Еднаш среде полноќ една, покрај стари книги седнат,
дури водев в соба бледна со тајната ука спор, дури дремлив тонев в скука, зачув некој тропнеж тука, зачув некој како чука на портата однадвор. „Некој гостин” – реков, – чука однадвор!” Тоа сал и ниту збор.
Ах, си спомнам, многу јасно: в декемвриска вечер касна,
жарта в пепелта што згасна го засени мојот взор. Жедно утрото го пекав; од книгите штуро чекав спас од болот што ме штрека, бол по еден редок збор, збор Ленора, свидна мома, тој ангелски убав створ, Таа вечна неизгор.
А завесата од свила, в пурпур сета што се слила,
грозен шун во себе скрила. На ужас се чиниш створ! Па срцето дури бие, јас го молам да се свие: „Некој гост е пти се крие пред портата однадвор – доцен гост е што се крие пред портата однадвор” – Тоа сал и ниту збор!
Веднаш срдито се вденав, мигум својот глас го кренав:
„Човек ли сте или жена, простете е мојот збор; врз клепкиве дремка стежна, а пак вие в ноќва мрежна тропнавте со усет нежна на вратата однадвор” – тоа реков, порти ширум отворив и пратив взор – Надвор мрак и ниту збор!
Длабоко во мракот страшен долго стоев втренчен, вџашен,
сонувајќи сон незнаен ни на еден смртен створ; Спокој секаде се свлече, мирнотија в ноќта тече, збор единствен што се рече беше тажен, шепнат збор, збор, Ленора, што низ ехо се врати одговор. Тоа сал и ниту збор. В собата штом дојдов назад, сетив: морници ме лазат, зачув некој како чука пак со удар тап и спор. Па си реков: „дај, ќе идам до прозорецот, да видам, треба сигурен да бидам таен ли е некој створ!- Да се смирам сал за малку од тропнежот однадвор”- Вон сал ветер развигор.
Панѕурите штом ги турнав, прекумене нешто јурна,
низ прозорецот се втурна Гарван горд до темен взор. Ни да климне глава само, ни да запре в таа штама, но со лик на лорд ил’ дама к’о што дојде однадвор, врз бистата на Палада, над вратата, овој створ претна, седна и ни збор!
И со таа птица света, што пред малку тука сета
одважна и строга сета, почнав чуден разговор: „Бувка немаш да се реси, сепак плашлива ти не си, грозно, страшно сениште си, Брегот ноќен ти е двор – речи, какво име носиш в Плутоновиот ти хор?” Тој сал гракна: „Nevermore!”
Станав плен на почудица, кога таа грда птица
ја чув како зборна в мракот сосем јасен одговор! Никој смртен жив створ вака, среде глува ноќна мрака, не чул птица да му грака и да му праќа огнен взор – птица или друга лишка да му праќа огнен взор со збор еден: „Nevermore!”
Гавранот, штом седна таму, еден збор тој гракна само
в душа божем тој збор може сам да начне разговор. Друго појќе нид а каже, ни да пафне пердув влажен, дур не сронив мрмор тажен: „Осамен сум долго створ. И ти како мојта Надеж исчезнат ќе бидеш створ!” Тој сал гракна: „Nevermore!”
Изненаден, мигнум трепнав, од одветот негов сепнат,
„Сомневање нема”, шепнав, „Се` е тоа празен збор”. Од несреќен стопан сметен, кого пропаст го сплете и го следи уште, ете, до песните преумор, тажачките песни, припев на Надежта непрегор од вечното: „Nevermore!” Но Гавранот грак што срони, макар тажен, в смев ме гони, па на столот седнав сонлив со втренчен во него взор; Врз кадифе глава веднам, но ми тежи мисла една, мисла тажна, мисла бледна: кој е овој зловест створ? Овој кобен страшен хишник каков ли е судботвор со своето: „Nevermore!”
В плен на такви мисли седев, птицата со глед ја следев,
без да речам ниту еден, дури ниту еден збор; В плен на такви мисли вивнат, понабргу потем стивнав и врз кадифе да здивнам, се отпуштив нем и спор, врз кадифето кај Она нема веќе к’о жив створ Пак да седне, „Nevermore!”
Одненадеж, ми се чини, мирис воздухот да прими
божем крилни серафими кадат тамјан беспрекор; „Страдалнику”, реков тогај, „Ова дар ти е од бога; по ангели тој ти прати мир и непент којто мати. Испи го и тогај мора да ja заборавиш Ленора!” грак се слушна: „Nevermore!”
„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Сеедно е кој те пратил! Сотона ли, друг ли створ! Полн со очај, смел ил’ злобен, дојден ваму в крајов кобен, в дом кај што цари ужас гробен, дај ми искрен одговор: речи, дали Гилеада има цер за тој што страда?” Тој сал гракна: „Nevermore!”
„Пророку!”, му реков право, „птица ли си или ѓавол!
Те колнам во тој што в светот владее над секој створ„ Речи и` на мој’ва душа, која јадови ја гушат, дали повторно ќе ја гушка Ленора со љубен вор? Дали пак во далек Еден ќе прегрне свиден створ?” Тој сал гракна: „Nevermore!”
Нека биде тој збор сега збор разделбен, а не шега,
птицо или враже, бегај в Плутоновиот ти двор! Не оставај пердув траги, спомени од твојте лаги, остави ме в мисли драги, престани со твојот збор! Од срцево извади го клунот свој, тој клун на нор! Грак се слушна: „Nevermore!” А Гавранот ни да претне, ниту пак замиг да летне oд бистата на Палада, туку како кобник створ над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи, И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор; и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема, да се крене. „Nevermore!”