Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 3

THE BLACKEST BLACK

Њујорк. Менхетен блеска како огромна новогодишна елка. Силно осветлен и разнобоен,
накитен со шарени светилки и украси, градот го очекува првиот снег треперејќи во
црвениот и зелен неон од рекламите како огромно привидение над East River.

Сета таа празнична раскош, златниот сјај, црвените лампиони, белите ангели трубачи во
Rockefeller Center и саемската врева и турканица на веселата толпа по продавниците и
улиците на Lower East Side создава необична сценска заднина за црните слики на Мице
Јанкуловски кои се изложени во две галерии во Њујорк, во Артифакт галеријата и во
Галеријата МЦ. Делата на Јанкуловски ќе можат да бидат видени овде во Њујорк во
галеријата Артифакт од 7 до 12 декември, а во галеријата МЦ од 15 до 31 декември оваа
година.

Мице Јанкуловски веќе подолго време работи слики во големи формати со црна боја
(2012 - 2022 / Форма 3), а од 2022 година почна да слика со карбон црна боја (најцрната
црна) и на изложбите во Њујорк се претставува премиерно со сликите од оваа, најнова
фаза. Станува збор за користење на боја која ја апсорбира речиси сета светлина.

Во 2014 година Surrey NanoSystems разви супер црна боја позната како Vantablack.
Vantablack е акроним за Vertically Aligned Nano Tube Array Black. Првично, Surrey
NanoSystems ја создаде оваа црна боја со развивање на микроскопски филаменти од
јаглеродни наноцевки (CNTs) на површината на производите што се бојат. Surrey
NanoSystems тврдеше дека апсорбира 99,965 проценти од светлината, што во тоа време го
направи најцрното црно познато на науката. Интересно е дека во 2016 година, не долго
откако беше создаден Ventablack, скулпторот Аниш Капур ги купи сите права на бојата.
Ова купување предизвика многу реакции во уметничката заедница, бидејќи купувањето
боја за потоа да се продаде по ексклузивни цени е во конфликт со вредностите на
креативност, изразување и инклузивност во уметноста. Само пет години по откривањето
на Vantablack, MIT пронајде црна боја која е десет пати потемна. Оваа нова црна боја
зафаќа 99,995 проценти од светлината.
Во целосен контраст со новогодишното шаренило на Њујорк, црните слики од циклусот
НАЈЦРНО ЦРНО/BLACKEST BLACK на Мице Јанкуловски станаа дел од светската уметничка
сцена одразувајќи ги сите контроверзи и дубиози, но и сета привлечност, заводливост и
убавина на фасцинантниот спектакл кој се вика современа ликовна уметност денес.

Сликите на Јанкуловски се црни. Тука се работи за процес во нашето око, предизвикан од


прелевањето на црните тонови и нивна интеракција, а не за нешто што може да се
наслика и што постои пред самиот чин на сликање.

Во неговите слики се случува драма. На нивната површина се судираат сили кои оставаат
видлива трага. Овие траги создаваат движење што се шири во бесконечноста и линии кои
ја разделуваат и разградуваат темната материја на сликата. Тука владее светлосен распад,
désgrégation lumineuse. Светлината доаѓа од заднината, од внатрешноста на сликата – во
еден простор, но во безброј рамништа. Пред овие слики имате впечаток дека стоите пред
бескрајната и бесконечна Вселена од чија длабока темнина допира до вас светлината на
одамна мртвите ѕвезди. Чувството е возвишено и застрашувачко.

Додека уметноста продолжува да се поткопува самата себе во анти-уметност или се губи


во животот – или, како во сликите од циклусот НАЈЦРНО ЦРНО/BLACKEST BLACK на Мице
Јанкуловски, ја открива трансцеденцијата поврзувајќи ја на чудесен начин науката и
уметноста, Њујорк пулсира во ритамот на новогодишните песнички како гигантско
вештачко срце на светот.

Воопшто не изненадува интересот за сликите на Мице Јанкуловски токму во Њујорк.


Овие слики и припаѓаат на американската њујоршка школа и можат да се поврзат со
црните слики на некои од најзначајните американски уметници како што се Роберт
Раушенберг (1925-2008), Ед Рајнхард (1913-1967), Марк Ротко (1903-1970) и Френк Стела
(1936), и на сеуште актуелната традиција на американскиот апстрактен експресионизам
од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век кога Њујорк го победи Париз како
светско средиште на модерната уметност.

Презентирајќи го своето најново творештво во Њујорк, Мице Јанкуловски успешно го


афирмира и современото македонско сликарство.
Емил Алексиев

You might also like