Download as pdf or txt
Download as pdf or txt
You are on page 1of 2

ЉУБИША НИКОЛОВСКИ: „Апелот беше толку храбар чин, што и мене ме збуни!

*На почетокот на воениот конфликт со Босна и Херцеговина, кога луѓето беа принудени да бегаат
од своите родни огништа, Вие работевте уредник на вести на Македонска телевизија (тогаш,
единствена телевизија) и со Ваше одобрување педагогот Горде Пирковска Змијанац кон граѓаните
упати апел за прифаќање на бегалците. Со тоа, на некој начин, ја аминувавте благородната идеја,
која подоцна се разви во акција, организација и многу повеќе. Се сеќавате на тие моменти?

-Ха, ха, сè ми се чини ако не се основачите на МЕЃАШИ, Змијанац кои од време на време ме
потсетуваат, полека со текот на времето настаните почнуваат да ми бледнеат пред очите. Сепак ме
враќате многу години наназад кога бев млад новинар и уште помлад уредник. Се сеќавам дека се
подготвував да влезам во студиото пред почетокот на Дневникот, а ако не грешам, во ходникот
пред вратата на студиото беше Горде, но ми се чини и Драги Змијанац и сакаа да упатат порака до
македонската јавност да ги отворат своите срца и своите домови и да примат бегалци од
завојуваната БиХ и особено жени со деца. Тоа беше толку храбар чин, што и мене ме збуни. Но,
нивното барање звучеше логично и доволно хумано за да сфатам дека тоа и програмски ќе биде
издржано. Сега веќе точно не се сеќавам што сум рекол, но тие влегоа и ја упатија пораката. А
одзивот на граѓаните потоа стана историја.

*Во тој неочекуван и пресвртен период, сите на Балканот беа целосно збунети, не беше јасно што
точно се случува и каква политика се води, кој е со кого, кој е против кого... Во едни такви услови,
Вашата одлука за емитување на апелот беше брза, реакција од момент. А, во МТВ за сè што одеше
во етер, се одлучуваше на ниво на поширока консултација со другите главни уредници, дури и со
повисоки инстанци. Помисливте ли на евентуални последици, на губење на работно место или Ве
надвладеа хуман човечки рефлекс: веднаш да се спасуваат луѓе?

-Во право сте. Тогаш МТВ беше единствена телевизија во државата која само што беше
зачекорила во политичкиот плурализам, но времето беше турбулентно. На просторот на
поранешна Југославија се водеа војни, а и Македонија беше во неизвесност со заминувањето на
ЈНА. Така што Дневникот беше многу сериозна политичка емисија во која поради „грешка“,
можеше да се има сериозни реперкусии, не само по кариерата, туку и безбедносно-политички.
Дотогаш, но и никогаш потоа, никој не „упаднал“ во живо во Дневникот на некоја ТВ, а камоли на
МТВ, а особено не „некоја тазе формирана НВО“. Мислам дека немав ниту време да се
консултирам со некого од повисоките инстанци. Но, веројатно мојата младост и бунтовност ми
наложија да направам нешто што можеби денеска не би го направил толку „преку нога“, како
тогаш.

*Таа, сега веќе историска одлука, е Вашата заложба за МЕЃАШИ, без оглед што тогаш не можело
ни да се насети дека во неа се крие зародиш на едно цело движење, понатаму. Потоа, низ
годините, како течеше Вашата соработка?

-Видете, историската одлука била на МЕЃАШИ, јас само сум се нашол на вистинско место во
вистинско време. На крајот на краиштата јас само сум ја исполнил задачата на новинарството. Тие
го почуствувале моментумот за хумана акција. И тоа не било каква акција, туку акција за
спасување животи, која имала далекусежно влијание врз текот на војната. Да бидам искрен, ретко
кој тогаш сфаќаше што значи тоа „прва детска амбасада, но МЕЃАШИ во меѓувреме прерасна во
„бренд“ на посебен тип НВО кој се грижи за правата на децата и кој стана сеприсутен во
медиумите кога се разговарало на таа тема.

*Каков е Вашиот заклучок, дали нашите бројни медиуми отстапија доволно простор и посветија
доволно внимание на работата на МЕЃАШИ во изминативе 30 години?

-Да бидам искрен, како сега се поставени медиумите, за жал, нивен особен интерес се
политичките збиднувања и многу површно се посветуваат на теми како што се заштита на правата
на децата или на работниците или на групи на луѓе со посебни потреби. Оттаму можеби реално е
недоволно, но сепак соодветно на медиумскиот простор со кој располагаат.

*Сметате ли дека е време главните медиуми да профилираат новинари кои целосно ќе ја следат и
обработуваа тематиката „децата и нивните права“ ?

-Времето одамна ги „прегазило“ медиумите. Тие тоа требало да го направат кога и МЕЃАШИ,
односно кога за тоа станале свесни брачниот пар Змијанац.

Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-


2022

Монографијата можете да ја прочитата на следната страна bit.ly/3MuRkxa

You might also like