Download as docx, pdf, or txt
Download as docx, pdf, or txt
You are on page 1of 2

Поезијата на Рајко Жинзифов

Еден од нашите најзначајни писатели во XIX век, Рајко Жинзифов, роден е во Велес
на 15 февруари 1839 година (роден како Ксенофонт Ѕинѕифи). Основното образование го
добил во родниот град од татко му Јоан Ѕинѕифи. Морал рано да го прекине редовното
школување и од почетокот на 1856 до јули 1858 бил учител во Прилеп и Кукуш од каде
истата година заминал во Русија. Огромно и решавачко влијание во развојот на Рајко
Жинзифов укажал Димитар Миладинов со кого се запознал во Прилеп во 1856 година. Во
почетокот на 1856 година се вработил во Прилеп како помошник-учител на Димитар
Миладинов. Работата како учител подоцна ја продолжил во градот Кукуш, каде тој и
Димитар Миладинов развиле голема преродбенска дејност. Подоцна заминал за Русија и
се запишал на Историско-филозофскиот факултет во Москва. Таму се движел во кругот на
македонските студенти и покрај учењето, се занимавал и со писателска, преведувачка и
публицистичка дејност.
Во книжевната работа на Рајко Жинзифов, особено во неговата поезија, се
чуствува влијанието на нашата народна песна, донекаде на поезијата на Константин
Миладинов и во голема мерка влијанието на најистакнатите претставници на словенскиот
романтизам во книжевноста: À. С. Пушкин, М. Лермонтов, Т. Шевченко и др. Уште во
Македонија, по сугестија на Димитар Миладинов, собирал фолклорни материјали од кои
еден дел е објавен во Зборникот на браќата Миладиновци.
Доминантно место во поезијата на Рајко Жинзифов земаат национално-
политичките теми на неговото време. Во неговата поезија доаѓа до најсилен израз во
македонската книжевност од средината на минатиот век острата реакција на нашиот
човек против турското ропство и грчката предоминација на културен и црковен план.
Рајко Жинзифов ja слика во своите песни ропската положба на нашиот народ под Турците,
злосторствата, ограбувањата. Нашиот човек работи деноноќно, си го
продава ,,последниот вол и овца и пак е без риза, гол“, виновниците за таквата жална
положба на Македонците, се Турците и грчките свештеници — фанариотите.
Повеќе песни на Рајко Жинзифов се со историска тематика. Во нив, се прославува
нашето минато со цел да се покаже и истакне дека народ кој имал светли моменти во
својата историја, заслужува посреќна сегашност и иднина, а не ропство и ограбувања од
Турците и грчките свештеници. Во однос на поетскиот јазик и израз Рајко Жинзифов немал
зад себе некаква поголема традиција, тoj се јавува на самиот почеток на македонската
уметничка поезија. Како извесен патоказ и искуство му биле само народната песна и
десетината песни на Константин Миладинов.
Жинзифов пишувал песни од кои посебно се значајни „Глас“ и „На Велигден“. Тој ја
напишал и поемата „Крвава кошула“, издадена во 1870 во Браила, Романија на
македонски јазик. Во поемата се осудува турската тиранија и се опишува неподносливиот
живот на нашите луѓе под турско ропство. Поемата „Крвава кошула“ опишува вистинска
случка за една мајка која, откако Турците ѝ го убиле единствениот син, ја донела неговата
крвава кошула в град за да му ја покаже на народот во црковниот двор. Тој, исто така, го
напишал и првиот расказ во македоснката литература: „На Прошедба“. Рајко Жинзифов
бил соработник на весниците: „Дунавска зора“, „Македонија“, „Слобода“, „Бугарска
пчела“, „Век“ и „Време“, како и на списанијата: „Читалиште“, „Периодическо списание“,
„Бугарски книжици“ и др.
Разновидната книжевна и публицистична дејност, a особено поезијата, ни дава
полно право да го поставиме Рајко Жинзифов меѓу најзначајните личности во нашата
книжевност во 19 век и меѓу нашите најистакнати преродбеници. Во неговото дело
најмногу се осврнува на борбата на македонскиот народ од тоа време за национално-
политичка и културна независност.

You might also like