги што ги читале, па мене многу мака ми идеше,
оти да не знам јас онака, како што знае некој друг. А пак кога ќе го читаа „клио“ на грчки
и ќе го расправаа, сум ти се чудел, чунки Тимион „клио“ тогаш го тргаше.

Сега бугарски веќе знам чат-пат да читам и да разбирам и по нешто од закон, чунки
спечалив и едно книже, „Битописание“ малечко, печатено во Филибе и од него сполај му
се пораскршив и се тргнав од едно верување на иконите, што бев далдисал да ги гледам в
црква и да им се молам, да дури сакав некоја икона да ми мрдне со очите. Најповеќе
меракот ми беше во иконата на свети Никола, чунки му го имав житието негово. Од
битописанието разбрав како да им верувам и ги честам иконите и како да мислам за нив.

Сега веќе бугарски знам донекаде, грчки исто така, ајде сега и турски ќе се учам. Почнав
да го терам еден пријател Турчин, што идеше ката ден во дуќанот, го викаа Афаз Адем, тој
да ме учи. Ми пиша елифбе и почнав да изучувам. Од сè учам, ама занаетот уште повеќе
5
(тур.) Пловдив, Бугарија (заб. на прев.)
го учам, оти кир Тимион ми даваше 6 1/4 ѓунделак, втората година 1500 грошови ми
даваше и ме хранеше. Затоа многу му благодарам на Тимион, ама за едно не му
благодарам, што ми го смени името од Марко во Маркушу или Кушу, чунки Тимион беше
Влав, па од тоа му идеше нагалено моето име Марко да го вика; оти Власите таков адет
имаат: кој се вика Георгија, ќе го викаат Гаќи и слично.

Близу 3-4 години седев кај Тимион, фала му на Бога, и плата арна земав, и книга се учев,
па дури си излегов сам мајстор и дуќан си отворив. Откога излегов мајстор, почнав да ги
прибирам во дуќан децата што учеа кај даскал, и да ги потпрашувам, како учат и што учат
на училиште. Секојдневно идеше д-р К. Помјанов во дуќанот и сум го прашувал за многу
нешта.

Во тоа време Д. Миладинов кај нас беше даскал и собираше песни откај нас. Беше чул
Миладинов, оти татко ми знае многу песни, па често доаѓаше кај нас, да му каже некоја
песна. Еден неделен ден по црква ни дојде Д. М., навидум како на кафе. Конуштисан беше
татко ми откај дуќанот на Тимион, каде седеа Д. М. и татко ми на муабет, па затоа дојде
кај нас непоканет. Кога дојде, го пречекавме, го честевме со ракија, со кафе. И отворија
муабет, ова било – она било, и туку извади Димитар едно тефтерче од пазувата, и откога
го отвори, му рече на татко ми:

– Слушај, кир Коста, што ќе ти прочитам нешто, што сум го запишал од еден човек, еве
вака: „Тумба, тумба дивина, јери копие врлаа, Амед бега го удриа и др...“

– Ама ти, кир даскале – му рече татко ми, – што ќе ми кажуваш детински работи;
побожно, нешто побожно ако знаеш, кажи ми, оти такви детински работи Марко мој едно
чудо знае.

На тоа уште повеќе се олабави Димитар од тој муабет и почна друг.

Откога си отиде Миладинов, отворивме муабет со татко ми и го натерав за кога ќе дојде


другпат, да го прашаме зошто му се песните што ги собира, како и други детински
играчки.

Вториот пат кога дојде Д. Миладинов, татко ми го праша, зошто ги собира песните и
другите работи. Кога го слушна ова Димитар од татко ми поткрепен од мене, како да се
уплаши од нашето прашање и погледна и налево, и надесно, па рече:

– Слушај ваму, кир Коста, нели ме прашаш зошто ги собирам овие работи, ама жити
земјата и небото, ако проговориш некому од тие што ги знаеш ти (за Власите), тие ќе ме
предадат на орелот. Овие песни и други детински работи, што ги собирам, ќе печалам да
ги отпечатам, за да останат да се пеат некогаш, кога ќе нема вакви работи, чунки овие
проклети Грци ќе нè погрчат и друго чаре не бидува. Еве прво јас сум се погрчил од немај
каде.
Вакви зборови и многу други му рече на татко ми и му расправаше колку многу вредат тие
работи (народните умотворби). Ами штом јас тоа нешто го кладов во умот и од тој миг
почнав да ги сакам тие работи.

Почнав да пишувам малечки приказни и други работи од мајка ми и од татко ми, арно ама
не можев да ги наредам како што треба.

Не можев брзо да пишувам, дури да пишам една приказна од татко ми, ќе се стореше една
недела, чунки навечер ќе го терав да ми ја кажува, или на празник, арно ама татко ми беше
многу серсем, та ако беше со ќеф, ќе ми ја кажуваше приказничката или нешто, што ќе ми
кажеше, ако не – молбата не ми ја слушаше. Многу страдав од таа работа. Од една страна
треба да работиш и куќа да гледаш, од друга страна триста мераци во мене се родија:
сакав да се учам арно да пишувам, како што знаеја некои што учеа на училиште. Грчки
сакав да се учам и писмо, и јазик; турски да зборувам веќе знаев, ама сакав да се учам да
пишувам; во истото време ми се даде едно абецедаре влашко од едно Влавче – и тоа сакав
да го учам. Згора на тоа па и тамбура со шест жици (бозук) се учев, па и покрај тамбурата
згора и ќемане зедов да се учам.

Буквално не ми остануваше време повеќе отколку да јадам леб. Многу пати ручав, а под
синија си држев некое нешто, што сакав да го учам.

Полни ми беа џебовите и пазувите со книги и тефтерчиња – пишувај, читај, пишувај,


читај, со сила сакав да се научам, арно ама со сила убавина не бидува, две лубеници под
една мишка не се носат. Од сè, што учев, сè научив, ама без темел се научив. Освен што
бев без темел, пак бев прочуен и во маалото, и во еснафот, и во целиот град. Во еснафот
ме викаат за устабашија, во маало ме клаваат аза и муфтар. Делба помеѓу браќа ако имаше
во маалото, јас ќе одев да ги делам и документи да им пишувам. Молбите за во општина
што се поднесуваа, повеќето јас им ги правев на луѓето. Сметки, договори им правев.

Освен што ги знаев тие работи, пак јас се сметав за неучен, чунки граматика не знаев. „Ах,
јас сиромав – си велев сам со себе, – како да се научам, да сум учен како оној и оној?“

– Ах, татко, татко, оти ме извади од училиште и не ме остави да доучам? – многу пати така
му велев на татко ми.

– А бре, синко, знам, оти требаше да те оставам да доучиш, арно ама нели гледаш оти сме
сиромаси, па требаше да фатиш некој занает, како што и го научи, па се живее малце
почовечки. Зар малку ти е ова знаење, та уште сакаш да си учен. Треба да знаеш, синко,
оти сиот град ти заблазнува: „Браво на Марко твој – ми велат луѓето, – браво, оти учен ти
е, воспитан и способен.“ И јас не знам каков учен сакаш да бидеш.

Ваквите зборови на татко ми јас не му ги сметав за вистинити, ами за атер ќе му замолчев,


чунки ги знаев десетте заповеди Божји, што заповедаат да ги почитуваш татко и мајка за
да бидеш многу жив на земјата. Поради таа Божја заповед многу ги слушав моите
родители и им се поклонував на нивните заповеди.

Освен тоа си бев одредил откако навечер ќе си ја завршам дуќанџиската работа, ќе пишам
нешто, или од татко ми, или од некој пријател, што ќе ми го кажеше дента. Откога разбраа
моите пријатели дека пишувам приказни, пословици, преданија и други народни работи,
кај ќе ме сретнеа, ќе ми кажеа и ќе ми речеа:

– Господин Марко, дали си ја пишал и оваа приказна, или не си ја пишал? Ако не си ја


запишал, запиши ја, да ти ја кажам.

Некогаш два-тројца ќе се погодеа, па кога ќе фатеа да ми прикажуваат, не можев да ги


изнапишам и да ги изнаслушам.

Првиот себап што ги пишував тие работи беше од Д. Миладинов, што ни кажа дома мене
и на татко ми, и вториот беше од владика Методиј Кусев (сега наречен Старозагорски). Во
тоа време Методија К. од Стамбол го основаше „Гајда“ од П. Славејко што го издаваше,
па многу пати ми даваше да го читам. Читајќи ја „Гајдата", гледав некој дописи пишани и
му велев на Методија:

– Ах бре, Тоде, (чунки тогаш Тоде го викаа) како да се научам јас сиромав, да можам да
пишам и јас вакви дописи и други работи? Кажи ми, ти се молам, ако знаеш некое
олеснување за мојава возраст што ја имам?

– Да се научиш, господин Марко – ми рече, – како што треба, треба да одиш на училиште,
арно ама, бидејќи си сам домаќин и куќа гледаш, ти да читаш весници и што и да читаш да
го пишуваш ако имаш време. Ако не знаеш некои зборови пишани, прашај, оти така ќе
можеш да напреднеш ако имаш многу мерак, друго не знам што да те поучам.

На тој разговор јас тогаш му кажав, оти што да чујам од луѓе, како приказни и за други
работи, сè ги пишувам. Кога го слушна тоа нешто Методија, ме охрабри и ме пофали.

Еден неделен ден седевме во читалиште јас, Методија и К. Шапкарев, чекавме да се


соберат членовите. Лаф-муабет не знам како дојде зборот, Методија му кажа на К.
Шапкарев, оти пишувам народни работи.

– Аман де – рече К. Шапкарев, – ете и јас таков човек барам, те молам, господин Марко,
да ми ги донесеш тие, што си ги запишал, да ги видам, ако сакаш да ми направиш чест.

Јаз со голем ќеф отрчав дома и му донесов едно тефтерче, во кое бев пишувал некои
работи. Кога ги виде тие нешта, голем ќеф стори и ме замоли уште ако имам, да му ги
дадам и да му пишувам и други, чунки и тој имал собрани, па кога ќе му го најди времето,
ќе ги напечател и ќе пишел за моите што му ги дадов оти јас сум му ги дал, и името мое ќе
го пишел во книгите што ќе ги печател. И навистина, Шапкарев ме пишал во првиот
зборник.

– Знаеш, што му велам, господине Кузман – му рече Методија на К. Шапкарев, – на


господинот Марко: само да пишуваш вакви работи – едно ќе се учи и друго, еве, како што
велиш ти, и името ќе му се пиши.

Од овие и други зборови јас толку се охрабрив, што ноќе, дење само тоа мислам и тоа
слушам од луѓе, каде што зборувавме за некој работи. Штом ќе чуев некоја пословица од
некој човек, истиот миг ќе ја запишев.

– Пак нешто пиша господине Марко – ќе ми речеа пријателите, од она што го зборувавме.
– Чуден мерак имаш, вистина, на овие работи.

Помеѓу народот ме нарекоа дека сум некој антикаџија, па секој што ќе ми кажеше по
нешто, мислеше дека со тоа ќе ми помогне да добијам некој имот, дека ќе ме збогати. По
некои пријатели, кога сакаа да ми кажат некоја приказна, прво ќе се пазареа со мене:

– Ќе ти кажам една чудна приказна, господин Марко, ама што ќе дадеш? Оти ваква
приказна што ќе ти ја кажам јас, никогаш не си чул. Знаеш колку е стара – уште од дедо
ми сум ја слушал, Бог да го прости, кој што е починат.

Друг ќе ми кажеше некоја приказна и откога ќе ми ја кажеше, ќе речеше:

– Е, сега, господин Марко, те бендиса ли оваа приказна, што ти ја кажав? Колку пари ќе
ми дадеш, уште една да ти кажам, уште поубава?

Со вакви пазарлаци и без пазарлаци сум собирал народни работи (умотворби) и сум
работел занает, терзилак, и сум гледал татко, мајка и челад, и напреднав од ни една пара
да станам еден мал трговец, да си купувам стока на панаѓурите со мои парички, за во
дуќан да продавам целата година.

А пак откога се растурија панаѓурите, одев во Битола по стока, во градот Солун и неколку
пати во Стамбол. Иако ми беше мала сермијата, честа ми беше голема: откај ќе побарав на
заем, не ме враќаа.

Баш во тоа време, кога напредував, се почна кај нас црковната работа (прашањето) и
училиштата, да ги делиме со гркоманите (Власите).

Караницата помеѓу Бугари и Власи најпрво се почна од Методија Кусев, поттикнат од


весниците на Славејко, што ни идеа од Стамбол. Во тоа време беа и учителите Н. Ганче и
други рошкаџии (подбуцнувачи на народот). Најпрвите беа: Ицо Парцан, Коне Чешлар,
Адамче Зуграф, Јоче Казарџија и неколкумина други, Биолчеви.
Ха, заборавив, требаше прво да кажам за книгите, што ги добивме од покојниот Раковски,
едната мислам се велеше „Царственик“, а другата – „Горски патник“. Кога ги добивме тие
книги, мислам да беше околу 1850-8 година, цели ноќи сме седеле да ги читаме со
пријателите кои имавме една мисла: за доброто на народот.

Раковски нè пресрами да се викаме помеѓу себе „господине“; Раковски нè пресрами да не


се срамиме оти сме Бугари; Раковски нè престраши да се откажуваме од грчките владици.

Откога се настроивме од неговите поуки, неколцина почнавме да проповедаме помеѓу


народот да го истераме владиката, да го замениме грчкото учење со бугарското; да ги
замениме училишните и црковните епитропи со бугарски, и други народни работи.
Навистина малцина и од најсиромасите ја зафативме црковната работа, ама големо чудо
направивме со истерувањето на грчкиот владика и освојувањето на црквата и училиштата.
Ете, што рекле старите, од една искра се прави пламен. (За црковното прашање имам
лично пишувано).

Во сите работи, што се правеа за истерувањето на владиката и друго, ме имаше и мене.


Севда голема беше ме фатила, мерак дури бев сторен, да се видиме избавени од
гркоманите, што нè беа зауздиле со грчки узди.

По црковното прашање, по собирањето на народни умотворби фатив дуќанот да го


занемарувам и на калфи да го оставам. Гледајќи ме татко ми таков, почна да ми
забележува и да ме моли, да ги оставам тие работи, оти ќе се расипам; арно ама јас ич не
можев да се откажам од таа светена работа, да не даде Господ, ако е речено, да се одречи.
Гледајќи татко, оти јас ги намразив гркоманите повеќе од Турците, а пак имаше и некој
негови пријатели, што ги мразев, а пак тие ме наклеветија на татко ми, та една вечер се
скаравме толку многу, што дури ќе ги делевме крушите; еле пак останавме. Утрото, имав
една бочва голема од вино, ја продаде; имавме еден крмнак голем, што го храневме за
Божик да го колеме и да го топиме – ги викна касапите во еден саботен ден и им го
продаде на живо. Само и само за инат на мене, да ме истави од таа севда, арно, туку ич не
можеше да ме одврати од таа севда – никогаш; докрај достојав и видов со очи како се
заврши црковната работа, да се истера грчкиот владика, наместо него да си имаме
општина и јас да бидам прилично години општинар, црковен, училиштен настојник,
комисија.

„Ех, слава тебе, Господи – си велев, – оти правдината вистина се танчела и не се кинела.
Правдината планина урива“ – си велев.

– Е бре, татко – му велев на татко ми, – виде, оти го истеравме владиката грчки со едно
кашлање во црквата?

– Арно, арно, твојот ум на твојата глава, како сакаш прави си, ама гледам оти работата со
дуќанот ти куца. Чунки не си ја гледаш како што треба. Или си во општина, или си
пишуваш приказна, песна. Аман, синко Марко, светот нејќе приказни, туку пари сака,
пари. Разбра или не разбра?

Такви и други зборови татко ми ми зборуваше, за да ме истави од таа севда, арно ама ич
можеше да ме истави, јас се бев занел од една мисла (идеја), а умирачката на таа мисла не
ќе може да ми е гробот, ами ќе ја носи душата во себе си, во небото или на другото место,
каде што ќе ми биди ставена од Бога, создателот, што ми ја создал таа душа.

Откога го истеравме владиката и си ги наредивме црковните работи и училишните под


нашата волја (под бугарска власт), многу се радував, оти очите мои го видоа црковното
спасение, да се спасиме од еден пастир наемник, што се трудеше да ни го сотре јазикот и
да не погрчи. Освен тоа, грчките владици безбожно ни го ограбуваа народот и го
соголуваа во името христијанско. За пари назначуваа попови неписмени и многу прости,
како нашиот поп Т. Рабуш, поп Гаџа и други; за пари жена од маж разведуваа; за пари
допуштаа роднини да се земат; за пари афоресуваа луѓе и од тој себап куќи се запустуваа.
Cо еден збор, за пари сите лоши работи ги правеа, недопуштени од правилата на
Христовиот Закон. Јас знаејќи го тоа нешто и посакувајќи ја правдината, голема завист ми
се беше родила во срцето против грчките владици и нивните истомисленици.

Меѓу другите лошотии на Венедикт, грчкиот владика, беше и оваа. За Велигден или за
Божик ќе удреше клепалото многу рано и ќе појдевме в црква. Арно ќе појдевме, туку
требаше да чекаме две-три саата, дури да дојде владиката в црква. Ќе преспиеја сиромаси
прилепчани в црква, дури да дојди светиот старец и да испее литургија.

Еден Божик беше многу студено, толку што и каменот пукаше од студ. Чекајќи го неколку
саати владиката да дојде, ни изѕемнаа нозете, едно од студот и друго – од плочите, со кои
е поплочена црквата.

– Дали гледа Господ – си велев со умот и на други пријатели, што беа околу мене, – што е
оваа мака од овој проклет грчки владика што нè свика в црква со клепалото, и стоиме
токму два саата овде на овој силен студ, да нè фати некое срце или некој вртеж во коските
(ревмата). Наместо тој да биди в црква да нè чека нас, тој си спие, а ние – стој си на
силниот студ. Ја чекај да види тој фанариот, јас како ќе го скорнам, да дојде в црква и да
отслужи литургија.

Така им реков на пријателите и излегов од црква надвор низ левата врата, та најдов еден
камен под тремот на црквата и кога замавнав, та го фрлив право на пенџерето од одајата,
кај што лежеше владиката. „Ама џамот ќе го скршам, што сака, нека биде“– си реков со
умот, и кога трасна каменот по џамот – тра-а-ас, ѕингр, ѕнгр, ѕингр – сторија парчињата од
џамот надолу, и туку се размрдаа горе поповите, што беа да го чекаат светиот старец. Се
загнаа во двор да видат, кој фрли, и не би час, стана вампирот и еве ти го в црква.
Само што влезе низ вратата, и Илија Боза, Бог да го прости, со неговиот висок глас писна
да го пее псалмот: „Исполај ти, деспоте...“ Иако нè мачеше Венедик на студот неколку
саати, поради набожноста наша (од сите прилепчани), кога слушнаа дека влезе владиката,
сите се острелоушија и се подготвивме да ја чуеме литургијата „И днес Христос
раждаетсја“.

Нејсе, како било – било, тоа поминало, јас тоа што го посакав го направив, а пак другото
што го посакував досега уште не сум го направил како што треба; оти човек до смртниот
час сè ќе се учи и не ќе се научи како што треба, и недоучен ќе умре, па и јас така ќе си
умрам недоучен.

Првата желба ми се исполни со истерувањето на грчкиот владика и видов наш владика,


ако не Пелагонискиот, ги видов Велешкиот и Охридскиот. Видов наша општина и
црковни и училишни раководители и го видов првиот што се залагаше за црковното
прашање Тоде Кусев, сега именуван Методија, Архипастир Старозагорски.

Толку што видов – доста ми е, чунки душата ми е радосна и спокојна за трудот, што го
вложив не ми беше напразно. Со радост ќе умрам, вистина, за од таа страна се надевам
Господ да ми прости многу греови, зашто работев бесплатно и си ја запустив работата,
само за да помагам според силата, со сите истомисленици за црковното прашање.

Ами во втората радост, што имам во мојата душа, кој може да ми биди другар? Никој друг
не ќе може да ми биде другар, освен тој што е зафатен со собирањето на нашите народни
работи (народни умотворби) и ги печател, за да видат бел свет. Тој може само да ја
почувствува сладоста на тие работи, а не секој, и тој другар ќе ми биде.

Кажав и претходно, оти себапот беше за собирање народни приказни и друго од покојниот
Д. Миладинов и од неговиот зборник, што ми стоеше дома како второ Евангелие, и трето,
сакањето приказни и други работи од К. Шапкарев и советот од владиката Методија, да
пишувам, што ќе чујам и да се учам точно да пишувам.

Приказни, обичаи, песни, преданија за места и друго, голем број бев напишал и од време
на време си ги прегледував и препрочитував. Кога ќе ги препрочитав пословиците, голема
радост и убавина чувствував. „Две илјади и осумстотини пословици имам запишани – си
велев сам со себе, – ами други работи што имам запишани, пак, голем број имам. Е, што
оти имам – пак си велев, – кога не ќе можам да ги отпечатам; да имам пари, може да
платам и еден зборник како од Д. Миладинов, па иако не се запишани по граматика тие
нешта, со пари сè може човек да направи, ќе најмам еден учител и ќе ми ги препише, ќе
ми ги уреди јас како што ќе му речам, ами кога немам, што да правам и јас не знам.“

Кога ќе се замислев вака, сè некое каење ќе ме фатеше за пишувањето, зошто пишував,


арно ама чивијата ми беше влегла, да простиш, така што не можев да ја извадам, чунки
пријателите ми носеа приказни и други работи, кои од кои поубави, па не можев да не ги
пишам, жал ми беше за нешто ако го оставев да не го пишам, жал ми беше, оти види – не
види, чинам „пиши го“ и речи си сам себе: „Ај ќе го запишам и ова, па ако работам залудо,
да не седам залудо“.

Покрај сите народни работи, што ги пишував, еднаш се отвори разговор со А. Јаноски и
Кочо Небреклија за попот Марко, пишан во едно книже од Блисков.

– Леле море, Аце, и ти, Кочо – им реков, – се чудите за попот Марко, ами да му ги знаете
вие лагите на попот Трајко (поп Рабуш), од срце би се скинале од смеа; сигурно и вие сте
чуле нешто, ама пак јас што знам, чудесно би било да го напишам.

По тој разговор се настроив, па се зафатив да му ги пишам сите лаги. Ајде и друга работа
си отворив со пишувањето за попот Рабуш: пиши – избриши, пиши – избриши, само
пишував и никако не ме бендисуваше да го наредам како што треба. Арно ама пусти мерак
мој што беше влегол во мене, или ќе го пишам – или нема чаре.

Така бидејќи, судбина беше да го опишам, му пишав 20–30 смеурии, што ми ги беше
кажал самиот поп Рабуш, дома кога ни доаѓаше понекогаш во петок навечер на гости, и
некои приказни, едни од татко ми, од Никола Бутлета и од други прилепчани.

Е, арно, и него го запишав и го ставив и тој тефтер да стои кај другите тефтери, испишани
со приказни и други работи: „Ах, јас сиромав, дали ќе дочекам да ги отпечатам овие
златни и слатки убави работи, што сум ги пишувал толку време“– си велев сам со себе и
понекогаш на моите пријатели Димкар Јаноски, Трајче Плетварецот, на Ацета Јаноски и
на други пријатели така им велев.

Во тоа време туку ми стигна од Пловдив една книга, печатена со приказни, од К.


Шапкарев, бакшиш и една книга со поздрав. Во книгата ми пишуваше К. Ш. здраво-живо
и ме молеше да му пратам некои приказни и други работи ако имам собрани, а најмногу
ме молеше побргу да му ја пратам приказната за Силјан Штркот, оти многу го бендисала
кога му ја раскажал Коне Самарџија, книжарот во Солун. На К. Самарџиев му ја бев
раскажувал еднаш во дуќан во еден саботен ден, кога беше дошол од Солун во Прилеп.
Ако не ми ги беше пратил К. Ш. приказните да ги видам, туку да ми беше пратил само
писмо, да ми бара нешто од собраните народни работи што ги имав запишани, макар и
Силјан Штркот, онака ќе му ги пратев, чунки беше ми се здодеало да ги гледам и често да
ги читам. Арно, Господ го беше натерал Шапкарев да ми ги прати приказните, па да ми
даде волја за уште да пишувам и никому да не му ги давам, со надеж дека можеби ќе
начекам некое време да ги отпечатам во еден зборник, како оној од Д. Миладинов. Кога ги
видов приказните од Шапкарев, си реков со умот, да има во зборникот и приказни и други
работи, како што си планирав јас. Еве како мислев да отпечатам еден зборник: прво да го
има раѓањето на нашите жени и адетите; после да го има живеењето во младоста на
народот, со сите редови, до оженување на едно момче и омажување на една мома;
староста; умирачката и обичаите по умирачката. На таков тертип си кроев со умот да го
отпечатам некогаш зборникот.

„О-о-оф – си велев понекогаш, – арно го скроив планот како да го наредам зборникот, ами
пари кај ќе најдам? Зар ќе ми се сонат некаде, па да најдам, оти само тогаш ќе го
отпечатам.“

Понекогаш, пак, ќе си мислам со умот и ќе си велам:

„Ајде, како Господ не е никој, геџелер гебе дир6, што знаеме, до утре што ќе каже Господ,
откај што не се надева човек, отаде зајакот излегува; белки ќе му даде Господ малку разум
на некој добродушен богат да ми помогне да го отпечатам зборникот, што го мислам.“

На оваа надеж си останав и си пишував уште повеќе од претходно. На татко ми и на мајка


ми, а најмногу на мојата невеста голема мака им беше, оти постојано пишував; чардакот,
килимот, пенџерето сите ги бев окапал со мураќеп (мастило).

– Море, ослободи се веќе од оваа севда бре, синко – ми велеше татко ми. – Море, не ти
дава леб пишувачката бре, синко, тоа нешто што го пишуваш; зар сакаш да го стасаш Д.
Миладин со приказните мои што ти ги раскажувам. Не се стасува тој, море синко, не, тој
беше учен на грчки и знаеше и бугарски, па можеше да го отпечати зборникот што само го
гледаш. Гледај си работата, оти работата е красота. Еве ако не е така, кажи ми?

– Е, така е бре, татко, туку пусти мерак што ме опил, како некогаш тебе кога одеше многу
време на лов. Ете на тоа да се сетиш, оти и во мене го има овој мерак, што сè што ќе чујам
да го напишам. Не оти ќе заработам нешто од тоа, ами мерак имам, што да правам?

– Е, ај како знаеш, така прави, мене не ми гори ветвата ругузина. Отсега јас видов –
баталив. За тебе ќе ти биде лошо, затоа те наговарам многу пати. Ама нели е така,
домаќинко? – се вртеше кај мајка ми, за да му помогне и таа да ме кандисува.

– Вистина, така е, домаќине – му велеше мајка ми, – како што велиш ти. Бидува човек да
пишува, ама и тоа со ред бидува, ами Марко, нека е жив, има толку години, кај туку
пишува и уште нема да допише. Како некоја жена, што само сее и не меси – така прави,
атер да не му остане.

– Да и ако му остане мори, жено – ѝ рече, – а пак јас ќе му кажам од една приказна, што ја
сакало едно момче Дуња Ѓузели и го изеде сиот имот на татко си; оти Марко немам некој
имот да ми го изеде, ама со оваа денгуба си ја остава другата работа да му заостане и ете
ти готов зијан. Ајде кажи, нели е вака, синко, како што ти велам јас?

– Може и така да е бре, татко, ама не е до толку точно така, чунки јас не се нафрлив на
некое пијанство, или на некое курварство, или на некоја друга лошотија, со што ќе ти
6
(тур.) Ноќта е најтешка (заб. на прев.)
носам некои големи главоболки. Ами јас што лошотија ви правам, пишувам и од
пишувањето понекогаш ви накапувам од мураќепот на килимот. Е, пак невестата моја,
нека е жива, зошто сум ја зел, нека брише, нека мие и нека чисти.

– Е, Бога ми, и мене ми е мака, домаќине, само да те гледам да пишуваш – ми рече мојата
домаќинка, – божем тимарот ќе му го дадат, само пишувај побрзо, оти сега набргу ќе те
викнат во Софија кај кнезот, да ти го дадат тимарот. Бидува и да пишуваш, ама
понекогаш, ами ти ноќе-дење, делник-празник, Божик-Велигден, ако не фатиш да
пишуваш, нема спас. Море, домаќине, море, братко, остави ја оваа севда веќе; доста ти се
оние песни и приказни, што ги имаш пишани. Што оти така дека ги имаш пишани, само да
им се фалиш на пријателите и на даскалите кога ќе дојдат овде. Ете тоа фајде имаш:
луѓето се фалат со имот, што спечалиле, а пак ти се фалиш со приказни. Арно вели тате,
луѓето нејќат приказни, ами сакаат пари, пари, е така, домаќине.

– Е, пари, пари – и пари си имаме да си живееме, та за на старост, ако сме живи, нека ни се
живи синовите – тие ќе нè чуваат. И самиот јас знам оти од овие приказни и другиве
работи нема да спечалам пари, ами кога имам еден мерак во мене, што да правам, не
можам да го оставам и завршена работа. Не ти, домаќинке, да ми велиш, ами кој сака нека
ми вели да не пишувам, нема полза да го слушам – сум пишувал и ќе пишувам, дури ме
држи душата, па ако сака Господ да дојде моментот да ги отпечатам овие работи, ќе
видиш, што чест ќе добијам и што пофалба ќе добијам, ама не од секого, ами од тие луѓе,
што им ја знаат вредноста на народните работи. И на крајот да ви кажам на сите:
умирачката ќе ми одземе перото од раката. Ете така. И друго немам што да ви речам.

Многу пати домаќинка ми ме клеветеше на моите пријатели, затоа што пишував, ѓоа да ме
запре, арно ама кога стануваше збор за пријателите, јас можев да ги кандисам, да ми ја
одобрат работата, со една голема надеж што ја имав, да добијам некоја корист од тоа што
го пишувам и да се научам да пишувам поправилно; иако работата ми заостануваше, јас
тоа го гледав и го знаев. Арно ама пустиот мерак беше ме занел и тој мерак ќе ме однесе
до гробот.

Еден неделен ден во 1888 г. дојде на посета Јован К. Дејков и како на смеа жена ми отвори
разговор за пишувачката моја, како да ќе ме искара пред Јован дека пишувам. Кога чу
Јован од жена ми оти јас пишувам песни и приказни, ми ги побара да ги види. Видов – не
видов, му извадив неколку тефтери со приказни и друго, ги разгледа ваму-таму и многу
ми ги пофали и браво ми рече.

Откога си отиде дома Јован, ѝ велам на жена ми:

– Е, жено, виде колку ми ги бендиса Јован моите пишувачки, колку голем ќеф стори, или
не виде?
– Ти ги фали, домаќине, да ти го направи ќефот, дека си во училиштето питроп, затоа ти
ги фали.

Набргу дојде Јован во дуќан и отвори разговор за тоа нешто и ми кажуваше оти и тој
пишувал песни, и вистина пишуваше. Еднаш му се пожалив на Јован оти приказните и
другите работи, што ги имам пишани, не ми се пишани со точки и запирки.

– Вистина не ти се, Марко, пишани со точки и запирки, ама ич да не се плашиш, чунки таа
работа лесна работа е. Ако сакаш, ај да се здружиме и ти другите работи што ги имаш, па
јас ќе ги уредам по граматика и ќе појдеме во Софија и ќе го помолиме Министерството
да ни даде помош, да отпечатиме еден одличен зборник. А пак ако не ни даде
Министерството помош, ќе си купиме едно коњче и ќе ја прошетаме Бугарија, па ќе
збереме помош од творци и со тие пари ќе го отпечатиме зборникот, и дури со двете наши
слики напред.

Кога ги чув овие зборови од Јован, голем ќеф ми беше оти ќе бидеме другари. Помина
време и за лошо или арно, излезе еден напис во „Зорница“ за прилепските учители, што ги
напаѓаше, оти во црква не оделе, свеќи не палеле и друго. Како што дојде „Зорница“ и
Јован го видел написот, па го донесе кај мене, божем јас како да сум го пишувал, чунки јас
бев водач на „Зорница“. Се колнам јас оти абер немав од таа работа, арно ама Јован не ми
веруваше за ништо живо. И го растури пријателството што го имавме. Дека на правина ме
намрази, голема мака ми беше, да се раздружиме и да се намразиме, бидејќи бевме
пријатели уште од деца. Откога видов, оти Јован ме намрази и другарството со збирките
не бидува, пишав во Софија до некои пријатели и им кажав оти имам собрани секакви
работи. Пријателите ми пишаа од Софија да појдам и сам да видам по книжарите или на
друго место да ги продадам.

Подготвувајќи се јас за Софија да одам, едно за збирките, друго, да ја видам Софија, а


најмногу да ја видам слушаната слобода и да видам некоја работа да фатам, чунки
работата во Прилеп ми се расипа, еден ден туку ми дојде еден пријател, што беше бил во
Софија и ми кажа оти во Софија разбрал од некој прилепчани, дека Министерството за
просвета објавило оглас дека сака народни умотворби.

– Ете како начека, Марко – ми рече пријателот, – за твоите стари работи, а сега појди во
Софија, да ги однесеш на Министерството збирките и да спечалиш пари и чест.

Кога ја чув оваа вест од пријателот, пишав пак во Софија и добив добар одговор. Кога
добив добар одговор, од радост не можев да заспијам. Извадив тескере, го најмив Станче
кираџијата да ме носи во Софија и со помош Божја дојдов во Софија без да ме снајде
некоја измама по дервените. Нигде не ми ги пребараа дисагите, па да ми ги најдат
збирките. Ни ти на Кочаринцката граница Турците не ми пребараа во дисагите, а ако ми
беа пребарале, ќе ми ги најдеа и еден Господ знае, што ќе претрпев. Иако се договорив со
кираџијата да ми ги скрие, не ми ги скри. Со тоа нешто ме изигра кираџијата. Јас со надеж
во Бога тргнав од Прилеп, и Господ ме чуваше не само првиот пат, ами и вториот пат кога
дојдов, па Господ ме избави и од Турци, и од Срби на јумрукот.

Многу пати им бев пишал на браќата поп Спиркови, за да ми пишат дали има работа да
одам. Тие беа ми пишале да одам во Софија сам да видам за работа. Додека ќе бидам таму,
кај нив на гости да бидам.

Така, кога дојдов во Софија, право појдов кај нив како гостин. По некој ден се најдов со К.
Шапкарев во магазата на браќата поп Спиркови и се прегрнавме силно, како стари
пријатели откога беше кај нас учител.

Почнавме да разговараме и господин К. Шапкарев ми спомена за кога беше кај нас учител
и дека му бев дал некои приказни и друго нешто.

– Дали паметиш, Марко – ми рече, – кога бев кај вас и ми даде некои работи, народни
умотворби? Сум запишал на едно место, оти си ми дал, ама не знам што беше тоа, што ми
даде, чунки имам многу приказни и друго, па од тоа не знам кои беа твои. Знаеш сега, што
ќе побарам од тебе? К. Самарџиев ми раскажуваше за една приказна, што си му ја
кажувал, за Силјан Штркот. Многу чудна приказна ми се виде таа, па затоа сакам да ми ја
запишеш и да ми ја дадеш, да ја отпечатам и името барем, да не ти биде името празно, кај
што сум те запишал во првиот зборник, што ќе го печатам.

– Ами знаеш, господин Шапкарев – му реков јас, – оти и јас твојот занает сум го фатил. Не
само „Силјан Штркот“ што ја имам, ами 300 приказни, песни, пословици и други работи
нашински сум ти ги донесол овде да ги печатам, ами пусти пари си немам, па не знам како
да правам?

Така му реков на Кузман и се качив горе во одајата, па ја зедов торбата со збирките и му


покажав на Кузман. Кога ги прегледа овде-онде, „браво“ ми рече:

– Многу се радувам, оти толку труд си вложил, бидејќи си дуќанџија и од дуќанот чекаш
да живееш. Браво, браво, да си жив, Марко. Не е мала работа овој труд, што си го
направил. Треба да знаеш, оти има луѓе, што знаат скапо да го ценат вашиот труд.

Со тие и други зборови се израдував, мислејќи си оти маката, што сум ја претргал не била
за бадијала.

По некој ден, седејќи со Конета поп Спирков во магазата, ете го господин Јосиф Ковачев
влезе во магазата да си купи папироски и штом се видовме, се поздравивме, чунки имавме
блиско пријателство од Прилеп кога ни беше учител. Откога се распрашавме за здравје и
за пријатели, Коне поп Спирков му кажа за збирките што ги бев донесол.

– Те молам, господин Цепенков, сакам да ги предадам овие нешта и ќе ти кажам што да


правиш со нив.
Во истиот миг му ги однесов дури дома, чунки куќата му беше близу до магазата на
браќата поп Спиркови, и кај него останаа една недела. По таа недела отидовме со Коне
поп Спирков кај Ковачев дома, да ми каже за збирките, дали се арни, дали се лоши.

– Е, како, господин Јосиф – му рече Коне, – како те бендисаа приказните од Марко? Дали
се бош зборови, за бадијала ли што денгубел толку години?

– Јас ги прегледав тука-таму, сите работи напишани според прилепскиот говор, токму
како што се зборува, прво, и второ, му ги бендисувам што не се само песни или само
приказни, ами од секакви народни работи, доловени многу добро. Бидејќи
Министерството за просвета има оглас дека сакаат народни умотворби, сега мислам, ако
ги однесеш да ги дадеш, прв ти ќе бидеш и многу арно ќе те оценат, и да им ги дадеш,
нека си ги печатат – што знаат, нека си прават. Ама приказната со невестата, што не
можеше убав леб да меси, ти ја читав и многу се изнасмеавме со госпоѓата.

Во истиот миг ми текна и мене, кога ми рече за приказната, и почнав да се смеам.

– Како беше, како беше – му рече Коне – приказната, господин Ковачев?

– Да си умре од смеа човек беше, господин Коне – му рече Ковачев, – еве како беше, да ти
ја кажам накусо: една млада невеста не умеела да меси убав леб и свекор ѝ ја карал, та
рекол: „Зар со ваков леб ќе ме раниш уште еднаш? Ако го замесиш ваков, од глава ќе ти го
удрам, знаеш али не знаеш? Леб кога се меси, челото и газот, да ми простиш, треба да се
испотат, па така лебот убав да ти се направи.“ Ги запамети овие зборови невестата и кога
го месела лебот, се допирала со рака на чело и оздола – дали се испотила. Така месејќи,
лебот станал многу арен, и кога го видел свекорот, ја пофалил и „браво“ ѝ рекол: „Ете,
невесто, како се прави арен лебот.“ – „Да, арен бидна, татко, оти десет пати се допрев на
чело и под опашка, дури се испотив.“

Кога чу Коне поп Спирков, се скина срце од смеа.

– Однеси ги во Министерството – ми рече Јосиф Kовачев – и според тоа како ќе ти ги


оценат, земи си левчињата и гледај си работата. Материјалот е бесценет.

Истиот ден се најдов со Н. Кондов и со Јордан Мирче Мојсов, чунки нашинци, стари
пријатели ме зедоа и ме прошетаа кај Шарениот мост. Меѓу другите муабети, ме праша
Никола Кондов за збирките, што сторив со нив, чунки и тој знаеше – кај поп Спиркови
секој ден доаѓаше во магазата, па затоа ме праша. Кога чу Јордан Мирчев за тоа нешто,
посака и тој да види, па после да ги дадам во Министерство.

До вечерта му ги однесов дома на Јордан и ги разгледа; по некој ден си ги зедов со една


голема препорака и од Јордан, па ги однесов во Министерство.
При првото влегување во Министерството, се сретнав со началник и тој ме прати кај
господин Танев, да ми направи една молба, па да ги предадам збирките на министерот
Живков. Така сторив и ги предадов. И се претставив кај д-р Ив. Шишманов. Откога ме
испраша откај сум и како сум се сетил толку чудо приказни и други работи да запишам,
му кажав јас накусо; од пусти срам си излегов бргу откај него. На излегување Шишманов
ми рече, оти ќе се дадат на некој учен човек, што се разбира од тие работи, да ги
рецензира и после ќе ме оценат, колку што чинат, да ми се платат.

Ги дадоа да се рецензираат, и денеска-утре, четири месеци поминаа кај господинот Еф.


Каранов, филолог во градот Ќустендил.

Останав месец-два, појди-дојди кај д-р И. Шишманов да прашам дали дојдоа. „Нема да
дојдат“ – и ме уверуваше оти ќе се задржат подолго време додека да дојдат. Прилично се
вознемирив, седејќи на гости кај поп Спиркови без работа, дуќанот во Прилеп оставен на
син ми Коста – и тој аџамија. Се думав, се мислев, да фатам овде некоја работа, па белки
кога ќе дојдат збирките, ќе земам пари, и или ќе седам овде, или ќе си одам во Прилеп.

Најпосле пресметав да земам еден дуќан овде, да видам како ќе оди работата, па после ќе
гледам и ќе правам. Пред да земам дуќан, се здружив со Јован Симонов, да бидеме ортаци
со занаетот негов филигран. Се договоривме и зедовме еден дуќан под кирија од црквата
„Света Пречиста“, што беше на Нишката улица и што ја расипаа, сега врви Витошка
улица. Дадовме однапред кирија за три месеци и го зедов клучот. Утрото требаше да
влеземе со Јован во дуќанот, арно ама Јован ми се попишмани и ми остана дуќанот мене.
Думавме, мислевме со поп Спиркови и пресметавме да станеме ортаци по продавање
тутун. Речено и сторено. Се сторив тутунџија и си работев. Често пати одев кај д-р Ив.
Шишманов да прашам дали дојдоа збирките, од каде што се пратени да се прегледаат.
Токму по 4 месеци дојдоа, и кога појдов кај Шишманов, со радост ме пречека и ме смести
на еден стол да седам.

– Е, господин Цепенков, на Вашата збирка прекрасна рецензија му се даде од филологот


Еф. Каранов. Сега кажете, колку ќе барате да се купат од Министерството, но ќе ги земеш
и ќе им пишеш посвета, и донеси ги.

Со голема радост ги зедов и им пишав посвета, и му ги однесов, арно ама господин


Шишманов ми рече оти нема да се плаќаат дури не се отпечатат. Кога го чув тоа, многу се
огорчив, чунки нема ништо да земам, дури не се отпечатат.

Одејќи еднаш кај д-р Ив. Шишманов, отворивме разговор, за тоа како сум се сетил да ги
пишувам тие работи од толку старо време и да исчекам да се побараат да се печатат.

– Арни се сите овие работи, што си ги собрал, арно ама има уште многу други работи што
не си ги пишал. Ако ме слушаш мене, ти да се вратиш во Македонија уште еднаш и да ги
собереш овие работи, што сум ги бележал на хартијава и да ги донесеш. Те уверувам, оти
голема и бесценета услуга ќе му направиш на нашиот народ.

Вака велејќи ми, Шишманов ми ја даде книгата со записите. На книгата имаше напишано,
како што паметам: обичаите стари на еснафите, нивната поврзаност, нивните алати
нацртани, имињата на секој алат, слепечките7 разговори, скришниот јазик нивни и од
другите еснафи, преданија за места, луѓе, манастири и други такви работи.

Штом ја зедов в рака јас таа белешка од Шишманов, божем добив илјада лири, и како
стасав в дуќан, истиот миг пратив писмо, за средниот ми син, Ордан, да дојде.

Дојде Ордан и послугува некое време кај браќата поп Спиркови. Јас седам во дуќан и
место не ме фаќа да седам и трговија да правам, мислам дење-ноќе како откако ќе си одам
ќе ги соберам тие нешта, што ми ги бараше Шишманов. Најпосле се решив да го оставам
син ми во дуќанот и јас да одам во Прилеп. Тоа го смислив и го сторив, го оставив син ми
и си отидов дома.

Мнозина пријатели се радуваа, оти сум зел 100 наполеона за збирката. Така беа чуле во
Прилеп, ѓоа сум зел сто наполеони, арно ама не знаеја, оти изедов осум лири одење во
Софија и враќање назад. Нејсе, како било – било, јас си почнав уште од првиот ден да
пишувам за алатите на еснафите и другите работи, што ми требаа.

Не само што можев тие работи да ги запишам, ами уште многу други ми излегоа, и ако не
ми пиша син ми Ордан да дојдам бргу во Софија, уште многу ќе соберев.

Арно ги собрав тие работи, ама сега како ќе ги носам, од страв да не ме фатат Турците и
да тргам мака. Првото одење не се плашев дека ќе ми ги фатат, чунки Станче Кираџија ми
се нафати да ги скрие во самарите од коњите и слободен си тргнав, арно ама колку пати
му реков по пат на Станче да ги скрие, нему ич во уво зборовите мои не му влегуваа; два-
три дни одев и се шубелисував и не, ама кога приближувавме до граница, по пет за пара
ми одеше, чунки мислев, оти на граница ќе ме пребараат и ќе ми ги најдат, па може да ме
носат во Скопје, како што го однесоа хаџи Тоше, книжарот, кога пренесе книги од Софија
и потоа умре во апсана.

Страв – не страв, „на име Божие“ – си реков и, храбрејќи се, дојдовме на граница. Арно
ама Бог ги вразуми и не ме пребараа, па си дојдов здрав и жив. А пак вториот пат ќе идам
со железница и на Кочарино вака или онака, ќе ме пребараат на царина и Турците, и
Србите. Таму сеедно ќе ми ги најдат, ако ми ги најдат Турците, ќе им дадам рушвет и ќе
куртулисам, арно ама што нема мажов пари да даде рушвет, ете тоа е лошо; а пак Србите,
ако ми ги најдат, може да ми ги земат, или може голема царина да ми земат. Што знам јас,
сиромав, што ќе ме снајде!

7
Во манастирот во село Слепче (заб. на прев.)
Мислев, думав, како да правам, измислив еден марифет: си направив едно кесе од асе и ми
месеа сукано (девет табани), та ги наредив тефтерите – едно од нив, друго од девет табани,
и најодозгора изронив од суканото, изронив сирење, неколку парчиња леб и си го зедов в
рака, и дисаѓите на рамо. Дојдов во Градско и излеговме со железницата на границата
Кочарина. Само што влегов во турската царина, и го ставив кесето пред мене со отворена
устина, и си каснувам од трошките. Ми ги отворија дисаѓите, ги видоа и ме пуштија.

Се префрливме кај српската царина – и тамо така направив со кесето, арно ама Турците
имаат повеќе мерка од Србите кои ми зедоа 12 динари царина на едно рало панталони од
платно, на еден елек и на еден минтан од платно, самата изработка не чинеше толку пари,
колку што ми зедоа царина. Многу се бунтував, да не ми земат толку царина, никако не
можев да ги измолам; од друга страна сѐ се храбрев, нешто да не ги натера да видат во
кесето; јас со нив зборував и земав по еден залак леб од кесето, ѓоа сум прегладнел.
Најпосле „вер да куртул“8 – си реков, иим дадов 12 лева и куртулисав.

Излегувајќи од српската царина, влегов во кафеаната, што беше таму, и се видов со зет ми
од Кашоиќ; кога му кажав оти ми зедоа толку пари, многу ги искара цариниците, чунки и
тие беа на кафе.

Чекав бугарската железница да дојде – до вечерта не дојде и дури утрото кај ручек дојде, и
си отидов во Ниш, вечерта спиев кај еден анџија Влав.

Останав еден ден во Ниш и се најдов со еден стар пријател во Ниш, преселен од пред
многу време. Се договорив со него и ме зеде вечерта на гости. Другиот ден – кај друг
пријател, и си тргнав за Софија, па си дојдов здрав и жив во дуќанот кај син ми.

Другиот ден ги зедов збирките и веднаш му ги однесов на господин Шишманов. Кога ги


прегледа, голем ќеф му беше и: „Браво – ми рече, – да си жив, господин Цепенков“.
Останаа и тие во Министерството да си чекаат редот, за да се отпечатат.

Како и првата збирка, така и втората беше пишана по мое, како што си знам: со „јер
дебел“, со „јa“ и со „ке", а не со „кье“ со „јер тенок“ и друго. Така бидејќи, еднаш ми даде
А. Илиев од првите тетратки, да ги препишам како што се сака за зборникот. Видов – не
видов, ги зедов и му запнав да ги препишувам. Едни тетратки препишав, според Илиев
како што се сакаше и му ги однесов. И така се почнаа да се печатат.

Илиев си даде оставката од редакторството на зборникот и дојде господин Д. Матов. Дури


беше Илиев, „ке“-то (ќе) и „ге“-то (ѓе) го пишував без „ер тенок“, а Матов го посака со „ер
тенок“, и ајде јас да ги препишувам со „ер тенок“. Само да пишувам и препишувам, и така
да ги давам да се печатат.

8
(тур.) Имало спас (заб. на прев.)
Откога излезе првиот зборник и ги видов отпечатени моите многу години собирани
приказни и други работи, „слава тебе, Господи, слава тебе“ – си реков сам со себе, оти од
четириесет години пишани приказни и други работи, што не сум се надевал дека ќе се
отпечатат, ете се отпечатија и сега желбата ми се исполни. Радоста што ја имав од првото
погледнување на зборникот, не можев да ја чувам само во мене, ами ја споделив и со сите
мои пријатели тукашни и во Прилеп пратив книга, и им кажав што се случи со мојата
работа со збирките.

– Еј, господин Цепенков – ми рече господин Илиев, редакторот на зборникот, – знаеш


како велат филолозите од Европа? „Го примивме Вашиот зборник (пишаа до
Министерството), споменикот на бугарската литература и друго“.

Кога ги чув тие зборови од Илиев, од радост ќе полетав. Откога видов да се печатат моите
збирки и да се фалат од учени луѓе, ми се исполни желбата што ја имав веќе толку години,
и срцето многу ми се израдува.

„Еј, Боже мој, Боже мој – си велев сам со себе, – вистина зборовите твои се вистински,
што си ги кажал во Евангелието: „Барајте – да најдете, чукајте – да ви отворат и побарајте
– да ви дадат“.

Со тоа сакам да кажам, дека човек, што ќе бара, ќе најде, само треба да биде упорен во тоа
што сака да направи. Кој веруваше, ние во Прилеп да се согласиме и да го истераме
грчкиот владика. Арно ама со труд сето се победува, и вистина, се победи и си останавме
сами и во црква, и во училишта; и меѓу другите мои другари, што се трудеа за црковното
прашање, што влегоа во општина и во раководството – и мене ме имаше тамо неколку
години по ред.

Две добрини веќе видов на трудот, што го бев вложил, сега желбата ми беше да видам и
чиновништво, и како да ми рече Господ, сполај му: „Трај си, чедо Марко, јас ќе ти ја
исполнам и таа желба, ќе ти ја исполнам, чиновник ќе те сторам, писар ќе те сторам и
друго што и да сакаш, пак ќе те сторам.“ И навистина, Господ ми помогна и станав
чиновник во Градскиот совет (надзорник на слугите, со сто дваесет лева плата). По шест
месеци време по препорака од Ст. Стамбулов се назначи еден друг и мене ме отпуштија.

Седум месеци работев во Народното Собрание по статистика на народното население, по


120 лева. Три месеци работев во Финансов оддел за имот, 6-7 месеци пак во Финансов
оддел за имот и друго, 8 месеци бев администратор во печатницата кај браќа по]
Спиркови, кај К. Шахов, и понатаму да видам, Господ што ќе ми каже.

Тука веќе јас го загубив десното око од големото напрегање да пишувам приказни и други
народни работи, дење – во печатницата, а ноќе – од народните работи. Ете, на крајот сум
со едно око (левото) – а и тоа не гледа толку.
Смили се ти, о, Господи, Мед и восок по горите,

Виделото поврати ми И го носат в кошарите.

На моите две мили очи, Сите да ги отпечатам,

Дај ми здравје, исцели ме, Вечен спомен да оставам

За да гледам како порано, На мој мил народ бугарски,

Да допишам приказните, Да ги чита и да ми вели:

Приказните и песните, – Бог да го прости дедо Марко,

И многу други збирки, Што ги напишал тие нешта,

Што сум збирал со години, Од нашите предедовци

Како што берат пчелите И за сега да се знае.

Марко К. Цепенков

1896, престолнина Софија.

РЕЧНИК НА НЕПОЗНАТИ ЗБОРОВИ

Адет – обичај

Аза – член

Ајак – нога

Ак(че) – паричка

Ала турка – по турски

Алфавита – алфабет (грчко писмо)

Арач – годишен данок


Арачлии – даночници, собирачи на данок

Арнаутски – албански

Арчи – троши

Аскер – војска

Афореса – истера, исклучи, протера

Баеги – прилично многу

Бакал – трговец со основни производи

Бакрданик – качамак, варена густа каша од брашно од житарки

Бешлик - стара турска сребрена монета од пет гроша

Бинеџија – јавач

Бичкиџија – оној што работи и сече дрво со пила

Боболки – бобинки, дудинки

Бовчалак – подарок

Болјар – земјопоседник, големец

Буниште – место за фрлање отпад, обично на работ од селото

Валака – дрвена стега за стапалата за некој да ги удира

Вилает – околија

Гаќи – панталони од македонска народна носија

Давија – поплака, кавга

Далдиса – се занесе, се внесе

Даскал – учител

Дервен – планински теснец, клисура

Дизгини – ремени за водење на коњи

Драм/ови - мера за тежина (3,207 г)

Дужбина (за) – душа (за)


Ѓоа ми ти – божем

Ѓунделак – надница, дневница

Еким – лекар

Елифбе – азбука

Есап – сметка, пресметка

Зрцала – очила

Измеќар – слуга

Иктиза – потреба

Истер истемес – неминовно, неизбежно, сеедно, вака или онака

Ич – воопшто

Јабанџии – странци, туѓинци

Јатаган – краток крив меч

Јенмеџе (живеница) – тешка кожна болест, лепра

Јузбашија – капетан во османлиската војска

Јумрук – царина

Кабает – вина

Кабзиња – балчак, дршка за нож

Кадија – судија

Кандиса – согласи

Каравлав – Власи што живеат во источна Србија и имаат ромско потекло

Касмет – среќа

Кир – господин

Кираџија – превозник

Кишла – касарна

Конуштисал – запознал
Коптиса – одмери

Кошија – трка со коњи

Крштеници – кумашини кои кумот ги крстел

Кувенџија – златар

Кувет – способност, вештина

Курдисал – уредил, наместил

Магаровалија – жител на влашкото село Магарево, Битолско

Марифет – итроштина, лукавство, вештина

Матимата – лекција (на грчки)

Маџун – сладок сируп

Метериз – заседа

Мулазим – турски офицер

Мунасип – соодветно

Муфтар – старешина

Неволен – несреќен, кутар

Немечко – тогашна Австро-Унгарија

Непара – недоволно, ретко, малку

Нунко – кум

Опули – погледне

Пандур – полицаец

Папироски – цигари

Парусија – спасение

Песнаџија – песнопоец, некој што сака да пее

Питроп – епитроп, црковно-училишен намесник

Поарчил – потрошил
Прокопсан – убаво воспитан

Рушвет – мито

Салам – како што треба

Самарџилак – самарџиски занает, занает за правење седла за коњи и магариња

Сандак-емини – државен благајник

Сандалии – столови

Сараџа – бактериска инфекција на кожата, жива рана

Себап – добротворство, добро дело, причина, повод

Севда – љубов

Севдалија – вљубен, некој што сака

Сеир – гледање нешто забавно, интересно

Сермија – имот, капитал

Серсем – глупав, тупав

Синија – софра, маса за јадење

Спицарија – аптека

Стамбол – Истанбул

Стршен – вид оса, немирко (преносно значење)

Суварии – коњаници

Сурдисување – протерување, истерување

Темесук – официјално писмо, службено писмо

Терзија – шивач

Тертип – ред, редослед

Тескере – писмена дозвола, документ

Тимар – феудален имот

Трештил – потрчал, побегнал


Турли-бе-турли – и вакви и онакви, разновидни

Устабашија – главен мајстор, претседател

Ферман – писмо, допис

Фиљан – одреден, таа и таа

Хастане – болница

Хавра – синагога, храм

Царевка – пченка

Ќамил – силен

Ќемане – виолина

Ќемер – кожен појас

Ќерата – неранимајко

Ќеф – задоволство

Челад – деца

Черек – четвртина од нешто

Чешлар – изработувач на чешели

Чунки – бидејќи, оти, затоа што

Џенк – битка, бој

Џеравлик – операција, хирургија

You might also like