Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 53

Животот е приказна.

Не е важно колку долго време трае, туку како


се живее. Она што поминало веќе не постои. Она што ќе биде уште не
дошло. Постои само една точка во која се составуваат минатото и
иднината. Во таа точка е целиот наш живот.

Во првата половина од деветнаесетиот век, кога Македонија


стенкаше под турско ропство, во селото Подлес, месноста – Клепата,
Велешка околија, живееше фамилијата на Арсо Самарџиоски.

Семејството на Арсо го сочинувале шест члена. Тој, неговата


домаќинка Костадинка, три сина и една ќерка. Мајка му умрела набргу по
неговата женидба, а татко му Ничо Самарџиоски беше заклан од турските
разбојници – азабиите, на неколку години пред неговата женидба. И така
Арсо останал сирак, и уште премногу млад, требало да води домаќинство.

Арсо беше висок убав маж со високо чело, руса коса и густи
негувани мустаци. По природа беше работлив, добронамерен човек,
надарен со добродушност и на секого помагаше. Важеше за вреден,
совесен и агилен домаќин. Затоа скоро од сето село бил сакан и почитуван.
Неговата домаќинка Костадинка беше на исти години возраст со него.
Убава, бела, стројна женичка со питомо лице, со кафена коса и кафени
очи.

Арсовиот недвижен имот се состоел од неколку парчиња добри


нивје, овоштарник, бавча и две лозја, кои сам со своите домашни ги
обработувал. Но, понекогаш, кога не можеле сами да ја свршат работата,
посебно за есенско орање ќе земеле некој аргат со надница, да им поможи
за побрзо да изораат и посеат.

Еден влажен есенски ден кога изгледаше дека времето ќе се расипи


и зимата ќе започне порано, Арсо викна еден човек за да му поможи во
орањето. Нивата била наѓубрена и погодна за орање. Човекот ги водел
воловите, а Арсо го држел ралото и орал. Така орајќи, ралото запнало за
нешто, ама тој не го забележал тоа и си продолжил да си ора. Но, ќерка му
која одела по него и ги кршела грутките од земјата, наеднаш седнала во
изораната бразда и почнала да вика: ,,Лелеее тате, лелеее, ногата ми се
шина.” Татко и кога го слушнал викањето на ќерка си Вела, го сопрел
орањето и веднаш дошол при неа. Сакал да ја крени, ама таа никако не
сакала да стани, ами му рекла: ,,Тате, прати го чоекон в село, да ја дотера
колата, па, во колата да си ода, оти ич не можа на нога да цапнам.” Арсо ја
послушал ќерка му, го пратил аргатот в село да ја дотера колата. Се чудел
како станало пакост и како и се шинала ногата на ќерка му. Штом аргатот
заминал толку далеку, и веќе не се гледал од кај нивата, таа станала и му
рекла на татка си: ,,Татко, на ногава ништо не ми е, али гледај овде што
изора со ралото!?” Вела го отвори капакот од еден ѓум, кој беше полн со
златни плочки. Кога почнале да го вадат ѓумот, до него нашле уште еден
ѓум, кој бил, исто така, полн со исти златни плочки. Потоа, ги извадиле
ѓумовите и ги спастриле добро, да не се гледаат. И така, чекале да дојди
човекот со запрегата. Кога дошол човекот со колата, Вела, која претходно
повторно седнала во изораната бразда, рекла дека и е срам, така да станува
пред мажи, ами да ја викнат мајка и, таа да ја крени. Човекот повторно
отишол в село да ја викне мајка и. Откога заминал човекот повторно за в
село Арсо и Вела ги натовариле ѓумовите во колата, ги покриле убаво со
прачки и нешто гранки да не се гледаат. Откако го израмниле местото за
да не се познава дека има нешето извадено од земјата, Вела пак седнала на
местото од каде ги ископале ѓумовите со златото. После извесно време,
дошла мајка и, плачејќи и викајќи: ,,Што е ова мори ќерко, што ти се
стори, ќешки да не идеше на нива, та немаше ваква пакост да стани”.
Почнала да ја крева, ама Вела не сакала да стани, туку и рекла на мајка
си: ,,Мајко, чоеко и татко нека се свртат натаму, оти мене ми е страм пред
ними да ме креваш.” Арсо и човекот се свртиле на другата страна. Тогаш
Вела полека, со помош на мајка си, станала и се качила во колата.

Иако нивата не беше доорана, Арсо го прекина орањето, го пушти


аргатот со ралото понапред да оди, а тие со запрегата по него да си одат
полека. Кога стигнале дома, првото гајле било да се сместат ѓумовите со
златото и никој да не ги види. Низ селото веќе се беше проширил глас дека
Вела, ќерката на Арсо Самарџиоски, на нива си ја шинала ногата, и од
нива со кола дома ја донеле. Во Арсовата куќа одма дошле неколку жени,
за да дадат совет како да се лекува шинатата нога. Но, Костадинка сите
жени кои дошле ги пречекала на порта и не ги прибрала дома, велејќи им
дека од самото тресење на колата, ногата си се наместила и дека ќерка и
сама си слегла од колата и ене ја низ дворот каде средува. Жените се
крстеле и се чуделе: ,,Сполај ти Господи, колку била ксметлија Вела,
некои луѓе колку маки ќе тргаат и дури болни ќе лежат, а види ја ти неа,
од тресењето на колата, ногата и се наместила!? ”
Приквечер дома пристигнаа и Арсовите синови, кои биле на работа
по нивјето. Откако ги напоија добиците, ги отераа и врзаа во плевната и ги
намирија со храна, сите се прибраа на трпеза, за да вечераат. Кога седнаа
да вечераат, Арсо, кој беше религиозен човек, рече молитва и нарочна
благодарност кон Бога поради денешниот случај. Неговите синови останаа
зачудени, а посебно тогаш, кога татко им рече: ,,Господи ти се молам, од
мое име и од името на моите домашни, дај му рајска населба, и да му ги
простиш гревовите на човекот кој што стана причина нашиот дом да биде
така благословен во овој ден”. Арсовите синови, кои уште не знаеа за
најденото злато, се зачудија, за кого татко им вака се моли на Бога, па
започнаа љубопитно да го запрашуваат: ,,Татко што е вакво молење, и за
кого се молиш?” Арсо се насмеа и им рече: ,,Господ да не чува од лошо и
од зависливи очи. Да ни е среќно и долговечно тоа што се случи денеска
во нашиов дом. Синковци, слава му на Господ. Ни дал имот и стока и
здравје и среќа у фамилијата, та му било мило на Бога и со нешчо друго да
ни поможи”. Пак Арсо се прекрстил и пак му се заблагодарил на Господ.
Неговите синови веќе не можеле да издржат и почнале силно да го
запрашуваат што се случило денеска... Тогаш Арсо побара да му се
заколнат, дека нигде и никому нема да кажат за ова нешто, што тој сега ќе
им го каже. Синовите му се заколнаа и дадоа тврда дума, дека за тоа што
ќе го слушнат и видат, никогаш и никому нема да кажат. Тогаш Арсо им
раскажа: ,,Синови мои, кога вие денеска отидовте по нивјето да работите,
јазе со сестра ви и со еден аргат отидов при нивата Боров Дол, за да орам.
Аргатот ги водеше воловите, а јас орав со ралото. Така орајќи, сетив дека
ралото закачи за нешто, ама јазе си реков, може да е некој камен и си
продолжив со орањето. Сестра ви која идеше по мене и ги кршеше
грутките, наеднаш залелека, жалејќи се дека си ја шинала ногата и беше
седнала на земја. Јазе појдов да и поможам да стани, ама таа не сакаше да
се помрдни од местото и само лелекаше. Со поусул ми рече да го пратам
аргатот дома, за да ја дотера запрегата, та со колата да ја однесам дома,
оти ич не можела од местото да се помрдне. Го испратив аргатот и кога тој
замина за в село, таа стана и го откри ѓумот, кој беше сум го закачил со
ралото. Беше полн со златни плочки. Кога го вадевме од земјата, до него
уште еден ѓум најдовме, исто така полн со злато. Па, синковци, затоа е
моето молење, за човекот што го закопал златото тука, у нашата нива.
Господ да му ги прости гревовите и во рајот да го прибере. Сега елате да
слеземе во визбата и со очи да го видите златото што го најдовме.” Сите
слегоа во визбата каде што беа скриени ѓумовите со златото. Кога Арсо ги
отвори капаците од ѓумовите, златото светна. Арсо извади неколку
парчиња. Ги гледаше, ги превртуваше во рацете. Виде дека на нив има
некакви ознаки кои не ги разбираше. Од желба да видат што уште нешто
има во ѓумовите, го истури полнежот врз едно килимче. Златото светна и
сите останаа како маѓепсани. Просто не можеа да му се нагледаат на
неговата болскава убавина. Почнаа сите со раце да го фаќаат и да се
радуваат. Толку беа занесени во гледката која му изгледаше како сјајна
месечина, што не приметија дека е веќе доцна и време за спиење. Втори
петли запеаја, но никој не сакаше да стани и да се одели од таа глетка.
Најпосле Арсо стана и заповеда: ,,Деца и утре треба да се работи, затоа да
го собереме златото у ѓумовите, и да одиме да си легнеме, и да се
починеме.” И така, златото го собраа во ѓумовите и се качија горе да си
легнат.

Рекле луѓе – сонот доаѓа со спиењето. Арсо кога си легнал да спие,


сонил чуден сон. Во сонот се нашол при нивата, каде што го ископаа
златото. Беше свртен спрема Вардар, кон место викано ,,Смеса”, каде што
Црна Река се влива во реката Вардар. Виде дека на тоа место се води
страшен и крвав бој. Војници качени на коњи, со светливи оклопи,
немилосрдно се сечеја со сабјите. Времето беше ведро, а Сонцето беше
над клисурите и токму грееше спроти местото каде што се одвиваше
битката. Светкавици се гледаа од сабјите и штитовите. Од кај страната на
градот се појавија големи чадови и пламени. Едно време борбата како да
тивна. После, по малку време, се појави една група од триесет до
четириесет наоружани војници, сите качени на коњи кои бегаа во правец
спрема височините на село Подлес. Бегаа од градот којшто гореше.
Помеѓу нив имаше и жени и деца. Не помина многу време, откако првата
група го напушти запалениот град, по неа со силен трк се впушти и друга
група војска, качени на коњи. Втората група беше помалубројна. Може да
имаше околу петнаесетина души. Сите беа со оклопи и со сабји во рацете.
Кога почнаа да ја присигнуваат првата група, од неа се одделија околу
дваесетмина, ги свртеа коњите назад и чекаа втората група којашто ги
бркаше да им се приближи поблиску. Токму кога беа на околу двесте
чекори далечина едни од други, ги извадоа сабјите и со силно трчање се
спуштија кон групата којашто ги бркаше. Настана страшен колеж и
р‘жење на коњите кои и самите паѓаа исечени од сабјите. Глетката беше
крвава и ужасна. За кратко време повеќе од половината борци беа убиени.
Неколку преживеани борци ги свртија коњите и избегаа кон градот којшто
уште пламтеше. Групата борци којашто беше со бегалците, повторно се
врати назад, за да се соедини со останатите. Само што сега беа
преполовени. Така, во таква состојба ги боднаа коњите, и во трк се упатија
спрема височините на село Подлес. Сите стасаа на нивата, каде што ги
откопаа ѓумовите со златото. Еден од воините на возраст до кај педесетина
години, на кого главата му беше преврзана од удар со сабја на левата
страна кај увото кое му беше крваво, и левата рака исто му беше преврзана
и обесена на гушата, нареди тука да запрат за да се одморат. На себе
носеше жолт и светлив оклоп. Тој се сврти кон еден од помладите воини
кој носеше ист таков оклоп како неговиот. Му проговори нешто. Младиот
воин одма скокна од коњот, дојде до местото каде што беа откопани
ѓумовите со златото и со еден голем и широк нож почна да буричка и да
копа во земјата. Повозрасниот воин се подисправи на коњот и му
зборуваше нешто на помладиот воин. Тогаш јас забележав дека на
неговиот оклоп плочките се еднакви со плочките што ги најдовме во
ѓумовите, а на седлото од неговиот коњ висеше темноцрвен штит,
изрезбан со златно сонце со шеснаесет зраци. Го слушнав како му рече
повозрасниот на помладиот воин: ,,Тука ќе ги закопаме. Ќе стојат многу
години. Со ова злато, тој што ќе го најде, многу ќе се збогати и воздигне.
Многу добри дела ќе прави и на ближни и на далечни ќе помага. Ама, со
тоа, ќе се здобие со доста душмани кои ќе му завидуваат. Ќе биде
наклеветен кај луѓе од племето што ќе господари над нив и ќе биде
страшно опакостен. Членовите од неговото семејство ќе бидат распрснати.
Некои ќе бидат убиени, некои по затвори ќе умрат. Неговиот дом ќе биде
за навек запустен”. Тоа го рече, ги боднаа коњите тој и придружбата и
избегаа во непознат правец.

Арсо кога станал од спиење, утрината беше многу замислен и


нерасположен. Беше седнал на едно троножно столче, ја потпрел главата
на рацете и замислено се пулеше негде во далечина, како сакаше да ја види
иднината на својот дом. Дури од челото капки пот му потекоа. Тоа го
забележа неговиот најстар син Пано и го праша: ,,Татко што си се
замислил така?” Арсо се сепна и промрмори: ,,Славати Господи, славати.
Големи се твоите дела и за нас непознати. Нешто ќе ни кажеш, макар и
преку сон.” Пано, кој многу си го сакаше и почитуваше својот татко,
повторно го запраша, што е причината за неговата замисленост: ,,Кажи
татко од кого имаш мака, па јазе сос него да се распраам. – Синко Пано, од
никого немам мака, туку соберете се сите, викни ја и мајка ти, ете ја во
мудбакот, лебот го меси, па ќе ви кажам нешто.” Пано ги повика сите при
татка си, кој уште седеше на столчето задуман. Кога дојде Костадинка и го
виде Арсо како седи растревожен, извика: ”Арсо домаќине, што ти е, да не
си болен? Боже не дај, не, не сум болен, али слушајте, што ќе ви кажам. Ќе
ви кажам нешто кое многу ме чуди, ама и ме плаши”... И им го раскажа
сонот ноќеска што го сонил. ,,Поарно ќе беше да не го најдевме златото.
Ама, од пишаното не се бега. Никој од судбината не избегал и ние не ќе
избегаме. Бог како ни одредил, така ќе биди. Само, ве замолувам за оваа
нешчо ич да не мислите и да не се тревожите. Бркајте си ја работата како и
досега.”

И така, пак си почна животот да си течи во куќата на Самарџиовци


како и порано. Дури младите го заборавија сонот. Арсо од време на време
ќе се подзамислеше, го тиштеше некоја прокоба, ама белки нема да биде –
си велеше. Нели е тоа само сон!? Сонот се сонува. Животот се живее. И Си
врвеше времето со секојдневните активности.

За чупето на Арсо, Вела која беше на седумнасетгодишна возраст, со


руси кадрави коси, тенка во струкот, висока, со полни румени усни,
прчесто носе, сини очи и гајтан веѓи, фатија да идат стројници за мажење.
Арсо думаше – Мило му е што има човеци кои сакаат да се ородат со нас,
ама прво снаа во куќа да внесам, па сетне ќерка ми ќе ја мажам. Дадениот
збор на поштен човек како Арсо, беше негова заклетва.

Секој пазарен ден Арсо имаше обичај да оди во Велес да купува


зајре и други предмети за куќна употреба оти во Подлес немаше
алашвериш. Обично тој купуваше шејови на ангро, за да има на подолг
период, додека зарзават и емиш сам со домашните си одгледуваше и
произведуваше.

Дојде пазарениот ден. Арсо зеде неколку парчиња од златните


плочки и киниса со коњот за Велес да го опита својот познаник и пријател
– бакалот од каде се снабдуваше со намирници, што пари чинат овие
плочки и како врват. Арно ама, и бакалот, кој исто се викаше Арсо,
дотогаш не видел такво нешто и не знаел што да му каже. Ама му текна, и
му предложи заедно да појдат при сарафот – Евреинот, белки тој нешто ќе
им каже? Сарафот – стар човек, подгрбавен, со итри очи, со тркалезни
ѕрцала на носот, со црна шапка и црна наметка, кога ги видел златните
плочки, се насмеал и рекол: ,,Овие шејови не се пари и како пари ич не
врват. Ами, овие се плочки од оклоп на некој големец што се носеле во
многу старо време. Такви златни оклопи можеле да носат само царевите
или некој ептен голем човек што бил одма до царот. Вистина, како пара
не вреди, ама како злато си чини пари, а и како стара работа си чини пари.
Само, овие златни плочки овде, кај нас, не можат да се продадат, туку
само во Австрија би можело, во Виена. Ако кандисаш, да ми го платиш
мастрафот, јас ќе одам со тебе, па таму ќе видиме, што и колку ќе ни
дадат. Само за ова мамара-ѓурултија, оти не ќе не пуштат да одиме, а може
некој и да не опљачка. Јас ќе ти извадам тескере, а ти ќе речиш дека си
болен и дека одиш еким да бараш, а пошто јазикот не го знаеш јас ќе ти
бидам толмач”. Арсо збунет, доцна вечерта од Велес се врати дома. На
домашните не им кажа ништо за договорот со Евреинот.

Од тој настан помина повеќе од еден месец. Евреинот изваде


пашапорт и за Арса и за себе. Дури тогаш Арсо и кажа на Костадинка дека
ќе оди во друга држава, во Австрија, за да види дали може да продаде
некое парче од златните плочки: ,,На децата не им кажувај дека злато ќе
носам, ами дека ќе одам доктур да барам, оти имам мака во главата.”

Арсо изброи триесет плочки, ги стави во ќемерот кој го опаша на


појас, го покри со џамаданот, се прости со домашните и киниса за Велес.
Не сакаше никој да го испраќа, за да не се расчуе низ селото, дека ќе оди
на доктор во друга држава. Ама најстариот син Пано му рече: ,,Сепак,
татко, до Велес ќе те испратам. Не бидува сам да одиш. Може по патот
нешто да ти биде, та што ќе правиш сам”? Арсо се помисли малку, па му
одговори: “Арно викаш синко, луѓе сме, не знаеш што може да те снајде
по патот. Неолата не оди по гората, туку по луѓето.” И така, двајцата ги
јавнаа коњите и тргнаа за Велес. Јавајќи на коњите по патот, Арсо му
расправаше на Пана која е целта на одењето во Виена: ,,Синко, Господ не
милувал и ни помогна да го најдеме златото. Гревота е синко, така да лежи
во ѓумовите. Ако било за така да лежи закопано во земјата, поарно да не го
најдевме. Решив да ода, да вида како врват тие плочки, та за ними пари да
зема, да се најда за вас, и кај што треба и колку што можа да помага.
Синко, нас Господ не дарил. Колку–толку стока си имаме и сполај му на
Бога здрави сме како рслани и се‘ ни е арно. Ама, има луѓе сиромаси, кои
што не можа дечињата да си ги наранат. Повеќе пати и гладни си
легнуваат. На такви луѓе синко, себап е да им поможиш. Ако ништо друго,
барем гладни и голи да не ода”. Пано со восхит и големо внимание ги
слушаше татковите зборови: ,,Татко многу ми се мили овие твои лафови.
Навистина, многу горд се чувствувам ако можеме, макар како било, од ова
злато што го најдовме, на сиромаси да им помогаме.” Пано на Арсо му
посака ксмет во работата што ја наумил. Арсо пак, му посака на сина си
здрави и живи да останат додека се врати од пат и ако требало пак да оди
во Виена, тогаш и него ќе го земел со себе си. Муабетот отвора муабет и
тие немаат крај. Така, не сетија кога пристигнаа во Велес. Одма се упатија
кон бакалот да земат што им треба од намирници за дома и Пано пред
стемнување да си се врати в село. Ама било веќе доцна. Сонцето зајде зад
ридовите. Решија да преноќат двајцата во Велес, оти ноќе било несигурно
и ризично да се оди по патиштата. А, Утредента на виделина Пано да си
се врати в село, а Арсо да си го исправи патот за Виена. Велешани кажуваа
дека во околината се појавила некоја шајка турски разбојници и секоја ноќ
шетале по патиштата наоколу, и кого ќе сретнеле или ќе го опљачкале, па
ќе го пуштеле да си замине или пак ќе го отепале. Тоа се случувало скоро
секоја ноќ.

Наредниот ден Арсо со Евреинот уште претпладнето го фатија патот


за Австрија, а Пано си тргна назад за Подлес. Не беше изминал ни еден
саат одење од Велес, на патот за Подлес, кога наиде на двајца средновечни
мажи, како лежат убиени на средината на патот, префрлени еден преку
друг. И двајцата беа со нож, како овци, заклани. Пано поцрвене од лутина
и силно се возбуди. Слезе од коњот, ги спружи направо труповите, секој
башка, и им ги прекрсти рацете на гради. Не ги познаваше. Се заколна,
дека ќе се освети за ова злодело и дека со сета своја сила и мудрост, ќе се
бори против овие мрсни качаци кои се јуначат на мирната и беспомошна
раја. Огорчен и згрозен од она што го виде, растревожен, си го јавна коњот
и со галоп го продолжи патот за Подлес.

Патувањето на Арсо Самарџиоски за Австрија

Арсо и Евреинот тргнаа да одат во столнината на Австрија – Виена,


главниот град и културен економско-политички центар на австриското
царство, државата која беше прв одбранбен бедем на европската
цивилизација од Отоманското царство. На Арсо ова му беше прво вакво
далечно патување и се чувствуваше доста напнато. Но, љубопитството и
надежта што ќе биде со златните плочки му даваа кувет и волја да издржи
во оваа негова авантура, па што ќе му даде Господ.

После долго и неизвесно патување, стасаа во престолнината на


Австрија. Евреинот, кој повеќепати доаѓал во Виена, и го познавал градот,
не искажувал никакво чудење, додека Арсо не можел да се изначуди на
тоа што го гледал, дали на правите, долги и широки улици, дали на
големите, високи и убави куќи, дали на луѓето убаво облечени и стокмени.
Беше збунет и импресиониран. И така, гледајќи наоколу каде што врвеа со
пајтонот, не сети кога пристигнаа во еден пристоен хотел. Си зедоа една
заедничка соба, се измијаа, се исчистија и си прилегнаа, да се одморат од
напорниот пат. Кога станаа, веќе беше се стемнило. Слегоа долу во
ресторанот, Нарачаа по еден коњак, за добре дојде и за аирлија работа,
вечераа по една виенска шницла и испија едно шише француско црвено
вино – Бургундец. Ресторанот беше полн со гости. Мажите беа облечени
во костуми со вратоврски, а жените со широки и цветни фустани во разни
бои. Сите нешто муабетеа, некои потпевнуваа по ритамот на музиката која
се ширеше од клавирот на кој свиреше еден човек и пееше убави
германски шансони. Арсо беше замелушен, кое од виното кое од глетката
во салата на ресторанот.

Времето брзо врвеше. Дојде полноќ. Се качија горе во собата да


преспијаат. Арсо не го симинаше ќемерот со плочките од појас, ами така
опашан со ќемерот спиеше. Другиот ден кај десетина саатот сабајлето,
станаа, се измија, се облекоа и слегоа во рсторанот да се напијат по еден
коњак и по едно кафе. После излегоа, да прошетаат низ градот и да се
распрашаат и научат каде можат да ги продадат плочките. Евреинот му
предложи на Арсо да отидат кај еден Сараф, негов познаник. Кога отишле
кај сарафот и кога овој ги видел плочките им рекол: ,,Може и јас да ви ги
купам, ама бидејќи ова нешто има поголема вредност како архаична
работа одошто како злато, јас ве советувам да појдете во државниот музеј
за старински работи. Таму, точно ќе ви кажат колку пари чинат овие
златни плочки.” Им објаснил како можат да го најдат државниот музеј за
древни работи. На едно книже им го напишал името на музејот и во која
улица и на кој број се наоѓа. ,,Кој пита, тој не скита”, рекле стари.
Евреинот со прашување, бидејќи го разбирал германскиот јазик, ја
пронашол куќата каде се наоѓал музејот, која била поприлично оддалечена
од хотелот во кој биле сместени. Пред вратата на музејот ги пречекал
лакеј, кој ги прашал кого бараат. Кога Евреинот му објаснил дека го бараат
директорот на музејот, вратарот им рекол да причекаат додека тој да го
извести директорот. За кратко време директорот ги примил. Кога во
разговорот дознал кои се, од каде се и зошто се дојдени, а откако ги
погледал внимателно златните плочки, ги замолил малку да се оддалечи и
да се консултира каква и колкава вредност имаат тие плочки. Кога се
вратил директорот, а да им биде појасна работата на дојденците, повикал
еден чиновник од службата кој знаел да го зборува српскиот јазик. Тогаш
и Арсо почнал да го разбира муабетот. Директорот зеде една дебела книга
со црни корици од полицата за книги што беше зад неговата фотеља и
почна да ја чита и прелистува. Ја затвори книгата и им рече: ,,Овие златни
плочки никогаш не работеле како пари. Сепак, тие си имаат вредност и
како злато и како архаична работа од многу старо време, од околу две
илјади години”. Зеде една златна плочка, ја стави на терезијата, ја измери
и им кажа дека една плочка, како злато и како старина има вредност од
десет напалеони. На Арсо му светна лицето. Беше задоволен од
проценката. Евреинот бараше нешто поскапо. ,,Вие си знаете”. Рече
директорот. ,,Само нашиот музеј може да ја даде таа цена, други – не.
Вистина, можете и на друго место да ги продадете, но само како злато, а
не и како старина. Само нашиот музеј откупува стари работи и само ние
можеме да ви ја понудиме таа сума.” На Арсо му се виде понудената сума
примамлива, се согласи со таа цена и сите триесет парчиња, колку што ги
имаше со себе му ги предаде на директорот. Тој му изброја тристотини
напалеони во ковано ѕвонливо злато. Задоволен од пазарот, Арсо му вети
на директорот, дека ако му допадне уште некое парче, нему ќе му ги
донесат. Се збогуваа и си заминаа. Поседоа уште неколку дена во
престолнината. Убаво се прошетаа. Ги разгледаа музеите, црквите,
катедралите и другите знаменити зданија. Си купија бакшижи за дома и си
тргнаа за назад.

По напорното и неизвесно патување, среќно пристигнаа во Велес.


Арсо, кој сиот мастраф го плати во Виена, како и патарината за таму и
назад, извади уште петнаесет напалеони и му ги даде на Евреинот. Тој
преблагодарен на таа награда, му рече на Арса, другпат, ако одат, ќе се
распрашаат, дали можат поголема цена да добијаат за златните плочки.
Откако преноќи во Велес, Арсо наредниот ден се врати во Подлес.
Домашните многу му се израдуваа, кога го видоа жив и здрав и многу
весел како се враќа од тој неизвесен пат. Уште повеќе се израдуваа кога им
ги раздели подароците, што беше им ги купил. Во таква атмосфера на
задоволство и среќа, Арсо им раскажуваше како си поминал и што чуда
таму видел. Расправаше за прекрасните и големи палати, дворци, музеи,
театри, опери, за пространите и уредени паркови, за убавата, сина и многу
голема река Дунав, за луѓето облечени во чудни рубишта, како слободно и
среќно си живеат. Домашните занесено го слушаа. Како да сонуваа
волшебни соништа и посакаа и тие да отидат во таа земја на чудата. Арсо
слатко се изнасмеа и им вети, ако повторно отиде во Виена, ќе земи
некого со себе. Синовите му раскажаа на Арса како си поминале и што
сработиле додека тој бил отсутен. Арсо, откако ги ислуша, бил многу
задоволен од нивната работа. Уште малку поразгварале и се договориле за
утрешните активности и си легнале да си се одморат.

Помина скоро една година. Арсовци си ја бркаа домашната и


полската работа како и порано, само сега со поголема ешта и задоволство
и со поголем елан. Арсо како емотивен и грижлив домаќин, се трудеше да
не фали ништо никому во семејството. Како и порано, така и сега
покажуваше особини на заштитник и колку што можеше, ги помагаше
сиромашните соселани.

Еден ден кога Сонцето безмилосно печеше и беше летна запурнина,


од Велес дошле турските чиновници – арачлии, со неколку души заптии,
да го соберат арачот – годишниот данок од селаните кои дотогаш не го
платиле. Турските даночници со голем бес, немилосрдно и насила почнале
да им ги земаат добиците на рајата и се‘ од покуќнината што имало
вредност. Принудно им земале коњи, кози, овци, онолку колку што имале
во домаќинството. Им ја земале единствената крава која ортачки со некој
друг ја делеле, а и понешто млеко си молзеле да би можеле дечињата да си
ги залажат, а и постарите понекогаш да се омрсат, ако не со месо, барем со
урда. И онака им се збирало многу постење. Вака, кога кога ќе му ги земат,
кому козите кому овците кому кравите, тогаш ни децата млеко ни старите
урда не ќе можат да видат. Затоа, селаните жестоко се противеле и
очајнички им се молеле на арачлиите, ама овие и со ќотек почнале да се
служат. Во селото настанала голема поречканица со пискотници и лелеци.
Некои од ближните комшии на Арсо, отишле во неговата куќа и со
плачење му расправале што им прават арачлиите – ем ги тепаат, ем
стоката им ја земаат. Арсо, добар по душа, ги сослушал, се сожалил и
тргна заедно со селаните при агаларите – арачлии, за да види, дали ќе
може нешто да им поможи на сиромашните соселани. Културно и
прокопсано се поздравил со даночниците и ги замоли да му кажат, кои и
колку од селаните борчат данок на султанот, тој ќе плати за нив, оти некои
од обврзниците кај него биле надничари, па им должел пари и имале за
земање, па така ќе се префатат. Турците биле пријатно изненадени и се
чуделе дека се нашол ербап каурин, царскиот данок да го плати за друг.
Арсо ги прашал колку куќи не можат да платат. Турците кажале дека
дваесет куќи имаат борч за давање. Единаесет куќи нешто дале, а нешто
султанот ќе почека, ама десет куќи не сакаат ништо да даваат. Затоа ние ќе
земиме нешто овци и некое говедо. ,,Ефендии, на сила на човек можиш да
му земиш, ама не и да му дајш. Никој не сака некому да биди борчлија, а
најмалку на царот, на кого му се требни парите, за да плати на
чиновниците, за аскерот и за многу други државни работи. Борчот е полош
од волкот. Затоа секој кај царот треба да си ги плати давачките”. Овие
изговорени зборови ги омекнаа османлиите. Главниот на групата му се
обрати на Арса: ,,Аферим чорбаџи Арсо. Ти си бил арен чоек. Како што
рече, така е. Ете, и ние чекаме од калифот да дај, па да гледаме нашите
деца. Ама има едепсази кои не сакаат арачот да го дадат. – Ефенди, ве
молам немојте да им се лутите на овие човеци. Тие сигурно сакаат да
платат на царот, ама притегнала пуста сиромаштија, па шчо да прават. Ве
замолувам, нешто царот нека прости, нешто јас ќе платам, та, така и тие да
не бидат борчлии и да чинат добро на царот. – Арно велиш чорбаџи Арсо.
Еве сега че го правиме есапот. Што се може, царот че прости, а другото ти
че платиш”. Кога го направиле есапот, сиот борч за деветте куќи изнесувал
осумстотини и шеесет и седум гроша. Од таа сума, царот би можел да
прости двесте гроша. Другото требало да се плати. Арсо го замоли
главниот на даночниците, да им се вратат на селаните шејовите што им се
земени, а тој сега ќе оди дома и ќе им донесе пари.

Одејќи кон дома размислуваше – кое арачлии, кое заптии што беа
заедно, се збираа осум души. Сите нив селото требаше да ги нахрани.
Штом отиде дома по парите, веднаш им заповеда на домаќинката и на
другите присутни, да заколат едно јагне и да се меси една баница во
поголема тепсија. Белки зулумот ќе им биде помал. Во тоа време, се врати
Пано од лозје каде што бил на копање. Кога виде татко му што готви за
турците, скрца со забите и опсу: ,,Татко, на тие кучиња, што го мачат
нашиот народ, јазе отрувачка би им дал, а не баница и јагне печено. – Еј,
синко Пано, немој да мислиш дека тоа го правам за да ги нагостам
турците. Не, синко, ова го правам, за да ги одоброволам, за помалку зулум
да прават и со подикат да постапуваат спрема нашите браќа, сиромаси, кои
не можат данокот да си платат, а турците почнале со сила и со ќотек да им
ги земаат и добиците. На неколку куќи од нашите комшии се‘ им собрале,
ем ги натепале. Срцето, синко, ме заболе, кога дојдоа кај мене неколку
души со плачење, да се пожалат. Синко, нам Господ ни дал, можеме да
помагаме и еден себап да сториме. Затоа со селаните отидов кај турците и
ги замолив нешто царот да им прости, нешто јас да платам, па така да се
одборчат. Ти сега варди тука, додека јас отидам и му избројам пари, за
девет куќи данок.” Арсо ги спреми парите во ќесето, наполни едно шише
лута ракија и со шишето в раце отиде при турците, за да ги почести. Прво
тој се напи од ракијата, да не помислат дека сака да ги отруе. Кога видоа
турците дека Арсо се напи од ракијата, зедоа и тие да пијат. Дури така
турците се редеа со шишето, Арсо ги извади парите и им изброја
шестотини и шеесет гроша за данокот што требаше да го платат
сиромашните селани. Кое од ракијата, кое од тоа дека данокот им беше
платен и повееќе од што требаше, арачниците се одоброволија и се
расположија. Двајца од заптиите ги собраа оние селани на кои им беше
земана стоката и почнаа да им враќаат назад, велејќи им дека царот нешто
простил, а нешто чорбаџи Арсо платил за нив, и тие сега на царот не
борчат данок. Селаните со солзи во очите, им се заблагодарија и си ги
собраа, кои овците, кои кравчето, јунчето и другите одземени работи и си
отидоа по куќите. Тогаш, арачниците им заповедаа на заптиите да отидат
со полјакот низ село и да соберат нешто за ручек – јагне, мисирка кокошка
и слично. Арсо како што седеше на земјата, брзо стана и им предложи на
арачниците: ,,Ефендии, не праќајте ги заптиите низ село, работен ден е,
селаните си имаат полска работа, ами нека дојдат сос мене дома, таму се
спрема ручек за вас, да се донесе овде.” Главниот чиновник се зачуди:
“Зошто бре чорбаџи Арсо правиш толкав мастраф. Селото че даде. Оти ти
толку да арчиш? – Ако, мило ми е што оваа работа со мирно и со убаво
помина. Сиромасиве да не плачат, а и децата да не им страдаат за една
лажица млеко. – Аферим бре чорбаџи, со овој себап ти што го правиш,
Господ тебе повеќе че дава.” По малку време Арсо со двајца заптии и еден
полјак отидоа дома кај него, каде што беше се‘ спремено. Заптиите ги
зедоа јагнето печено и баницата, полјакот два леба и еден ваган бело
масно сирење, а пак Арсо една голема тава кисело млеко и сето тоа го
однесоа и го ставија пред даночниците. На турците им беше чудно што
една куќа сама го дава целиот мастраф. Тие и така ручекот ќе им го земеа
на селаните без да им се заблагодарат! На ваков богат ручек и со лезет не
се надеваа. Се налапаа, како да не јаделе една недела. Поседоа уште малку.
Некои дремнаа на меката и бујна трева. Откако убаво се одморија
заптиите, од месото, од баницата и сирењето што беше останало, го
прибраа во тагарчиците, да им се најди по патот. Си ги собраа тефтерите,
се поздравија со домаќинот Арсо, си ги јавнаа коњите и си заминаа за
Велес. Арсо си ги собра тепсиите, чиниите и другите посатки. Нешто леб
што беше останало од ручекот им го раздели на дечињата кои стрвно и
љубопитно ги посматраа возрасните како јадат и муабетат. И си замина за
дома. Душата му се радуваше. Каква благородна работа заврши. Ги спаси
сиромашните селани од зулум, од тепање и од зијанот што ќе им се
направеше. Ич не му беше криво за парите и за ручекот што им го даде на
турците. Кога си дојде дома, го пречека домаќинката и кога го виде
радосен и расположен и таа се израдува: ,,Домаќине, радост и задоволство
чувствувам во душава. Да даде Господ секој да си има, та да нема иктиза
за туѓа помош. Ова ти што го направи денеска многу ме радува. Да дај
Господ, дури сме живи, да помагаме и себап да правиме.”

Арсо по карактер беше хуман и благороден човек. Пргав земјоделец.


Не ја оставаше денешната работа за утре да ја заврши. Во семејството тој
наредби даваше, а останатите со почитување ги извршуваа заповедите. Во
селото беше ценет и омилен поради неговата чесност и човечност. Штом
ќе разбереше дека некој од селаните страда или се мачи, без многу
мислење, одма помагаше или со храна или со пари. Со ќеф помагаше
секому, кому му беше потребна помош. Затоа беше многу почитуван кај
скоро сите подлешани. Саде Амид Бег со неколку продадени души –
селани, не можеа да го смислат чорбаџи Арсо. Тие сакаа сето село да го
држат под своја команда, да господарат со селаните. Сите при бегот да
одат, да се молат и тој што ќе рече, речено да биде. Арно ама, за овој
нивни план, голема пречка им беше Арсо. Толку го намразиле, што дури
името не сакале да му го слушнат. Меѓутоа, Арсо иако тоа го
приметуваше, не им се лутеше и си велеше: ,,Совеста и душата ми се
чисти. Никому не сакам да му помислам лошо, камоли да му сторам. Да
им се плашам и да ги молам, да не даде Господ, од мене тоа не ќе го
доживеат!”

Во домот Самарџиовски имаше ред и поредок. Сите работи си врвеа


како и порано. Секој си ја вршеше својата работа за која беше определен.
Затоа никаква ѓурултија ни приговор немаше помеѓу домашните.

Во Подлес на неколкупати доаѓаше аскер. Арсо редовно ги


пречекуваше и ги гостеше војниците. Амид Бег ќе дадеше заповед, да се
собере јадење од селаните, за да ги нагости, ама чорбаџи Арсо сам ќе го
дадеше, без око да му трепне, само да не ги гибаат селаните. Тоа нешто на
бегот ич не му се бендисуваше. Сакаше да се истакне и да се покаже дека
тој е господар во селото и тој како ќе нареди, така треба и да биде. Ама
Арсо, ако требаше едно да даде – десет ќе дадеше и не оставаше зулум да
се прави. Заради тоа бегот многу го запизмил. Дури не сакаше името
Арсово да се спомне. За тоа на Арсо не му беше гајле и не сакаше да знае.
Тој си имаше други планови...

Помина веќе година и нешто откако чорбаџи Арсо се врати од


Виена. Посака пак да појди. Ништо не го сопираше во намерата. И онака
полската работа беше скоро при крај. Еден ден отиде во Велес кај
Евреинот – сарафот. Срдечно и пријателски се поздравија. Арсо му ја кажа
намерата, само овој пат сака и сина си Пано да го земе со себе. Тој е на
деветнаесет години и има изим за преку граница. Ако може за десетина
дена да извади тескере за тројцата? Тој е готов одма да се тргне на пат.
Евреинот кандиса: “Ако можам и побргу че го извадам тескерето, а ти
чорбаџи Арсо другиот пазар кога че дојдиш у Велес, кај мене, че ти кажам
што сум сторил.” Арсо кога си замина од кај Евреинот, отиде при бакалот,
да си купи нешто зајре што му требаше за дома. На бакалот, кој беше
малку постар од него, дебел човек со густи црни мустаќи и веѓи, ќелав со
среден раст - негов пријател, му се исповеда и му кажа дека има ниет пак
да оди во Виена. Овој пат ќе го носи и синот Пано. И тој да види
свет. ,,Тамошните луѓе знаат зошто живеат, ем променети во убави
рубишта, ем убаво најадени ем среќни. Да ти е милина да ги гледаш. Што
е најважното – многу голема слобода имаат. Никој не те задева. Никој не
ти се топори, не ти се заканува, а ние овде се‘ угул со страв живееме. Ах
да сака Господ, да не ослободи од овие орјати, и нашите човеци малце
пораат да поживеат. Кој знае, дали ќе го дочекаме тоа време? Овде не
знајш кому да угодиш и од кого да се вардиш. Ако на власта и угодиш,
бегот ќе се намурти и ќе те запизми. Верувај ми имењак дека ништо лошо
никогаш не сум направил нити пак нешто лошо негде за некого сум
зборувал, ама проклети душмани, не те оставаат раат да бидиш. – Така е –
рече бакалот. Не знаеш дека е полошо. Дали при вас у селото или тука у
нас у градот. Огин да ги изгори! Сал да го молиш, па тој кобајаги од
власта да те брани. Че дојди у дуќанот, че ти ја фрли шамијата, па кога че
се врати да ја земи, ако не му ја подадеш со пари турено у неа, со ќотек че
те сокапи. Ами, тури му пари у шамијата, ако сакаш од ќотекот да
куртулиш. Па, друг седи у некое кафеанче и кога врвиш, че те повика при
него, и штом че му се приближиш, не ти кажува зошто те вика, ами че те
зашврка со прачката преку лице, та преку уши и додека не те раскрвави не
те пушта. Откако убаво че се изнамава, че ти ја окара мајката и верата
каурска и че ти речи – сиктер оттука. А пак некои побеснети ѕверови,
бесот да ги фати, та од корен да ги искорни, да даде Господ милостив, како
што си одиш, че го извади кубурот, че те отепа. Ни лук јал ни лук мирисал.
Че си замине како ништо да не било, а пак куќата твоја се запустила. Ете
таков е животот наш, брате Арсо и таква е нашата слобода. Ех, што че им
правиш, кога Господ ги трпи, сакаме-неќиме и ние че ги трпиме, дури еден
ден да се разбуди овај наш македонски народ, па да фани да мава и да им
вади око за око и заб за заб. Но како ми се чини, че треба уште бајги време
да измине, дури да се разбудат нашите човеци. – Токму велиш – проговори
Арсо Самарџиоски. Че му се нажали и на Господ за овај наш страдалнички
народ и че не ослободи еднаш засекогаш од овие ѕверови, за да можиме
малце послободно и без страв како луѓе да си поживееме.” И така со
муабетот времето за враќање беше поприлично изминато, Арсо зеде
збогум со бакалот, си го јавна коњот и си киниса за Подлес. Коњот му
беше доста силен и брз. За кратко време ги стаса групата пазарџии коишто
беа порано тргнале од Велес и заедно со нив си го продолжија патот за
Подлес. Пред да се замрачи, пристигнаа в село. Како патот до неговата
куќа го носеше да врви покрај кулата на Амид Бег, слезе од коњот и со
водење на истиот за узда, помина покрај кулата. Бегот, кој во тоа време
стоеше пред кулата, со полјакот и со двајца селани, се сврте со плеќите, за
да не го гледа Арса кога ќе помине покрај нив. Го погледа подоко,
коварно. Толку многу го пизмеше. Арсо го примети тоа, сепак кога замина
покрај нив културно ги поздрави со – добра вечер. Некои од нив
промрморе – добровечер. Арсо го слушна бегот како рече – чок зенгин
ѓаур. Си помисли да му одговори, ама се направи како да не го слушнал.
Стаса дома, си влезе во дворот. Сите домашни станаа и го пречекаа. Ѓорче
коњот го растовари, му го симна самарот и го истрија со сено за да му се
земи потта. Арсовица му принесе вода во ѓумот за да се измие. Кога се
стокмија, ја ставија софрата и седнаа да вечерат. Арсо им раскажа што
стори и како помина во Велес. Дека бил при бакалот каде испазарил зајре
за дома. Како муабетеле со бакалот, кој му кажал дека последно време
турците во Велес и околината почнале големи ѕверства да прават над
рисјаните, а кога се враќал за дома и кога врвел покрај кулата на Амид Бег,
што изустил бегот. Сите внимателно го слушаа. Пано кој беше буен,
висок, корпулентен, смел, млад човек, црноок, калеш со бел тен, многу си
наликуваше на татка си во симата, патриотски настроен, не можеше да се
воздржи, се возбуди, ги стегна тупаниците и им ја окара мајката турска и
почна срцето да му зборува, распалено и занесено: ,,Шо им правиме, огин
да ги изгори, олку што не пизмат! Ах тој ѕвер, само да ми дојди на згода,
со прсти душата че му ја извадам. Сака сите у селото на колена пред него
да клечат, а тој да се шепури како некој мисир. Сал да има ксмет нешчо да
ме чечни, убаво ќе разбере кој е Пано Самарџиоски. Тој пес сака сите да
му се покоруваме, темане да му правиме, како оние ртки Давид и Никола
Бошески, кои се‘ угул околу него се вртат. Со рацете превиткани на гради,
понизно доземи му се клањаат и му викаат – да ти се многу години бег.
Еее, турска кучко, не че доживееш тој себап Самарџиовци да ти го
прават!” Арсо виде дека Пано се разјари, па за да го смири, и гневот да не
му застане пред умот, предложи: ,,Синковци и утре е работен ден, ајде да
поспиеме, да се одмориме. Утре здравје Боже, ти Ѓорче со сугарево Нацо
ќе појдете при лозјата, ако има нешто да се одлачи и по некој ластар да се
испокини, а јазе и Пано ќе одиме при нивата Боров Дол, да видиме дали
сака да се испасе, пошто е многу силна, та јалова да не испадне.” На Арсо
не му беше толку за работата, колку што сакаше да го смири сина си Пано,
да не направи некоја пакост со бегот. Зборот на Арсо беше закон. Така се
прекрати муабетот и сите си легнаа да спијат. Завладеа ноќен спокој.
Утрината штом станаа, Ѓорче и Нацо си турија во торбите тазе леб и
сирење за појадок и отидоа кај лозјата, а Арсо и Пано заминаа кај нивата
Боров Дол. Кога дојдоа при нивата Арсо му намниса на Пано дека пак сака
да оди во Виена. Овој пат сака и него да го земе со себеси. Пано многу се
израдува, па го праша татка си, кога мисли да одат. – За десетина дена –
му рече Арсо. Веќе порачал да се извади тескере. Така застанати на еден
крај од нивата, никако не можеа да ги тргнат очите од таа убава глетка.
Подувнуваше тивко северче и сета нива како морски бранови се лелееше.
Беа среќни и задоволни. Арсо се прекрсти: ,,Господе славати, големи се
делата твои и бериќет ни даваш од ваа нива и неброено злато ни даде у
неа. Нека биди волјата твоја. Ти како си наредил, така нека биди. Само те
молам, сонот што го сонив, кога го најдовме златото, да го одложиш, да не
се извршува.” Откако прошетаа уште малку по нивјето, Арсо и Пано се
вратија дома. Таму ги најдоа Ѓорче и Нацо. Тие беше ја свршиле работата
порано и се прибрале дома. Му се пофалија на татка си и брата си дека
лозјата имале убав бериќет. Бочвите не ќе можат да го соберат грозјето. А,
и јаболката, зарделиите, кантарките, сливите и мигдалите имаат многу
род, само ќе треба утре пак да се оди и сорови да се земат од тоа суваракот
и од гасениците да се исчистат. И така, скоро секој ден излегуваше
понекаква работа.

Неделата неосетно се слизна. Дојде пазарниот ден, кога Арсо


требаше да оди во Велес. Не толку поради пазарот, туку да разбере што
стори Евреинот со одењето во Виена и дали го извал тескерето. Утрото се
спреми да оди сам. Но, во последен момент се предомисли и го повика и
Пано да му се придружи. поарно и побезбедно е да одат двајцата. Пано
среќен набрзина се подготви, го намести самарот на маската, се поздравија
со домашните и тргнаа за Велес. За да не поминат пред беговата кула,
удрија по едно друго споредно патче, кое пак ги изнесе на главниот пат.
Кога дојдоа во Велес, прво свратија кај бакалот Арсо, кој беше исто и
анџија. Се поздравија со него, и ги врзаа добиците во арот, па излегоа низ
чаршија. Така, со шетање дојдоа до дуќанот на Евреинот. Си рекоа здраво-
живо. Чорбаџи Арсо нестрпливо го запраша што стори со тескерето, дали
го изваде? Абрахам, така се викаше Евреинот горделиво се насмеа:
“Чорбаџи Арсо, ти се сомневаш во мене? Ветеното е борч. Ветено-
сторено. Тескерето е готово. Ти само кажи кога кандисуваш да тргаме, та и
јазе да се спремам за на пат.” Арсо се насмеа задоволно под мустаќ. –
“Браво бе чорбаџи Абрахам, за се‘ те бива. Јазе оваа работа да ја бркав,
сигурно цела година време би ми требало, за да ги измолам турците, а ти
за пет дена го изваде тескерето. Еее, кажи сега колку кошта тескерето што
го изваде? – Остави, остави сега бе чорбаџи Арсо. Од тебе не ми е
загубено. Кога че се вратиме од Виена, тогај че ми платиш. Ами, тоа ли е
синот со нас што ќе иде. – Тој е. Сака да го одведам, да прошета, да види
свет, голем град и како таму се живее. – Е, Арсо нека ти е жив и здрав. Се
гледа дека силен маж е, ами, женет ли е? – Не, не е женет. Ама, сега кога
ќе се вратиме од Виена, ако сака Господ и ако му најда арна мома, ваа
година, кога че ги наполниме амбарите со жито и бочвите со вино, сакам
да го женам. Само со добра мисла да сме, та ем че женам ем че мажам.
Голем џумбуш че правиме, само здравје и добра мисла Севишниот да ни
дава, а за одење, кога че бидеш ти азар, тогај да одиме. – Јас сум секогаш
азар – рече Абрахам. Само вие треба да се спремите. Ако сакате уште утре
можиме да тргаме. – Добро – рече Арсо. Тогаш уште нешто да прикупиме,
па, в понеделник со Господ напред да кинисаме.” Откако се договорија
кога ќе биде одењето, Арсо и Пано се поздравија со Абрахам и пак си
излегоа низ чаршија. Отидоа кај бакалот Арсо, си купија зајре што ќе им
биде потребно дома за еден месец, си ги натоварија добиците и со другите
пазарџии си тргнаа за Подлес. Кога си дојдоа дома, Пано ги растовари
добиците, им ги сметна самарите, ги истри од потта, ги внесе во плевната
и им даде сено да јадат. Дури тие работи ги вршеше, сестра му Вела го
зеде бардакот со вода за да им потури на татка си и брата си да се измијаат
раце и лице и им помогна да се исчистат од правта, што од ветрот се
креваше цело време и ги прашеше. Се поврткаа малку време, додека Ѓорче
и Нацо не се вратат, каде што отишле поради чистењето на овошните
дрвца од суварки и од гасеници. Кога се собраа сите Арсо заповеда да се
стави софрата за да вечераат. Откако се навечераа Арсо проговори: ,,Јазе
се решив пак да отида до Виена, али како одењето на така долг пат, сам да
одиш не е баш сигурно, на ова одење мисла и Пана да го зема сос мене. Ем
че ми се најди таму и по патот ем че види нешто, за кога че остари, да има
што да прикажуе, па да сме живи и здрави другпат кога че ода, Ѓорчета че
го зема сос мене, и така сите со ред да појдете и да прошетате. Ем че
видите нешто, што не у Подлес, ами ни у Велес, уште илјада години да
живеете не можи да видите. – Море домаќине – рече Костадинка на смеа.
Немој да ми довлечкате некоја невеста за Пана отаде, та да не можа да се
разбера сос неа. Пано поцрвене и одма одговори – колку за тоа, мајко ич
гајле да немаш. Има уште време за таа работа. Татко тоа гајле за сите нас
го бери. Тој кога ќе речи, тогаш че биди. – Вистина, синко, така е – се
огласи Костадинка, ама стројници фатија да идат и за сестра ти, ама и за
тебе ми рекоа. Арсо задоволен од муабетот се вмеша – дури не ги
наполниме амбарите со жито и бочвите со вино, никаква свадба нема да
правиме, а штом тоа ќе го сториме за Пано невеста ќе бараме.”

Многу брзо изминаа тие неколку дена до понеделникот, денот кога


беше одредено да тргаат на пат за Виена. Костадинка им сошила на
обајцата нешто слично како ќемер, во кој требаше да ги турат златните
плочки и да го опашат на половината, за по патот некои да не им ги
украде. Претходно, во неделата Арсо и Пано слегоа во визбата, ги извадоа
златните плочки, каде што беа сокриени. Одброија од нив сто парчиња.
Другите пак ги скрија. Од тие сто парчиња што ги извадоа, шеесет
парчиња ставија во ќемерот од Пано, другите четириесет ги турија во
ќемерот на Арсо. Костадинка беше им месила баница и им испржила две
пилиња, за да им се најде јадење по патот. Кога дојде понеделникот, сите
станаа рано во зората. Арсо и Пано си ги облекоа новите облеки, си ги
опашаа ќемерите и беа спремни за да тргнат на пат за Велес. Арсо
заповеда да се стави софрата, за да поткаснат по некој залак. Кога беше
софрата ставена, се прекрсти и се помоли на Бога за убаво и лесно
патување. Живи и здрави пак да си дојдат дома. Каснаа помалце тазе лепче
со маст, пипер и со сиренце и се напијаа по една чаша пресно млеко.
Откако појадуваа, уште еднаш ги прегледаа торбите, да не фали нешто. И
текна на Костадинка, па зеде едно шише ракија од полутата, коминарката,
а и картето го наполни со црвено вино. За тоа време, додека се спремаа
Арсо и Пано, Ѓорче и Нацо ги извадија добиците од плевната, ги стокмија
за на пат и се беше спремно и готово за кинисување. Тогаш Арсо стана од
синијата, сите ги бакна во челото, а тие нему рака му бакнаа. Костадинка
беше готова да се расплаче. Беше и се нажалило. Арсо тоа го примети и и‘
свика: ,,Сакан плачење. Солза ич да не се пушти од никого. Чоек кога
тргнуе на пат не чини да се плаче, оти тешко ќе му биде патувањето”. Сите
се поприбраа малку, се насмеаја и извикаа: ,,Татко, бате, среќен патот да
ви биде, живи и здрави да ни се вратите, само бакшижи да не заборајте да
ни купите, оти ние салте на тоа ќе мислиме”. Кога излегуваа од дворот кој
беше поприлично долг и широк, Арсо им рече никој да не излегува да ги
испраќа. наместо да ги јавнат коњите, тие ги поведоа за узда, додека
излезат надвор од селото, после се качија на коњите и си го исправија
патот за Велес. Арсо не сакаше во ништо да се дели од неговите соселани.
Многу се вардеше од сенешто, со кое би можел да предизвика завист. На
Пано не му беше јасно, зошто татко му не сакаше да ги јавнат коњите, ами
требаше надвор од селото да излезат, па тогаш да им се качат, па го опита
татка си, зошто така постапи. Арсо ја затресе главата и прозбори: ,,Синко,
ти не си веќе дете, али за многу работи уште си аџамија и уште не го
разбираш животот. Биди ми жив и здрав, кога ќе дојдеш на мои години,
само ќе ти се каже. Животот е непредвидлив. Нешто ќе ти кажам, за да ти
послужи во твојот живот, за да умееш да се вардиш од зависливи очи, оти
зависливиот гледа и со ушите и се нервира кога на комшијата добро му
оди. Тој ја гледа само розата, а не и трњето. Го гледа и она што го немаме.
Велат, комшиското јајце две жолчки има. Затоа, зависта е извор на многу
неоли. Стари човеци викат, дека и царско кале од лоши и зависливи очи
паднало. – Ех – проговори Пано. Како да не! Татко, јас во тоа ич не можа
да верува. Како се можело кале од зависливи очи да падне? – Вистина е
синко – одговори Арсо. Така, просто речено не е за верување, ама слушај,
ќе ти раскажа. Некогаш во старо време си бил некој многу арен и умен
цар. Во неговата царштина се‘ си било токму. Убави градови и села.
Неговите поданици богато си живееле, слободни и задоволни од сешто. Е,
другите цареви, комшиите негови, никако не можеле да си ги наредат
работите во државите свои и се нешто им фалело. Голема сиромаштија ги
зафанало, дури и глад им се јавил во народот, та човеците и за јадење
почнале да умираат. Умниот и добар цар кога видел у неговите комшии,
дека народот страда, им заповедал на неговите високи дворски
службеници да им дадат на другите цареви од нивната храна, за да не
умира народот за јадење. За тој себап не им сакал пари за ништо. Сето
бакшиш, бадијала им го давал и тоа со години на ред. Чунки животот
враќа она, што им даваш на другите. Е, слушај сега синко Пано! Наместо
да му бидат благодарни, во нивните души се јавила силна завист. Еден ден
сите се здружиле и се договориле да го нападнат царот што им помагал и
да му ја поништат државата. Како имале повеќе народ и војска од него,
навлегле во царштината негова и сета ја запустиле, иако тој никому ништо
лошо не сторил, ами угул им помагал... Сето тоа е сторено од завист, оти у
него се‘ си било арно, па му завиделе. Зато синко, многу да се вардиш да
не ти завидат. Штом ти завидат душманите и со ѓаолот пријатели ќе
станат, само и само пакост да ти чинат. И така синко, царското кале од
зависливи очи паднало. Ме разбра синко, што ти расправив? – Разбрав
татко – рече Пано. Сепак ми е чудно зошто да му завидуваат и да го
пизмат царот, кога тој ништо лошо не им направил, ем ги помагал! – Еее,
така е синко од Бога останато. Зависливоста е тешка болест. Зависливците
умираат, зависта останува. Секогаш завист имало и ќе има, додека ќе има
век и свет. Затоа, не сакав да ги јавниме коњите од дома, за и нам да не ни
завидат. Од завист се‘ лошо може да ни направат. И во сонот синко, ми се
кажа, дека куќата наша од зависливи човеци од корен ќе се запусти. Ние
од зависливи очи треба многу да се вардиме.” Така со муабет не сетија
кога се доближија до Велес. Кога влегоа во градот, одма се упатија кај
бакалот. Ги оставија добиците во арот и веднаш отидоа при Евреинот, за
да се договорат кое време ќе биде тргањето за Виена. Пошто се разбраа
кое време ќе тргаат, се вратија при бакалот, му кажаа дека добиците тука
ќе останат до пазарниот ден, кога Ѓорче ќе дојде и ќе си ги отера дома.
Мастрафот што ќе се направи, кога ќе се вратат од Виена, тогаш ќе го
платат. Се поздравија со бакалот и се вратија во дуќанот на Евреинот. Тој
веќе се беше приготвил и беше нарачал една кочија, со која требаше да
одат до некаде. Околу ручек време заминаа од Велес.

После доста долго и тешко патување, еден ден пред стемнување,


пристигнаа во столнината на Австрија, во големиот и стар град Виена.
Одма се упатија кон хотелот, каде што беа и порано, кога за првпат дојдоа
во градот. Зедоа една соба со три кревета. Се измија и се исчистија, го
оставија багажот во собата и излегоа. Евреинот ја заклучи вратата и слегоа
долу во ресторанот. Евреинот Абрахам кој го разбираше германскиот јазик
нарача пијачка пред да вечераат. Се нпијаа по еден коњак за добредојде и
после вечераа. Ресторанот, беше прилично простран и имаше многу народ.
Некои пиеја разни пијалаци, некои вечераа, други гласно разговараа. За
Пано ова беше големо изненадување. Само се обѕираше, де ваму де таму.
Се му беше интересно и занимливо. Никогаш не видел толку и таков свет.
Како да сонуваше. Животот му се виде како убав сон. Не се мрдна од
местото. Не ни примети кога татко му и Абрахам станаа од асталот, за да
си одат во собата. Беше доцна. А, требаше да се одморат за утрешниот
ден. Замелушен од амбиентот, за момент се прибра и тројцата се качија
горе во собата за да преспијаат. Беа возбудени од неизвесноста што ги
очекуваше на утрешниот ден. Што ќе биде? како ќе биде? Поготово Арсо,
имаше немирен сон. Само се превртуваше во креветот. Рано сабајлето сите
тројца истовремено се разбудија и почнаа да се спремаат. Се измијаа, се
облекоа. Се спастрија. Арсо извади од ќемерот неколку златни плочки и ги
стави во џебот. Слегоа долу во ресторанот. За појадок имаше по асталите
сервирано танко исецкан на парчиња леб, варено млеко, варени јајца,
шунка, сирење, путер и пекмез за мачкање. Пано не можеше да се
изначуди, дали на уредно поставените астали дали на педантеријата на
келнерите што ја сервираа храната и пијалакот дали на убаво спремената
храна дали на гостите стокмени во убави рубишта кои културно си
муабетеа! Се му беше чудно и за него непознато. Така, јадеше и воедно
љубопитно посматраше. Откако завршија со појадокот, излезоа да се
прошетаат низ градот и да прашаат дали можат да ги продадат плочките
по повисока цена од таа што им ја плати музејот за стари работи. Абрахам
ги одведе кај двајца сарафи, исто Евреи, негови познаници и уште кај
други неколку трговци, за да се распрашаат за вредноста на златните
плочки. Но, никој не им ја понуди таа цена, како што им ги плати музејот.
Затоа решија да не одат веќе по сарафите, ами направо да одат во музејот,
да ги однесат златните плочки. Бидејќи на Пано ова му беше прво
излегување од Македонија, Арсо предложи прво да се прошетаат, за да го
види градот и да ги разгледа неговите знаменитости. Да има што да
раскажува, кога ќе се врати во Подлес. А, Пано не знаеше на што повеќе
да се начуди. Сето што го гледаше, никогаш ни во мислите ни во сонот не
беше го видел. Најповеќе пријатно се изненади кога прошетаа покрај
реката Дунав и кога ги виде прекрасните и во различни форми мостови.
Дотогаш не видел толку голема река и така убави мостови. Не помалку
воодушевен беше од раскошните палати и дворци Шенбрун, Хофбург,
Белведере, разните уметничко-историски музеи, црквата Свети Стефан,
зоолошката градина, забавниот парк Пратер, Државната опера и татар и
многу други знаменитости. Така шетајќи, поминаа покрај еден дуќан со
голем излог. Во излогот беше наредено различно оружје, кое се
продаваше. Имаше разни пушки, пиштоли, сабји, јатагани и секакви
ножеви. Пано како со магнет беше привлечен од таа глетка. Не можеше да
се оддели од излогот. Какви не мисли му прелетаа низ главата, кога го
гледаше оружјето. Абрахам и Арсо се погледнаа под око и тргнаа
понатаму. Пано беше како закопан на местото. Не се помрдна од излогот.
Со нажалено срце го замоли татка си да му купи нешто од тие работи што
беа во излогот. Арсо си го познаваше сина си. Знаеше дека нема лесно да
се откажи од намерата, а и сакаше ќефот да му го направи, па му вети дека
се‘ ќе му купи откога ќе ја свршат работа во музејот.

Како времето наближуваше пладне, се упатија накај хотелот, да


ручаат и малку да се одморат. По препорака на Абрахам нарачаа виенски
колбаси со гарнир од варен компир. Откако се наручаа и се починаа,
тргнаа правец кон музејот. Кога пристигнаа во куќата на музејот, Абрахам
се фати за вренгот од вратата, за да ја отвори. Но, вратата беше заклучена.
Тропна неколку пати, за да му отворат. После неколку мигови се отвори
едно пенџерче, од каде што еден човек ги праша, што сакаат. Абрахам му
кажа дека се странци и дека го бараат директорот. Човекот му одговори
дека сега пред малку директорот си замина за дома и ако сакале да се
видат со него, да дојдат утре, пред ручек, оти музејот не работел попладне.
На тројцата странци не му остана ништо друго, туку да си се вратат во
хотелот. Музејот беше прилично оддалечен од хотелот каде што
престојуваа. Враќајќи се пешки, времето се слизна. Почна да се стемнува и
тие немаа каде, си се прибраа во хотелот. Се навечераа, како што беше
редот, и си се качија горе во собата за спиење. Утрината кога станаа,
слегоа долу во ресторанот. Појадуваа и одма излегоа, за да одат во музејот.
После некое време пристигнаа пред музејот. Абрахам, пак тропна на
затворената врата. Вратата се отвори и ги пречека вратарот. Ги праша што
сакаат. Абрахам му рече дека сакаат да се видат со директорот. Вратарот
ги замоли да причекаат, за да го извести директорот. По малку време
излезе директорот и кога ги виде, одма ги позна, љубезно се поздрави со
нив и со раката им покажа да влезат во неговата канцеларија. Штом влегоа
во канцеларијата, директорот ги покани да седнат на комфорните и удобни
фотељи и им посака добредојде. Абрахам му расправи дека вчера дошле
од Турција и донесоа од тие, златните плочки, што му ги продадоа
минатиот пат. Директорот се насмеа и им рече да ги извадат, за да ги
види, колку се и да им изброи пари, колку што чинат. Прво Арсо го
сопаша ќемерот и изброја четириесет парчиња. После и Пано го истури
ќемерот и нив ги изброја и тие излегоа шеесет парчиња. Директорот пак ги
преброја, а понекои, што му беа сомнителни, ги тргаше на терезија, ама
сите беа токму на мерата и исправни. Тогаш ги запраша, како сакаат да ги
земат парите. Овде да им ги изброи, на лице место или пак преку банка да
им ги прати. Нему му било сеедно како ќе ги исплати. Арсо се замисли
малку. Се консултира со Абрахам. Си помисли, убаво е да не ги влечкаат
со ним парите, но му беше страв за поинаку, сите ќе разберат, па затоа
најубаво ќе биде, тука да ги земат парите. Директорот го повика
благајникот и му нареди, да им ги исплати парите на гостите, колку што
им припаѓаше по есапот. Кога ги примија парите, Арсо тргна на страна
пеесет напалеони за мастрафење, а другите ги распоредија по ќемерите и
си ги опашаа на себеси. Пред да си тргнат за назад го опитаа директорот,
дали ќе сака уште да му донесат од плочките, ако случајно пак најдат.
Директорот се поднасмеа и им рече колку што имаат, нека донесат, сите ќе
им ги купи. Сетне, добронамерно им скрена внимание да се пазат од
арамии, а нарочно во хотелот каде што отседнале и не е на одмет некакво
оружје да имаат кај себе. Тројцата учтиво му заблагодарија на директорот
Адолф за советот што им го даде и си заминаа. Така одејќи по убавите и
чисти улици од виенската чаршија Абрахам промрмори: ,,Чорбаџи Арсо,
арно кажа директорот Адолф, да се вардиме од арамии. Не се арамиите
овде како кај нас, да те начекаат на патот, да те пљачкосаат и да те
отепаат. Овде идат ноќе, кога спиеш, ќе ти ги оберат парите и ќе си
заминат. Мајката му е или ќути да си земат, што им е за земање или пак,
ако си јунак и можиш убаво да маваш, тогај мавај и слободен си да го
отепаш во твојата соба и власта за тоа нема да те тури во апсана. Али,
поубо да не даде Господ тоа да не снајди.” Пано со внимание го слушаше
Абрахам што говори, па се огласи: ,,Иако немам никакво оружје, ви велам
вие слободно да си спиете, како дома што си спиете, а јазе ќе го берам тоа
гајле. Не еден, ами пет души да дојдат, сите ќе си ја земат бељата. На сон
да ме фанат, тоа нека не си го лажат умот! Побргу зајак ќе фанат на
спиење, одошто мене во сонот. Али сепак татко, да појдиме при дуќанот,
дека што ги гледавме тоа пушките, та да си купиме нешчо за злочас, да ни
се најди.” И така, разговарајќи, дојдоа до продавницата во која што се
продаваше оружјето. Влегоа внатре и почнаа да разгледуваат од
изложените разни чешити оружје. На Пано најповеќе му бегаше окото по
пушките и пиштолите и го замоли татка си, ако може, да му купи една
пушка, макар и ловџиска нека биде, само пушка да биде. – Чорбаџи Арсо –
прозбори Абрахам. ,,Немој да заборавиш дека у Турција живееме и пак
таму ќе си одиме. Ко ќе те видат турците сос нова пушка, шчо мислиш,
шчо ќе си речат? Овај не оди како што у тескерето пишуе да се лечи, ами
оди пушки да купуе. Затоа сакн пушка. Ако сакаш некој нож за дома да си
купиш, купи си или пак, купи му на сина ти еден јатаган, али за него на
царина ќе речиш, дека бакшиш за бегот го носиш.” Пано како замајан,
само во пушките се пулеше, па продавачот извади една пушка од џамлакот
и му ја даде в раце, да ја разгледа. Кога ја зеде пушката во рацете, Пано
толку се израдува, како божем половината Виена некој бакшиш да му ја
дал. Абрахам бргу му го прекрати задоволството. Тој му објасни на
дуќанџијата дека се од друга држава, од Турција и ако ги види некој
чиновник од конзулатот, може лесно да настрадаат кога ќе се вратат во
Турција, каде што можат да бидат наклеветени, дека дошле во Австрија,
пушки да купуваат. Затоа најубаво ќе биде да си ја прибери пушката во
џамлакот, а да им покаже некој убав нож за дома и еден убав јатаган.
Трговецот си ја прибра пушката од Пана и ги одведе при џамлакот каде
што беа изложени разни ножеви, јатагани и сабји. Дури Арсо и Абрахам ги
разгледуваа ножевите, Пано ги разгледуваше јатаганите. Од ножевите
Арсо одбра два, а Абрахам еден, а Пано го оставија сам да си одбере
јатаган по мерак, како што ќе бендиса. Тој фати десетина јатагани, но ни
еден не му одговараше спрема неговата рака. Тогаш Дуќанџијата му
заповеда на калфата да донеси неколку јатагана од другиот дуќан. После
малку време калфата се врати и донесе шест јатагани. Тие беа скоро за
една педа подолги од првите што ги гледаше. Беа и бааги потешки. Пано
си одбра еден, кој токму му одговараше спрема големината на неговата
рака. Трговецот им ги завитка ножевите во една книга, а јатаганот и
силавот во друга книга. Арсо го изваде ќесето и на трговрцот му плати
колку што му чинеше. Излегоа оттука и одново прошетаа низ чаршијата,
за да купат некои други работи за бакшижи на домашните.

Шетајќи по виенските улици, заминаа покрај еден дуќан каде што се


продаваше алва, сладолед и лимонада. Како беа доста ожеднати Абрахам
предложи да влезат во дуќанот и да се напијаат по една лимонада, а и да
седнат, да се одморат малку. Влегоа во дуќанот, седнаа на една маса и
Абрахам нарача по една лимонада. Момчето кога ја донесе лимонадата, ги
праша што ќе сакаат друго да им донесе. Како Арсо и Пано не разбираа
што говори момчето, Арсо го опита Абрахама, што вели момчето.
Момчето не дочека Абрахам да одговори, ами тоа само им кажа, што
сакаат друго да им донеси – алва или сладолед. Со озарено лице и радост
дека со овие луѓе разговара на свој мајчин јазик, ги запраша од каде се? Не
чекајќи одговор, им рече дека и тој е македонец и е родум од Охрид.
Гостите се израдуваа, кога видоа дека и во Виена има наши луѓе дуќанџии.
Момчето сето ќефлија им рече да почекаат, да го викне чичко му и тој да
се види со нив. Со брзина влезе во една врата, од каде што по малку време
излезе еден човек на околу шеесет и пет до седумдесет годишна возраст.
Одма дојде до масата каде што седеа Арсо, Пано и Абрахам. Срдечно се
поздрави и одма ги праша, од каде се и каква работа ги донесла во Виена.
Арсо му одговори дека се македонци и се родум од велешката околина, а
се дојдени поради болест. Човекот им кажа дека и тој е македонец и е
родум од градот Охрид. Избегал од Турција пред триесет години, од
причина, оти отепал еден турски катил. Седна на сандалијата до нив и
почна да им раскажува: Убаво и домаќински си живеел во Охрид. Си имал
жена, два сина и една ќерка. Ќерка му била на осумнаесет години и била
многу лична. Тој во Охрид се занимавал со меанџилак. Си имал своја
меана, лозје и нешто земја за жито сеење. И така, арна му била
живеачката. Е, али еден Турчин, бег, голем катил, ја видел чупата негова и
и‘ фрлил мерак. Му пратил стројници. Дошол стројникот кај него во
меаната и му рекол, здраво живо имаш од Усеин Бег. Бегот ја пулел чупата
твоја и голем мерак има на неа. Сака да му ја дајш, за жена да му биде. Тој
кога го слушнал тоа, косата му се кренала на главата. Зар може таков
резил да дочека и на Турчин ќерка да даде. Си рекол со умот, поубаво
чесна смрт одошто нечесен живот. Па, му рекол на стројникот дека ќерка
му е свршена и в недела свадба ќе прават. Стројникот си отишол, али по
еден саат време пак се вратил. Прво му покажал едно плетено ќесе полно
со алтани, а после му покажал еден куршум од мартин и му рекол, одбери
чорбаџи кое го сакаш, дали ќесево со алтаниве и ќерка ти со убаво да ја
дајш или куршумов од кој животот ќе го изгубиш, а ќерка ти пак бегот ќе
ја земи, само тогаш таа работа со сила ќе биде. Како јас бев во најбујните
години, а и многу на честа од фамилијата си држев и верата не сакав да си
ја погазам, го зедов куршумот, а ќесето со алтаните му го вратив.
Стројникот, кој беше наш човек, одма ми рече: ,,Чорбаџи Никола, знаеш
ли што правиш? Бегот е многу катил и со сила може да ја изврши оваа
работа. Ем тебе ќе те отепа ем ќерка ти ќе ја земит, али сакаш оваа работа
со ќеф да бидит? Ми рече да ти дадам мувлет десет дена, за да се
помислиш, па после да кажиш.” И си отиде. Јас овој срам што ме чекаше
не можев ниту да го смислам ниту да го преживеам. Се решив да умрам,
ама и на бегот душата да му ја извадам. Вечерта откако ја затворив
меаната, отидов при брата ми. Викнавме и некои поблиски роднини. И на
сите им расправив за случката што ми се деси денеска. Сите слушаа и
молчеа. Никој не можеше и не знаеше ум и совет да ми дај и да ми кажи
што да чинам. Тогај, сите се растуривме и секој си тргна за дома. Јас
отидов до некаде, застанав на патот, се позамислив и пак се вратив кај
брата ми. Му реков дека јас се одлучив. Кога му ја кажав мојата намера, се
расплака и ми рече: ,,Брате, многу те жалам. Али ова што си го намислил,
да го извршиш, токмо ти е јуначки и домаќински. Во сојот наш, до
денеска, никој не се покажал плашлив како баба. За честа и намузот за
својата фамилија и домот свој, секогаш биле готој и животот да го изгубат.
Тоа што си го намислил, среќно да ти излези и Господ да ти поможит. На
тоа му реков вака – брате, ова сега што ќе ти го кажам, од тебе барам во
срок од десет дена да го извршиш. Сите мои домашни, домаќинката и
децата преку Албанија да ги префрлиш во Италија. Таму ќе појдат при
побратимот Косте и ќе ме чекаат мене. Ко ќе сврша работа со бегот, ако
остана жив и здрав, ќе дојда таму. Сетне што ќе ни дај Господ, ќе пулиме,
ќе прајме.” Кога си појдов дома, им кажав на моите каков е планот. Да се
спремат за на пат, да си земат само најпотребното и им дадов двесте лири,
златни пари. Другиот ден, рано во зорите, со рибарски чун сите мои
домашни по езеро заминаа за Албанија. После неколку дена, брат ми ги
префрлил во Италија кај побратимот Косте. Тој кога беше ги видел, се
зачудил и одма ги опитал, кое нешто ги натерало да дојдат сами без мене.
Жена ми му ја кажала причината, и дека тие ќе треба мене да ме причекаат
кај него. Никој во Охрид не разбра дека мојата фамилија веќе се наоѓа во
Италија. Многу брзо ми изминаа тие десет дена што ми ги даде бегот како
мувлет, за да размислам, дали ќе му ја дадам ќерка ми. Единаесетиот ден
дојде стројникот и ме опита што размислив. Му реков, дури ќерка ми не се
види со бегот, никаков одговор не можам да дам. Стројникот си отиде. Јас
бев толку бесен и возбуден, така што како прат се тресев и си велев со
умот, еј бег, само ако те излажи ѓаволот дома да ми дојдиш, убо ќе
разбериш што каурка ќе љубиш. За сето тоа време, дури мувлетот ми
помина, се‘ си спремив и си го скроив планот, како и каде да избегам
откако ќе го отепам бегот. Стројникот пак, намина покрај мојата меана.
Му свикав да се врати, да му кажам нешто. Кога дојде, му реков, кога ќе
сака бегот да дојде, два дена порано да ми јавиш. Да се спремат
домашните, убаво да го дочекаат, а не да ги најде како годе и неспастрени.
Поминаа два-три дена откако му го реков тоа на стројникот. Дојде
понеделник. Пазарен ден. Бев многу зафатен со работа. Меаната ми беше
полна со муштерии и тоа повеќе селани од охридската околија. Токмо
околу ручек време, дојде стројникот, за да ми кажи кога ќе дојди бегот.
Дојде до вратата на меаната, застана на прагот и извика – чорбаџи Никола,
кажи на жените дека бегот в среда ќе идит да пулит чупата. Крвта ми
зовре. Ми се стори како ровја да ме удри. Тешко ми беше во душата и на
снагата. Едно срам ми беше од муштериите од кои повеќето ми ги
познаваа и домашните и ми беа добри пријатели, а друго што веќе
наближил денот, кога честа на мојот дом ќе ја сочувам. Али знам, од корен
домот мој ќе биди искорнат и куќата моја ќе се запусти. Браќа, се ми беше
убаво во Охрид. Убаво и чесно си живеев со мојата домаќинка и со
челадта. Работата ми одеше како што Господ сака. Ама, честа со пари не
се купува. Честа е посилна и од смртта. За да ја одбранам честа, не само на
мојата куќа и фамилијата, ами и на целиот мој сој, се решив куќата да си ја
запустам, ама образот чист да ми остани. Образот нема цена. Образот е
поскап и од животот. За час изминаа два дена. Дојде денот кога бегот
требаше да дојди дома. Сабајлето осамна убав ден. Ввремето беше ведро и
многу пријатно. Да ти е ќеф и радост да живееш. Ама пред ручек наеднаш
времето се расипа. Лошо време зафана. Почна една бура, да ти е страв на
патот да излезиш. Од ручек ветриштата спласнаа, облаците се разотидоа и
времето пак се разбистри и пак беше многу убаво. Си реков во себеси –
слава ти Господе, слава ти. Ти даваш живот, ти земаш живот. Ова денеска
што го направи со времето, ми го кажа животот мој. Каков беше и каков ќе
бидит. Ми светна една искра во душата. Вистина е дека и лошо ќе
преживеам, ама најпосле, сепак, убаво ќе бидит. На три сата пред да се
стемни, ја затворив меаната и си отидов дома. Си облеков нова руба. Си ги
прибрав парите, што беше останале фазла, од тие што и ги дадов на
домаќинката и на децата, кога ги испратив за да бегаат. Си го приготвив
саторот, што си сечев месо на меана. Си се прекрстив и се помолив на
Господ, за да не ме срамит, ами да ми дај кувет, за да го извршам
намисленото. Кога беше се‘ готово, седнав да се одморам. Се напив
неколку чашки ракија. Денот беше при крај. Се стемнуеше. Во тремот ја
запалив ламбата, која беше турена во еден фенер, за да не ја дуват ветрот и
да изгасни. Во одаите на сегдека запалив ламби, за да се види дека бегот го
чекаме со срце и душа. Не измина многу време, некој чукна на портата.
Истрчав во дворот, го повлеков сурмето и ја отворив портата. Го видов
бегот со уште четворица други турци. Сите беа наоружани со пиштоли и
со јатагани во силавите. Бегот беше променет во нова, само со срма везена
руба и никакво оружје не носеше. Одма ги поканив да влезат. Јас одев
напред, бегот по мене, а по него неговите телохранители. Бегот кога ме
виде променет во нова руба и куќата сета светната со ламби, прозбори – Е,
така сакам бе чорбаџи. Со убо да бидит работата. Зошто со сила и со лошо
да бидит. Ем за тебе убо ќе бидит ем за чупата многу арно ќе бидит, оти
јас многу го сакам и многу арно на сите вас ќе прам. Прво јас влегов во
куќата. По мене бегот идеше, а по него неговата придружба. Кога требаше
да влезиме во одајата, бегот им даде знак на останатите, да стојат во
тремот. Тој влезе во одајата и ја турна вратата зад себе си. Али јас влегов
во другата одаја и го поканив и него со – повели бегу, повели. Застанав до
вратата, а во исто време си го зедов саторот во десната рака. Вратата каде
што требаше да влези бегот беше прилично ниска, а тој беше ко џаа висок,
требаше да се наведи и со главата напред да влези во одајата. Кога ја
наведе главата и влегуваше внатре, со голема сила мавнав со саторот.
Толку силно беше сум го удрил по вратот, така да главата му се отркала
скоро два чекора од трупот. Шурна крв од трупот како шадрван. Никаков
глас не изусти од себе. Беше паднат токмо на прагот од вратата. Го
свлечкав трупот внатре во одајата. Ја заклучив вратата и слегов по скали,
низ една скришна врата во визбата. Се зачистив од крвта која беше ме
испрскала, кога му ја отсеков главата. После, низ еден капиџик излегов зад
куќи, каде што имавме мало бавчуле, покрај кое имаше тесно сокаче, од
каде што можев да излеза право на брегот на езерото. Се префрлив преку
оградниот ѕид на сокачето и со брзи чекори се упатив кон езерото, каде
што брат ми ме чекаше во еден чун со двајца рибари. Влегов во чунот и со
забрзано веслање се усмеривме правец кон Албанија. Како јас имав
пријатели во едно гратче кое се вика Подградец, чунот го свртивме право
таму. По неколку саати веслање стигнавме до брегот. Брзо излегов од
чунот. Се збогував со брата ми и со рибарите, кои требаше веднаш да се
вратат за Охрид, да не се сетат турците дека ме префрлиле преку езеро и
да помислат дека и тие се смешани во случката со бегот. Се прибрав
малце. Си дојдов на себе си. Ми олесна. Како да симнав сто оки од плеќи.
Се осеќав побезбеден. Времето наближи до полноќ. Тргнав право кон
куќата на еден мој стар пријател. Портата беше затворена. Чукнав неколку
пати. Се јави пријателот и опита кој тропа. Ко разбра кој сум, брзо ја
отвори портата. Се зачуди кога ме виде сам и така разбушавен во косата и
извика, повели, повели брат Никола. Многу ми е мило што те гледам и ти
во куќава да ми дојдиш. Каква среќа!? Има три години како не сме се
виделе... Пет години како во куќата не ми си дошол. Како и тој по вера
беше рисјанин, домаќинката негова, се поздрави со мене. Одма на астал
стави една паница со ситно дробен тутун, донесе ракија и си отиде при
децата. Останавме сами со пријателот во одајата. Си пивнавме од ракијата.
Ги запаливме цигарињата и почнавме лаф-муабет. Тој немаше трпение да
му кажам, како и зошто сум дојден, ами одма љубопитно ме опита, какво
добро или зло ме натерало, вака со ноќ да пристигнам од Охрид. – Слушај
брат Кочо – му реков. Се што ми лежи на срце и во совеста моја, се‘ ќе ти
кажа, а и помош од тебе ќе барам. Мене овде големо зло ме дотера. И
почнав да му расправам за сета работа како стана и која беше причината за
тоа нешто да стани. Само за ова што ти го раскажав, никому ни збор. Кога
ја слушна целата приказна, Кочо стана на нозе и ми рече – Слушај брат
Никола, дај ја раката ваму, браво ти велам на јунаштвото твое и на честа и
на досоинството, кое си го бранел по цена на животот да го изгубиш. Само
така јуначки и домаќински бидуе. И еве, тврда беса ти давам, дури стој
мојата глава на рамена, нема никому ништо да кажам. Коски кршам, збор
не кршам. Тебе не можит никој потака ништо да ти забележи. Кочо беше
замелушен од она што го слушаше. Молчеше. По извесно време, ме опита,
што мислам сега да правам. Му кажав дека сакам што поскоро да се
префрлам во Италија, каде што ми се децата и жената. Ако се можи
денеска да тргниме. Најарно е уште денеска да одиме. Тој се помисли
малку и рече – јас би сакал, барем неколку дена да поседиш како гостин
при мене, али гледам, како на жар да седиш, затоа ќе гледам, ќе правам
колку можит побргу да тргаме, да одиме. Ја повика домаќинката и и‘ рече
да донеси јадење, да поткасниме. Јас не можев да јадам. Толку многу бев
уморен, што немав иштав за јадење. Везден ми се јавуваше сликата пред
очи, како на бегот му ја сечам главата. Али сепак, за атер на братството и
пријателството што го имав со Кочо, а и за атер на софрата, каснав
неколку залака леб и се напив две чаши вино. Кочо стана од софрата и
отиде во другата одаја и отаде ми донесе албански рутишта и ми рече да се
преоблечам во нив. Кога се преоблеков и бевме азар за патување, тој и
заповеда на домаќинката да тури у тагарчикот јадење за два-три дена. Ми
даде пушка и колан со фишеци, кои трбаше да ги носам, а во една бовча ја
врзавме мојата руба, во која требаше пак во неа да се преоблечам откога ќе
стигнеме на море. После излезе низ порта и по кратко време се врати,
водејќи со себе два коња, кои ги зел од кај негови роднини. Ги префрливме
пушките преку рамо. Зедовме збогум со неговата домаќинка, се
прекрстивме и се помоливме на Господ да ни дај мирно и безбедно
патување. Си ги јавнавме коњите и кинисавме да одиме, за да излезиме на
море. После неколку дена мирно патување пристигнавме во градот Драч
(Дурацо), морско пристаниште кое се наоѓа на брегот на Јадранското море
од каде што секој ден мали и големи гемии заминуваа за Италија и за
други држави. Сега требаше да се бара начин како да се префрлам во
Италија. Тескере за премин преку граница немав. Без тоа не можев да
влезам у гемијата. Најпосле и за тоа најдовме чаре. Се запознавме со еден
гемиџија, кој за три златни лири се кандиса во негова облека да ме внеси
во гемијата и да ме префрли во Италија. Пријателот Кочо како мало дете
се радуваше дека успеавме да свршиме работа, да заминам за Италија.
Му заблогодарив за трудот што го вложи за мене. Сакав да му дадам пет
златни лири, али тој несакаше да чуе – рече, дај ми само еден черек бела,
која ќе ја чува како спомен, за да ме потсетуе на тебе. Се поздравивме и
зедовме збогум. Се качив во гемијата каде што веќе имаше многу луѓе
влезено. По малце време, истата тргна за Италија. Се преслеков. Си ја
облеков мојата облека и се измешав меѓу другите патници. Вечерта
стигнавме во Италија. Другиот ден заминав за местото каде што се
најдуваа моите деца и домаќинката кои беа се прибрале кај Костета. Не за
џабе рекле – Во секое село имај по еден пријател. Оти, пријателството
нема цена. Добар пријател, понекогаш е поарен и од роднина. Кога се
видовме со моите домашни, на среќата и немаше крај. Сите бевме здрави и
живи и задоволни што поминавме едно премреже без поголеми последици.
Вистина, куќата ни се запусти, ама главите уште ни се на рамена. Здрави
живи сме и на број. Парите се печалат, здравјето не се печали. После долго
време првпат почувствував среќа и леснина во душата. Им раскажав што
работа извршив во Охрид, како се префрлив во Албанија, како со
пријателот Кочо стасавме во Драч и како со негова помош се префрлив во
Италија. Вистинскиот пријател во неола се познава. Дури сум жив вечно
ќе му бидам благодарен за несебичната помош што ми ја пружи, кога бев
на мака. Тука при побратимот поседов некој ден. Али браќа, гостин е мил
ден, два, сетне смрди, не бидуе. А, без работа не може да се живее.
Побарав нешто да работам, ама за мене немаше погодна работа. Бидејќи во
Виена имав и други мои роднини, се решив да дојда во Виена. Овдека
среќата ме посака. Имаше еден нашинец, кој сакаше дома да си оди, во
Тетово и дуќанот сакаше да го предај некому. Со роднините мои и со
некои пријатели се погодивме мене да ми го предај дуќанот. Откако го
зедов дуќанот и почнав да работам во него, среќата пак ми се насмеа. И
почнав пак како човек мирно и спокојно да си живеа со своите домашни,
без страв. За ништо и од ништо да не се плаша. Али браќа, право да ви
кажам, многу ми е жал за родното место. Би сакал таму да си ода, таму да
ги остава коските мои, каде што лежат дедовците и прадедовците наши.
Сакам таму да си умра. Али како да ја оставам оваа златна слобода и да се
врата во она црно турско ропство. Од секој турчин да се плашиш и како
лист да се тресиш. Ех ако имаме ксмет и ние да се ослободиме, како
србите што се ослободија, ќе стискам заби, да не ми излезит душата овде,
во јабана, ами да си ода во златен Охрид, таму да си умрам. Али кој знае
дали тоа ќе можа да го дочекам. Ене и браќана македонци у Бугарија се
бунтуваат и гинат сиромасите, за да се ослободат, ама што ќе прави
голорак народ. Вистина, јунаци се, али што можат да сторат, кога на една
нивна ајдучка пушка, турците десет пушки ќе извадат. Сепак, со Господ
напред, се надевам дека некои ќе им поможит, та и тие за брго време ќе се
ослободат. Тие околу себеси имат слободни држави. Нешто србите, нешто
романците, а пак, ако сакаат и браќана русине да им поможат, турците
видвиделија ќе ватат, та не ќе се вратат. Само браќа, слободата не иди ако
е чекаш со скрстени раце на гради, ами слободата сака да се бориш за неја
и така да ја добиеш. Браќа, кај нас потешко ќе бидит ослободуенето. Ние
македонците сме стреде во Турската држава и затоа потешко ќе можит да
ни дојди помош од некаде. Али жилав коров е Македонскиот народ.
Вистина ќе дадеме појќе жертви и појќе Македонска крв ќе се пролее, ама
еден ден и ние македонците ќе се ослободиме од ова грозно ропство. Само
го молам Господ, тоа да биде што побрго, та да можа да си појда во
милоно ми родно место и да се надиша слободен и чист езерски воздух, па
сетне и да умрам ич не ми е жал. Браќа, еве пак ќе ви реча, од слобода
нишчо послатко нема, зато сите треба да се бориме, за да се ослободиме од
нашите душмани крвопијци.” Како раскажувањето на охриѓанецот Никола
немаше крај, Абрахам веќе немаше трпение и му рече на Арса: ,,Чорбаџи
Арсо, македонските маки со колај не се докажуваат, ами ајде стани да си
одиме, оти други работи имаме за свршуене. – Вистина е така – одговори
Арсо. Нашите маки и страданија не се докажуваат. Ако почнам и јазе да
кажувам, сигурно полнојќ ќе не фани и пак не ќе можиме маките наши да
си ги доискажиме. Али голем е Господ и со Бога напред се‘ убаво ќе биди.
Господ како што е, никој не е. Тој ја чува нашата татковина Македонија.
Белки и нам среќата ќе ни се насмее.” Пано целиот овој муабет со голем
интерес и внимание го слушаше. Сиот се беше претворил во око и уво.
Само се пулеше и слушаше. Којзнае какви мисли му навираа во умот. Кога
Абрахам рече да си одат, Пано ич не го слушна. Дотолку беше вдаден во
раскажувањето на стариот охриѓанец Никола. Абрахам стана и Арсо стана,
само Пано и Никола седеа. На Пано како да не му се стануваше оттука.
Тогаш Арсо му рече на Пано да стани, за да си одат, а ако сака утредента
кога ќе излезат низ чаршија ќе поминат кај Никола и тој може да остане
кај него за да си прават муабет. Па, тие кога ќе свршат работа, ќе додат и
ќе го земат. Кога и Пано стана од столица, Абрахам го викна момчето, за
да му ги плати лимонадите. Но, Никола му рече да донеси уште по една
лимонада и рече дека сето е од него платено: ,,Браќа, вас што ве видов и со
вас што проговорив, како мевлем на рана ми дојдоа овие муабети со вас
што ги напрајв. Бадијала ќе му кажуваш на некој овдешен човек за овие
маки, ние македонците што ги тргаме. Тој вистина, ќе те слуша, ама
значението на тие зборови не можи да го разбере. Тоа го разбира само наш
човек, наш брат македонец, кој сите овие маки на грбот свој ги осетил.
Затоа браќа, ќе ве молам да ми проштавате, ако многу долго ве задржав. А,
сега збогум браќа и со здравје да ми си одите. Па, утре ако имате повеќе
време, многу ќе ми биди мило, пак да ми дојдите, за да си попрајме
муабет.” Арсо, Абрахам и Пано се збогуваа со Никола и си заминаа кон
хотелот. Времето за ручек беше бааѓи изминато кога пристигнаа во
ресторанот за да ручаат. Келнерот ги дочека и им кажа дека ништо од
готвеното-варено не останало, ами ако сакаат шунка или салама да им
донесат или пак јајца варени или пржени да им зготват. Тоа го има. Арсо и
Пано нарачаа шунка, а Абрахам пошто од верски причини не јадеше
свинско месо, нарача пржени јајца да му донесат. Откако се наручаа, се
качија горе во собата и легнаа малце, да се одморат. После два саата време
откако се одморија, пак излегоа низ чаршија за други работи да си купат.
Влегуваа во дуќани со разни стоки. Арсо купуваше разноразни бакшижи
за домашните, ама и за некои роднини и пријатели, нешто за спомен да им
се најди од Виена.

И така, скоро неосетно изминаа деновите колку што беа определиле


да поседат во Виена. Дојде денот, кога требаше да се вратат во
Македонија. За тоа време, што поседоа, кај охриѓанецот Никола се
навратија уште неколкупати. Пано беше многу доволен од зборовите што
ги слушаше од стариот охриѓанец Никола. Пано од срце ги мразеше
зулумќарите, поробители. Просто речено, гореше од желба и сакаше што
поскоро да се отпочне борбата за ослободување на Македонскиот народ.
Кога дојде денот да си заминат за Македонија, отидоа кај Никола, за да се
поздрават за последен пат и да земат збогум. Влегувајчи во дуќанот,
момчето што послужуваше, одма отиде да го повика чичка си Никола. По
едно време Никола влезе во дуќанот. Со него влегоа и тројца помлади
господа. Се поздравија со Арсо, Пано и Абрахам. Им кажаа дека и тие се
македонци, кои се одамна дојдени во Виена. Тука поседоа извесно време.
Се почестија и срдечно разговараа. Но, како времето се кусеше за одење,
станаа и се поздравија. Tргнаа за низ врата да излезат, a Никола одеше по
нив и им зборуваше: ,,Браќа, многу ми е мило што се запознав со вас и
многу ќе бидам радостен, ако пак ве донеси Господ да дојдите во Виена,
да се видиме. Само за арно и убаво да идите. Само еден насиет ќе ви
дадам. Не плашете се од турците, ами удрете по тие кучиња. Борете се за
слобода. Слободата е среќа. Со ништо не се заменува. Слободата живот
значи. Слободата има своја цена. Ама браќа, слободата сама не иди.
Слободата не се подарува, туку се добива. Треба да ја бараш и да се бориш
за неа, за да ја добиеш. Без борба нема слобода. Затоа ви давам насиет,
борете се и не плашете се.” Абрахам нестрпливо излезе на улица и овие
последни зборови на Никола не ги слушна. Арсо беше на исто мислење
како Никола. И тој ја посакуваше слободата и беше готов многу нешта да
жртвува за неа. Ама Пано, беше толку запален, што беше готов и животот
да си го даде, само Македонецот да биде ослободен од тоа црно ропство.
Се поздравија уште еднаш и си заминаа право во хотелот. Си го собраа
багажот и слегоа долу во ресторанот. Се напоручаа. На рецепција си ја
платија сметката колку што им чинеше за цело време на престојот. Се
поздравија со хотелиерот и со пајтон заминаа кон виенската гара, од каде
што до некаде можеа со возот да одат, а сетне со ландони и други запреги.

После долго и неизвесно патување, пристигнаа во Велес. Отидоа


право кај бакалот Арсо, го растоварија багажот и после заминаа во
дуќанот на Евреинот Абрахам. Арсо го запраша Абрахам, колку пари
треба да му плати за арчот околу вадењето на тескерето. Но, овој за тоа не
сакаше да му земе пари, оти Арсо беше купил скапи бакшижи и за него и
за неговите домашни. Тогаш Арсо го отпаша ќемерот, извади триесет
златника, му ги даде и го праша, дали е доста. Абрахам задоволно се
насмеа: ,,Чорбаџи Арсо, од Господ повеќе. Јас сум ти многу благодарен.
Се чудам на твојот овардалак, На вакви луѓе како тебе се‘ угул Господ да
им дава, за да можат секому да помагаат и добрини да прават.” Арсо
откако ја заврши работата со Абрахам, појде кај имењакот, бакалот, каде
што Пано го чекаше. Го извади поклонот што го купи за него. Тоа беше
еден сребрен чибук со ќилибар. Бакалот беше пријатно изненаден и многу
задоволен од подарокот. Бидејќи другиот ден беше пазарен ден, Арсо
реши да остани во Велес, па утредента со пазарџиите да си одат во Подлес.
Бакалот откако го затвори дуќанот, вечерта ги зеде двајцата дома на
вечера и на спиење, за да не спијаат во анот. Од постапката на бакалот
Арсо беше многу задоволен. Тој за вратка, го покани бакалот, кога сака, со
сето семејство да му дојдат на гости во Подлес. И така, во пријатна
атмосфера, вечерта поседоа поприлично време. Арсо на бакалот и
неговите домашни им раскажуваше интересни работи, што виделе и што
слушнале во Виена. Му раскажа и за јунаштвото на охриѓанецот Никола.
Бакалот слушаше со внимание и само воздивнуваше: ,,Е, мој брате Арсо,
да е некоја стрејќа сите би требало да бидеме како него. Али пусто сне му
го зеле стравот на турците, па да ми простиш и на прдежот нивни, кога ќе
прднат ќе свикаме – повели ага, повели бег. Пред ними се тресиме како
прат, божем тие ни ја дале душата и тие треба и да ни ја земат. Добро
рекол охриѓанецот – удрете браќа по тие кучиња. Вистина, во право бил.
Слушај брат Арсо, сериозно ти викам, без мавање ништо не бидуе. Ама
што да правиме? Годините за тие работи ни изминаа. Не сме кадри ни да
бркаме ни да бегаме, а и домаќинлакот треба да го запустиме. Затоа,
сакаме, нејќиме, че ги трпиме. Со Господ напред, си мислам дека младиве
ќе се способни тоа да го сторат и белки ќе му донесат слобода на овој наш
страдален, македонски народ.” Толку беа заблудени со муабетите, дури се
зачудиа кога удри полноќ. Наредниот ден беше пазарен ден, а бакалот во
тој ден имаше многу работа. Затоа го прекинаа муабетот и отидоа да си
легнат, барем малку да поспијаат.

Ѓорче, во вторникот, кога Арсо и Пано пристигнаа во Велес, сонил


сон, како татко му и брат му си дошле во Подлес. И тие му биле лути, оти
не отишол со добиците во Велес да ги пречека. Во средата рано сабајлето,
Ѓорче станал, коњот и маската ги стокми и беше спремен во Велес да
тргни. Костадинка му се налути и му викаше: ,,Море синко, шо си го
матиш умот? На сонот ли ќе му веруеш? Бадијала ќе го тепаш патот. Тие
ко ќе си дојда, ќе најда чоек по кого абер да пратат, дека се дојдени, та
тогаш да одиш и да ги подземиш, а вака џабе патот ќе го газиш.” Но,
Ѓорче не ја слушаше мајка си. Нему се пред очи му излегуваше ликот на
татко му и на брат му, кои му се лутеа дека не отишол да ги подземи. Затоа
го јавна коњот и тргна за Велес со другите пазарџии. Кога стигна во Велес,
отиде право при бакалот. Влезе во дуќанот и се вчудовиди кога ги виде
татка си и брата си. Неизмерно радосен, со восклик ги поздрави. Му бакна
рака на татка си и ги изгушка двајцата. Арсо, исто така изненаден што го
гледа Ѓорчета, го запраша: ,, Море синко, од дека знаеше, дека сме дојдени
и кој ти кажа, та дојде да не подземиш? – Самиот Господ ми кажа дека сте
дојдени татко и затоа дојдов да ве пречекам” – весело му одговори Ѓорче.
И им го раскажа сонот што го сони. Арсо со внимание го слушаше
Ѓорчета. За тоа време, дури ги слушаше зборовите на сина си, црна сенка
му помина преку челото. Си припомна на сонот што го сони, кога ги најде
златните плочки во ,,Боров Дол”. Се прекрсти и си рече – Ти се молам
Господи, чувај не од секакво зло. Радосни и задоволни што се одново
заедно, прошетаа низ велешката чаршија. Си прикупија уште некои работи
за дома. Се наручаа во меана. Арсо му плати на бакалот и за добиците кои
беа оставени порано, кога замина за Виена. Поручекта, со другите
пазарџии си тргнаа за в село. По патот за Подлес, селаните многупати
љубопитно го потпрашуваа Арса, каде беше и од кои причини отиде во
Виена. Но Арсо многу, многу не објаснуваше. На кратко им кажа дека бил
доктор да бара, оти имал мака во главата. Сега поарно му било. Господ
секого од лошо да го чува. Пред да се стемни, пристигнаа во Подлес.
Одејќи накај куќата, Арсо со синовите помина по друго патче. Не сакаше
покрај беговата кула да помини. Вистина, бегот ич Арса не го сакаше. Ама
и Арсо не сакаше ни да го види, па ни на патот да го сретне. Се плашеше
оттаму да помини, оти Пано беше со него, а бегот ако ги задри или чалам
да им прави, а Пано како што беше наострен против него, би можело лесно
и крв да падне. Затоа Арсо го одбра поумното решение и си замина по
другото патче. Пред да влезат во дворот, Ѓорче истрча и со сиот глас
извика – мајко, мајко, тато и бате си дојдоа. Еве ги сега ќе влезат у дворот.
Костадинка излезе од куќи сета среќна, заплака од радост кога ги виде,
здрави и живи дома да си дојдат. Нацо, кој беше во плевната, со трчање
излезе и му бакна рака на татка си и се изгушка со Пано. Од кај бунарот со
полни ѓумови пресна вода за пиење идеше Вела. Кога ги виде татка си и
брата си, со солзи радосници се стрча кон нив. На Арса му бакна рака, а
тој ја бакна в чело. Со плачење се изгушка и со Пано. Низ плач со липање
велеше: ,,Тате, бате, куќава како чудна и пуста ми се чинеше без вас, кога
вие не бевте тука. Сега, сета ми светит, како сонце да ја угреа!” Додека се
поздравуваа, за тоа време Ѓорче и Нацо, ги растоварија добиците и ги
одведоа во племната, а багажот го внесоа во куќата. Арсо и Пано дури не
се измијаа и исчисија од патувањето, никој не гибна во багажот, за да види
што е донесено. Откако се стокмија, Арсо нареди да се стави софрата и да
донесат ракија, за да се почестат и да му заблагодарат на Бога, што живи и
здрави си дојдоа и се добро, живо и здраво дома си најдоа. Наздравија со
ракијата. Вечераа и се навечераа. Арсо му рече на Пано да ги донеси
дисаѓите и другите кутии со подароците и куферот што го купија, кој беше
полн со разни подароци. Арсо почна да вади прво од дисаѓите и се со ред
ги редеше, кое за кого ќе биде. Задоволни сите се радуваа на подароците.
Костадинка од време на време ќе речеше – море домаќине, што си сторил
душко, цела Виена у Подлес си ја довлечкал. Што ќе им правиме на олку
шејови. Арсо само се смешкаше, радосен со тоа што го направил. Кога го
испразни куферот, стана, отиде во одајата, го сопаша ќемерот и од него
извади четири низи големи алтани на златно синџирче, наредени за на
гуша да се носат, како што ги носат беговските кадани. Се врати, седна на
столчето. Прво го викна Пано, го бакна во челото, му даде една низа од
алтаните и му рече – синко Пано, ова ќе биде за твојата невеста. Со здравје
да си го носит. Сетне ја викна ќерка си Вела, ја бакна и и‘ ја даде низата со
алтани – Ќерко, оваа синџирче со алтани ти ја дава татко, со здравје да си
ја носиш. Што знаеме дали у зетот, каде што ќе те мажиме, ќе има вакви
работи. Зато, татко , еве ти купи. Кога ќе биде празник да си се промениш,
на гушата да си го носиш. Исто така, Арсо им даде низа алтани на Ѓорчета
и на Наца, за нивните невести, кога ќе се оженат. На жената и купи златни
обетки и златен прстен. Откога ги раздели подароците, го крена капакот од
куферот, го извади јатаганот и силавот за него, му ги предаде на
Пано: ,,Синко Пано, чудно претчувство имам за тебе... Само го молам
Гоиспод за убаво да е и на арно да го свртит. Еве, ти го давам ова оружје и
ќе те замолам само за арно и за среќа на нашиот поробен народ да го
користиш. – Ќе те послушам татко. Пано се наведе и му бакна рака на
татка си. Немаше трпение јатаганот и силавот да стојат, за другпат, ами
одма го опаша силавот и го тури јатаганот во него. Како во силавот имаше
уште празни места за пиштоли и друго, рече: ,,Татко, грд ми е и ич не личи
сиљафот без другите шејови кои треба да се турат у него, али те молам
кога пак ќе одиш у Виена и тие рабоќе да ми ги купиш. – Арсо се насмеа -
биди ми синко, жив и здрав, со добра мисла сите да бидиме, татко и тоа
нешто че ти го купит.” Арсо тоа со уста го велеше, ама со умот друго си
мислеше. Гледаше дека Пано има голема омраза кон Османлиите
поробувачи и беше готов одма да отпочне борба со нив. Многу делеше од
Ѓорчета и од Наца. Вистина и тој работеше секаква работа во полето, ама
умот се повеќе му бегаше за пушки, пиштоли и друго оружје. Си мислеше,
кога ќе се ожени, ќе си тргни по жената и децата, па на овие работи
помалку ќе мисли. Само Пано не мислеше така. Занесен со јатаганот, го
извади од ножница. Сечилото светна. Кога Пано замавнуваше со него,
сјаен одблесок даваше. Замавна уште неколку пати со јатаганот: ,,Да даде
Господ милостив, само турски зулумќарски глави да сечиш и слобода на
нашиот народ да му донесиш”. Мајка му, сестраму и браќа му само му се
пулеа. – А бре синко – рече Костадинка. Шо си купил толку големо
ножиште? Шо ќе прајш сос него? Зар малце ножеви имаме, ете ги таму
цело купче и за леп сечене, та и за свини и за овци колене. Што ти требало
ваа работа да е купуеш? – Му се сврте на Арсо – Море домаќине, шо го
зимаш детево на душа, та вака да се мачи и да манка со она ножиштено. –
Арсо само се смееше – Ами шо сум јазе кабаетлија. Тоа си сакаше, тоа си
купи. Шо сака да прави, тоа нека прави сос него. Пано застана малку
понастрана од нив, се испрчи, се чукна по градите – На татка нема шо да
му кажуа, тој самиот виде и слушна шо викат човеците, дека ропството е
тешко и ништо полошо и пострашно нема од тоа роб да бидиш. Еј, мајко,
мајко, само да појдиш каде што беме со татко и да видиш како човеците
слободно си живејат, половината од животот, а не од стоката би го дала,
само да бидиш слободна и во слобода да поживееш. Слушајте ваму да ви
кажа, воа овде не се вика ножиште, а не е ни за свини ни за овци колене,
туку се вика јатаган и тој е за човечки глави да сечи. И ако сака Господ да
ми поможи, се надевам дека бајги турски катилски глави ќе сокрша сос
него. Браќа му го гледаа запрепастено – Бреее, бате, та дека че најдиш
толку зулумќари да заколиш. Ами бате, тие и пушки имаат, та шо че им
правиш ти со тоа ножиштето? Пано им се испули попреку – Та шо че ви
кажува вам. Вие сте уште деца. Ко че поодрастите и ко че прошетате низ
веков, тогај че ги разберете мојте зборои и дека јазе како што викам, така
треба да бидит. И пушка ако ми затреба и нејзе татко че ми ја купит. Само
шо побрзо тој саат да дојди, и пушка да ми потреба. Арсо виде дека сите
зборови што ги кажуваше охрѓанецот Никола во Виена, на Пана на душата
и на срцето му легнале. За да ги прекине тие муабети кои разбудуваа
плашлива гордост која час му го стегаше час му го отпушташе срцето,
изусти: деца соберете ги сите шејови, нека не се така растурени и спремете
се да си легниме, да спиеме. Од патот сне бајги уморни, а и у Велес при
бакалот со муабет се зафанавме, та и полноќ не фана, па живи неспани сне.
Зато, ајде побрго да си легниме. Да сне живи и здрави, има уште денови и
ноќи за муабетење.”

Во Арсовата куќа имаше големо разбирање. Секој збор на Арсо за


другите беше како закон и требаше да се изврши без забелешки. Се‘ беше
спастрено. Си легнаа, Завладеа мир и тишина. Сите спиеа, само Пано не
спиеше. Везден низ умот му се вртеа мисли, кога и дали ќе дојде време,
својата снага и својата сила да ја покаже во борбата за ослободување на
поробениот македонски народ, кој беше грозно и ѕверски мачен и
истребуван од турските катили и зулумќари. Така размислувајќи, најпосле
и тој заспа.

Изутрина кога станаа, Арсо ги викна Ѓорчета и Наца за да му кажат


што работа завршиле, дури тој со Пано беше во Виена. Тие му кажаа –
Татко бериќетот е многу во сешто арен. Лозјата се претоварени од род.
Емишите толку род имаат, дури гранките не можат да го крепат, та
зедовме драгови од дома и ги испотпревме. А пак житото, татко, да ти је
милина да го пулиш. Еден голем клас им дал Господ, та кој знае дали
амбарот че го соземе. Толку убав бериќет има ваа година! По една недела
че требит да се жније. Арсо како што седеше на столица, сиот блажен и
радосен, ја сметна капата од главата, падна на коленици, свртен кон исток,
се прекрсти и со солзи радосници му се заблагодари на бога за оваа среќа
што ја излеал над неговиот дом.

Поткаснаа по некој залак тазе леб и се напијаа по една чаша пресно


варено млеко. После обедот, Арсо со синовите излегоа, да ги прошетаат
нивјето, да видат која нива е повтасана за жнеење и од неа да почнат. И
така шетајќи и разгледувајќи, скоро ручек време ги фати. Ама, Арсо
сакаше и лозјата да ги види. Времето за ручек беше бааѓи изминато, кога
се вратија дома. Костадинка беше ја подготвила и ставила софрата. Едно
шише ракија и картата со вино ги турила во бунарот, во кофата, да се
ладат. Арсо кога виде дека е се спремно и стокмено за ручек, насмеан од
задоволство рече: ,,Браво мори домаќинке, за се си вредна да сториш.
Колку што ми чини стоката, иљадапати повеќе ти ми чиниш. Само да му
се молиме на Господ здравето да не крепит и животот да ни го продолжит,
та да се насладиме на виа убавини шо ни ги дал тој, сполај му. Амин, амин
домаќине – одговори Костадинка. Од твоја уста у божји уши да оди.
Господ со челадта заедно од секакво зло да не чува.”

Откако се наручаа, Арсо го прати Нацо да ги викне луѓето, блиски


роднини, да им каже дека си дошле од Виена. За истите Арсо донесол
некои подароци, па сега ги викаше да им ги даде и да си помуабетат, да им
каже што видел, што слушнал во Виена. По извесно време сите повикани
дојдоа. Се поздравија со Арсо и Пано и седнаа со исчекување да слушнат и
да помуабетат. Започна разговор. Арсо и Пано се расприкажаа и не можеа
да им дораскажат се‘ што виделе и слушнале таму. Им кажаа дека и таму
има наши луѓе, македонци. Си имаат фанато убава работа и убаво си
живеат. Ама, многу им е жал за роднниот крај и сакаат да си дојдат, овде
да си умрат, при своите дедовци и прадедовци и тука коските да им лежат.
Само, пусто слободата таму што ја имаат, ич не можат да се решат, да ја
остават. Викаат, научивме во слобода да живееме, а таму треба со турците
да се тепаме. Али ако сака Господ, се надеваме дека за бргу време и
Македонија ќе се ослободи од црното ропство, и ние тогај ќе можеме
слободно дома да си дојдеме. – Почул те Господ братучед. Ако имаме
ксмет, тоа да го дочекаме, многу убаво че бидит. Ами пусти турци, пусти
да останат, коренот да им се сотрит, не пулиш како се осилиле!? Не даваат
ни око да отвориш, а не слободно да си живееш. Туку ќе слушнеш од
време на време, филанкишија го заклале, како вујчета Нича шо го заклаа,
Господ да си го прости. Како и беше на вашата куќа у тоа време? Ем татко
ти го заклаа ем куќата ви е обраа. Та трпи ли се тој зулум? Господ
милостив да ги отепа! Ете, таква ти е братучед нашата слобода во која
живееме. Пано многу се возбуди и не можеше веќе да трае, ами како што
седеше, скокна на нозе и се‘ по список да му пцуе на турците. Дури и
царот турски го опцу – тие се јуначат само над мирната раја, а дека че
најдат поцврсто и кога че замавнеш со стапот како кучина бегаат. Ете,
такви јунаци се тие. Кажи им татко шо велеше охриѓанецот у Виена, шо
му направил на бегот кога сакал ќерка му со сила да ја земит! Синко Пано
– Не се срди толку. Седни си, ете, со младите прај си муабет. Ние овде се‘
че си кажиме без зер да си тураме у душата. Знајме ние шо треба за
поганците, ама уште не је то време дојдено, та зато сега засега вака че
одит.

Откако си искажаа се‘ што им лежеше на срце, Арсо ја викна ќерка


му Вела и и‘ рече, тие шејовите што се у белата кутија, да ги донесе со се
кутија. Вела ја донесе кутијата и Арсо почна да вади и да ги раздава
бакшижите, кое за кого беше донесено. За секого имаше по еден подарок.
Присутните гости беа многу задоволни од вниманието на Арсо кон нив.
Бидејќи се приближуваше квечерина, станаа да си одат. Арсо ги запираше,
да поседат, али тие се бранеа дека времето ги гази, а жетвата е веќе на
прагот, па треба да се одморат, за да имаат повеќе кувет за работа
утредента. Кога гостите си заминаа, Арсо свика: – Синковци, наранете ги
и напојте ги добиците, а Вела и мајка ви нека ја стават софрата, да
вечераме, па сетне ако сакате може да поседиме или пак да си легниме да
спиеме. Татко че поседиме – свикаа младите во еден глас. Сакаме уште да
ни поприкажуете шо видовте, таму дека бевте со бате. Брзо се стави
софрата. Се навечераа. Тогаш, Арсо почна полека да раскажува што видоа
во Виена. Тој толку сликовито им прикажуваше, што на неколкупати кога
ќе речеше, ајде да си легниме, сите како некои гуски ќе зграчеа –
прикажуј, уште прикажуј татко, има време за спиене. Сите слушаа како
маѓепсани. Им се роди желба, и тие да појдат и со свои очи да ги видат тие
убавини, за кои татко им, прикажуваше. Како Арсовица почна веќе да
дреме, се прекина со раскажувањето. Станаа и ја раскренаа софрата. Вела
со ѓумот им потури вода, да си ги измијат рацете. Со лебни раце да не одат
на спиење. По малку време си легнаа и заспаа.

Месечината беше отскокнала горе високо на небеса. Беше полна


луна, а времето чисто и јасно како солза. По сето небо како бисери кои
трепкаат и светкаат беа расеани неброени ѕвезди, а месечината, среде нив,
како пастир што стадото што си го варди. Од дрвјата кои беа околу
арсовата куќа, славејчина милозвучно пееја. Нивното пеење се разлеваше
низ сето село. Подлес беше во длабок сон. Владееше мир и спокојство. Таа
тишина ја наруши крцкање на врата. Од една куќа излегоа двајца мажи, и
по сенките од селските куќи, полека, криејќи се, се доближија до куќата
Арсовска. И на двајцата лицето им беше искривено од злоба и завис што
го чувствуваа спрема Самарџиовци. Наведени, како мачки се влечеа по
ѕидот, и само наслушуваа, да чујат што се зборува внатре. Ама, ништо не
можеа да слушнат. Налутено, со пискав и зарипнат глас едниот од нив
прозбори – ,,Море Камче, јалнаш да не си бре. Еве ништо не се слуша!
Ништо не можам да слушнам. Абре, Давиде – другиот се одзва. Не сум ќор
ни глув. Со свои очи видов кога влегоа човеците у куќата и со свои уши
слушнав кога Пано извика, мајката че им је е... на турците, та дури царот
го опцу. И Арсо го слушнав кога рече, синко Пано, полека синко, уште не
е времето дојдено да мавниме на агаларите. Давид нестрпливо слушаше и
дофрли – Еее, море Камче, ај си видел, ај си чул, шо можит бегот да му
чинит, кога од човеците шо влегле у Арсовата куќа, никого не си познал.
Ами знајш ли шо вели бегот? Бегот вика, Арсо има бајги чест у власта, та
треба некаков поголем кабает да стори, па тогаш че види шо можит да му
направи... Шо можиме ние да му кажиме? Ти викаш дека си видел и си
чул, а јазе шо че реча кога ни видов ни пак со свои уши чув. Туку, ајде по
воа сенкиве, лека – полека да си одиме, та че начекаме друго време, за то
шо сакаме да сториме.” И пак, по сенките кои не беа огреани од
Месечината, двајцата на Бегот подлешки продадени и од завис и злоба
обземени душмани, со криење по сокаците си отидоа по своите домови,
убедени дека ќе им се даде прилика кога ќе можат своите пеколни и полни
со омраза планови да ги остварат.

Дојде месец жетвар. Се заврши жетвата и Самарџиовци го наполнија


амбарот со жито. Скоро неосетно дојде и месец гроздобер. Почнаа и
лозјата да ги берат. Господ толку многу бериќет им дал, та немаше во што
да го приберат грозјето. Арсо задоволно се смешкаше и велеше: ,,Господи,
Господи, сполај ти. Ти знајш дека две свадби че права, та и со жито, и со
вино куќата ни е наполни. Уште арен зет да погода за Вела, и арна невеста
за Пано да зема, оваа есен, со силата и волјата твоја, две свадби че
направа.”

Откако се собра бериќетот по нивјето, стрништата се изораа и


лозјата се зазимија. Земјоделската работа туку-речи беше завршена. Не
измина многу време и стројници почнаа да доаѓаат. Арсо прво ќерка си
Вела ја сврши, а десет дена подоцна и Пано го сврши за ќерката на
чорбаџи Марко од ближното село Попадија. Тест му на Пано бил
прилично богат човек. За спомен и црква во Попадија направил. А пак
Вела се омажи во селото Дворишта. И таа арен, заможен маж зеде. По две
недели по свршувачката на Пано, Арсо за Пана свадба направи. Пановата
свадба цела недела траеше. Покрај сватовите од Подлес и од неколку
поближни села, Арсо прати калезби и за Евреинот Абрахам и за бакалот
Арсо од Велес, како и калеса други негови пријатели велешани. Една
чалгија од Велес беше донесол, а другата чалгија беше со зурли и со
тапани. Таков џумбуш се направи во Арсовата куќа, што ни најстарите
подлешани не можеа да си припомнат дека некогаш во Подлес некој ваква
свадба има направено. Еден јунец и десет брави месо, кое варено, кое
печено, се изеде, башка прасиња, кокошки печени и две каци сирење. За
сватовите по две фурни леб секој ден се печеше. Една поголема бочва
вино и една помала бочва ракија се испи. Уште недовршена свадбата од
Пано, започна свадбата за Вела со сите адети како Пановата свадба.

Кога веќе сите свадбарски работи се завршија, животот во Арсовата


куќа почна, како и порано, да си врви. Само што сега повеќе гости доаѓаа.
Пано доби и баџанаци, од кои едниот беше запален, како него, со идејата
за ослободување на Македонија од турското ропство. Само што тој не
беше така буен и избувлив како Пано, ами викаше, полека баџанак,
полека, се ќе биде, само убаво да се спремиме, па ќе разберат турците дека
и каурите можат убаво да маваат.

Врвеја години. Куќата Самарџиоска многу се засили. Арсо уште


двапати одеше во Виена, поради продавање на златните плочки, и со
парите кои ги донесе од Виена, купи неколку парчиња обработливи ниви
и посади уште две лозја. Арсо со сите домашни се грижеше за обработка
на земјоделскиот имот, Пано одеше по селата и купуваше и препродаваше
жива стока, крави, волови, кози и овци. Беше купил и еден ат, кој никаков
товар не носеше. Само за јавање го чуваше. Атот беше многу силен и убав
ајгар. Бегот немаше таков ат, а и во селото и околината немаше таква раса
на коњ. Бегот и неговите пријатели уште повеќе почнаа да им завидуваат
на Самарџиовци. Омразата кон нив растеше се повеќе и повеќе. А
омразата растура и уништува. Таа раѓа освета. Само бараа себап како да
им ја запустат куќата.

По неколку години откако Пано се ожени Господ му даде два сина,


Ѓошо и Ристо и една ќерка, Донка. Исто така, и брат му на Пано, Ѓорче се
ожени и тој доби два сина. И така куќата на Самарџиовци, не само со имот
од земја и добиток растеше, ами и со челад фати да се полни. Арсо веќе
беше дедо на четири машки и едно женско внуче. Беше многу среќен и
доволен. Сите беа доволни и радосни, поради тоа што нивниот дом од ден
на ден напредуваше. Пано беше многу арен домаќин. Се грижеше и многу
си ги сакаше децата и домаќинката. Али омразата која ја чувствуваше во
душата спрема турците поробувачи тлееше во него како гламна во клада и
никако не го нашушташе. Постојано му брчеа во умот зборовите што ги чу
од стариот охриѓанец Никола во Виена – Браќа, без борба нема слобода. За
да се ослободите, треба да се борите. Удрете по тие ѕверски кучиња! Али
како да почни и со кого? Пано одеше по селата и со доста луѓе
разговараше, но на повеќе од нив кога ќе им речеше дека треба да се борат
против турското ропство, плашлив одговор ќе добиеше. По некои од
постарите дури се плашеа да зборуваат за тие работи. По некој од нив ќе
речеше – А бре внучко Пано, како че се буниме против турците кога не те
оставаат поголем нож да носиш, ами само оваа чакијава или пак сојкана со
сиџим што сум ја заврзал и сум ја турил во појасот. Та, со неа ли че се
борам против аскерот, а тие пустињето го опнале анџарот и пиштолите у
силавот и мартинот у рацете, а ти со голи раце што ќе му правиш? – Море
чичко Тоде, ме прашаш шо че му направам?, па, некако че гледам како тие
нас шо не тепаат и јазе нив да ги отепам, па со нивното оружје шо че им го
зема и други турци да погубам. Помладите што ги слушаа овие муабети,
брзо се палеа и беа кандисани да почнат овде-онде да го покажуваат
своето јунаштво. Али со еден или двајца отепани турци не можеше да се
турни вековното турско царство. Требаше многу пушки и многу глави да
паднат, та Македонија да се ослободи од турското ропство. Пано на
неколку пати и во Солун појде, бааѓи по трговија со жива стока. Оттаму со
големо криење купи неколку пушки, ги донесе во Подлес и и‘ ги предаде
на свои луѓе. Додека Пано се бавеше со купопродажба на жива стока,
татко му Арсо заедно со другите синови и снаи ја водеше и се грижеше за
полската работа. Арсовите нивје и лозја најмногу и најарен бериќет даваа.
Кога ќе дојдеше време за жетва, прво Арсовите нивје ќе се ожниеја, па
сетне од Бегот Подлешки. Арсо ги помагаше сиромасите и поголем
ѓунделак од бегот им даваше. Додека кај Арса не се завршеше работата,
аргатите кај бегот не сакаа да одат. Тоа бегот многу го нервираше и ич не
можеше да го трпи. Затоа само мислеше како може некако на Арсо да му
наштети и да го нема, а тој да остане господар во Подлес. И неколку души
соселани, рисјани, од завис го замразија, та и тие од кај бегот се свртија.
Оваа работа Арсо ја примети и добро ја знаеше, ама се тешеше со тоа, дека
на никого ништо лошо не му направил и натаки не му паѓа на памет,
Господ да го чува, некому да направи. Ако сакаат на бегот темане да му
прават, нивна работа, ама од него бегот тоа нема да дочека.
Сиромаштијата, дури може и колку што може ќе ја помага. Заптии, аскери,
вергиџии се што ќе дојде во Подлес ќе нагости, му дал Господ, сполај му,
па ќе прави себап, за да не трпат селаните.

Секоја година во месец жетвар на Дуовден, христијански празник


што се слави на педесеттиот ден по Велигден, во Подлес се правеше
Црковен собор. Многу гости од Велес и од околните села, тие три дни
колку што траеше прославата на празникот, доаѓаа во Подлес да се видат
со пријателите и роднините и да го направат адетот. Во тие денови куќата
на Арсовци се полнеше со гости. На селскиот мегдан се виеја ора. Ергени,
моми и невести и по некое старо аро се веселеа и забавуваа. Се јадеше,
пиеше и со свирки и песни џумбуш се правеше. Пано ќе се облечеше во
традиционална Македонска Јанинска носија, со бела долга кошула,
набрана како фустан, на главата со црвен фес и голем црн пискул на него,
а елекот со срма извезан и со срмени петлици закопчан. Како што беше
голем и преставителен маж, многу убаво му прилегаше рубата. Утрината
на Дуовден Арсо и Костадинка, со трите сина и со внучината ќе се
променеа во најубавите дреи и ќе отидеа во црква да запалат свеќи за
здравје на живите и вечен покој за мртвите. Од црква ќе појдеа на
гробишта при гробовите на умрените претци и таму ќе запалеа свеќи, ќе
туреа по малце вино во камарите, за причесна на умрените, оти на тој ден
и нивните души се причествувале. Оттука си одеа подома за да
пречекуваат гости, доколку не беа од вечер дојдени. Кога ќе се вратеа
дома, ќе се почестеа со шеќер и со ракија и ќе се ставеше софра полна со
одевери, салати и разни јадења и пијалаци. Софрата така ставена, не се
креваше за сите три дни Дуовден. Кој и од каде идеше можеше да си
седне, без разлика дали бил поканет или не, и да јаде, и да пие колку му
душа сака, за здравје на живите во куќата и за душа на умрените. Пано,
малку ќефлија отиде во плевната, го одседла ајгарот, го јавна и се
спремаше да излези да се прошета низ село. Арсо му викаше, немој синко
така, голем завис че се јави кај селаните и вака ни завидуваат, та се
плашам на лошо да не испадне. Еј татко, татко, велеше Пано, та јазе атот
не го купив само за јаслите врзан и у племната затворен да го држа, ами
иако е ајван и тој сака да прошета, а ако им е мака на душманите нека не
се пулат у него. Арсо ќе си ја завртеше главата и во себе ќе си речеше,
вистина е така синко, и јас се радувам вака да те гледам, ама сепак Господ
да не чува од лоши зависливи очи. Пано излезе со атот низ село и сите што
им беа пријателски настроени, со восхит му се пулеа и во себе се радуваа,
дека може и рисјанин човек вака убаво облечен одважно да прошета низ
Подлес со својот ат. Бегот и неговите пријатели со крвнички очи му се
пулеа на Пано и на селаните кои го почитуваа и подржуваа. Чекаа само
мунасип како да се осветат.

Дури бегот и неколку продадени души, рисјани чекаа и бараа себап


како да им напакостат на Арсовци, кај нив Господ беше се распашал, та не
ден од ден, туку од саат на саат тие се повеќе и повеќе напредуваа во секој
поглед. Бидејќи веќе немаше опрема родот каде да се прибере, еден ден
повикаа мајстори-бичкиџии од прилепското село Стровија, да дојдат,
талпи да избичат од дабчињата и тополите кои растеа по меѓите од
нивјето, ливаѓето и суводолиците, да направат поголеми бочви и корита за
грозје збирање, поголем амбар за жито складирање и други нуспростории.
Исто така припуштија уште три жилишни простории кон куќата, оти
семејството му порасна и со челад. Се убаво си беше и среќно си живеа,
али еден ден Костадинка наеднаш од немајкаде се поболе и за три дена си
ја прости Господ. Рекле луѓе: ,,Животот е како стаклена чаша и не се знае
кога ќе се скрши”. На Арсо му се отсекоја нозете. Осети длабока празнина.
Костадинка му беше голема опора. Беше потиштен. Болка го сви. Болката
го печеше. Низ солзи ќе речеше: ,,Господ дал, Господ зел. Помила му била
нему, па си ја зеде при себе си.” Ама младите не можеа да се помират со
судбината. Настана голема жалост, пискотници и плачење. Пано, Ѓорче и
Нацо беа срозени од злото што ги снајде. Болката ги болеше, тагата ги
гореше. Вела кршеше прсти, жално плачеше и редеше тажалки по мајка
си. Завладеа тажна и мрачна атмосфера. Нема ништо полошо во куќата од
смрт – велеше Арсо. Почнаа луѓе да доаѓаат на сочувство. Арсо како
побожен човек повика поп и ги изврши сите адети во врска со умирачката
на неговата домаќинка. Се изврши закопот. На домашните цело тоа време
му се чинеше како лага да е, како некој лош сон. По неколку недели се
почувствува колку куќата Самарџиоска изгуби со смртта на нејзината
куќница. Арсо се тешеше со помислата дека после облаци доаѓа ведрина,
живвотот треба да се живее, и велеше, нека ми се живи снаите, вредни се и
си ја бркаат домаќинската работа, али командата што ја даваше
Костадинка, со ништо не се заменува. Со смртта нејзина како некој
десната рака да ми ја отсече, али нема што да се прави, така било речено,
не се умира со умрениот! Господ да ми ги поживее челадта! За нив треба
да живеам! Ним им су требен. Внуците, децата од Пано поодраснаа, Ѓошо
ги стори девет години, Ристо седум, а малата Донка наполни веќе три
години, исто и децата од Ѓорчета поодраснаа, Коста имаше шест, а Димо
четири години, та само џумбуш правеа. Арсо старееше. Косата му се
посребри. Полека се отстрануваше од тешките полски работи. Беше свесен
дека во животот има почеток и крај, мадост и старост, угорници и
удолници и дека е повеќе пот отколку песна, но и дека животот е поскап
од било кое разочарување. Негово беше само команда да дава, што и каде
треба да се работи, и повеќе време со внуците се занимаваше. Ѓорче и
Нацо ги презедоа и ги извршуваа земјоделските работи, кое сами, кое со
аргати, а пак Пано продолжи да се бави со купување и препродавање со
жива стока. И така, полека, како времето одминуваше, така лошото се
подзаборави и работите во Арсовата куќа почнаа да си заземаат нормален
редовен тек. Одново вербата воскресна, љубовта повторно се роди и
радост донесе, дрвото на надежта почна силно да расти и ластари со
цутови да фрла. Рекле стари: ,,без вера, надеж и љубов нема живот”.

Еден пазарен ден Арсо слезе во Велес, да испазарува пазарлама за


дома, и да се види со пријателите. Прво отиде кај бакалот. Се поздрави со
него. Влезе во анот, го врза коњот, му тури сено да јаде, и излезе низ
чаршијата да се прошета. Помина кај Коста терзијата, си рекоа здраво-
живо и таман сакаше да замине понатаму, Коста настојчиво го покани да
влези во дуќанот и одма го прати чиракот да нарача две лаф-кафиња.
Кафеџијата, Турчин по националност, го донесе кафето во ѓезве, им тури
во филџаните им ги подаде кафињата и им рече бујрум некако со
кападаилак и со чалам и аргантно си замина. Го гледаш овај пес – му рече
терзијата на Арсо. У неговото кафене најкатилите Турци се собираат.
Тешко на тој рисјанин, нарочно у Рамазан време, ако помини покрај нив со
цигара во устата. Како бесни кучиња ќе се нафрлат врз него и со прачките
преку уши, и преку лице ќе го швркаат, дури крв не го облее, не го
пуштаат да си замине. Огин да ги изгори, та племето да им се сотри! Ете,
такви кучиња се тие брате Арсо! Се зборува У Бугарија многу голем зулум
правеле, многу раја истепале и многу куќи по градовите и по селата палеле
и живи луѓе у огин фрлале, па и мали деца колеле и гореле. Пред неколку
дена си дојде еден нашинец кој бил на гурбет у Стара Загора, та чуда
кажуе. Народот веќе не можел да го трпи зулумот, та заедно со Романците,
со пушки во рацете почнале да маваат и да се одмаздуваат на потисниците
и ајдуци да бегаат у шумата. Се плашам и нас да не не‘ снајде тамошното.
Ние овде никакво оружје немаме... со што ќе се бориме? Не знаеме шо да
правиме... Да бегаш? Дека че бегаш! На сегде има чауши. Да седиш мирно,
животот ти е мил... А, не знаеш утре што че те потрефи? Ум немаме у
главата и не знаеме шо да правиме? Арсо ја заниша главата и задумано
одговори – Коста, брате, не знам што да ти кажа. Господ да не чува од
ненамисленото. Јазе велам, не треба толку многу плашење, оти колку ние
појче им се плашиме, тие се појче сила земаат. Ами братко, посербез
држте се, та ако намераваат лошо да чинат, малце че се поразмисла. Ме
разбра? Ако ве вида така преплашени, појче че се силат и угул лошо че
права. Толку многу да не им се плашите... Туку, да те оставам со здраве.
Белки че се најди чаре и ние да се ослободиме од тоа погано ропство! И си
замина. Се врати при бакалот во меаната. Се наруча. Поседе уште малку.
Си го натовари коњот со пазарлакот и со другите пазарџии си тргна за
Подлес.

Во самрак си дојде дома. Ѓорче го пречека во дворот, го зеде коњот,


го растовари, а Ѓорчевица му потури вода да се измие од потта и лепкавата
прашина што ја дигаше повејот по друмот. Откако се изми и се разлади од
омарнината, уморно седна на троножното столче. Прво излезе од мудбакот
Пановица која ја припремаше вечерата, му посака добредојде и му бакна
рака. Одма по неа и Ѓорчевица му бакна рака и му го подаде пагурчето со
ладна, бела лута ракија што беше ставена во кофата со студена бунарска
вода да се излади. Арсо се напи неколку голтки и праша каде се Пано и
Нацо. Ѓорче му објасни дека Нацо сега пред малку излегол зад оградата,
да ја побара кравата Шарка која не се вратила со другите добици, а Пано
од ручек кога излезе уште не е дојден. Уште муабетот недовршен, како
што се вели: ,,Ние за волкот, а волкот на врата”. Двајцата истовремено си
дојдоа. Нацо ја нашол Шарка и ја прибрал во плевната. Пано му бакна рака
татка си, и го праша како си помина по патот и во Велес. Арно синко –
рече Арсо, Господ да даде за поарно да биде! Нека се стави софрата да
вечераме, ќе ви кажа шо разбра у Велес. Се стави софрата, печен мисир со
печени компири во земјена тава. Додека вечераа молчеа и љубопитно се
погледнува меѓу себе, и со големо нетрпение чекаа да слушнат што ќе
каже татко сега. Слушајте синковци да ви кажа – рече Арсо. Отидов при
Коста терзијата. Ме чести едно кафе и со лаф-муабет ми расправи дека
фиљан Велешанец си дошол од Бугарија, кај шо бил на гурбет. Тој
расправал страшни работи шо се дешавале таму во градот Стара Загора и
околината. Голем зулум се правел шо рајата не можела да го трпи. Турски
башибозук куќи палеле, живи луѓе и мали деца у огин фрлале, та народот
се кренал на бунт. Почнале ајдуци у шумата да бегаат. Многу загинати
имало. Појче рисјани биле истепани. Господ да не чува од таква белја. У
Велес се бајги исплашени, да не почне и тука при нас... Зато сака да ви
кажа, каде шо че одите, насекаде убо да се распулуете, да не би негде
пусија да ви турат, та да ве истепаат. Арсо вака го заврте муабетот повеќе
поради Пано кој беше везден по патиштата, па му идеа црни мисли,
турците да не го начекаат и апансаз да го убијат. Но, Пано рамнодушно ги
слушаше татковите зборови и под мустаќ се смешкаше: ,,Еј татко, татко,
откако почна да старееш, пулам и ти вати да се плашиш од Турците. Ами,
тие татко јунаци се таму кај шо нема маж да им се истопори. Кај шо че
најдат цврсто, како зајаци бегаат. – Знам бре синко дека е така, рече Арсо,
ама да се вардиш ти викам одненадеж да не ве нападнат и да ве убијат.
Татко сум, берам гајле, мислите сегде ми одат...”

Не измина многу време откако Арсо во Велес разбра за немилите


настани што се случиле во соседна Бугарија, Амид Бег се пофалил на
своите пријатели во Подлес дека сега, кога Србите мавнале на царот,
многу силен аскер ќе оди во Србија, за да ги научат Србите на памет. Да
видат тие едепсази како се мава на Турски цар! Овие зборови на фалба
брзо се разнесоа низ селото. Гласините допреа и до Арсо кој со големо
нетрпение чекаше да појди во Велес за да научи информација дали
навистина Србите мавнале на Турците.

Дојде пазарниот ден. Арсо си го јавна коњот и со другите селани-


пазарџии слезе во Велес. Го остави коњот во анот и со вјасање отиде кај
Коста терзијата. Се поздрави со него, и веднаш го праша, дали е вистина
тоа што се зборува во Подлес, дека Србите мавнале на Турскиот цар и со
помош на руска подршка сакале Косово Поле да си го повратат. Коста
потврдно му одговори. Многу Турци од Велес заминале да им се
придружат на аскерот за да ја преземат Србија и чупи и невести да грабаат
отаде. Туку, слушај ме брат Арсо: времево се мати, земи си од бакалот
троа појче зајре, за да не доаѓаш брго време у Велес оти турски башибозук
ќе тргни по патиштата и че прави пакос. – Арно велелиш побратиме Коста.
Побрго да се приберам... Ај со здравје! И право отиде при бакалот да
пазари прехранбени намирници за пет-шест месеци. Исто и бакалот му
потврди тоа што му рече терзијата: Читаците и да печалат и да изгубат у
бојот, се‘ зулум че прават, туку кажи им и на синовите многу да не одат по
селските друмови, дури да измини оваа фортуна, па после жив е Господ,
че пулиме, че прајме... Белки европејците че им турат узди на агите, та да
не можа да беснеат толку многу! – Арсо се насмеа: Бог да те почуе бре
имењак! Од твоја уста у Божји уши да одит! И ние колку толку бела
виделина да видиме! Како и другите селани пазарџии беа разбрале дека
читаците бааги зулум правеле по патиштата, секој се плашеше да поседи
во Велес и да руча во меана, ами со вјасање купуваа тоа што им беше
нужно и со брзина си товараа добиците, си земаа храна за по патот, со
одење да јадат. Така и Арсо набрзина зеде малце манџа и малку леб,
поткасна колку толку за да не јаде по патот. Се собраа сите пазарџии во
купче, се поздравија со бакалот и со вјасање, иако беа порано кинисани,
сакаа посовреме да се приберат по своите села, по домовите, уплашени да
не налетаат на зулумќари. Не беше изминало ни два саата време откако
излегоа од Велес, токму кога се наоѓаа на најлошото место и врвеа низ
едни долишта, се слушнаа гласови и пукање од пушки. Пазарџиите се
стаписаа. Ја менија бојата на лицата. Почнаа да се крстат и да се молат на
Бога, да ги чува од ова зло, да не си ги остават децата сираци, ами живи и
здрави да си појдат дома. Ги боднаа добиците со поголема брзина за да
излезат од долот, и кога се поткачија на височинка, се обѕрнаа да видат од
каде и кој пукаше. Видоа на една подалечна тумба тројца зулумќари
застанати со коњите како се пулат право кон нив. Штом поновно ги
здогледаа, уште еднаш грмнаа со пушките кон нив, али како беа прилично
далеку, куршумите не можеа да стасаат до целта. Тогаш пазарџиите уште
посилно почнаа да ги гонат добиците, среќни што спасија глави, а тажни
за браќата рисјани кои се останати поназад да си идат. Кога помина
опасноста, групата застана. Се обгледаа наоколу. Ги сметнаа капите од
главите. Погледнаа горе кон бистриот лазур на небото, се прекрстија и се
заблагодарија на севишниот што ги куртули од злото да бидат опљачкани,
а може и истепани. Се помолија и за селаните кои допрва треба да го врват
патот, судбината да им биде наклонета, та да си поминат без зијан. Арсо
возбуден од случката извика: ,,Слушајте браќа! Ние сиромасите нема шо
да изгубиме, саде својата несреќа! Се дури не земеме пушки у рацете и со
рамна мера, и нешто појче не почниме да им врајчаме мило за драго на
овие песои, не само по друмиштата, ами и по домовите наши че идат и
како овци че не колат. Море чичко Арсо – свика еден од групата, дека да
најдиме пушки и со кои пари да ги купиме? – Браќа, знам дека е тешко да
се купи пушка... Се нема...Притегнала сиромаштија. Али браќа кажете ми
шо е почурук, дали поискинат, и погладен да бидиш, та пушка да си
купиш, животот и честа своја и на својата челад да ги браниш, или пак со
голи раце да си и вака овие песои по патиштата да те пресретнуваат, да ти
го земат пазарлакот и со празни раце дома да те пуштат да си одиш, или
пак, ако им кимне на ќефот и да те отепат... Како никои на овие зборови не
одговори, Арсо продолжи - Мислам, ако не сите, барем по некој од нас
треба да се сториме сос пушки. Ако не можиме да ја ослободиме
Македонија од воа турско ропство, тогај барем, животите наши шо
поскапо да ги продајме. Не разбравте ли браќа шо станало у Бугарија, у
Србија? Кои со пушки, кои со стапови и со секири многу беговски глави
сокршиле... Браќа, на агаларите сега бајги им жежит под нозете. Затоа и
ние малце да им се стегниме, та како кучињата и тие да си ја свиткаат
опашаката, а не вака по патиштата да не пречекуваат и како овци да не
колат! Селаните задумани со наведнати глави ги слушаа овие Арсови
зборови. Се чувствуваа виновно. Стравот ја победи желбата. Полека,
потиштено се прибираа секој во своето село и во својот дом. Но, дали
стравот ќе исчезне ако му погледнеш в очи?

Сонцето се искачи кон зенитот кога Арсо влезе во дворот на својот


дом. Никогаш порано така рано не се враќал дома од пазарлак. Никој од
синовите не излезе да го пречека. Тие уште беа по нивјето и лозјата.
Снаите го пречекаа со внучињата, изненадени што свекор им толку рано се
враќа од Велес, па го запрашаа што му е, да не е болен... – Ништо ќерки не
ми е, здрав сум, сполај му на Господ, туку таков беше планот и требаше
побрзо да си кинисаме и да се прибериме подома. – Море тате, што си
изнакупил олку зајре – го праша Пановица растоварајќи го коњот. Ова што
си го испазарил ни за половина година не можиме да го изарчиме!?
Ѓорчевица му потури студена вода да си ги измија рацете и лицето од
потта и правот. Строшено седна на столчето. Главата ја потпре на рацете и
се загледа замислено во далечината. Внуците радосни што го гледаат деда
си, го опколија и почна да му бркаат по џебовите: дедо што ни купи од
пазар? – Ајде да ве видам сите да се наредите со ред, па на секого че му
дам по нешто... Децата почнаа да се редат, али како секој сакаше да биди
прв, никако да се наредат. Арсо слатко се смееше. Пријатно чувство во
душата осеќаше, така гледајќи ги како џагорат, како врапчиња ко ќе
цвркотат. И кога веќе со голема мака се наредија, Арсо и рече на Пановица
да ја донеси шарената торба со симити и леблеби шеќер. На секого му даде
по едно симитче. Внуците од тоа не беа доволни: дедо, дедо, салте
симитче ни донесе? Уште нешто друго сакаме да ни дајш! Ја изваде
книгата со леблеби шеќерот и тие завикаа: дедо, мене појче да ми дајш,
јазе сум поголем! Дедо, дедо, јазе појче че те ризам! Арсо само се смееше:
не сакам со моја рака да ви дада, да не речите, ете дедо онега појче го сака
и појче му даде. Ами еве че ви ја отвора книгава, та сите со ред, со по една
рака да си земите колку шо можите. Само со ред, како кој че земите право
при ѕенѕерот да отиде и таму да седне. Секој сакаше што повеќе да земе,
али леблеби шеќерот тркалезен, па од рачињата им испаѓаше назад во
книгата, и така секој зеде колку што му фаќаше раката. Само на Донка и
тури во грстот, оти таа беше толку мала што со нејзиното раче не би
можела ништо да земи. Другиот шеќер што остана во книгата и го даде на
Пановица, да го остави килерчето, за кога ќе дојде гостин да го почестат
како мезе со ракија.

По некое време пристигна Пано од лозје, каде беше отишол со


маската и донесе две кошници зрело асталско грозје за зобање. И тој кога
го виде татка си се зачуди: што ти е татко и зошто олку рано си дошол од
пазар? - Синко Господ да чува, ништо не ми е. Сполај му на Бога здрав сум
како и порано што си бев. Туку синко, лоши работи се случуваат.
Милостивиот не научи, та порано си тргнавме од Велес, инаку кој знае
каква несреќа по патот че не снајдеше. Токмо кога беме низ тоа
долиштата, спукаа пушки од некоја страна, ама чоек не видовме. Со силно
вјасање ги потеравме добиците и кога излеговме на преслапот се
завртевме назад, кога на тумбата тројца читаци, коренот да им се сотре, и
кога не здогледаја уште еднаш пукнаа по нас. Али како беме бајги
одалечени, куршумите не можеа до нас да достасаат. Тогај со уште
поголема брзаница ги потеравме коњите. Затоа синко олку рано си дојдов.
Лоши времиња дојдоа... Ете, у Велес научив дека србите мавнале на царот
Турски, сега на таја страна големо тепане имало. Коста терзијата ме поучи
да си купам троа повечко зајре и бајги време да не доаѓам у градот, оти по
патиштата че биди многу лошо. Турци башибозуци че одат со србите да се
бијат. Од власта им е дадено секаков зулум да прават. У градот пак, у
дујчаните влегувале и без пари зајре земале, башка и чотек им тргале кога
че се побунеле. Само Господ да не варди! Синко Пано, воа време, додека
не се сталожи немој да одиш по селата, ами врткај се тука у нашиот синор.
Белки че им ги сокршат роговите, та да го сопрат малце катилакот и
зулумот шо го вршат на нас рисјаните... Пано слушаше молчешкум, како
во полусвест. Со умот, во мислите се најде негде во Србија. Заедно со
српската војска како со јатаганот, што му го купи татко му, ги сечи
главите на агите... Некое од децата падна во дворот и спишти. Пано се
сепна. Рипна на нозе. Арсо зачудено му се испули: Пано синко шо ти
стана? - Пано се одѕва – еј, татко, татко, вистина со трупот тука, со тебе
бев, али со душата у Србија бев и со србите заедно мавав на турците и
токму кога на еден катил му ја отсеков главата со јатаганот, спискаа
децана и јазе, еве, пак се најдов при тебе.

You might also like