Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 2

ЗА ЉУБОВТА И ЗА БОИТЕ НА ЖИВОТОТ

По повод излегувањето од печат на книгата БОЕЊЕ НА ЖИВОТОТ во издание на издателството Феникс од Скопје,
2021 година

Како гром од ведро небо! Таква беше мојата прва реакција кога ја добив ова мала
книга, „БОЕЊЕ НА ЖИВОТОТ“ – тенка по бројот на страниците, но моќна по тежината на
нејзината носивост.

Појавата на оваа морфолошки минуциозна гравура избалансирана во еден специфичен


хроматски вокабулар, потекнува од најдлабоките духовни бездни на Емил, но и од оние
вивнати настани кои надоаѓаат како сури небесни облаци устремени кон недостижниот
космички недоглед.

Стиховите од оваа збирка се вонвременски, а во добар дел и актуелен животен


предизвик којшто во случајов произлегува од основното и постојано човеково жариште –
љубовта!

Пред да се обидам да се доближам до недофатливите содржини, обоени со визуелни


магновенија кои потекнуваат од Емиловата лингвистичка палета, сакам да појаснам дека овој
текст е напишан од искрени побуди кои произлегуваат од неодложната потреба да ги
произнесам оние импресии кои ако не ги соопштам ќе почнат да згаснуваат или пак ќе ме
јадат како неиспорачан психолошки товар.

Да се следат податоците, да се оди по трагите на многуслојните творечки нерватури и


по нејзините неизгаснати духовни гламји, е исто како да се гази бос по зовриените наслаги на
меморираните сетилни искуства! Таков е и овој наш светилник на личноста која опремена со
сите постоечки бои плива во раскошниот колористички спектар во потрага по смислата на
човековото постоење – љубовта!

Љубовта, често се протнува во ноќниот имагинарен колорит за да го осмисли своето


вистинско значење – создавањето!
... Кoга изгоре во нас она што за горење беше, немоќно гледавме како со рафали од
светлина зад спуштените ролетни ги убиваа сенките што бегаа по ѕидовите...
Само очите ѝ гореа со задоцнет блесок на одамна мртви ѕвезди. (Портокалово и
црно, стр. 6)

Љубовта, како најсветото човеково огниште, е ненадминливиот, вистинскиот и


сигурниот пат што го обезбедува животниот опстанок.
...Јас живеам хранејќи се со распаднатиот труп на спомените. И ја чекам да дојде.
Во самицата на своето срце ја чекам да дојде и да ме посети... (Старо злато, стр. 19)

Со својот изграден усет за набљудување, тој знае да ги замрзне неговите најзначајни


животни случувања и да ги искаже со соодветни морфолошки досетки! Тоа и му прилега,
бидејќи умее визуелно-лингвистичките перформанси да ги пласира на репрезентативен
начин, со суптилна колористично-фонетска артикулација!
...Неа ја нема и сонцето згаснува полека во темнината. Без неа вселената е
празнина полна со студени карпи, место каде умираат sвездите... (Сончев жар,
нијанса на жолта боја, стр.21)

Најчесто накострешен, но и задуман пред космичкиот котел на недофатливите


галактички призраци бега од светлината на денот за да се нурне во најинтензивните
длабочини на боите со кои ќе може посветено да ги проучи најнедостапните психолошки
подрачја, во кои владеат љубовта и сонот!

Генезата на хроматскиот пристап и интензитетот на интерпретациите создадени од


естетичар со изострен творечки опус, поткован и оплеменет со богати визуелни сознајби,
виспрен критичар и интелектуалец со вродена имагинативна и бујна уматничка природа, на
едно место ги истакнува двете негови животно вредносни категории: боите и љубовта –
љубовта и боите, а слеани во едно да ги спои со сон! Од облаци. И од мечти!
...Тоа тело создадено од месечева светлина и од непостојаната материја на сонот,
тоа недофатливо тело на жена која некогаш ја познавав е мој постојан немир...
(Полноќно сино, стр.29)

Во обидите да цитирам и да објаснам дел од мотивите на Емил се соочив со многу


деликатни перформанси во неговиот однос кон животот, поврзани со маѓепсаниот круг на
раѓањето и смртта, обоен со нијансите на виолетовата и бела боја, виолетовата како симбол
на моќта – постоењето, а белата како симбол на исчезнувањето – непостоењето.
Снег во април. Лета кон небото мојата градина. Зад скинатиот превез од снег
цутат прелажани дрва што ги измамило лажливото сонце... Наскоро снегот сè ќе
покрие како бел чаршаф фрлен врз труп... Наскоро сè ќе биде бело како белка
од превртено око... (Бело и виолетово, стр. 55)

Со оваа книга Емил, тој МЕЧТАТЕЛ – ОПСЕНАР, ПРЕБАРУВАЧ И ТАЛКАЧ ПО


НАЈТАЈНОВИТИТЕ СКРИВАЛИШТА НА ДУШАТА, го обоил животот, во сета негова комплексност,
со интензивни бои и богатство нијанси, суптилни и нежни, но и жестоки како што љубовта
само може да биде.

Имајќи ја предвид првата жртва која од љубов кон човечкиот род му го дарувала огнот,
таа далечна Прометејска љубов препознаена уште во тој далечен легендарен период ги
поврзала двата најзначајни животни фактори – љубовта и огнот, кои, споени во едно
понекогаш создаваат „пекол“. И, уште нешто: овие два непредвидливи моќни животни сили
каде ли ќе го однесат човечкиот род!? Тоа прашање го поставувам сега и на секој што ќе ја
прочита оваа несекојдневна книга.

Кочо Фиданоски, ликовен уметник и дизајнер на книги

You might also like