Download as txt, pdf, or txt
Download as txt, pdf, or txt
You are on page 1of 53

ПРЕЗИР

Шум, необочен за таа доба од ноќта, му ја прекина дремката. Сè уште собран на


клопче, со брада нурната меѓу колената, тој вознемирено ослушнуваше. Ноќта надвор
се полнеше со тропот од коњи и забрзано трескање на тркала врз гола калдрма.
Дебелите камени ѕидови, доскоро потиснати од тешка глувост, ја прошмукаа уличната
врева. Во малата соба се заплеткаа гласови. Му идеше во телото студенило и од тоа
му се ежеше кожата. Се поткрена со раце на рогозината да дофати некоја смисла на
ова издробено вревење. Гласовите ја губеа јасноста, се претопуваа во нервозен шум
што звучно трепереше во ѕидовите. и нешто му ги грабна и затегна нервите, му ги
заглуви ушите и тој го загуби удирањето на пулсот што пред малку сосема јасно му
одекнуваше во увото легнато на рогозината. Не сети кога и како до него запреа
чекори. Одвај го распозна чуварот. Неговата фигура ја виде чудно изменета во
трепкавата светлина на фенерот што му се лулаше во раката. Му ја гледаше само
левата страна од лицето, побелениот мустаќ млитаво виснат, металното копче од
блузата жолто блеснато како око на мачка. Тој го стави фенерот до главата на Арсо и
поднаведнат, претпазливо, како да се плашеше да не го штрекне во сонот, одвај го
допре со рака. Потоа зарипнато му рече да стане и да се облече. Треба да го стори
тоа што се може побргу. Арсо се оптегна, и потпирајќи се на рапавината од ѕидот, се
исправи, си ја затегна разлабавената врска на вратот. Потоа чуварот ја завлече
светлината по фенерот. Во црнките на Арсо пак се затести познатата темнина.
Зарипнато шушливиот глас се слушна од соседната ќелија. Таму некој громко,
замрморе. И сето тоа стануваше така бргу, што остана мошне зачуден кога чуварот пак
ја довлечка растрганата светлина. Со него беше дојден висок плеќест човек. Тој
веднаш се поиздвои од чуварот и, здиплувајќи го челото, подзастана до Арсо. Чуварот
засркнато и нерешително им рече дека работите што ги имаат в џеб веќе не им се
потребни и подобро ќе биде да му ги остават нему. Од тоа сепак ќе имаат корист,
така, нема да им ги закачи тешките вериги. Мирно и лесно ќе си излезат од буварот.
И додека го велеше тоа, рацете му нуркаа во џебовите на Арсо. Арсо можеше да насети
што значеше сето тоа. Само го погледна Глигора, кој презриво го туткаше челото. И
Глигор насетуваше. Арсо го отпетла синџирот од елекот за да му помогне на чуварот
бргу да му го извлече часовникот. Овој часовник криеше мили спомени. Но сега беше
дошло времето да се раздели од него. Часовникот, тежок и сребрено блескав, си имаше
своја историја. Татко му за херојство во Руско-турската војна од 1877 година заедно
со орден, лично од раката на генерал Скобелев го прими и овој часовник. На
внатрешната страна од капакот е изгравирана една благодарствена реченица наменета
за херојот. Стариот го чуваше и подготвуваше, им раскажуваше на пријателите за
виорливите денови од војната, најзанимливата и врвна точка во животот негов. И беше
тоа вистинско себеодречување, решеноста да му го подари на Арсо кога овој заврши
прогимназија. Што се може овде - таткото го сакаше синот повеќе... Чуварот побрза
да го скрие часовникот в појас. Таму ги смести и другите ситни нешта: извалкано
шамивче за нос, раменичиња некакви, дробни пари. Долгите глуждави прсти извадија
една надве прекршена фотографија. Чуварот одвај преку рамо ја погледна.
- Ова нека остане кај тебе, - рече сосем расположено.
Арсо како да се навреди од неговата рамнодушност кон фотографијата. Тој рече:
- Стави ја и неа в појас.
Чуварот сега со интересирање ја погледна.
- Види богати... Што ти е таа?
- Сестра ми.
- Постарава...
- Мајка ми.
- Види богати, ова мажиште ти е татко, а? Не ми е требна, момче,
фотографијата. Поарно е да ти остане в пазува. Зошто ќе ми е? - расчувствувано рече
чуварот.
- Ти, што уште дремеш! - се сврте кон Глигор.
- Не знам! - рече грубо Глигор.
- Знаеш! Види ги! - се намурти чуварот.
- Што имам, мое е!
- Си имал и ќе немаш... си бил и не ќе бид... Глигор остро го пресече:
- Кога ќе ги фрлам плочите, тогаш грабај, чакал несреќен.
Чуварот ги замрешкави клепките, и, малку збунето и малку стаписано, растегна
насмев на бескрвните усни. Гледајќи го одоздола нагоре, помирливо му рече дека нема
време за губење туку да го стори тоа што и другар му веќе го сторил. Накострешената
фигура на Глигора заплашувајќи се наведна над чуварот и овој се посмали и стивна.
Глигор крена рака. Јадра тешка тупаница се сруши на кревкото рамо од чуварот.
- Прими го богатството мое и спомнувај ме во своите молитви, - театрално, со
остра нотка на иронија, рече Глигор и ги истури џеповите во плашливо подадените
раце.
Чуварот се тетеравеше по нив. Се движеа меѓу два реда војници замрзнати во
својата службена поза. Арсо и Глигор ги втераа во соба што мирисаше на скорни и
лој. Тоа беше собата на дежурниот офицер — еден ситен човек што нервозно го сечеше
малиот простор со брзи чекори.
На стаклото од прозорецот забелуваше денот.
Врз отпуштените лица на војниците уморот разлеваше бледина.
Однекаде грмна команда. Се растрчаа чекори. Вознемиреност ги раздвижи оние
што беа во собата и оние што чекаа надвор. И, наеднаш, сиот тој свет од униформи и
6
блескави бајонети се нурна кон зинатите железни крила од тврдината.
Арсо и Глигор се најдоа стегнати, меѓу војниците од Стрелечкиот полк. Арсо
одеше прв, по него Глигор, се сопинаше во неговите топуци, сакајќи да го избегне
топлото збивтање на полицаецот што му удираше в тил.
На исток денот се распукнуваше во бакарен сјај. По високо изопнатото небо над
заливот се разлеваше зеленикавозлатно треперење што се пренесуваше на гланцот од
раздвижените скорни и скокотливо одблеснуваше во очите на Арсо. Тој го крена
погледот кон наштрбените рабови на тврдината. Му се виде нереална оваа осаменост на
тврдината, втоната во разбрануваната светлост. Улицата ја зафаќаше џагорење кое се
збираше од попатните сокаци, од вратите и прозорците на овие остарени куќи,
нагмечени од двете страни на улицата. Луѓето жестоко се туркаа и се задушуваа меѓу
работ на тротоарот (каде што во стегнат шпалир чекореа војници) и ѕидовите од
куќите. На балконите од повисоките згради висеа како гроздови сеирџии и во темните
рамки од прозорците се лулаа подадени глави, зафатени од опојот на непреодлива
љубопитност. Вревењето згаснуваше кога поворката наближуваше до гледачите. Во
близината некој се закикоти, но бргу стивна во нелагодното шушкање на мнозинството.
Арсо ги дофаќаше гласовите, насмешливи, пакосно развеселени, ги чувствуваше врз
себе погледите што сожалуваа, осудуваа, навредуваа и сето тоа како тежок товар
паѓаше врз него. Таа тежина му ги запираше чекорите, како да му се залепуваа
подметките на мокрите излижани камења од калдрмата. Кога би можел во тој миг да
исчезне и да го избегне ова навредување. Полека му се вселуваше очаеност, слабост
ги зафаќаше зглобовите и целата снага. Сè беше растргано во него. Длабоко се
надигнуваше незадоволство и презир кон себеси, кон луѓето во овој проклет град, кон
оваа тесна и куса, но бескрајно мачна за поминување, улица. Ништо веќе не му
остануваше. Ништо. Само штуриот епилог на еден толку убав сон што им даваше смисла
на неговите деветнаесет години.
Горчливи сокови му се збираа во устата. Но тој не ги исфрлаше. Овој подол
свет што сега го огрева сонцето, не заслужува дури ни да го плукнеш. Отровните
сокови нека се разлеат во жилите. И тој презриво замижа. Под спуштените клепки ги
гледаше само врвовите на своите чевли како отскокнуваат де напред де назад на
заплиснатата од утринските зраци улица. И полека му се заврзаа мислите. Она
претчувство за тоа што претстои пак се всели во него. Еве, повикани се сурииве да
го осведочат неговото срамно загинување. Луѓето, што сега како раздразнета судбина
се влечкаат по неговите петици, ќе го видат горкото понижување. Поарно е сосем да
ги пушти капаците и непроѕирната розикава завеса нека го сокрие од натрапливите
очи. Раката на полицаецот му ја вжаруваше неговата рака со силен стисок. Не е тоа
да не побегне. Тоа е грижа на џелатот да го зачува него од дивата сурија затестена
меѓу ѕидовите и веригата војници. Да ги зачува своите жртви од изливот на
фанатизмот.
Последната претстава ќе се одигра таму, на малиот плоштад, врамен меѓу
тврдината, пристаништето и зградата на воениот суд. Го зафати желба да ја види час
поскоро гредата што требаше да биде неговиот срамен столб. Околу него ќе се зберат
луѓето да видат како телото ќе се залула на јажето. Оттука се гледаше само дел од
плоштадот и сивиот ѕид на судската зграда. Во горните прозорци болскаше сонцето.
Плоштадот беше уште в сенка, беше глуво и пусто. Арсо се обѕирна лево, десно
и назад. Луѓето беа запрени на работ од улицата откаде започнуваше плоштадот. Тука
стоеше живиот ѕид од војници со бајонети. Арсо и Глигор веќе излегоа на опустената
широчина од плоштадот. Широко и растреперено, морето се оптегнуваше во заливот.
Издолжените сенки од јарболите на малите бродови и гемии ја браздеа рамната
површина на пристанишниот кеј. Отпрвин на Арсо му се стори (и тоа го зачуди) дека
сите овие дрвја забодени со врвовите во синевината се бесилки, некаков нов и затоа
непознат пронајдок за умртвување. Набрго ги распозна корпусите на бродовите на кои
се држеа јарболите. Ги виде на палубите разрошканите глави на морнарите. Плоштадот
му изгледаше сосема чист, како голема метла да ја измела нечистотијата што го
зафаќаше сето пространство од кејот па сè до улицата на тврдината. Некоја рапава
тежина се одрони од градите на Арсо. Сето она што го мачеше, наеднаш се стопи.
Пред вратата на судот пак ја виде познатата слика: вкочането стоеја на стража
двајца војници. Под самата зграда, неогреана од сонцето, дремкаше осамен пајтон, со
впрегнати пар јадри, но мирни коњи. Арсо се сети. Претседателот на судот Етхем-паша
беше веќе дојден. Но тој не допушташе дека пак ќе ги вратат во таа камена
мачилница. Кога ги разгледа јарболите, помисли дека ќе ги натоварат на брод и ќе ги
испратат на заточение во некои запустени места на Мала Азија или Африка. Сè така
мислеше додека не свртија кон вратата на судот.
Пак тие скали. Ги знаеше колку се на број, колку време се искачуваат. Кога ќе
се стигне на најгорното од тие скали, се свртува лево, преку просторен ходник се
влегува во широка и длабока сала, богато наситена со виделина. Отстрана има мало
собиче оскудно осветлено (на прозорецот се залепила дречливо-зелена тантела од
бршлен). Во тоа собиче се одигрува еве веќе дваесет дни една жална комедија. Сè
исти се тука луѓето: претседателот на судот (стар, дремлив и кроток), иследникот
(зборлест и пријатен човек), судскиот писар (со темно лице и воспалени очни
капаци). Го заплеткуваат овие луѓе, лукаво го демнат, го заплашуваат, го
возбудуваат. Но Арсовата упорност останува нескршлива. Ја одрекнува и вистината и
лагата. Не постојат тука допирни точки. Нема заедничка вистина за него и за оние
што му ја украле слободата... Беше сигурен дека ќе ги качат на бесилка. А, ете, пак
во судот. Сега не ги воведоа во малото мрачно собиче, туку право во преполнетата
сала. Ги пречека матна, навредлива врева. Покрај ѕидовите, помеѓу зафатените
столови се движеа офицери, полицајци и цивили.
Ги доведоа до масата послана со зелено кадифе. На предниот ред пред масата
седеа членовите на воениот суд. Претседателот Етхем-паша беше малку издвоен и
понапред од редот на судиите. Пространството зад судиите беше набиено со одбран
свет.
Млад офицер се дигна од своето место и почна да чита со јасен глас. Салата се
умртви. Офицерот ги изговараше зборовите со една намерно барана лирска интонација,
запираше наместа да го сврти вниманието на некое име или факт. Ги изнесуваше
имињата на учесниците, нивната улога во оваа возбудлива драма (како што веќе ја
наречуваа во странските весници). Имаше собрани податоци за секого од обвинетите,
за загинатите и за фатените. Една реченица, прочитана развлечно и со издолжени
паузи меѓу зборовите, го истакнуваше интересниот факт дека луѓето што станале
против законот се млади луѓе, скоро деца. Тоа го имаше своето дејство врз
присутните. Во салата се понесе едно потиснато шушкање што требаше да значи:
зачуденост, сожалување, а можеби и револтираност. Гледајќи ја оваа маса од
расчувствувани лица, Арсо се прашаше самиот себеси, зошто овие сериозни лица -
запотени, стеснети, опијанети од љубопитност, ги заборавиле своите секојдневни
работи, многу важни за самите нив и се претвораат овде во наивни, пакосни или
добродушни гледачи, зошто им е потребно тоа да се согласуваат со оние што
обвинуваат и на таков начин да си ги прават душите тврдокорни, барајќи во себе
презир, непопустливост и казна за оние што се млади и непокорни, но очигледно
способни да ја платат највисоката цена за таа своја непокорност, за тоа свое
несогласување и за мечтата за нешто што го нема, но треба да дојде, зашто без него
нема смирување и среќа. Засолнети зад својата задоволеност, тие што си го запираат
овде здивот да го чујат секој збор, се оддалечиле толку од своите човечки должности
и затоа се можеби благодарни и среќни. Арсо ја презира ваквата среќа. Секој што
дошол во животот со некое свое барање и тој треба да го најде и да го задоволи она
што е потребно или да не се согласува со она што постои. Она што постои го спречува
да дојде она другото без кое животот ја губи својата смисла. Треба да се исполнува
повелбата на совеста... Тука Арсо сети како нешто му го потисна мозокот и во него
се насобра болка и тага. Не го исполни својот долг. Се остави да го фатат и да го
доведат овде за потсмев и забава. Арсо немаше сили да ги презре своите деветнаесет
години за да помогне со своето жртвување да се најде смислата на вистинската среќа.
Стоеше вкочането и погледот му лебдеше над главите на судиите и публиката. Што ли
има сега во мислите на луѓето седнати пред него? Можеби го сожалуваат или го
мразат? Заправо, тие немаат ни право да се размекнуваат и да ги покажуваат своите
чувства заради младоста. Ги чувствуваше налепените погледи на неговото лице, одвај
зафатено од златникав мов. Ја опипуваа овие погледи неговата снага, слаба и
недоволна во растењето.
Распеаниот глас на офицерот раскажуваше интересна епизода:
...Млад патник со кожен мал кофер се качил на патничкиот брод „Викторија",
кој по еден час ќе фатеше правец за Истанбул. Младиот патник... Тука офицерот го
стави прстот на местото до каде што беше стигнал со читањето и ги управи своите
живи костенливи очи на Глигора. Овој трепна и го заплетка својот поглед со погледот
на офицерот. Тоа беше молчаливо, сè на сè миг, два, боричкање, упорно и пркосно.
Офицерот потоа го дигна прстот и продолжи да чита со раздразнетост во која Глигор
виде потајна радост на победник.
Очите на салата сега беа навртени кон Глигора. Тој предизвикувачки ги стегна
испупчените усни. Добро граденото јадро тело, горделиво подисправената глава, на
која косата непокорно и диво се виткаше и спушташе на кусиот јак врат, го
привлекуваше вниманието на публиката и судиите.
Жртвата му го одречуваше правото на победникот кој ги испратил тука своите
судии и своите сведоци за да го признае пред нив својот пораз. Глигор тоа не можеше
да го стори. Тој ја чувствува како се расплискува крвта, како лудо удира во слепите
очи и таа непокорност на крвта го тера да ја бара вистината за човечката совест.
Тој се бори, предизвикува, го кани за жестоко судирање светот задушен во таа
спарена сала.
Сега можеше мирно да ги погледа оние што го одрекнуваа неговото право и
неговата вистина. Ја дигаше главата и од висина го шеташе погледот. Оној таму -
засолнат зад генералските еполети - е директорот на Banque de Franç. Неговиот сосед
со тенка физиономија на птица е управникот на експортното друштво за тутун и кожи.
Валијата тапо гледаше во градите на Глигор таму каде што кошулата, раскопчана, му
ја покажуваше црномурестата кожа. Глигор сè поодредено чувствуваше некакво жестоко
задоволство поради тоа што, еве, ги собрал - тој и никој друг — сите оние со кои
требаше да се пресметува, добро да се погледнат очи в очи. „Се уплашивте? Вие сте
многу. Ние сме останале само двајца. Сакавме само да ве подразниме, да го
вознемириме вашиот сладок спокој, да фрлиме само камен во вашaтa кал, та луѓето што
носат осетливи носеви да го сетат лошиот мирис... Само тоа. Што можеме ние друго?“
Францускиот конзул Стег и директорот на бродската агенција „Mesageri Meritim"
ги доближија главите. Нивното шепотење стигна до Глигор. Тој ги збра веѓите и остро
стрелна со погледот натаму. Го забележија двајцата и ситно се закикотија, в дланки.
Зад нив се наѕираше лицето и дел од градите на иследникот. Овој млад човек му се
допаѓаше на Глигора. Неговата должност - началник на морнарицата, не му пречеше да
ја задоволува својата склоност кон литературата. Уште првиот ден од претресот
Глигор го забележа тоа...
...Иследникот Едип-ефенди внимателно ги прегледува предметите најдени во
куферот на Глигора. Вниманието му го привлечува еден том во кожна подврска. И
пријатен насмев му го раздвижува лицето. В раце го држи најновото издание на
„Клетници" од Викор Иго. И, невообичаено за вакви случаи, тој ја запрелистува
книгата полека, со видливо задоволство, и се задржува на една страница каде што е
подвлечена со молив една реченица. Сега полн осмев го зафаќа, ја ниша главата, му
го посочува на Етхем-паша местото од страницата. Претседателот ја погледнува
страницата исшаркана со молив, па ги преместува полеените со ниста влага очи кон
иследникот.
„Што е таму?“
Едип-ефенди преведува: Виктор Иго таму размислува за гилотината.
„Се готвел однапред" — вели претседателот и го измерува Глигора од нозете до
разбушавената коса.
„Гилотина немаме ние, момче!“
„Вие имате ортома!“ - го слушнува Глигор својот сопствен глас.
И почнува разговор за тоа кој од овие два начина за умртвување е почовечен.
Тоа му изгледа на Глигора забавно и ја возбудува неговата мисла. Но претседателот
брзо се заморува. Две недели веќе ги собира и проверува податоците, се нервира, се
смее и заплашува. Сето тоа го заморува старецот.
Лабаво и отпуштен на мекиот стол, врз неговото вжолтено лице стои замрзната
здодевност и рамнодушност. Сето она што офицерот толку усрдно го читаше и со тоа го
привлекуваше интересирањето на слушателите, на Етхем-паша му беше неподносливо,
изветвено. Во старечките очи, залеани со солзен сјај, Глигор ја гледаше својата
судбина. Старецот и тој, едниот во својот залез, другиот во своето изгревање,
самата случајност ги сретна и ги поврза. Таа средба му ја откри на Глигора бездната
во која мораше да се струполи, а на старецот му ја покажа непомирливоста на
младоста.
Јасен и чист е неговиот пат. Стрпливо и послушно создаде и зачува име на
чесен човек. Во животот имаше едно правило: почитувај ги и восхитувај им се на
делата од претпоставените. И ништо не ги засени убаво поминатите години на Етхем-
паша. На неговите гради се редеа ордени, признанија, пофалби, знак за праведно
живеење. Е, синовите, тоа со жалење го доверуваше на блиските пријатели, не се
угледуваа на неговите добродетели. Тоа им изгледаше излитено и непотребно. Градот
беше разбеснет (Етхем-паша добро го знаеше коренот на злото што се вкопуваше во
душите на неговите синови). Европејците донесуваат навистина нешто ново и убаво, не
е разумно да се одречува тоа, но има нешто што не чини и треба да се одрече и
осуди, а младиот лесно го прифаќа. Постојат вредности без кои човекот не е човек.
Злото ги погодува токму нив. Каде е тука скромноста и почитувањето кон старите? Тој
не можеше да се помири со тоа. А како да ги отргне од курвите и коцкарниците? Бог
нека помогне! Сето ова зло би го изгорел со усвитено железо. И сепак тоа не беше и
најлошото. Тој наоѓаше утеха, дури беше и задоволен дека се зачувал од еден опасен
бацил: злосторство спрема државата. Еве, дваесет и пет дена ја испитуваше болеста
што ги зафатила душите на овие двајца младичи. Отпрвин се лутеше, грубо им се
закануваше. Потоа свикна со нивната упорност. Тие носеа нешто во себе, на Етхем-
паша му се чинеше „зла вера". А секоја вера е непреодлива кога ќе се запали
фанатизмот на верникот. Сите убедувања на стариот се разбиваат во нивната тврдост,
како вода плисната на восочна површина. Но, овие двајца не знаат за расипаност. И
таа нивна чистота ја смекнува строгоста на претседателот. „Зар е можно да паднат и
да пуштат корен опасните бацили токму тука?" И полека и сигурно во мачниот тек на
иследувањето се создава во него нешто како обврска, одговорност за нешто и некоја
не сосем определена виновност, што се создала од самата службена потреба да се
наѕира во душите, во мислите...
Во салата полна со запотени тела, Глигор и Етхем-паша се гледаа како стари
познаници. И Глигор чувствуваше едно одредено сожалување кон стариот. На старецот
му е потребно да се мавне одовде и да се одмори. Заморност стоеше на неговото
побледнето лице. И двајцата сакаа час поскоро да се заврши тоа измачување. Глигор
да го вратат во малата ќелија каде што има мир, леб и вода. Стариот да си се
истегне дома на мекиот широк миндер и да потоне во слатка дремка. И нека не бара
никој ништо повеќе од него.
Гледајќи во суво отпуштената долна усна на претседателот, Глигор се
потсетуваше на првите дни од иследувањето. Беше напорно и возбудливо.
Почнуваат со молчаливо демнење. Секој го бара слабото место на другиот, за да
го нанесе ударот на сигурно.
„Јасно ли ти е што си сторил?“
„Да“ - мирно вели Глигор.
По образите на претседателот избива розовина. Тој се подава напред, кон него
и ги шири воденестите зеници. Во нив Глигор забележува раздразнетост.
„Мислите дека јас сум ја запалил „Викторија“?
„Да“.
„И тоа е точно“ — Глигор ги наполни градите со воздух.
„Си избрал токму француски брод, во пристаништето имаше и други странски
бродови“.
„Зар е тоа важно?“ — Глигор го испушта воздухот.
Ехтем-паша е накострешен. Тој му забележува дека ги поминува границите на
пристојноста.
Конзулот Стег, кој молчаливо го следи распитот, учтиво праша:
„Сте сакале да ја уништите токму „Викторија“?
„Затоа што знам француски јазик“.
Конзулот ги остри чудно подигнатите рамења:
„Не ве разбирам... Вие се одмаздувате затоа што знаете француски?“
„Полесно ми е со брод на кој се говори француски“.
Претседателот го пронижува со поглед Глигора:
„Ми се чини не си свесен дека сам се туркаш во пеколот“, - мрморитој.
„Роден сум во пеколот“.
Претседателот нервозно си ги подгризнува мустаќите.
„Ти си еден варварин. Си им го украл јазикот, а си им ја запустил учтивоста
на Французите... Не треба да се заборава на гостољубивоста наша...
„Гостољубивоста! Еве ја вистинската несреќа!“ - извикнува Глигор.
„Ги мразите Французите?“ — праша претседателот со чисти нотки во гласот.
Глигор се свртува кон него:
„Нивните банки!"
„Опасна заблуда", - мрмори претседателот. — Што сте вие? Анархисти? Или
обични разбојници?"
„Синови на еден поробен народ..."
„Охо, види го ти него!" - го прекинува претседателот. Глигор го подигнува
гласот и во очите му згуснува остро блескање:
„Кои сакаат да ја видат својата земја ослободена!"
„Мислите дека во земјата каде што владее законот има нешто за незадоволство?"
„Да. И нешто повеќе. Вашите закони и вашиот поредок ја држат Македонија во
мрак и сиромаштво!"
„Претерана дрскост" — избувнува претседателот.
Глигор се насмевнува сурово:
„Ги казнувате дрските?"
И додава:
„Потребно е да свикнете со можноста робот да си го побара она што му го
одзеле. Тоа го велите дрскост?"
„Лоши соништа ти ја затемниле главата. Таква глава не останува долго време на
рамењата".
„Тоа зависи од вас. Вие ќе ја исполните вашата должност, нели?"
„Тоа те радува?"
„Не, тоа ме навредува! Се правите како да не го гледате злото. А можеби и
навистина да не го гледате. Ние сме млади, несреќни, токму поради тоа..."
Конзулот Стег откинува еден лист од својот бележник и го става на масата пред
Глигор.
„Пишете, ве молам", - вели тој и полека диктира:
Глигор бргу ја ниже реченицата врз хартијата.
„Преведи што си напишал" - вели претседателот.
„Велат дека смртта е несреќа", — бргу рецитира Глигор. И додава: - „Ако тоа
се однесува до мене тоа е сосем на место. А може да се однесува и до вас, тогаш тоа
ќе биде навистина несреќа".
Претседателот се врти во мачен круг. Нелагодност некаква му ја стегна
главата. Му иде да вика, да удира со тупаници, да заплашува. Но, тој добро знае -
сето тоа не може да му ја поправи положбата. Глигор чувствува топол бран на
задоволство разлеано низ телото.
Сега, сеќавајќи се за тие напорни моменти, Глигор сè почесто го управуваше
погледот кон старецот, потонат во својата слабост и заспаност. Тој се наоѓаше
некаде далеку од оваа сала и тука беше само неговото тешко отпуштено тело и маската
на неговото лице, безизразно замрзната и свртена кон Глигора.
Младиот офицер ја собра со шамивче росата набликната врз челото и продолжи да
чита... Бродот изгоре, но патниците се спасија. Следниот ден вечерта изгасна
осветлението и градот остана во темнина. Пакосна рака ги пресече проводите за
светилен гас. Темнината стана страшна кога започна пукање што го растресуваше
градот. Тогаш пеколна експлозија ја распрсна Banque Otoman. Само пет минути пред
тоа, непознато лице го извести директорот, некој си Французин Берже и тој остана
жив, но премногу уплашен и растроен. Утредента еден младич со пакет в раце се обиде
да влезе во телеграфската станица. Стражарот го запре. Тогаш младичот се обиде да
запали бомба. Тоа не успеа да го стори, бидејќи штикот на војникот му се закопа в
гради. Војската и полицијата не ја запреа смртта да шета по улиците на градот. Во
обвинителниот акт што го читаше офицерот беше допуштено чудење и се изразуваше
мислење дека за вакви дела се способни луѓе што ги имаат развиени до крајна мера
фанатизмот и престапноста. Меѓу публиката имаше и такви што не се согласуваа со ова
мислење и ја бараа причината во смелоста и очајот. Во актот се соопштуваше и ова:
во една улица, блиску до центарот млад слаб човек го чекал валијата. За негова
среќа тој не поминал во тоа време и полицијата забележала како човекот сомничаво се
вртка. И го опколиле. И тој направил нешто што може да го стори само... овде зборот
го испуштаме намерно, бидејќи сметаме дека службеното лице го загубило, сигурно,
чувството за мерка... Младиот човек седнал на запалена бомба. Тие што се обиделе да
го фатат, постапиле благоразумно и се засолниле зад еден каменен ѕид. Бомбата,
наменета за валијата, го уништи злосторникот. Во обвинувањето се настојуваше судот
да се ослободи од секакви хумани обѕири и да им изрече на обвинетите најстроги
казни. Тоа беа последните зборови. Офицерот го свитка документот надве, колку што е
потребно да се смести в џеб. Салата, зенесена од она што соопштуваше офицерот, сè
уште ослушнуваше. Таа бавно се разбудуваше од некаков транс. И сепак, во салата
закрцкаа столовите и гласовите ја наполнија и грубо ја раздраа тишината.
Арсо беше ги спуштил клепките и лицето му изгледаше слепо и мртво. Во свеста
се отвори пустош и во нејасна далечина се топеше озлоочената сала. Таа беше некоја
чадлива недогледност и болно недоверливата мисла, озлојадена од гласот на офицерот,
што му одекнуваше тажно во мозокот, се упатуваше таму. И во тажно чадливата пустош
се отиснуваа сцени, живнуваа ликови болно јасни и од тоа го болеше главата. Во
просторот без видливи граници почнуваше да се одигрува репризата на грозничава
драма. Се гледаше вироглаво растрчан, заплеткан во бесмислено буричкање. Исфрлуваше
нешто од себе, а во ушите му удираа громови. Се лулаше земјата, се поткренуваа
уплашени гримаси, изригнуваше пламен што темнината стрвно го голташе. Хаос се
ширеше и го стеснуваше видикот. Се вгледуваше во подробностите на она што беше
реалност, несредено проектирана во неговата свест. Размислуваше за ситните настани,
ги откриваше грешките на луѓето, растрчани и растргани во оваа пеколна драма. Се
подигнуваше горчливо незадоволство и како со обрачи му се стегаа градите и главата.
„Поинаку требаше да стане сето тоа! Тука има некаква подивеност! Ѓавол нека го
носи! Зар има тука смисла едно штуро брзање да се легне во скутините на смртта. Зар
има смисла?" Арсо ги чувствуваше градите, отежнати од гнев и болка. „Лесно е да
седнеш на запалена бомба и да го распарчиш своето тело. И валијата да остане, да
присуствува на моето понижување! Глупаво е! Неподносливо е! Своите гради да му ги
поднесеш на стражарот, за да ги набоде на штикот!“ Му беше неподносливо тешко -
главата ќе му прсне. „Зар и јас сум овде на ова боиште каде што има само
себеубијци! Одвратно е!" Во зачадениот простор не ги гледаше повеќе другарите, се
исполни сцената со војска и на Арсо му се слошуваше... очај и огорченост се
згуснуваа во мозокот. Навистина главата ќе му пукне...
Но тие чесно ја исполнија својата обврска. И загинаа. А тој остана да го
извалка нивното лице. Таа смисла продираше како отров, а од него немаше спас. Глас
се надигнуваше во него, глас на праведен судија. Тој не го слушаше, само го
чувствуваше како тежок презир кон самиот себе, кон оваа глутница што го запрела
дишењето за да ја слуша анегдотата за смртта. Сега таа сала, огромна и спарена, ќе
му се искикоти на живиот и мртвиот Арсо, вака рамнодушно, љубопитна и пакосна.
Последниот збор на офицерот тешко одекна во главата на Арсо. Тој не можеше,
можеби не смееше, да ги подигне очните капаци и да погледне на луѓето во салата. Се
надигна од сите страни врева. Се влечкаа нозе по подот, завревија во хор возбудени
гласови. Засолнет зад розикавата завеса на клепките, Арсо претчувствуваше дека веќе
беше дошол редот на претседателот. Еве, старечкиот глас колебливо, засипнато ја
пробиваше вревата, закрепнуваше и во стишувањето на салата полека ги исфрлуваше
познатите формули. Потоа неочекувано забрза, како да го совлада желба брзо да се
отчепи од таа своја должност. Чу како шушливо му се пушти гласот и млитаво и тапо
падна во свеста на Арсо:
- ...смрт со бесење...
Некоја сила му ги растави клепките и тој остро ги насочи своите презриво-
тажни очи кон оние што сакаа да ја видат неговата малодушност, страв и покајание и
треперењето на солзите. Ги стегна усните така што тие направија блед, тесен раб,
потоа ги растегна во презриво ладен насмев.

РЕАЛНОСТ
Затворот се издигаше на висок рид, жестоко оголен од ветрови и сонце.
Камената зграда стрчеше сред тажна панорама, чија што боја остануваше од утро до
зајдисонце сивопепелава. Малите квадратести прозорци осамено гледаа во морската
пустош. Обично во запурничавите денови водата стоеше умртвена како израмнета
пустина, замаглена и слеана со тмурната далечина. Сува измаглина лебдеше во
здолнината на ридот и оттаму допираа до затворот згаснати шумови. Жителите на ова
малоазиско крајбрежие затворот го наречуваа со име што не можеше да се запамети.
Острото морско око, загубено во опасниот простор на морето, ја следеше оваа зграда
слетана на самиот врв. Интересен и необичен свет беше собран тука. Кога ќе се почне
од многубројните убијци, обични и необични крадци и провалници, коцкари и
алкохоличари, морфинисти и секакви измамници и перверзни личности, па сè до
случајни тепачи, незаштитени жртви на интриги, повлечени во себе, но фанатазирани
следбеници на учења и секти што ветуваат човечност, мир и братство таму каде што ги
нема и не може да ги има, пишувачи на сатири што ги погодуваат властодршците,
злојазичници и шегаџии, сиот овој затворен и заборавен свет живееше засебен живот.
Тука судбините на луѓето се слеваа и се претопуваа во една единствена, страшно
заплеткана судбина.
Затворот се состоеше од четири двокатни и две приземни камени згради.
Затворската канцеларија беше истуркана во најјужниот крај до самиот ѕид, кој како
јака тврдина ја опколуваше оваа морничава зграда од сите страни. Сиот затворнички
свет беше сместен во седум кауши, нагмечени без мерка и ред. Повеќе доаѓаа и сосема
малку заминуваа за други затвори, или се враќаа на слобода. На неразбирлив и
невидлив начин затворениците се групираа меѓу себе и му даваа на секој кауш посебна
физиономија.
Арсо и Глигор ги напикаа во првиот кауш. За да останат незабележани, се
измешаа со другите затвореници. Но, тука, како и насекаде каде што живеат луѓе,
имаше будни очи што ги демнеа новопристигнатите. Арсо најде едно незафатено
местенце под прозорецот, си ги остави пљачките и уморено се струполи врз нив.
Брзаше да нурне во себе и необеспокојуван од никого, мирно да ја загледува оваа
интересна збирштина. Глигор остана во мешаницата. Арсо забележа дека на Глигор му
се доближи еден затвореник облечен во нови шајачни беневреци и темномаслинест елек.
На неговото лице, издупчено од голема сипаница, стрчеа мустаќи, остри како рокчиња
на млад бик. Се израмни со Глигора кој чекореше бавно.
- Дојдовте, — му рече со јасен глас.
Глигор љубопитно ги залепи своите големи очи на рапавината од неговото лице.
Како да го почувствува тешкиот поглед на Глигора, тој додаде:
— Повелете на чај! Глигор ги забрза чекорите.
Другиот подзастана, изненаден и загледан во јакиот врат на Глигора. Потоа се
изгуби во мешаницата. Од темниот ходник придојде матна парталеста маса од
затвореници, се збираше во средината на каушот, се брануваше, се растегнуваше
возбудено. На крајот се оформи неправилен круг од ничкосани глави. Во кругот влезе
човек со исчадена тенекија. Се протегнаа раце со мали земјани чаши. Човекот зафати
да сипува од тенекијата во чашите.
Во сенката под прозорецот Глигор и Арсо мирно гледаа во оваа необична
церемонија. На нечистата добро изгазена земја, сега останата гола, светлината ја
беше насликала решетката од прозорецот. Глигор забележа: сред нечистата
затвореничка маса се белееше чалмата на оној со рапавото лице. Тој седеше повисоко
од другите и со показалецот го сечеше воздухот во сите правци, но секогаш кон
одредено лице од кругот.
Глигор го здипли челото.
Зошто го одби неговиот предлог?
Ќе има сигурно расправија со него. И очекуваше судир.
Такви луѓе сретнувал и во другите затвори.
И секогаш тие се едни и исти: одмаздољубиви.
Глигор не ги поднесуваше.
Дрската наметливост и перчење му изгледаа жални и смешни.
Се роди меѓу робје и тирани и ги презре и робјето и тираните.
И го избра овој пат на ослободување себеси.
Човекот со тенекијата веќе третпат ги полнеше чашите. Некој шегаџија пушти
смешка. Избувна смеа. Во нескладното кикотење се покренуваше тажно креслива
мелодија. Другите ја прифаќаа како силен одглас што ги гребеше ушите. Мешаница од
гласови што се настигнуваа и судираа, го полнеа воздухот со поткреснувања, извици и
виење.
Плашливо се извлекуваше денот. На миризливите и ископани ѕидови се налепуваше
самрак. Каушот личеше на пештера во која се довикуваа, се наоѓаа и во какофоничен
хор се збираа ноќни вресоци на подивени птици и животни.
Арсо, заборавајќи на она што беше измачување во долгите часови на осаменост и
во осаменоста родениот страв и самообвинување, сиот се внесуваше и се губеше во
дивиот вриеж на страстите. Тој беше мошне задоволен дека пак се врати меѓу луѓето.
Се отвораше еден интересен свет што го привлекуваше. Се чувствуваше подобро и
посигурно. Со интерес се запираше на секој од кругот и јасно се втиснуваа во него
ликови, гримаси и гестови.
На решетката легна ноќ. Запалија ламба.
Чадливата светлина откриваше јама полна со суштества чудни, развлечени,
искривени и измешани во едно неодредено тело, со многу глави - еднооки, небричени,
оптегнати и разиграни во транс. Одненадеж ова возбудено клопче се одмота, се
затегна и се заплетка во несфатливо буричкање.
Арсо стана. Возбудата кај него се засилуваше. Но, што е тоа? Се проби
јаснозвучен силен глас и весело пеење се разлеа, ја потисна и ја смири викотницата.
Некаде во средината затропа дајре и засвире тамбура. Се поткренаа наведнати фигури,
отпрвин лабаво и тешко, заврзаа оро. Некој го удри шишето од ламбата и каушот
потона во темнина. Хистерично пеење и ревење го залула каушот. Тамбурата и оној
јаснозвучен весел глас тажно се стопија.
Глигор го завлечка Арса во оддалечениот агол, до разурнатиот оџак. Во
темнината, масата се разлеа и го зафати сиот простор, потече и се згусти во
теснината на ходникот. Бесот премина во другите кауши.
Кој, кога и зошто удираше во темнината? Глигор и Арсо тоа не можеа да го
сфатат. Некоја темна желба да се истури гневот, да се одбрани, по навика да се
удри, нападне или убие, лудост која напнуваше на дебелите камени ѕидови, но, не
можејќи да ги турне, се уништуваше сама себе. Арса го зафати некое чудно треперење
што го тераше несвесно да се тиска кон оџакот. Глигор стоеше пред него, готов да го
заштити од ненадеен и случаен налет во темнината.
Во темнината се појави фенер. Вознемирени силуети се распрснаа и се притаија
во неосветлени агли на каушот. Фенерот запре над човекот што лежеше спрострен
наземи. Јурнаа стражари со куси стапови.
Убиениот го извлечкаа надвор.
На клинот каде што висеше ламбата, сега се занишка фенерот.
Капнати од умор, раскинати, закрвавени, луѓето се натркалаа да спијат.
Во каушот завладеа мртвило.
Глигор и Арсо се вратија на своето место под прозорецот. Човекот со рапавото
лице седеше наспроти и упорно го стрелаше со поглед Глигора кој се готвеше да си
легне. Потпрен на ѕидот, тој изгледаше мирен, чист и нов, како да не учествувал во
тукушто свршената тепаница. Во темниот сјај на неговите очи имаше нешто што
привлекуваше, бараше доверување и потчинување. Тоа негово изнагрдено од шарка лице
излачуваше наметливост и волја. Двајцата молчаливо се демнеа и се испитуваа. Глигор
јасно ја претчувствуваше неговата желба да биде забележан и признаен за нешто
повеќе и подруго. Тоа го сети уште при првиот допир со него. Го овладеа желба да му
се спротистави, да го натера да се откаже од својата намера. „Проштавај, апсанџијо
мој, тоа сум што сум и ќе бидам пак тоа. Сложи се со тоа, па да има слога меѓу
нас!" И упорно и дрско го гледаше човекот со рапавото лице, чии што најадрени и
тркалезни очи блескаа сурово, набабрените усни на јужњак, се оптегнуваа во
покровителствен смев. Но тој насмев остануваше наполу замрзнат, зачуден, со одвај
дофатлив израз на навреденост и збунетост. И секој молчаливо настојуваше да го
наметне своето, другиот да отстапи и да се помири и примири. Помеѓу нив се
протегнуваше невидлива оска и тие се зацврстуваа на двата краја на оската, за да ја
зачуваат рамнотежата. „Признај го моето, зашто друг излез и решение нема" — говореа
нивните погледи.
А тоа и двајцата не го признаваа.
Свртен со лицето кон ѕидот, Арсо се мачеше да заспие. Немир му ги зафаќаше
мислите. Се подигнуваше во него несигурност и плашливост. Стравот, роден во глувата
осамотеност на ќелијата, ја беше загубил својата острина, стоеше затулен, магличест
и оддалечен некаде. Но, ете тој не беше во состојба да го запре треперењето. Некоја
сила, што не може да се скроти, го држеше и го тргаше телото однатре. „Глупост е
тоа најпосле, темен инстинкт на себичноста“. Како да се успокои! Извршувањето на
пресудата ќе дојде така обично како што доаѓа денот и ноќта. Џелатот нема да го
изненади, тој го очекуваше сега, по една минута, по две минути, по еден час или на
разденување... Сеедно му е што ќе стане, сеедно е тоа... само тоа одвратно
треперење на телото...
Ноќта му се стори долга, неподнослива. Најпосле умората надвладеа и тој
заспа.
Денот дојде полн со шумови и движења. Арсо исплива од понорот на тешка и
глува тишина. Се поткрена на лакти и сонливо се изразгледа. Во празниот кауш лежеа
како фрлени наземи двајца затвореници. Наблизу стуткана човечка силуета го поздрави
учтиво. Клечеше до ѕидот. Тој човек тресеше долга, пробелена, нечиста брада.
Плашливо се приближуваше, како да не се допираше до земјата. Рече дека е мошне
задоволен што има ваков мирен сосед. - Потоа испитувачки го гледаше со своите
итромижливи очи, очекувајќи што ќе му рече Арсо.
Арсо молчеше.
Човекот се долепи до него и со леснина, како одамна да бил негов сосема
близок пријател, го продолжуваше разговорот, како случајно прекинат:
- Добро беше, но... дуќанот ни беше на плоштадот. Ортакот, човек вреден,
немаше работа во која да не си ги замеша прстите. Има луѓе кои не си ја гледаат
својата работа, па се замешуваат во туѓите... Стана една мешаница, а праведниот и
невиниот секогаш страда. Да?
Се пушти во долги објаснувања како ортакот се извлекол од рацете на
полицијата. Виновниот знае да се чува. Ете, за права бога, го спикале него в
затвор. За туѓа вина и за туѓи гревови. И чепкаше и распетлуваше сè што станало,
повторуваше една и иста случка во различни нијанси.
- Патрокле, вели, јас ќе отпатувам за некој ден, ти гледај го дуќанот.
Па што има да стане - ќе стане и ќе помине.
И Патрокле, (нека му ги бери гревовите ортакот) ги брои тука деновите и ги
дели ноќите со кривците и со од мајка неродените. Сè заради ортакот - „човек лукав
и вреден".
- Да? — рече Патрокле колку да земе здив и продолжи: - Те гледам мирен,
млад... има што да видиш и научиш тука. Осум месеци чмаам овде. Низ иглени уши
поминав... Највредното си остануваат парите, тоа да го знаеш...
Во очите на Арсо молсна острина.
- Избричи си ја брадата - рече тој.
- Што ти текна за брадата моја. .
- Глупава е... Сите мудрувате...
- Ако сите го велат тоа, тогаш тоа е токму така.
Патрокле се намести добро на веленцето што го влечкаше со себе и одново се
предаде на своето брборење. И тоа беше некоја негова способност да ја направи
поднеслива секоја случка, да ја исуши и претвори во бескрајно зборување. Сите
негови маки и незгоди се сведуваа на тоа: со влегувањето во занданата, тукашните го
потсетиле на обичајот - да ги почести со по едно кафе за добредојде во
„фамилијата". Пази боже од ваква фамилија! Така почнува со кафе. По некој ден, еве
ти пратеник од каушбашијата, заем му бара дваесет гроша.
Патрокле не дава пари лесно. Кој знае што може да стане во оваа проклета
зандана? А пратеникот навидум човек мирен но со опасни очи и јаки вилици, го ниже
со поглед. И го остава да размислува. „Ако им се подадеш, гол ќе те слечат“ (мисли
Патрокле).
Минува пладне.
Времето се наоблачува.
Се згуснуваат сенките во каушот.
И мрачното во очите се згуснува.
Тромо се влечкаат затворениците - излегуваат и влегуваат, и бараат шегаџии и
веселици во другите кауши, да ја убијат здодевноста и тоа неподнесливо вгледување
во себе. Патрокле сеќава непријатност. Му се чини каушот е премногу издолжен и тој
сам седи во далечина. И луѓето се мали и отуѓени. Седи Патрокле и е тажен поради
осаменоста и оддалеченоста. Кога доаѓа приквечерина, Патрокле се одлепува од
местото каде што е седнат (истото место што го зафатил сега Арсо). Се упатува во
самракот кон ходникот и, одненадеж, му се прилепуваат четворица, ги сеќава
остриците на ножовите, допрени на градите.
„Заем не даваш... преврти ги џеповите!"
Патрокле не може да каже збор. Само очите му се тркалаат несвесно. Ножовите
натискаат на градите, стомакот, слабините.
„Еве тоа имам... лира и пол сè на сè!"
„Лажеш, чифутине!"
„Жими очи!"
Ножевите се иставаат.
Четворицата му прават пат да помине.
Утредента пак доаѓа пратеникот. Патрокле сигурно има повеќе пари. Сигурно,
трговец од Крит, во лири е закопан.
„Сакаш ли да имаш мир и живот? Отпарај ги зашиените рабови од минтанот. Дај
му ги лирите на шефот да ги чува. Овде има секакви, од кол и јаже собрани, ќе ти го
пресечат гркланот како на кокошка!"
Патрокле се колне во светците и господа - пари повеќе нема и попусто е тоа
мачење.
Пратеникот ја ниша главата сомничаво.
Вечерта Патрокле се отпушта за спиење и слуша преку ѕидот, во соседниот кауш
пискотници. Потем упаѓаат полицајци, возбудени и зли, на секој затвореник му се
вгледуваат во очи. Човек има избоден душмански со ножови. Луѓето се мирни, сонливи,
и на знаат да кажат. Зар може да се види кој налетал врз сламарникот на убиениот?
Убиениот е страшливец и будала. Инаку не би загинал. Патрокле мисли: „За права бога
овде може да се загине!"
Одвај ја дочекува муграта. Си ги отпарува рабовите на минтанот. Ги вади
проклетите лири. Шефот Џемал-ага, е задоволен од неговата штедрост. На чај го кани.
Така, брате! На добро тргна.
Мина што помина недела или неполна недела, а шефот го гледа напорки. Му ја
смалува кршенката леб и на Патрокле цревата зачестено почнуваат да се преметкуваат
и кркорат. Патрокле му се пожали на Џемал-ага. А тој токму тоа и чека:
„Зар толку, кутри Критјанине, си бил стипса? Пиши им на твоите да ти пратат
пари."
Ете, човек без пари може и да полудее. Тоа е потешко од прангите и стаповите
на полицајците. И така писмата на Патрокле до жена му се жалосни и плачливи. Срцето
на таа негова жена е меко и жалостиво. И дуќанот се топи. И на крајот:
„Дали и алиштата што ги имаш за празник да ги продадам?"
Џемал-ага притиснува. Нема каде. Проклето царство Џемалагово! Кому да се
поплаче?
„Сите сме виновни што лежиме овде."
Ни господ, ни директор, ни Џемал-ага се повикани да ја делат правдата меѓу
кривците.
- Така, момче! Сиот имот влезе во џебот на Џемал-ага. И до кога ќе
продолжи, не знам.
- Додека има за молзење, - рече суво Арсо.
- Пресуши веќе.
- Продај му ја брадата.
- Отров има во тебе, несреќа носиш во себе!
- Ти имаш пари, а јас отров.
- Истури си го отровот во срцето на Џемал-ага... белки од тоа ќе пцовиса...
Пари немам повеќе да му дадам.
- Дај му го животот, не ти е потребен.
- Во него е сè. Ако го загубам него што друго ќе ми остане?
- И тоа го сметаш за живот?
- Има полошо од тоа... ако претрпам, мислам ќе се куртулам.
- Куртули се сам.
- Смешен си, момче!
- Смеј се и робувај му на стравот за својот живот. Им робуваш на оние што
имаат корист од твоето робување.
- Ако си волшебник, научи ме како да се ослободам.
- Не давај на Џемал-ага, џебот на Џемал-ага нема дно.
- Ќе ме заколе!
- Ќе се ослободиш.
- Не те разбирам. - Патрокле гледаше во неговото бледо лице.
„Дали овој младич не е навистина поместен?"
- Ослободи се од стравот. Стравот те тера да го превиткуваш грбникот.
Ропството постои само затоа што луѓето се тресат за својот жалосен живот. Само да
се живее, па нека мувлосуваат! Зошто ти е тебе такво живеење, такво живеење е
маченичко умирање. Ќе живееш сè додека глутницата од силници има потреба од твоето
живееење. Живеј за себе! Плукни на тоа што го велиш страв да не умреш. Џемал-ага се
богати од твојот страв и од стравот на другите. Тука се испомешале волци со овци.
Јадрите волци што ја јавнале Турција ги напикале обичните мали волци в бувар. Сите
мали волци што не успеале надвор, тука се. И тука ги јавнале тие малодушните и се
создало пак тоа што е надвор - волците ги јадат овците.
- Не сум јас ни овца, ни волк...
- Не знам што си.
- Не седружам со овие...
- Сигурно неси најарниот тука...
- Не го велам тоа. Стој си настрана, Патрокле, си велам, плати си го данокот,
зошто се парите... Не се плашиш, тогаш ајде ослободи се сам. Покажи ја твојата
вештина и испари се одовде. Не ми е баш мило да лежам со вошките. Што можам јас?
Велиш не трепнува твоето око пред тиранот, па затоа се мислиш слободен. Те фатиле
затоа што си се уплашил. Откако те нагмечиле в затвор почнуваш да се лажеш себеси и
да се тешиш слободен сум јас, мили луѓе. Зар веруваш дека си слободен? Си бил, ама
сега не си. Ете, тоа е вистината... Да си дојдеме сега пак на зборот. На секое
божје суштество му е дадено да се чува. Допри го црвчето со жарче, ќе се свитка.
Тоа го велиш страв? Тоа го држи животот. Ако имаш пари дај ги, куртули се. Ќе висне
над тебе Џемал-ага: „Дај пари, инаку пропаѓаш за права бога!"
„Не давам, што ми можеш, слободен сум јас човек!", ќе речеш и ќе се
притопориш. Тој ќе си ја заниша главата наполу луто, наполу лукаво, и ќе ти го
одреди местенцето до нужникот...
- Човек ли си? - упадна Арсо.
- И за тоа требало прашање! Сите сме едни и исти.
- Црв си ти!
- Се лутиш? Охо...
- Човечкото е во гордоста, во духот што не се покорува.
- Поднаведни си ја главата кога минуваш низ ниска врата. Треба да си ја
зачуваш главата. Во главата стои твојата гордост, ако ја скршиш главата, гордоста
ја нема, тебе те нема, светот го нема, ништо нема. Како тебе леба ми, нема тука.
Секакви ги има тука. Стоиш настрана, замислен и зол. Не ме лаже умот, има во тебе
нешто неразбирливо. Гордост? Не си султанов везир, или нешто друго што му прилега
да се перчи. Остави го сето тоа! Муви се тоа. Уште си млад, не го познаваш добро ни
доброто, ни лошото.
- Не е потребно да пуштиш бела брада па тогаш...
- Си сторил нешто? - Патрокле се залепи до Арса.
- Сум сторил.
- Си навредил царски чиновник?
- Ситен е таков грев.
- Си покрал чесен човек?
- Чесните немаат пари.
- Да не би некоја крвнина...
Арсо сè повеќе губеше стрпливост. Овој брбливец го заморуваше и му беше
здодевно. Рече налутено:
- Сум убил!
Патрокле се тргна и го прекрши гласот:
- Џемал-ага не можеш да го надминеш...
Нешто млако и угодливо проструи во држењето на Патрокле. Гласот му затрепери
разнежено. Нешто покорно милозливо, виновно идеше од зборовите и гестовите. Како да
брзаше да поправи некоја непријатна грешка. Во воднестите агли на неговите, инаку
секогаш малку собрани и потсмешливи очи, се собираше благост. Кожата на ситното
лице се опнуваше мазно и разнежено добро. Ете, многуто зборување го доведува човека
до погрешен чекор.
Си го пушти јазикот и сигурно го навреди. Но, тој нека не обрнува внимание на
таа пуста слабост да плетка што било и што не било. Што друго да прави тука, освен
да брбори и брбори до бескрај! Така ова страшно време тука ќе се заполни. Патрокле
зборуваше брзо, како некој да го шибаше со камшик, и од тоа го болеше јазикот.
Брзаше да се ослободи од нешто што го плашеше и гонеше. Сосема се долепи до Арса и
со своите благо примижани очи го бараше неговиот поглед како да сакаше одобрување
за своето каење и извинување. Приклекнуваше, се понадигнуваше и колената, рацете,
телото постојано ја менеа својата положба. Арсо си ја потпре главата до ѕидот и
тврдо гледаше во таванот, исчаден и завиткан во нечиста пајажина. Нервен грч
поминуваше по неговото лице. Патрокле се намести крснозе и ја започна оваа приказна
за Џемал-ага.
...Се довлечкал некаде од Александрија. Што бил таму и што работел никој не
знае. Во градот си завиткува гнезденце. Меѓу граѓаните и во околината се шири глас:
работлив, дрзок, лукав и деловен човек на пазарот. Од продажба на женски накити
припечалува добра пара. Меѓу првенците стекнува почит и име на човек прибран.
Неговата слабост кон жените не му се пише за тежок грев. Ги привлекува витките
јадрооки девојки со скапи подароци; ѓердани, позлатени гривни, свила и чоја. И така
лесно, како пеперуги в оган, паѓаат во неговата шепа. Седум жени во еден месец
поминуваат во харемот на Џемал-ага. А од нив нема вест. На чаша ракија рибарите по
крчмите потшушнуваат доверливо дека Џемал-ага ги фрла кутрите девојки в море.
Отпрвин како лага, пуштена и ширена од пакосници, недоверливо се прима од луѓето во
градот. И еден ден Солун осамнува со потресна новина: Џемал-ага го ставиле в
зандана. Како ѕвер фатен в клопка, Џемал-ага лудее, удира со прангите, ги крши
вратите, ги копа ѕидовите. Му крварат рацете од тешките пранги. И дење и ноќе рика
како да го колат. И сите казни ги истрпува и останува ист: непомирлив, груб кон
чувари и кон затвореници. И попушта апсаната полека но сигурно и Џемал-ага ги
заробува душите на управници и апсанџии. Тој е јунак, а јунаците се на почит,
станува шеф на каушот и наметнува свој закон и ред. Зема од сите што доаѓаат, а
секој ден доаѓаат и поретко си одат. Според имашливоста на секој новодојден му го
одредува местото во каушот. Џемал-ага прави секакви итрости да го стави човекот под
своја власт. Ја реди, уредува и одредува судбината на оние што им е судено да седат
овде...
Здодевноста кај Арсо се претворуваше во револтираност. Нешто во него се
бунтуваше. „Како тоа, - мислеше, - како тоа, се наместиле тука гробници некои, ме
дразнат и ми ја убиваат стрпливоста. Дали сум присебен човек, или сè во мене е
ѓаволски испревртено. Валијата, судските иследници, полицајци, аги и бегови како да
се вселиле во душите на овие клетници. Има нешто што е сосема погрешно. Можеби во
мене самиот! Бацилите на злото ги зафатиле и самите негови жртви. Тоа просто
речено, не го разбирам. Тоа не може да биде!"
Арсо сеќаваше тапа болка во мозокот. „Лудост ли е сето тоа? Или некое нечисто
бладање? Можеби и во мене навлегла заразата! Што сум јас тука? Месечар, лудак?
Недоразбирање со самиот себе и со она што постои и стои надвор од мене? Сè треба да
се минира, да се запали и распарчи!"
Стана и, не разбирајќи што треба да прави, каде и зошто да појде некаде,
залута низ ходникот. Излезе на квадратестиот двор. Разбиени по двајца по тројца
шетаа и се буткаа затворниците, ги влечкаа нозете, одвикнати од одење, спореа, се
смееја и се тешеа. Имаше во нив живост, расположеност за разговор, за движење, шеги
и смеење. Тука се собрале сите жители на каушот.
Беше горештина. Уште изутрина. Синиот квадрат од небото, исечено од рабовите
на ѕидиштата, високи, пеплосани, сипеше жештина. Но, сепак ведрата синевина над
главите успокојуваше и ги поврзуваше душите со светлиот бескрај. Кротост и добрина
бликаше во очите и гласовите.
Арсо почувствува како му станува поарно, дури уште не сосем одредена веселост
му проструи во градите. Таа проникнуваше во крвта и залазуваше како пријатен скокот
во носниците, тилот и врвот од прстите. Тој се измеша со другите и допирот со нив
му беше пријатен. Меѓу нив Арсо се чувствуваше обновен, полн со мисли и чувства што
му ја враќаа вербата во нешто многу важно за него и за другите. Можеше да
поразговара. Уф, тој Патрокле! Повеќе не би можел да го поднесува неговото
бескрајно плеткање. Во вистински час се оттргна од она негово зборување.
Го бараше со поглед Глигора. Се буткаше со начулени уши за да го распознае во
нестројниот говор неговиот глас Долгнавест муаџир со бербатна чалма, несмасно
навиткана, длабоко изгравиран со дебели нечисти брчки и со очи толку вдлабени во
главата, та личеа на дупки во кои одвреме навреме проблеснуваа само белките, со
лице исушено, глуждесто и аглесто, пушташе необични лаги, та оние што се тискаа
околу него само доверливо потврдуваа со главите или со поглед, верувајќи или
сакајќи да веруваат во тоа што беше само убава измислица и мечта. Измислениот
возбудлив свет беше оаза кон која беа упатени сите. Зборуваше со таинствено
сладострасен шепот.
- Не можете да си ја претставите. Може само да се има — сета е мека и топла,
ќе се закопа во тебе и само те топи, растопува и те пие, пие. Мажот £ често одеше
во Солун по трговија и таму престојуваше со недели. Ќе се изјазам по стеблото на
лозницата на чардакот, а таа горе чека, потреперува како лист од трепетлика, по
кошула, на градите грее месечина.
Слушачите го мекнеа лицето. Некој ќе крикнеше, но толку тивко да не ја
заглуши оваа возбудлива приказна.
- Токму за тебе ќе сезалепи!
Раскажувачот брзо се наоѓаше со своите внимателни, скриени в сенка, очи и
божем не обрнувајќи внимание на задевките, потфрлуваше зајадливо:
- Жената, пријателе, го бара тоа што ти го немаш.
- Како да си спиел со мене та знаеш, — не остануваше должен другиот.
- И после? — прашуваше еден размекушавен млад Турчин.
- После... во собата... балдахин со свилени тантели порабен...
- И ти во балдахинот?
- Паштомислишти! — раскажувачот го насочуваше мракот на своите очи кон
правецот од каде што идеше прашањето и долната сува усна му се грчеше.
- Тц, тц, ац...
- Му се присонило! Само ни ги крева дертовите! - викна еден силен Албанец,
плукна и се одлепи од групата.
Жената на трговецот минуваше од уста до уста, разголувана и сакана. Луѓето се
тискаа околу раскажувачот и тој сега личеше на глиста - жилаво издолжена над
главите на другите.
Арсо се одлепи од стисокот на телата. Стапи на нешто што се скрши под
неговите нозе. Некој весело опцу. Понатаму се сопна во искорубена табла. Ги
растркала пуловите меѓу рашетаните нозе. Вниманието му го привлекоа тие нозе. Тие
нозе не запираа, не сакаа и не можеа да запрат во заедничкото движење во малото
квадратесто шеталиште. Вдрвените од недвижност нозе се радуваа на зракот, разлеан
врз грубата калдрма. Арсо се пробиваше, ги вкрстуваше своите чекори со многуте
чекори на другите и чувствуваше и му се чинеше дека тоа се многу чекори на неговите
сопствени нозе. И тоа чувство му го милуваше срцето. Неговите нозе се нозе на сите
луѓе. Не е сам, не е сосема напуштен и сам. Брзаше меѓу луѓето. И во брзањето пак
залута во ходникот. За малку, само за да влезе во соседниот двор, пак полн со врева
и движења, движења. Го закопа своето рамо меѓу рамењата што се допираа, се тискаа и
се одвојуваа. Во средината на дворот го најде Глигора занесен во оживеан разговор
со Џемал-ага.
- Те оставив да си поспиеш повеќе, - му рече Глигор.
- Не требаше да ме оставиш.
- Лош сон?
- Кој е овој? - запраша рамнодушно Арсо.
- Џемал-ага, каушбашија... Така, Џемале, по различни патишта одиме, - го
продолжи Глигор прекинатиот разговор.
- Вие го мразите султанот, а ние го почитуваме.
- Ми се чини твоето почитување не му попречило да те нагмечи во буваров, -
со иронија рече Глигор.
- Го сакам, зашто вие го мразите.
- Оној што те затворил...
- Тука се разминуваме - замавна со показалецот Џемал-ага.
- И ти и ние сме убивале, нели?
- Тука се разминуваме, - повтори Џемал-ага.
- Си убивал заради љубов?
- Погоди... Го сакам светот каков што постои. Живеј како што е наредено. За
секого има место на оваа земја, само да е умен. Само улавите страдаат.

- И ти...
- Имам тука и пари, и почест и власт.
- И власт?
- Кадарниот умее... Не гледај ме така изеднички, момче. Џемал-ага му се нурна
во лицето на Арса.
Арсо ги стегна вилиците. Не рече ништо. Џемал-ага благонаклоно се насмевна.
- Гнаса... — пламна наеднаш Арсо. Глигор му ја затна устата со дланката.
- Не врескај, момче! - во сенчестите зеници на Џемал-ага се збра
замаглина. - Убиваш, а зошто го правиш тоа? Мразиш, а не знаеше кого и зошто
мразиш. Не умееш да направиш нешто, а го урнуваш она што другите го создале. Можеш
ли да направиш чардак, да викнеш чалгаџии и да се опијаниш само од миризбата на
цветовите? Секој цвет си има своја миризба. Судено му е на мажот да лета од цвет на
цвет, да го собира најслаткото во нив. Насити му се, скини го - убавината еднаш се
дава и се зема. Фрли го во морето нека го носат далгите во заборав.
Останува само нешто во душата - мирисот на цветовите. Жената еднаш се љуби.
Тоа што било прво, неповторливо е. Го земаш она што го има секоја убава жена...
Џемал-ага сиот се промени. Во возбудено проширените зеници згаснуваше темна
страст. Рацете и телото му затреперија како на светец кој ги започнува своите
неразбирливи молитви. Строгите линии на неговото лице се накршија и низ
возбудливото занесно шепотење прстите на оптегнатите раце фаќаа во пространството
нешто необично, меко, нежно, податливо...
Се прибра брзо и наеднаш. И како да не било ништо:
— Попусто мислите дека ќе промените нешто, ни таму од каде што сте
дојдени, ни овде. Тоа што било ќе биде.
Во мислите Арсо го споредуваше ова рапаво лице на зол повелџија со неговите
силно занесени привиденија во кои жената беше мирисен цвет кој малаксуваше и се
претвораше грубата страст во разнежувачки сон. Болна е оваа спротивност.
Невозможна. Го ведна погледот да го избегне лицето на Џемал-ага. Му го гледаше само
појасот и сребрениот ќостег, закачен за елекот, чистите и нови ѕиври спуштени во
глуждовите. Таа празничност негова го смируваше и здобруваше малку.
„Овој Џемал-ага ги заплеткал нишките во својата душа. Во него има нешто болно
што ја брише меѓата меѓу љубовта и омразата. Го жалам и го презирам овој човек. Му
се чудам и го презирам. Можеби и да не постои ваков Џемал-ага. И тој е јунак на
моите раскашавени соништа. Такви луѓе не постојат, тие се појавуваат само во моите
бладања... Сите сме ние несреќни. Сиот овој проколнат свет тука и надвор е криво
насаден, невозможен. Да, и јас сум невозможен. Таков сум... Можеби не сум го
познавал сето тоа што сега ми се покажува. Не, сигурно светот изгледа поинаков
надвор од проклетите ѕидови, надвор од мене..."
Мислите на Арсо му ги прекина силниот глас на Глигора.
- Нè плаши твојата малечка тиранија!
Глигор испитувачки ги шеташе своите големи смели очи по рапавината на Џемал-
ага.
- Те довлечка овде за да му потклекнеш на малиот...
- Бриши го тоа! — остро рече Глигор.
- Не го сакам тоа, повеќе би сакал да сме на рамна нога.
- Забораваш дека немаме ние заедничко.
- Од еден квас сме заквасени. Се мислиме за инакви, а не сме. Сакаме да нè
видат и да нè сметаат не вакви какви што се другите... Сите се мачиме да фатиме
некое убаво местенце во овој божји свет.
- Од друго тесто си ти! - Глигор му го закачи со рака ќостегот на Џемал-ага.
- Во еден казан нè варат, - Џемал-ага се накостреши.
- Твоето местенце си е овде.
- И твоето. Сте го убивале тоа што го мразите, јас пак тоа што го љубам. И,
ние сме квит.
- Чувај си го местенцето, ние сме патници за друго место.
Џемал-ага почна ситно да се кикоти.
Глигор ги раздвижи своите тешки раце и, подигнувајќи го гласот за октава
погоре, исто така почна да се смее. Потоа молкна, ги спушти широките дланки врз
тесните рамења на Џемал-ага.
- Мошне си мал за таму каде што ние одиме.
— ?!
- Тенок ти е вратот - ќе го прегризе јамката.
Глигор сè уште ги држеше рацете врз рамењата на Џемал-ага. Тие негови раце му
тежеа на Џемал-ага, но желбата да се ослободи од нивната тежина беше плашлива. Го
задржуваше во себе чувството дека е нешто и уживањето во тоа чувство сега ја загуби
својата привлечност. Се смалуваше и несигурно стоеше на нозе.
— Не плаши се Џемале, немаме време да го урнуваме твоето мало царство, ќе
нè повика оној... ако не сега, по еден час или утре, задутре... за малку сме
запрени во твојот ан.
Моментален бес проструи низ мускулите на Глигора и одвај се задржа да не го
зграпчи и сплеска во ѕидот.
Џемал-ага го почувстува тоа и во неговиот мозок навлегоа студени морници.
Очајничката мисла дека е немоќен сега, дека сè она што го правеше силен и горд пред
другите сега се изменило во обичен страв за самиот себе, страв дека таа сила не
била и нема да биде повеќе!
- Живеј си како што знаеш... други се виновниците.
Арсо ги гледаше рамнодушно. Тој дури не се погрижи да го следи овој бесмислен
разговор со Џемал-ага. Сето ова му изгледаше здодевно, непотребно. Доста му е тоа
што го мразеше и го сожалуваше овој Џемал-ага. Арсо пак залута низ ходникот, полн
со свијоци и агли. Во замраченоста се тетеравеа вкочането затворници. Светлоста што
скудно се цедеше од некаде, разоткриваше лица тмурни и избледени.
Оддалеку, преку ѕидовите, Арсо слушна пеење. Мелодијата полека навлегуваше во
него и млачно ја растворуваше тагата за нешто неодредено. Се упати натаму откаде
што доаѓаше гласот. И мелодијата појасно и посилно трепереше во мрачината и го
копкаше тажното чувство во него, разбудуваше и растопуваше некоја болка. И сите
делови на неговото тело станаа звучни и растреперени. Не сети кога дојде тука.
Гледаше лице на момче залеано од виделината што паѓаше од високиот прозорец и од
тоа изгледаше тенко и бледо. Тоа лице со преклопени клепки, како да тажеше, му се
исповедуваше на светлосниот млаз што го поврзуваше осаменото момче со онаа, длабоко
надвор од овој строг мир од ѕидови, потиснатост и мрак. Одвај се оцртуваа неговите
колена, подвиткани на сламарникот. До ѕидовите седеа залепени човечки фигури, мртви
и заслушани. Арсо се довлечка до аголот и таму потона во темничината. Момчето пееше
и во песната бликаа зборови што ја раскажуваа тажната исповед на свршеникот -
затвореник. Тагуваше тој за свршеницата, најубава од сите најубави.
Во темницата телото тлее и очите, загледани во решетката, истекуваат во
копнеж да го здогледат нејзиниот лик.
А свршеницата не се огласува на неговото довикување зашто тој е во темницата,
а таа е таму откаде што блика светлината, нема да дојде, а тој нема очи да ја
види... останува само во неговата душа...
Во Арсо се отвораше празнина и сам се гледаше во неа, очаен и заборавен.
Слична е судбината на свршеникот со неговата. Мелодијата ја копкаше и разбудуваше
неговата неповерливост, сомневање и болка. Се ослободуваа затлачените сеќавања за
Ана. Запленет од своите неразбирливи соништа, остануваше рамнодушен кон жената што
го љубеше. Сега неговата трезвеност, неповерлива и строга, отстапуваше, и како да
нестануваше оној Арсо: фанатичен горд и залутан. По ѓаволите нека оди сега оној
Арсо! Пијана и слатка мака го завиткуваше во лесен облак. Арсо е звучење... Можеби
џелатот чекори кон каушот и ќе понесе Арсо само едно скржаво срце на аскет. Прости
ми, Ана! Неблагодарен и туѓ му бев на твојот дар. Упатен кон смртта, јас немав очи
да ја видам светлоста во твоите овлажнети зеници, отворени прозорци кон мене, само
кон мене! Доцна е да молам да ми простиш. Минував пребрзо и ја одминував твојата
податливост. Страдаше и го примаше тоа страдање како должност. Што бараше од мене?
Тоа што не бев способен да ти го дадам, зашто немав ни вид ни слух за неговиот сјај
и звук. Сега сум твој. Задоволна ли си од тоа дека сум сега само твој? За кого да
мислам сега? Стојам победен, свалкан пред скорните на оној што требаше да го
уплашам и уништам. Сакам да те чувствувам само тебе, Ана! Сега сум со тебе и во
тебе. Утеши ме, Ана! Ги слушам чекорите на џелатот во темничниот ходник. Биди ми
горчлив сведок! Момчето живее во својата песна, таму е и мојот живот и во него си
ти осамена, тажно осмевната, Ана!
Жедните очи на момчето ја голтаа виделината што гаснеше од прозорецот. Таму
се збираше и се тискаше наоблаченост. Луѓето заслушнати, заприлегаа на згуснати
сенки. Нивните лица беа свртени кон очите на момчето. Устата му беше во сенка и
само очите како две сини ѕвончиња ја резнесуваа мелодијата во самракот.
Ќелијата се полнеше со мрак. На стаклото залазија нечисти млазеви на дождот.
Момчето ги спушти клепките и песната секна. Луѓето останаа некое време
недвижно заслушани. Потоа тие што стоеја се завлечкаа кон излезот на каушот. Арсо
несвесно се упати по нив.
Надвор плискаше дожд и ги миеше камењата а нивната чистота се појасно се
покажуваше во бербатната вода, собрана во шеталиштето. Арсо се врати во каушот. Го
најде Глигора седнат на сламарникот меѓу група затвореници и за нешто оживено
спореше. Кога го виде, пргаво стана и го одведе во аголот кај оџакот.
- Имам да ти соопштам убава вест, - му рече тој.
- Не очекувам овде убави вести.
- Ни лоши?
- Што станува со тебе? Риба ли си или ѕвер?
- Ни риба, ни ѕвер!
- Тогаш си мокар оѕверен човек кој нешто бара.
- Не барам...
- Ни слободичка?
- Ни тоа.
- Тогаш?
- Ништо!
Глигор му ја фати раката:
- Топла е уште, топлината те задолжува...
- Немам должности!
Арсо си ја истави раката од стисокот на Глигора.
- Ни кон неа.
- Ни кон себеси?
- Доста!
- Животот во тебе те задолжува! - викна Глигор бесно.
- Не плаши ги глувците, - мирно рече Арсо.
- Сакаш сам да се убедиш дека си мртовец?
- Немам желби.
— Сакаш уште нешто? Да ти исковам ковчег. И уште нешто? Да ти помогнам да
легнеш во него. Се мачеше да ме убедуваш. Се сеќаваш ли во што сакаше да ме
убедуваш? Отвораше само отворена врата. Ја повторуваше таа заучена реченица: „Ние
сме дојдени да не се согласуваме, ние сме создадени да го порекнуваме она што
постои". Да, тоа беше една добро научена рецитација. Те правеше херој и на земјата
и под земјата, и во соништата, и во јавето. И во животот, и во смртта.
- Го исполнив сето тоа!
- Само свртено наопаку. Се согласуваш само со смртта, за животот го
одрекнуваш...
- Не извртувај! Го одрекнував она што постоеше и му пречеше на животот.
- Ја одрекнував тиранијата!
- Тиранијата е смрт, - рече самоуверено Глигор. Тој ги скрсти рацете на
гради и ги закова своите живи и наедрени од возбуда очи. - Ти се примируваш со неа.
Таа те стави во зандана, за да го уништи твоето несогласување. И те смири. На
тиранијата и е потребен твојот очај, поразот на тие што не се согласуваат со неа.
Што ти останува сега. Ти останува само тоа...
Глигор го зграпчи за рамења и го тресна жестоко во овој вошкарник! Буден ли
си? Те боли главата. Ѕидот е неосетлив, осетлива е само главата.
Арсо си ја фаќаше џумката на главата. Гледаше тапо, неодредено и загубено.
Глигор приседна до него. Отпрвин забрзано, со прекинувања, додека неговиот глас
почна да звучи спокојно, му го раскажа својот план.
Арсо мирно слушаше, избегнувајќи да го сретне неговиот поглед... Џемал-ага е
човек практичен. Жесток и безобѕирен кон слабите, со селаните е чудно снаодлив.
Вели Џемал-ага дека Глигор и Арсо се луѓе достојни за неговиот восхит. Тој се
поклонува пред нивното херојство. Сиот затворенички свет клекнува пред храброста и
смелоста. Неправда и срам за самата правда божја е тие да стојат в кауш. Затворот е
за обични луѓе, со обични слабости и гревови. Џемал-ага може, сака и решил да
помогне. Ја има довербата на затворската управа. Тајните места во темницата му се
познати. Знае еден подземен излез на брегот, далеку под ридот, среде карпи,
маслинови дрвја и кипариси. Но, Глигор ја наслутува позадината и цената на
Џемаловата услужност. Зар нема и тој заедно со нив да се из-влечка одовде? Не, тој
ќе остане овде. Овде му е сосема добро. Проколнато е неговото име надвор од
занданата. Во градот веќе нема место за него. Затворот му е засолниште и скривница
за неговиот грев. Има овде треперливи души што од неговиот поглед, збор и гест, го
губат здивот. Чесните го презираат, но затоа пак крадците, убијците и манафите го
сакаат како секое зло, без кое не се може. Сè прави Џемал-ага да си го зачува
своето гнездо. Овде Глигор и Арсо го чекаат бесилото, а за Џемал-ага овде е спас и
живот, темна среќа на човек што својата среќа ја промашил и ја загубил за секогаш
меѓу слободните луѓе. Животот ги вика нив надвор од овие запрашени ѕидишта...
— Денес сме четврток... в недела човек ќе нè спроведе одовде, - заврши
Глигор, мазнејќи ја со врвовите на прстите наедрената џумка врз главата на Арсо.
Тој ја ведна пониско главата, така што лицето му стана темно и невидливо.
Глигор стана!
- В недела вечерта!
Арсо остана сам, свиткан и помрачен. Може ли и каде да се избега од совеста,
тој необичен тиранин? Другарите ја исполнија својата обврска и нивните тела се
трпеза за црвите. А живиот Арсо ја одбегна смртта остана меѓу луѓето, на кои сакаше
да им покаже како достојно може да се живее и да се загине заради тоа достоинство.
Ќе им се покаже на луѓето без чесност и достоинство. Тоа не ќе биде! Сите мостови
се урнати. Има само една врвица што води кон неповратното. На хероите ликот им е
чист само кога се мртви. Живите херои не се херои. Тие му изневериле на големото и
важното што ги покренало. Арсо ги изневери своите другари и себеси. Поскоро да
потоне во мрачините и да се стопи во нивната тишина. Поскоро да избега од тоа
жестоко чувство дека е виновник и изневерник.
Неподнесливо е веќе - потешко од најтешката казна.
„Да не се чувствувам себеси, својата мисла на покајник, лажливец и
малодушник! Време за чекање нема. Да излезам одовде со врзани раце, зачекорен кон
бесилото, или да избегам, тоа е сеедно. Нека пукнат ѓаволите и боговите, јас ќе ги
надмудрам. Ќе му го одземам задоволството на крвникот и ќе го избришам потсмевот на
оној што ќе рече: измамник и дезертер. Ќе останам тоа што требаше и треба да бидам.
Може ли да бидам јас тоа што треба? Овде сум вистинскиот Арсо, лежам и мислам за
тоа што не било и не може да биде. Страшно ми тежи, ми тежи нешто на очите,
мозокот, телото. Има само еден излез: да не ја чувствувам повеќе таа тежина..."
Ламбата раздвижуваше ленливи сенки на ѕидот. Глигор се беше истегнал до Арсо
и спиеше длабоко, здраво. Од мракот исплива Патрокле, сомничаво се шуткаше меѓу
оние што седеа, итро прерипнуваше преку оние што лежеа. Арсо не сети кога тој дојде
кај него.
- Сакаш ли да си среќен? — му шепна Патрокле.
- Плеткаш пак нешто!
- Слушај момче...
- Пак твоите...
- Ги гледаш ли таму натркаланите... Среќни се.
- Се наоѓаат во кафешантан, прегрнуваат девојки, во рајски градини се.
Гледај го оној таму до вратата! Се озабил како да е негово сето царство...
- Нивната несреќа е и твоја, не потсмевнувај се!
- Да чува господ! Сакаш ли да појдеме и ние во бавчите на султанот?
- Што е ова? — Арсо се ведна над ќесето што го извади Патрокле од пазува.
Тутун и во него е водичот за султанскиот харем.
- Хашиш! - скоро викна од изненадување Арсо.
- Го знаеш, а? Душа од човек е тој водич.
- Зар хашиш и овде?
- За пари сè може.
- Триесет грама се доста...
- За сите во каушот.
Една ненадејна мисла го оживи Арсо.
- Дај ми триесет грама!
- Не ти треба толку.
- Ако да имам...
- Немаш аспра во џебот.
- Не ќе биде доста една лира?
- Лесно ти е да дадеш кога ја немаш?
- А ова што е, а?
- Уф, да... тоа е вистинска жолта, - Патрокле му ја грабна лирата од рака и
почна да ја мазни меѓу прстите.
- Триесет грама, — рече Арсо.
- За толку белки ќе биде доста, - Патрокле ја стави лирата в џеб.
- Сета за триесет грама?
- Половината е за тукашните чакали: Џемал-ага ќе земе колку ќе земе, па
директорот колку што треба, па дежурниот на вратата, па стражарите што ги
проверуваат донесените однадвор работи. И така, ја ќе биде доста, ја не сиромашката
жолта...
- Добро, само побрзо.
- Ќе запушиме?
- Сега не.
- Тргни само два-три пати од лулето.
- Уморен сум.
Арсо се сврте со грб кон Патрокле и се навали на рамото од Глигора кој уште
спиеше.
Патрокле брзаше, се измеша со затворениците и поднаведнат, како видра, се
извлечка од каушот.
На Арсо му олесне - мирен умор и задоволство проструи во неговото тело.
Чекорот е направен. Веќе не е потребно да се размислува. Ќе чека мирно. Но, од
ненадеж го залеа врелина, во главата му навлезе оган.
„Како не помислив на тоа. Ами ако задоцни Патрокле? Ако го испревари
џелатот?"
Стана и, клатејќи се пијано, отиде во соседниот кауш. Таму не го најде. Мина
во третиот, четвртиот. Патрокле потонал некаде.
„Треба да ја свршам оваа работа уште сега. Вознемирен се врати кај Глигора.
Заспа некаде кон муграта. Но брзо се разбуди. Го најде Патрокле во аголот кај
оџакот, каде што обично спиеше.
- Дај од твојот! - му рече откако го разбуди.
- Нарачав, ќе донесат.
- Не влечкај! Дај сега од твоето.
- По два дена ќе имаме.
- Доцна е два дена.
- Што е два дена... два табланета, толку се два дена. Каков си ти немирен
човек, твојот пријател ми се допаѓа, спие кога е време за спиење.
Тешко поминуваат тие два дена. Пустина што не може да се изоди. Го
подјадуваше немир, страв да не задоцни. Му се причинуваше дека се ближат и го
демнат ѕверови. Го слушаше нивното блиско 'ржење. Не ќе стаса да ја изоди оваа
пустош. Грееше изветвено, набабнато и спарено сонце. Не ќе ја изоди...
Избегнуваше да зборува за она. А и Глигор не спомнуваше ништо. Кога ќе речеше
нешто, за тоа повеќе и не спомнуваше. Беше сигурен во себеси. Арсо требаше да најде
некаков излез. Ќе легне, ќе се преправи некаков болен. Можеби Глигор ќе го остави.
Тој тоа што треба да го стори ќе го стори и сам. Ќе се направи болен. Хашишот само
навреме да стигне. Триесет грама сигурен. Пет минути и отровот ќе му ја замрачи
свеста и ќе го фрли во заборав.
Несмасен и збунет Арсо се движеше без телесна тежина и сиот беше само некаква
намера, некакво демнење и страв за нешто. Ќе се вгледаше во полицаецот кој
влегуваше во каушот, неспокојно ќе бараше нешто во дното на ходникот, ќе ги
начулеше ушите да го фати крцкањето на стражарските скорни или тетеравењето на
нозе, одвикнати да одат. Во муграта Арсо се стреснуваше, очекувајќи нешто од што
најмногу се плашеше. Во муграта ги изведуваа осудениците за смртна казна. Тоа е
време кога се раѓа денот, кога над морската пустелија отскокнува сонцето и болска
во стаклените очи на обесените. Очекуваше. Во него се роеја очајнички мисли. Нема
да им се даде в раце. Само да не го најдат заспан, отпуштен и неспособен да се
противи и брани.
Секоја вечер го менуваше местото за спиење. Се измешуваше со луѓето за да не
го видат очите што го бараат неговото тело. Помислуваше: да се залета право спроти
овие очи што го бараат неговото живо тело и да ја разбие таа своја глава во ѕидот.
Помислуваше: да си ги прегризе вените на рацете. Тоа би било добро. Една вечер кога
ќе стивне вревата во каушот, ќе ја испушти крвта. Или нешто поубаво. Да биде некое
свечено умирање, лирски трагично и тажно. Навистина, би било убаво под опојот на
хашишот да ги раскине вените и да се пренесе во весел заборав. Да згасне како
Петрониј под звуците на цитра и пеењето на робинката. Во мислите на Арсо се сликаше
жална слика: мирно, смирено, чекор по чекор маршираа кон голото пространсво на
егзекуцијата. Рацете му се стегнати и врзани, така што лактите му допираат под
плеќи. По него блескотат штиковите на војниците. Се искачува на мала плоштатка,
толку мала колку да има место за него и за оној што ќе му ја стави јамката.
Покорно, дури со молба (во очите трепери солза), стапнува на столче, ниско само три
педи, колку да се затегне јамката и колку да допрат одвај врвовите на прстите до
подиумот... Смешен крај! Треба да го одбегне ова понижување и срам.
„Може да е подобро тоа што наумил и решил Глигор. Зошто, да речеме, да
пцовисаш во кауш со исцедена крв или пројаден од отров? Тоа е рамнозначно со
извршување на смртна казна, исполнување на волјата на оваа одвратна тиранија.
Оттргни го својот живот од ноктите на џелатот! Искикоти му се в лице, предизвикај
го, да те гони и да не може да те догони! Мудро е решението на Глигор. Умри надвор
од оваа зандана: во длабочините на морето или во некоја бездна, слободен и горд..."
Му се чинеше дека поминало многу време од оној разговор со Глигор. А можеби и
никогаш не разговарап за тоа со него. Некоја трага посилно втисната во свеста од
многуте заборавени или сосема избледени мечти. Се испомешале во главата и соништа и
стварност, и минато и сегашност. Острината на чувствата и мислите се повеќе ги
губат своите граници, ги затапуваат своите рабови, потонуваат едно во друго во една
неодреденост. Остануваше само еден силен поттик кон извршувањето на нешто заедничко
со Глигора.
Глигор веќе сè појасно гледаше во сенчестата влага на очите од Арсо решеност.
Арсо покорно го следеше како сенка Глигора. Не зборуваа за тоа на што мислеа и
двајцата. Очекуваа. Глигор знае кога ќе дојде моментот. Арсо се беше претворил во
согласност, доверлива и покорна согласност.
Дуваше југ. Неподенслива запарност го душеше грлото и под клепките внесуваше
суво скокоткање. Во градите недостасуваше здив. Немир и паника ги зафаќаше
затворниците. Возбудени, скоро уплашени, се шуткаа и бараа место да се нурнат во
мракот под скалите, зафрлените ќошиња, а таму да се ослободат од кошмарот што ги
гонеше.
Во Глигора се збираше и набираше немир. Ги тркалаше големите очи на сите
страни. Очекуваше.
Намина божем случајно кај Џемал-ага. Нешто му потшепна. Џемал-ага нервозно ги
фрли пуловите, ја тресна таблата, неговиот партнер уплашено трепна и ја одметна
главата како да одбегнуваше удар во лице. Тмурен и раздразнет, Џемал-ага излезе. По
некое време се врати заедно со висок подгрбавен човек. Глигор не беше го видувал,
иако го познаваше сиот апсанџиски свет. Онаков долгач, тој кога одеше потклекнуваше
и се веднеше на левата нога. Џемал-ага му даде на Глигора знак со показалецот да
појде по долгиот. Долгиот, наведнувајќи се како да се плаши од својата должина, се
упати кон излезот.
Глигор и Арсо, молчејќи, тргнаа по него. Ги водеше низ сите кауши, фаќаше
замрачени места. Го поминаа шеталиштето, се нурнаа во мала врата и брзо заслегуваа
по запрашено темно столбиште. Не видоа никаде стражар. Запарниот здив на југот ги
беше избркал во длабоки сенки. Да се освежат и освестат.
Скалите беа камени и на Арсо му се чинеше дека слегувањето трае многу долго
време. Темнината веќе ги голташе слабите зраци што идеа од вратата, останата некаде
далеку горе. Пред нив се здиплуваше тешка, непрониклива темнина. Се ширеше тешка
миризба на одамна изгниени трупови. Избледнетата виделина висеше како нечиста
пајажина во згорнината на скалите. Долгиот со една рака го опипуваше ѕидот а со
другата го држеше Глигор со закопани прсти во здолништето на неговото палто.
Долгиот прерипнуваше некакви суви предмети во кои се сопинаа двајцата по него. Арсо
ја губеше способноста за ориентација во полното слепило. Ослушнуваше: звукот од
чекорите се растураше напред и назад, во една линија, и тој сфаќаше дека се движат
низ тунел. Му се стори дека Глигор му рече на Долгиот да ја запали свеќата. Студена
пот го облеваше Арсо и дланката му се слизгаше во шепата на Глигор. Долгиот не
запираше. По некое време чу јасно:
— Запали ја свеќата!
Долгиот запре, чкрапна кибрит и тенко жолто пламенче затрепери плашливо на
врвот од дебелата лоена свеќа. Се згрчи и се раскина темнината, избега напред.
— Овде сме сигурни! - рече Долгиот.
Глигор ја отпушти раката на Арсо. Овој загуби рамнотежа и побара да се потпре
на ѕидот. Тоа не беше ѕид, туку рапавина од карпа. Се отвораше пред нив пештера,
висока, од сите страни надвиснуваа и стрчеа остри рабести блокови од гранит. Арсо
забележа дека Долгиот сега оди слободно исправен. Ги забрза чекорите. Светлоста,
распрснувајќи го мракот, ги разголуваше расфрлените и полегнати без ред ребра,
'рбети и грозно исклештени черепи. Сврталиште на смртта и гробница на несреќници, -
секавично му мина мислата. Сакаше да го запраша Долгиот, но го запираше неговата
молчелива туѓост. Колку се движеа напред, коските се повеќе им се испречуваа и им
се плеткаа во нозете. Долгиот се заморуваше од прерипнувања па фати да се сопина.
Тоа го нервираше и промрморе како за себе:
- Праведна казна!
Во неговиот глас имаше презир. Ги потклоцнуваше озабените черепи.
- Кроеле државен удар... се полакомиле за царски престол... — глуво
продолжи Долгиот.
„Праведна казна, праведна казна", сврдлееше оваа мисла во мозокот на Арсо. И
колку повеќе се вгледуваше во черепите што се клештеа заплеткани меѓу ребра и
'рбети, зафатени од мувла, сè повеќе се убедуваше дека Долгиот има право. Везири,
припадници на султанската свита, обземени од безумната желба и жедност за власт,
сите го нашле своето вистинско место. Во Арсо се покренуваше жестина - да ги изгази
овие ломливи и мувлосани остатаоци на некогаш високи велможи, понизно послушни пред
својот господар, жестоки кон обичните мали луѓе, заплеткани во интриги и измами.
„Сте го добиле своето, туку јас би му го одредил тука местото и на вашиот господар.
Жално изгледате без сјајот на вашите скапи облеки!" Ги закачуваше испретурените
коски со врвот на чевлите. И овој тажен судир на живите со мртвите тапо и суво
одекнуваше во темниот простор. Арсо немаше сили да ја продолжи таа жестока игра. На
Долгиот му беше лесно со неговите широки чекори. А Арсо требаше одвреме навреме да
поттрчува. Но, нека, сега би трчал со задоволство, би ги клоцал нивните черепи. Таа
пуста одвикнатост да оди го заморуваше. Тоа не е ништо кога треба да се избега од
мрачините на виделина и простор. А изгледа одамна одат. Можеби минало час, може и
повеќе. Сведно, главно е да се стигне. Во ушите започнува да ѕуни неодредена и
заглувната музика. Го замачија пискања на зурли. Темнината се витка, трепери и се
раскинува во плашливо буричкање со светлоста од свеќата. Во утробата му навлегуваше
тешкиот здив на гниење и му ја заматуваше главата. Му се повраќаше. А во мозокот
думкаа подземни тапани и го прободуваа писоци на зурли. Чекореше по Глигор.
Неговиот широк грб се клатеше де на лево де на десно, на три чекори пред него. Ја
газеше разиграната мешаница од светлини и сенки. Темнината бегаше од нивното упорно
движење, се згуснуваше, пак бегаше, влечејќи ги своите раскинати поли. Но, овде, на
свијокот ненадејно ја пресретна широк плисок од светлина и мракот исчезна. И
тројцата запреа стаписани. Високо над нивните глави ослепувачки блескаше големо
сино око.
Арсо мижеше и врз свиените клепки му напираше белина што, како да навлегуваше
во неговото капнато од умор тело. Струјкаше од некаде пријатна ладнина.
Навикнувајќи се на светлината, Арсо полека ги отвораше очите.
И тројцата се гледаа зачудени и малку уплашени: лицата им беа пожолтени како
штотуку станати од своите гробови. Стоеја немоќни да преземат нешто што сега беше
најважно. Не можеа уште да се ослободат од силниот впечаток на ненадејна средба со
виделината. На тркалезната дупка, високо горе во карпата, се беше залепило небото и
ги мамеше со својата синевина. Од горе до долу се спуштаа стрмни карпи. Долгиот
реши. Го натера Глигора да застане под самата дупка, се искачи и стапи на неговите
рамења, се фати за горните рабови од карпата и, виткајќи го змиулесто тенкото тело,
се извлечка надвор. Веднаш потоа неговата глава се појави во синиот круг. Забрзано
дишејќи, одвај чујно рече:
- Држете!
Го пушти едниот крај на јажето.
- Прво ти, - се сврте Глигор кон Арсо.
- Јас последен, - се противеше Арсо.
- Фати го јажето и качувај се, само губиме време! - настојуваше Глигор.
Арсо се фати за јажето и се обиде да се подигне на рацете. Тие беа толку
слаби за тежината на неговото тело. Глигор се намурти.
- Добро, - рече тој, - ти веднаш по мене...
Глигор како мачка се искачи по јажето, за миг само ја затна дупката со своето
јадро тело. Арсо го чу неговиот испокинат глас:
— Врзи се за половината... Побргу!
На Арсо му беше тешко да заврзе јазол. Не се покоруваше дебелото грубо јаже
на слабите прсти. Озгора стануваа двајцата нестрпливи. Долгиот возбудено викаше:
— Стегни го јажето... околу половината, не меткај се!... Иде некој!
Долгиот очајно опцу.
Јажето падна врз главата на Арсо.
Синото око горе остана празно и чисто. Слушаше трчаница. Го отфрли од себе
јажето и стреловито се пикна под една издадена в страни карпа. Од дупката се појави
глава со долги виснати мустаќи.
— Еј, има ли некој?
Арсо се тискаше во карпата.
- Долу има јаже, се јави пак гласот.
- Избегаа двајца, — слушна друг пооддалечен.
- Трчај по нив! - рече оној со главата во дупката.
И тоа беше сè. Арсо долго време стоеше во очекување. Ако успеале да им
избегаат, можеби ќе дојдат кога ќе се стемни. Ќе чека.
Полека потемнуваше синото око горе. Се исцеди од него светлината и во
неговата модрина се собраа треперливи ѕвезди. Накострешен и начулен Арсо чекаше.
Гледаше вџашено во студеното и далечно блескотење на ѕвездите.
Разденувањето ги бришеше ѕвездите и полека окото се полнеше со светлост:
заленикава, па жолтеникава и на крајот азурно сина.
Денот, ја наполни пештерата со луда белина, а со неа Арсо ја чувствуваше
запарноста и сувоста. Јазикот и грлото му беа сосема суви. Го болеше напукнатата
уста. А мислите мачеа: „Постои овде една неизменлива логика. Знаев дека сето ова е
попусто. Не треба и штуро е да се бега од она што треба да се случи и ќе се случи
зашто тоа е потребно и чесно. Да ми беше хашишот овде во оваа близина до слободата,
во оваа оддалеченост од луѓето!
Не можам да се оттргнам од наметливоста на Глигора... Најпосле сеедно ми е
каде ќе се реши, само еднаш да сврши сето ова..."
Слушаше плисок на вода и нејасни гласови. „Сигурно близу е морето". Рикаа во
далечина бродски сирени.
„Овде е морето, под нозеве".
Удираа бранови во карпата. Што да се прави? Арсо полека тонеше и се губеше во
слабост и некако матно задоволство го обземаше за тоа што чезне и гасне во
магловина...
Кога ги отвори очите, долго време не можеше да поверува. Лежеше во каушот. До
него седеше Патрокле. Му ја подигнуваше главата и му налеваше в уста блуткав топол
чај.
— Спасен си, момче!
— Каков спас... По ѓаволите сите вие!
— Викни: да живее султанската милост.
Арсо се намурти. Си го сврте лицето кон ѕидот.
„Проклетници, не ме оставаат на спокојство".
Од соседните кауши и двориштето идеше бујна врева.
- Полудени ли се сите? - се сврте кон Патрокле, кој уште ја држеше чашата.
- Аменстија, момче!
- Од тиранот милост!
- Не клоцај! Наместо ортома на врат, доживотна робија. Викни: да живее
султанската милост!

РАСПНУВАЊЕ
Палмата, дебела и лушпеста, ја одземаше сета ширина на прозорецот. Вклештена
меѓу рабовите и железната рамка, таа го притискаше своето тешко тело во ѕидот и ја
спречуваше светлоста да продре во ќелијата. Тој ги пиеше со жедта на своите очи
скудните зраци и секој шум што доаѓаше однадвор го притегнуваше кон прозорецот,
иако знаеше дека ќе ја сети пак само ладнината на железото врз челото и сувоста на
правта налепена по сивкавите лушпи на ова одвратно дрво, ќе го заскокотка грлото и
сипкава кашлица ќе го наполни телото со морници. Сето тоа го знаеше, и сепак,
звуците ја имаа таа сила да ја раздвижат крвта на осаменикот со пријатната илузија
за она што најмногу не му достасува и за што страдањето вака тешко се понесува.
Надвор по некогаш џагореа возбудени гласови, измешани со кратки шумови од предмети
што се тркалаа на плочите и со тропање на тенекии. Но секогаш неговиот изострен
слух ги фаќаше одгласите од стапките на стражарот како длабок пулс во молчаливоста
на овој убиствено осамен свет.
Тој само еднаш го виде дворот. Тоа беше пред една година. Од Батум го качија
на измршавена камила. Во својот живот, некогаш како дете, тој беше го јавал само
магарето на дедо си. Му се чинеше дека седи на некоја голема височина, а под неа
опасно се ниша на своите накриви нозе камилата. Наежавен, мислеше како да го
одбегне главечкото паѓање од висината, но го успокојуваше меката, разбранувана
површина на песокот на кој остануваа ронливи длапки од стапките. Тоа беа само први
впечатоци. Потоа, дваесет дена суви ветришта и врелото дишење на пустинските
пространства го сушеа и истанчуваа телото, ја слабеа волјата. Запаѓаше во
нездравиот оган на треската и во поматената свест претчувствуваше нешто што
тревожеше и за што немаше сили да го избегне. И постепено се губеше во морничаво
бладање. Ја загуби претставата за времето и пространството. Едно попладне го
освести ладен плисок на вода врз лицето и сети дека го свлекоа од височината. Ја
согледа пред себе, низ замагленоста што бргу се јаснеше, камилата. Таа лежеше во
сенката и нејзината глава малаксано се отпуштила на земјата. Нешто оживе во него и
бодрина се разнесе по жилите. Светна мислата - се докрајчило она што го тревожеше и
што не можеше да го избегне. Под истрпнатите нозе му се тргаше земјата, болка
слична на кинење го стегна во колковите. Забрзани чекори го затетеравија низ
дворот. Се туткаа по тоа со човекот што го тераше во долга просторија, без достатна
виделина. И запре овде, во оваа полутемнина. Се спружи во ладнината и во сеќавањето
остана само белината на плочите, издолжениот врат на камилата и кротката влага во
нејзините очи, палмата, трома и висока, а под неа камената зграда, исушена од
врелиот здив на тропикот. Набргу и тоа се помати и тој потона во тежок сон. На
правливата земја долго спиеше и во оваа самота претрчуваа стаори. Будењето идеше
бавно, со болка во слепоочниците и некое блуткаво чувство. Во телото надојдуваше
како по многубројни каналчиња, сила што го враќаше пак во стварноста. Се будеше во
темната свест пак тагата за некаков неуспех.
Тоа што некогаш беше живот сега навираше и наоѓаше место во мислите. Се
вгледуваше во минатоста и го бараше таму скриениот дел од својата одговорност. Не
може да ги среди во себе настаните што го доведоа до ова бавно умирање. Сè беше
некако непомирливо и заплеткано. Сакаше себеси да се оправда или да се обвини за
нешто. И искинати сеќавања го пренесуваа на училишните клупи. Онаа иста возбуда пак
му ја пламнуваше главата. Ја држи, стисната меѓу колената, книгата што му ја даде
Павле и чекаше да заврши часот за да истрча во дното на бавчата и таму да чита. Се
губи во еден необичен возбудлив свет и во него е готов на секакви лудории, да го
минира светот или просто да убие некого. Јасен е долгот на секој чесен човек. Зар е
толку мачно да се сфати вистината? На една страна е она што го дави човекот, на
другата е збран револтот на совеста. Тој чита многу вакви книги во слободните од
училиштето дни, таму, скриен со своите другари, во заливот на морето. Во нив има
вистински херои. Колку прекрасни се овие луѓе од книгите! Ја бараат и ја најдуваат
смислата на своето постоење. Вака минува времето и го носи со него и другите во
вителот на она што неизбежно дојде. Го напуштаат училиштето, нека останат таму
малодушниците. Не е нужно татко му да знае за тоа. За велигденскиот распуст не си
дојде дома. Веројатно мајка му приготвила за него слатки. Многу квечерини таа стои
на патната врата да го пречека него, милиот гостин. Арсо нема да се врати, мајко!
Го смени и станот во градот. Тој нема родители. Тој му припаѓа на она што му ја
заплени душата. Во овој одвратен свет понизно е да се живее вака. Крени го високо
мечот, несреќен Арсо! И се редеа деновите и ноќите на постојани средби, планови,
риење под земја со овие груби силни луѓе, потоа динамит... неговите мисли овде
плахо запираа. Му домачне за сестра му Анѓа. Таа му нарача за празникот да £ донесе
свилена забратка. Зол измамник и нечовек е Арсо. Зошто не ја пожали нејзината чиста
верба? Беше ослабен и помрачен. Во неговата душа се мрсеа и се кинеа мислите и
напразно бараше себеси да се види во нив. Како да бил отсутен секогаш. Го шеташе
погледот по рапавините од ѕидот и се задржуваше на аглите каде што се згустуваа
сенките. Незабележливо квечерината навлегуваше во собата, ги множеше и ги
претвораше сенките во непроѕирна маса. Затворскиот прислужник го носеше фенерот.
Жолта светлост се цедеше од зачадените фенерски стакла, го полнеше мракот со
трептежите на светлини и сенки. Потрепнуваше пламенчето, бледожолта морница
пробегнуваше по лицето на Арсо. Очите не го испуштаа живеењето на ова слабо
пламенче што плаховито се виткаше, се смалуваше и наеднаш подрипнуваше како да се
покајало за својата минутна слабост. И настојчивиот ритам на ова ноќно светулкање
се вселуваше во душата на Арсо. Тој беше сам во темнината и само далечно грчење
достигаше до него. И пак гинеше во пределите на своето измачување. Треба да се
расплетка оној трагичен јазoл во кој беше стегната неговата свест. Зар човек вака
жално треба да ги доживее остатоците на својата гордост? Што е тој? И Стојан и Пере
и оној болникавиот Иван загинаа достојни за клетвата... Се остави да го фатат. А
тоа глупаво држење пред судот? Одрече сè, и тоа што е сосема очигледно и не може да
се одрече. Премногу е жестоко тоа. Немаше сили дури да си ја тресне главата во
ѕидот... Минатото е пустош, а сегашното е толку жапосно и достојно за презирање.
Рана е тоа, жестока и парлива рана и тој ја копкаше, зашто сакаше да страда и да ја
помати свеста во болот на страдањето. И вака несетено поминуваше во една друга
стварност во која сознанието им отстапуваше место на бладањата. Тоа сепак беше друг
свет и во него страдањето не е вака јасно и чувството за некоја одговорност и
мачењето на некоја свест е само една млака потиснатост што дури и не постои.
Свиткана на клопче, во полуноќта, тој чувствуваше дека му е студено, а не беше во
состојба да го подигне ќебето, паднато на земја и да се покрие.
Во муграта се растураа чекори во собата. Жилеста рака го симнуваше фенерот од
бруќето. Јадрата сенка на прислужникот прелетуваше по ѕидовите. Бргу светлоста на
денот го разгонуваше мракот во аглите. Деновите се слични еден на друг и сепак,
кога се будеше и се ослободуваше од визијата на ноќта, просветнуваше во него надеж
за нешто ново и поинакво што треба да го види и почувствува. Се креваа мисли за
животот надвор од овие ѕидови. Од прозорецот струеше зрачење, оскудно и колебливо,
меѓу десниот раб од прозорецот и палмата се откриваше тенок раб светлина. Преку
него се гледаше белина на ѕидот од соседната зграда. Горниот дел од работ
завршуваше со азурен врв, одземен од небото. Оваа цепнатина беше широка два прста
кога Арсо се всели тука. Тој загрижено следеше како лушпестата палма се шири, го
стеснува и го затвора ова убаво зрачење од светот на сонцето, луѓето и предметите,
растурени во правливиот двор. Таа беше некоја жива жица, преку неа се дофаќаа сите
тонови на светлината. Зраците на изгревот удираа во неа и трептежот на нејзиниот
поли сјај продираше во собата меко и пријатно. Надвор почнуваше секојдневието:
одење, говорење, смеа и карање на луѓето таму. Арсо ни еден од нив не видел, а му
станале веќе сосема блиски. Оној Алија е добродушен човек. Изгледа е од оние што
покорно и страшливо си ја вршат својата работа. Има друг еден, зол по карактер и
високо изговара со грлен глас навредливи зборови.
На пладне врз соседната зграда легнуваше сенка. Сјајот од жицата гаснеше и
Арсо го очекуваше ручекот. Однадвор идеше малаксано џангарање на тенекиени садови,
искинати разговори, плискање на чорбата во садовите и мласкање со уста. Сега
следуваше да му донесат и нему. Овој секојдневен џагор на животот зад ѕидот
создаваше во него илузија дека меѓу него и оние таму не постои камена преграда што
ги дели и, просто, тој е нераздвоен учесник во нивниот живот. Од сите овие луѓе
најблизок му беше Алија. Тој секогаш го демнеше неговиот глас и веќе умееше во
нестројната гама на овој глас да му ги открива настроенијата во текот на денот. Тие
секогаш се следуваа до некакво жалење, незадоволеност и плашливо помирување. Алија
одеше бос по дворот. Не беше го видел, но тој го слушаше мекото шумолење на
стапките. Алија не припаѓаше, значи, кон составот на воената стража. Тој беше
„момче за сè" и поттрчува кога ја врши својата работа. Гласот му беше плашлив и
кога протестираше, тоа го правеше придушено како да потиснуваше нешто во себе.
Поткачен на одарот, Арсо го прилепуваше увото на железото и наежавено ги
прислушнуваше плашливите нијанси на човечката онеправданост и мака. И сè повеќе и
поодредено го сеќаваше блиску до себе. Невидливи се нишките што ги сродуваат луѓето
со слични судбини. Арсо се убедуваше веќе дека помеѓу нив се стопува различноста и
нивните преживувања се еднакви. Навистина, тој е затвореник и токму поради тоа
можеби е огорчен, а оној другион е слободен, но му е тешко и нему. Арсо така
совршено го изучи звучењето на секој глас од дворот, што по него го познаваше
карактерот на човекот и неговото место во ова малечко општество. Навредливиот глас
поретко го дразнеше просторот. Нему му се одговараше во полутонови, полни со
покорно презирање. Овој непријатен глас почесто го напаѓаше Алија. Тогаш Арсо го
запираше дишењето и, подигнувајќи се на прсти, го следеше истанчениот, сличен на
скимтење, глас на Алија. Откри нешто што го потресе. Алија плачеше искинато и
безгласно. Арсо сакаше да му каже некој утешен збор, просто да се досети дека тука
има човек кој ја знае неговата мака и му е близок. Солзи не се потребни. Но како да
му рече - неговиот јазик не го разбира Алија. Не можеше да истрае тој на желбата да
го изрази своето сочувство. И шепотеше нешто: „Ти не знаеш за моето присуство овде.
Јас сум нешто подруго, заправо, бев решил да го срушам она што и тебе те унизува...
сега не сум поарен од тебе. Далеку сум јас од своите таму преку морињата, незнаен и
туѓ за сите вас, па и за тебе".
Во сенката од палмата поручекта се збираа на разговор луѓето од дворот. Арсо
го издвојуваше трепетливиот глас на Алија од хорот на заедничкото говорење. Тој
нешто за себе раскажуваше, а другите често го прекинуваа. Некои му се потсмеваа и
од тоа навредливо се кинеше гласот на Алија. Во своите мисли Арсо си го беше
оформил неговиот лик: некакво исушено суштество, измршавено лице, обраснато со
ретка брада, над неа се покажуваат јаболчните коски. Сега седи и колената му се
рошкаат во брадата. Очите му се мижливи и тргнати в сенка. Потсмевањето ги зафаќаше
и другите. Тоа беше навредливо дури и за Арсо. Можеби нешто смешно им раскажуваше.
Не, нема ништо весело во намачениот глас. На Арсо му надој-дуваше желба да го
одбрани од насртливото кикотење на овој човечки збир. Ако можеше тоа да го стори и
на двајцата би им се поолеснило. Но, каква изненада, во тонот на неговиот глас
дофати тврдост што досега не ја познавал, некое подигање упорно и тврдоглаво. Тој
добива увереност и сила и започнува да господари над потсмевките и закачките и тие
папсуваат и најпосле сосема се смируваат. Проповед ли е тоа или троглива исповед?
Можеби сега му се шират зениците страсно и возбудливо му се влажнат носниците и во
диплите на челото се цеди пот. Се подигнуваше Арсо на прсти и многу сакаше да го
види сега во таа необична возбуда. Изгледа долго време триумфираше Алија.
Светлосната жица од прозорецот веќе бледнееше. Од внатрешноста на зградата
јурнуваше карање. Гласот на Алија се сепнуваше, се колебаше, губеше рамнотежа и се
кршеше сред возбуденото шепотење на другите. Многубројни чекори се разнесуваа низ
дворот. Арсо тешко се отпушти од прозорецот на миндерот и пак се затвори во своите
неспокојни мисли.
Во приквечерината на овој непроменлив декор од агли и суви камени ѕидишта,
бликаше оној огромен свет, полн со преживувања, личности, судири меѓу нив, дива
гордост, свет што преминал во минатато, но што е така јасен и жив во неговата
пламната глава. Тој беше пак тука во бучните солунски кафеани, тајни квартири, се
весели во ресторанот „Алхамбра", и штуро им ракоплеска на шансонетките од
„Пиколомини". Потоа, нескладниот вриежна мислите го фрла во бездна, полна со
експлозиви и паника.
Понекогаш му доаѓаше како во далечен сон мислеше да се извлече од оваа дупка.
Таа мисла долго не се задржуваше и не водеше до никаков израз на волјата. Прошета
напред, назад — нозете одвикнале, па не му е и требно да се движи. Нека се распаднe
тој и нека се множат заленикавите измаглици пред неговиот поглед. Доволно е само да
го чувствува зракот од денот како поигрува во неговите зеници и како се плетка во
мракот на неговата душа. Останува една само способност, сетилна: да слуша, да гледа
и да чувствува.Кога џагорот надвор ќе стивнеше, тој слушаше понекогаш звуци што не
постоеја. Тие се само знаци на одамнината. И целата негова растрганост натаму се
упатуваше...

КАРПА
Под широкиот резец на длетото ронливата влажна земја меко тече по неговите
дланки. Втонуваат колената во влажна мекост. Батериската ламбичка трепери, втисната
меѓу палецот и кажипрстот и вознемирена светлост се меша со земјата, сивкаво жолта.
И градите на ова издолжено тело ритмично се шират и се свиваат, и невидлив грч
поминува во крвотокот и ладнина ги ежави коските. Два метра под земја тој
неверојатно бавно го пробива својот пат.
.. .Таму сега стои месечината и по водната површина на заливот се грчат
жолтунестите струганки од нејзината анемична светлост. Таму сега одвај се
потслушнуваат чуновите. И на галебовите синур лежи назабената силуета на бродот,
тукушто пуштил сидро. Белите букви на натписот релјефно му се вдлабени во мозокот и
тој секогаш ги гледа. Тие се сега, просто, проектирани на влажната земја. Нема
никогаш да се избришат. Тој крие дел од неговата судбина, големата смисла на она
што претстои, кон што е управено целото негово постоење сега. Бродот чека и ќе
чека, зашто во неговото присуство се таи нешто големо и важно, она што го тера да
се рие сега во мракот. Одозгора како да удираат по тилот нејасни шумови. Тие се
можеби, чекори на случајни минувачи, а можеби тешките скорни од чуварот на овој
одвратен глупав поредок. Да! Во тоа е сè. Труп сошиен со гнили конци и околу него
кружат потковани скорни и проблеснуваат бајонети. И што тогаш, и што тогаш? Вотни
си ја главата во земјата и пробивај ја врвицата кон неговата гибел. Човекот,
самотен и намачен, го има и му останува само ова слободно право да го излие гневот
со безумството на кртица и трпеливоста на влажниот црв. Само на две педи од
неговите очи се рони земјата, дебелата преграда зад која го чека триумфот на
постигањето. Таму, на крајот на земјината срцевина е темелот од камен и бетон. Не е
корисно, ниту има смисла сега да мисли за тоа. Како е сега таму мирно под
розикавата пена на расцутената праска и како потрепнува на осамената клупа мозаик
од нежни полусветлини.
Неодамна, само пред два дена, на оваа клупа тој ја сеќаваше младата топлина
на Аниното тело. Не можеше да најде оправдување за нејзината жртва. Таа дојде така
ненадејно. Токму во часот кога наполно беше заборавил на неа. Непреодлива сила го
грабна и го завлече под земја. Тука има само една единствена мечта: да стигне под
темелите на одвратниот молох што го крие злото во својот железен стомак. Два дена
само минаа откако тој го отпочна тоа необично и безумно дело и Ана пристигна, жедна
за милувки и за исповед, свежа и малку тажна, но детински радосна и брборлива во
своите изливи. Му се стори: нејзиното рамо потрепнува во прилив на неречени желби.
Што можеше тој? Неколку забрзани милувки, нејасен шепот за нешто заедничко и мило,
заедничко барано и сепак далечно, недостижно. Во нејзините очи набликнуваше влага и
таму се ломеше малаксаниот сјај на месечината. И тмурна е оваа вечер во тишината на
заливот. Низ разретчените бранови на нејзината коса тој го читаше натписот врз
темното тело на бродот: „Викторија". Занесот со кој го изговараше овој збор влеваше
во Анината снага љубоморно стреснување. Овој збор е туѓ, тој е име на некаков лукав
и силен соперник што £ го одзема милиот човек. И во темниот инстинкт на љубомората,
таа ги бараше и ги покриваше неговите очи, устремени во смрачнината на заливот. Таа
ги потиснуваше овие сомнабулни очи со тешкиот парфем на своите вознемирени гради,
го гасеше бунилото на овие усни што така силно ги сакаше кога тие палеа на
нејзиното голо рамо жерави на слатка мака. Тој £ се подаваше со едно тешко чувство
на незадоволство од самиот себе. И во сматената свест буквите од „Викторија" се
виткаа и тонеа во темната проѕирност на водата и морничавите усни, задушени од
Анините гради, издивнуваат кратко, со призвук на каење и виновност:
- Ана, Ана!
Месечината ги заплеткуваше во трепетна мрежа од светлосенки.
Ана си отиде. Ана однесе со себе една благодарност, едно негодување и една
разочараност поради нешто неизживеано, останато во нејзината душа како мамка во
овој живот, отровен од навреди и гадости.
Арсо ожесточено го закопува длетото во влажната мекост на нечие тело и се
сепнува од тоа. Земјата лесно се сурива и тој, потпрен со лакти и колена,
сантиметар по сантиметар лази напред. Зад него долга рака со калливи прсти ја
зафаќа одронетата земја и ја влечка назад. И таму лежи човек ирлашливи одблесоци од
батеријата отскокнуваат по лицето и рамото, се лепат на каскетот, покриен со тенок
слој земја. Разголените жилести раце се протегнуваат, нервно се закопуваат прстите,
оставајќи рабести гребеници по земјата. Свитканите како копачка раце ја пренесуваат
во мали платнени торбичиња. Овие раце, продуховени од некоја немирна страст да
стигнат и да уловат нешто во теснината на оваа глува дупка, се пуштаат сè напред,
ја влечкаат влажната мека маса и одново, со точноста на механизам, жедно се
провираат под нозете и градите на Арсо. Сопственикот на немирните раце лежи ничкум,
неговата небричена брада втонува во ископаната земја и усните ја допираат нејзината
студенина и мирис на нешто гнило му се вовлекува во дробовите. Кога десната рака ја
довлекува земјата, тој се свртува на левото рамо, потоа - на десното. Тоа се
молчаливи конвулзии на едно живо тело потстрекнати од глувиот инстинкт да се
покорува на човековата волја дури и овде, во оваа теснина, каде што тлеат
мртовците. Парталавата светлост се цеди меѓу ѕидовите и телото на Арсо и лепне во
брза игра по рацете што сега ги врзуваат полните торбичиња. Тенката ортома, -
испокината од оскудната светлост се опнува како жица и торбичињата се упатуваат кон
белузлавиот круг на излезот.
Незабележливо Арсо се придвижува, а по него долгите калливи прсти ја грабаат
ископаната земја. На Арсо му е тешко. Светлоста од ламбичката му се мати пред
очите. Во зглобовите се вгнездува вкочанетост и длетото одвај се движи во неговата
рака. Исцрпеност, неочекувана болест, што ли е тоа пак сега? Не поминал час како се
слезени овде. Еве сега и градите му се свиваат и му се чини дека земјата се затвора
во смртен стисок. И тој останува само со придушено дишење и со потисната свест за
нешто што не смее да се случи, за нешто што треба да се постигне, но што сега,
некако, отскокнува во недостижна далечина.
- Павле! — ламбичето одвај се држи меѓу вкочанетите прсти.
Павле го дофаќа зарипнатиот извик. Што ли му текнало сега на Арсо? Овде не му
е времето сега за разговор. Нема место за човечки гласови, овде се сместени само
нивните тела и заморното дишење на дробовите. Арсо пак го шепнува неговото име
снижено, провлечено и нејасно. Павле ги забодува лактите и се завлечува напред. Му
се слошува нешто. Јазикот го чувствува сув и рапав. Се мешка и се потиснува тешка
измаглина.
- Воздух! - и гласот се скршува во издивка.
Павле скоро повеќе го сетува одошто го чул. Му станува јасно. Токму тоа е што
и тој го чувствува, а не може да му го најде вистинското име - воздух. Нема воздух
во оваа мртовечка теснина. Тоа го сеќаваат и двајцата живи овде. Во мускулите, од
рамото до лактот, боцкаат тапи иглички и длетото на два пати му падна од раката,
која започнува да ја губи својата способност. И боцкањето се разнесува по целото
тело и во зглобовите нешто почнува да трга и да кине.
- Павле...
- Знам.
- Цевката за...
Да, да. Колку е несмасен Павле. Тој си ја клава дланката околу отворот од
цевката за пресен воздух. Не сеќава ништо. Струењето оттаму на свежина, што
единствено го храни животот на овие неразбирливи упорни луѓе, е прекинато. Павле си
ја провлекува раката по студената, мртва цевка и, без да губи време ја бара рачката
на свoјот нож, прилепнат на десниот колк. И неколку ситно брзи удари понесуваат
звучни трпки, слични на меланхолично цимолење по должината на цевката. Отпрвин
сеќава на подолги интервали, а после забрзано, струјкање на пресен воздух. Арсо ги
наполнува градите, му светнува пред очите и за миг се најдува таму, на брегот, меѓу
своите сокласници од гимназијата, безгрижно затрчани по песокот. Зад нив остануваат
од морето ги полнат со пена и ситни школки. Првиот пролетен ден, слободни за
неколку часа од интернатската суровост, тие го користат, фатени еден за друг со
раце се кикотат вака, без некоја смисла, само за тоа дека им е добро и нешто во нив
шири крилја и сите лесни како птици летаат во просторот од вода, сонце и ситен
влажен песок. Но тоа е само молскавично сеќавање. Тој се оптегнува, го забодува
лактот и раката го стегнува длетото. Земјата се сурива, калливите прсти ја гребат,
торбичките се полнат и ортомата е пак нишка, оптегната меѓу нив и онаа бела
виделина на излезот што единствено потсетува за животот и неговиот ден.
— О, о-о-о! — незадоволен извик се истргнува од Арсо, — Задремало!
— Кој? — се одѕва Павле.
— Аха, задремало.
— Таа негова дремка е наша умирачка. Да речеме, нешто му се слошило или
жандари го потиснале, што станува со нас? Една глупава смрт, и ништо — живна Арсо.
Земјата меко шушка и се дипли под неговата брада.
— Тоа е сосема сигурно.
— Лошо нам не може да ни се случи. Ако сакаш сметај го тоа за суеверје. Имам
едно силно, верно чувство. Тоа ми вели: „Арсо, ти само настојувај, таму те чека
полн успех. Да, полн успех. Да ти ја стиснам раката, Павле. Вака, ние сме
праведници. Човековата волја ги поткопа Алпите. И ние сме човеци. И нашата желба е
пробојна.
— Проповед на црвците.
— Исповед, будало.
Сега длетото копа и во теснината се слуша брзото дишење и триењето на телата
и рацете. И овој придушен шум долго време ја полни темната дупка.
- Слушаш?
- Што? - се тргна Арсо од својот занес.
- Скорни.
Арсо го остава длетото и се заслушнува. Одекнува тапо, одмерено удирање горе,
се оддалечува и пак се доближува. Особено јасно се слушаат ударите кога чекорите
идат точно над нивните глави. Му се стори таму се застојуваат повеќе.
- Сме стигнале до тротоарат. Слушај ги стапките токму над нашите глави. -
Вели Арсо и ја стегнува силно раката на Павле. - Вечерва удираме в темел.
Наеднаш длетото отскокнува од некаков метален предмет. Арсо се стреснува од
рескиот звук на железото.
- Што правиш? Зар сакаш да нè чуе стражарот? - се вознемирува Павле.
Арсо напипа со врвот на прстите тркалезна рапава површина.
- Водоводна цевка! - злојадно викна тој.
- А сега? — загрижено праша Павле. — Ќе копаме под цевката.
- Секогаш сум се плашел од случајности. Сè е пресметано, до тенкости проучено
и, наеднаш, стоп. Слушај, Арсо, за сега не. Да појдеме горе и да размислиме.
- Ситница е ова, другар мој. Само едно мало нуркање понадолу.
- Не е баш така. Цевката води во банчината зграда, или се одвојува за неа. Ќе
го чујат звукот, па ете ти неволја. И туку го надушиле нашето гнездо. Така е тоа.
Не е баш разумно да се потценува тоа. Да појдеме горе и со Иван да размениме мисли.
За вакви работи му сече умот. Претстави си со своето брзање да ја дупнеш цевката.
Како глувци ќе се издавиме, и тоа на крајот. Ајде да се качиме горе, утре е пазарен
ден, движење, врева, бркотници и со динамит да пробиваме никој нема да нè чуе.
Целиот ден ќе го употребиме околу цевката.
Арсо не ги слуша Павлевите уверувања. Тој презриво ја доближува батериската
светлина до омразената рапавина што му застанува на патот. Цевката, дебела цела
педа, се испружила токму на средината.
- Нема да нè запреш ти, гадотијо! Тебе те создале разгалените господа! -
процедува низ стиснати заби тој. — Одиме напред, Павле!
Павле молчи. Не еднаш тој отстапувал пред тврдоглавото упорство. Важно, тој
ги изнесе своите доводи и тоа донекаде го оправдува неговото молчаливо согласување.
Тој ги полни торбите и ги закачува на ортомата. Арсо, со чувство на омраза, но
внимателно, ги рони поленатите пластинки земја од цевката, која како сиво подземно
животно лежи пред него. Сега започнува да копа под неа и главата му се наклонува и
притисокот во градите студено се разнесува во неговата внатрешност.
Колку време работат без ниеден збор, ни звук на незадоволство и револт,
двајцата за тоа не мислат. Дури кога белата точка на излезот сосема избледнува,
Павле си ги доближува устите до отворот на воздушната цевка и провлечно вика:
- Колку е часот?
- Седум и пол, - одговара познат глас низ цевката.
Павле ја извлекува главата и ја брише потта со ракав кој остава на лицето
калливи траги.
Прво се појавува главата на Павле од дупката на подот, подигнувајќи го со
рака дрвениот капак. Иван, кој знае зошто, започнува бргу да го движи држалото на
ковачкиот мев, со кој се праќа воздух во каналот.
- На глувците не им е потребен развигор, - се шегува Павле.
Арсо полека го заклопува капакот. Иван избегнува да го задржи погледот на
вжолтените лица од своите другари. Осум часа работа во оваа влажна дупка ја прави
кожата тенка, болно прозрачна, залепена на јаболчните коски.
- Претчувствувам нешто, - вели приглувнато Павле.
- Позната скептичка песна. Сомневање, сомневање, доста со тоа! Ние сме внатре
во истрелното ѓуле и одиме неповратно право кон целта. Гледање настрана и свртување
назад веќе е глупост и само глупост, - се возбудува Арсо.
- Да бевме во ѓуле, само да бевме во ѓуле.
- Ние сме во него и со телото и со душата.
- Во кртична дупка.
- Ах, ти црна иронија! Поарно сега да почнеме и да мислиме за сламката што ќе
ни застане на пат.
Иван ги извлекува торбичињата со ортомата и ги испразнува во сандакот. Потоа
го покрива со хартија.
- Четвртиот веќе се наполни, — вели тој, — утре да фатиме кола да ги изнесе.
- Ми се чини дека бладаш. Не се поткреваат полни со земја сандаци. Ќе
донесеме празни. Сега да почнеме со лебот и сирењето. Арсо, со незадржливиот нагон
на гладно животно, откина јадар залак. Другите веднаш му се придружуваат. Тоа е
џвакање со ококорени очи, со оптегнати жили на вратот 'ржење наместо говорење во
таа краткотрајна и жестока битка со гладот. Потоа Арсо си го наместува окото на
малото дупче од книгата што го покрива прозорското стакло. Под фенерот чекори
војник со натакнат на пушката штик.
- Агаларон шета, - вели тој и злобно додава, — уште малку ми останува. После
ќе прошета динамитот.
- Уште ќе ни треба, — вели Павле.
- Што ќе ни треба?
- Динамит, одговара Павле.
- Ниту грам повеќе. Не цепи ја главата со таква грижа.
- Ми лежи камен на срце. Да не откријат сега ефендињата... - Павле
недоречува.
- Не можам повеќе да те поднесувам. Кожата ми се ежави кога ги слушам твоите
бабечки стравови и не знам какви уште дивотии! — се лути Арсо. — Еднаш да го
ставиме фитилот, па ќе се куртулам јас од тебе, ти од мене и сите ние од грижата за
нашиот треперлив живот. Никој не смее да не допре додека не си ја исполниме
должноста.
Јас не знам и не сакам да знам што би станало ако сето ова, ако не се
докрајчат овие измачувања, овој... - Арсо се задишува. - Би му ги искорнал дамарите
на секој, со заби и нокти, кој би ми попречил. Громови ќе ја разлутат оваа
насилничка тиранија. Ќе зинат провалии и во нив ќе потонат злите сили. Ќе успееме
или... — Арсо наеднаш молкнува. Тоа не е обично спиење, туку некакво малаксано
растопување, копнеење и бегање, од самиот себе. Павле се свиткува до него. Иван ја
дува свеќата...
Утрото се провлекува низ закнижените прозорци, блескоти по бледилото на
лицата. Спијат непробудно. Без ниеден гест, без грчење. Разбудениот град со своите
секојдневни шумови и звуци, животот разнолик и секогаш еден и ист, е исправен пак
во утрото на подновените човечки усилби.
Во утринската виделина се избиструва силуетата на стражарот, кој мирно чекори
пред банчината зграда. Светлоста допира во закнижениот прозорец и ги притиснува
клепките и допира до разматената свест. Прв го дофаќа утринскиот повик Арсо.
Подготовката за работа е проста и брза. Вода за миење нема. Голтање на јадри суви
залци и спуштање во каналот. И пак задушната влага се влева во дробовите и духот е
пак потиснат. Батериската светлост е уште матна. Но окото на Арсо остро проникнува.
Бргу струјка свеж воздух, удира во носниците на Арсо. Презриво го задржува погледот
на водоводната цевка. Му надојдува желба со еден само замав да ја пресече и да ја
отстрани. Но секое допирање на длетото до неа опасно одзвучува. Зло на кое треба да
му се оддава принудно почитување. Арсо се вотнува под неа и длетото заронува во
мекото земјено тело.
Озгора се слуша далечно пеење. Тоа е веројатно чиракот од казанџиската
работилница, еден жив момок кој понекогаш го сретнуваше и му се насмевнуваше
пријателски. Потоа песната се измешува со глувото ѕвонкање на наковалната. Тоа се
тешки удари во самата глава. Чувствува — еве, сега ќе се сруши земјата врз него и
сè ќе појде по ѓаволите. Длетото не запира. Непрестајно раката на Павле се провира
покрај телото на Арсо. Ладнината што го зафати кога влезе, сега почнува да се губи
и на кожата сеќава капки. Солени и топли, тие се збираат во длабнатините на
неговите свиени усни. Не сети како ја поткопа водоводната цевка. Таа останува
назад. Само нозете ја досегнуваат рапавата студенина.
Во мозокот се определуваат цифри кои имаат свој живот и смисла. Ширината на
улицата е четири метра. Во тоа нема сомневање. Многу пати ја мерел со чекори,
секогаш кога поминувал. А често поминувал и само за тоа. Јасно му е сè. Од визбата
на дуќанот до водоводната цевка е ископано три метра. И уште шеесет сантиметри
потоа остануваат... па тој е близу, сосема близу. И длетото тоне, и длетото ја
истенчува преградата, зад која се наоѓа злиот молох. O, скоро пеколот ќе ја раскине
неговата утроба. Само еден ден или само два дена уште, само два дена! Потоа иде
победа и спокој ќе се всели во замореното тело. И среќа. Токму тоа. И во неа е
смислата и оправданоста на среќа. Токму тоа. И во неа е смислата и оправданоста на
сите стравови, сомневања, страдања. Среќа и крај во тишината на скротената совест.
Паднаа досега уште пет сантиметри од проклетството. Има уште дванаесет или
тринаесет пати по пет сантиметри. Во ушите ѕунат хаосни гласови, некоја далечна
мелодија се раскинува од џагор, тропот на налчиња по калдрма, нестројно тешко
удирање по наковална и тивко пеење и страсно шепотеше на нечии познати усни. Ана,
не можев да те примам во моето срце. Тоа е полно до горе со гнев и омраза. Нека се
истури еднаш несреќното мое срце, да се сврши со тоа. Прости ми. Ти веќавам. Потоа
сум само твој, измачен мој анѓел! Во долината на вечното спокојство ние ќе бидеме
заедно и сами.
Арсо се капе во врела пот. Длетото лудува и руши и земјата се сурива под
колената, градите, брадата. Уште половина метар, уште половина метар и... длетото
потскокнува и падна од раката на Арсо. Молневита студенина му преминува во телото.
Побледува. И нем и глув, и вчудоневиден останува неколку подолги мига без мисла и
чувства.
- Карпа! - простенкува тој. Ја остава батериската ламба до себеси, го
грабнува чеканот и зафаќа лудо да удира во каменот. Ситни кршенки го шибаат во
лицето и кожата се грчи во болни гримаси. Му иде да се развика, да проколнува и да
пцуе. Но тој само заканливо пропушта некакви злобни звуци слични на задавено
пукање. Се набира гнев и тој го истурува на каменот. Павле се затајува, па вели:
- Запри, добога, карпата си е карпа. Со глава не се пробива.
— Не ми се слушаат евангелиски мудрости! - одговараАрсо. - Ќе ја
пробијам, да знаеш!
И пак се нафрлува на карпата.
Започнува битка, тешка, неизвесна и без крај. Исцрпениот Арсо го заменува
Павле. И пак Арсо. Им се сака да веруваат дека карпата е тенка и пробојна. Горе
татни пазарската бучава и двајцата настојуваат со сета сила да ја кршат карпата.
Квечерината, со огорченост, ја оставаат само одозгора изгребана, застаната
како челичен оклоп пред нив. На следниот ден не почнуваат рано, сега може да се
работи кога улицата оживува со своите секојдневни шумови за да остане нечујна
борбата со новиот непријател под улицата. А тој е необично отпорен на нивните
налети.
Навечер улицата стивнува и во нејзината теснина се слушаат само ритмичките
чекори на стражарот. Павле и Арсо се исцрпени до крајна степен. И паѓаат во
мртовечко заспивање. Без соништа за стварноста. Но штом ќе се зазори, некоја сила
ги крева на нозе. И започнува таму пак борба. И тврдата упорност на каменот се топи
во напорот на човекот. Сув каменов прав навлегува во дробовите и го гребе грлото.
Одвај ја движи раката во теснилото на каменот. Пробивот во неа е сосем тесен колку
да може да мине телото. Арсо го мери во крајот на секој свршен ден. И десет дена се
раскинува снагата во безумен напор. Арсо паѓа во некаков опасен транс, лудило што
не знае за мера и граница. Тој сè повеќе се дразни. Под неговото длето, му се чини,
подлегнува пркосен непријател во челичен оклоп и само нему му е одредено да го
продупи со мечот (длетото е веќе остар меч) на човечката правда.
Кон крајот на петнаесеттиот ден тој ги растрои нервите до толку колку што е
потребно за да заживее во откинатиот простор на визијата. Сега сонот му е бунило.
Се преметкува, ги размавтува тупаниците кои паѓаат врз главите на неговите заспани
другари и оставаат на даските траги од крв. Поарно ќе биде додека му се врати
присебноста Арсо да остане на ковачкиот мев, работа мирна, дремлива. Така решаваат
Иван и Павле. Тој се согласува без отпор. Изгледа не ја сфаќа смислата или некои
неразбрани мисли му се мешкаат во главата. Седнува само да ја движи раката на мевот
и да ги извлекува торбите со земја. А во сушност целиот е кај карпата. Таа нaвлегла
во неговата душа и не може да се отргне од нејзината сила. Заборавен за тоа што е
околу него, тој паѓа на колена, вцрвенетите клепачи ги разголуваат зениците
стаклено сини и раката замавнува и со секој удар во празнината ги свива силно
усните. Во другата рака држи нешто што треба да биде батериска ламба. И карпата
разбрането се витка под чеканот. Не сеќава ни звук, ни тврдо отскокнување од камен.
Карпата само меко се тргнува во темнината (а во собата сега навираат од цепнатините
на закнижените прозорци сончеви зраци) како да го избегнува болезниот допир на
чеканот, се бранува, час истакнато грозна, час магличесто мека и рамна. Тоа го
дразни Арсо. Тоа е итрина на лукав злосторник. Нечесна сила што не знае за чесна
борба. Арсо е сам во темна теснина, светилката е угасната, но тој ја гледа јасно
карпата таму на неполни триесет сантиметри. Се стиска без излез, без можност некоја
за повлекување. Во ушите му ѕунат камбани. Зглобовите му се оптегнуваат и го тегнат
сиот напред, го чувствува срцето како се прпелка во градите и сака да искочи. За
повлекување е доцна. Нема место за повлекување. И оној таму покорно ги прима
ударите. И во главата си пробива место, ги зафаќа и ги потиснува сите мисли,
нездравата смисла за долг и чест, некое тешко бладање, кое ја мати здравата свест
за реалното и можното. Има нешто неизмерно големо и важно во неговиот живот, една
човечка должност што го заслепува со својот сјај, да се урне нешто сосем подло и
гладно. Таму е создадено мочуриште и потонуваат луѓе. Тие се познати и блиски,
многу блиски. И за тоа виновникот е уште жив. Арсо одамна му оди по трагите. Тој е
тука стиснат во оваа гробовна теснотија, скриена зад овој оклоп. Арсо дигна рака на
него и нема веќе смирување. Ах, колку долго време го очекува тој прекрасен миг!
Човекот Арсо сега е на врвот на своите стремежи, тој се оддолжува на себеси, на тоа
што е во него. Ништо не му е потребно повеќе сега кога е пред победување. Овде е
сосема јасно, блести со засилена светлост почетокот на ослободувањето, крајот на
измачувањето полно со сомневања, страв и немир. Некој ќе победи. Тоа е Арсо. Тоа е
Арсо. Арсо ја урива карпата. Во каменото тело ќе направи пробив кон универзалната
слобода. Таму човечките суштества припаѓаат сами на себеси, недостигнати од ничија
пакосна волја. И оваа визија на ослободувањето ја има својата единствена смисла во
уништувањето на карпата. И тој се нафрлува сиот на неа. Надвор од неа не постои
ништо друго. Слеп и глув за она што постои околу него. Арсо блада, загубено во
својата нездрава возбуда. Тој се влече на колена и непрестајно ја движи десната
рака, сипајќи ги ударите во просторот. Рачката на дувалото стои тенка, јазлеста во
полутемнината на аголот од оваа соба. Изникнува од отворот на подот мртовечкото
лице на Павле и со удавничко поматени очи гледа на Арсо.
— Фати ја рачката, слушаш ли, Арсо, пцовисавме! - Арсо сомничаво ги
тркала црнките во отворените очи.
- Не застанувај ми отспред! - сподавено 'ржи тој. Се дигнува на колена и,
наеднаш, со двете раце се фаќа за глава. Распрснатите мисли му се собираат и
изненадна светлост му избива пред очите. Лазејќи, ја фаќа рачката на дувалото.
Павлевата глава стрчи во темната дупка. Тоа е страшно лице модро-пожолтено, на кое
горат очите строги и полни со укор. Арсо не гледа на него. Тоа му напомнува на оној
удавеник што го извадија нуркачите во пристаништето. Му остана длабоко во него овој
свртен кон небото поглед на воденесто-вкочанетите очи. Мајка му и една ситна
црномуреста девојка липаа над него, а неговиот поглед, далечен и туѓ, беше управен
кон синевината.
Арсо сфаќа дека не може наполно да владее со себе. Тукушто се ослободи од
своето штуро бладање. И оваа глава таму. Ѓавол да носи се! Нешто има што не е во
ред во него или околу него, тоа не може јасно да го разбере. Нешто вика и тропа во
мозокот, непрестајно го тегне неговото срце таму. Тоа е злосторникот. Тој
погледнува кон отворот на подот. Главата ја нема. Арсо мрзеливо ја движи рачката.
Пак губи власт над мислите. Жестоко и тешко чувство се надигнува и му ја труе
душата. Зошто неговите другари го отстрануваат оттаму. И пак мислите му се збираат
и страшна, ужасна светлост избувнува. Можеби изневериле на клетвата? Се уплашиле во
последниот момент? И се кријат сега, долу, него го држат при мевот. Не, тоа нема да
дозволи тој. Очите на Павле не го кријат тоа. Во нив Арсо гледа плашливост и
бледост, бледост. Тоа е само страв од смртта. Тој се вдлабочува во своето
сомневање. На крајот им домилело за животот. Да ја избегнат смртта, тие се
здружуваат со злосторникот. Павле, ти се плашиш! Те гледам јас. Ти пред малку така
проштално и страдално гледаше во мене.
Во мислите Арсо го изучува неговото лице со продорен поглед и нешто, налик на
страв, му поминува во крвта. И во потресениот ум се ројат планови како да го
избегне нападот. Тој ќе биде нападнат, во тоа нема сомневање, зашто сака да умре
заедно со смртта на злочинецот. Овие кукавици! Не е уште сè пропаднато. Арсо ќе се
бори со сите вас, само е потребно присебноста да не го остави сега кога настапило
решително време. Нагонската жедност да остане, да се спаси сè повеќе го возбудува,
полнејќи ја неговата свест со страв, не сосема определен, желба да го разбие
заговорот и сам, сам да ја забоде камата во утробата. Со глава и тупаници ќе го
скрши проклетството што му стои спротија. И никој не ќе попречи да го исполни
својот долг. И со лице искривено од нервен пристап Арсо се стрчува кон дупката,
дерејќи се вон себеси:
- Не, тоа нема да ви дозволам да го сторите! Не, не! Во темнината на
подземјето фаќа и кине нечија кошула. И таму настанува буричкање, глуво и диво
офкање и виење на ѕверови. Тоа трае кратко време. Двајцата го совладуваат Арсо.
Стишан и растреперен од гнев и слабост, со уште непритивнато негодување, но
привидно скротен, се качува горе и дувалото започнува да работи.
На следниот ден Арсо одново паѓа во својата треска. Околу пладне, кога
минувачите ја полнат улицата, тој скокнува, започнува да вика, овладеан од
изненаден транс. Павле и Иван притрчуваат горе, го стркалуваат на земјата и
јадрата, извалкана од земја дланка му паѓа на усните. Во овој дуќан, потонат во
секојдневната тишина, сега може да го привлече интересот на минувачите и
сомничавоста на полицијата. Лежејќи врз него, Павле му ја држи устата, а Иван седи
на неговите нозе. Павле долго и шепотливо се мачи да го смири, да му ја врати
загубената јасност на свеста. Но нездравата упорност не се подава. Со дива
подозривост тој одбива сè.
Неговите другари, сепак, отстапуваат пред лудечката желба на Арсо. Тој пак се
нафрлува на карпата. Од некаде му надојдува сила. Со забелувањето на утрото, брз
како невестулка, се пушта во подземјето и таму неколку часа, не знаејќи за мера,
паѓа во полна исцрпеност на своите сили. Тогаш го истргнуваат, држејќи го за
нозете, во влезот на каналот и друг го зафаќа неговото место. За кратко време
свежиот воздух го повраќа. Тој уплашено, потоа гневно, се подигнува и полуисправен
јури пак во каналот.
По две недели дојде смена од тројца души, тие донесоа алишта за преслекување,
храна и ракија. Арсо, со последните сили во себеси, веќе не е во состојба да се
држи на нозе. Душевно возбуден и телесно опаднат, жолчно ја брани својата
„позиција" при карпата. Половина метар во каменото тело веќе е направен пробив. И
во оваа камена гробница Арсо сè повеќе ја губи способноста да го држи чеканот, што
му паѓа од раката. А своето место не го отстапува.
Во утрото на петнасеттиот ден тенката преграда на карпата се урива. Раката на
Арсо потонува во меката земја. Вик на победа, очаеност и злоба му застанува на
грлото. И се онесвестува.

ПАК ЗАЕДНО
Откако е затворен овде, ни еднаш не беше викнат за што и да било кај
управителот на затворот. Заборавен, да. Еден само доаѓаше кај него — каушкиот
прислужник, дребно човече, намуртен и недостапен за прашања и разговор. Под ниско
спуштените веѓи Арсо не му ја видел уште бојата на неговите очи. Набабрените усни
му беа неподвижно отворени. Попусто се грижеше да му го сврти вниманието на себе.
Влегуваше три пати во денот и со вообичаени движења си ја свршуваше работата. На
ручек му ја носеше чорбата или само парче леб. На Арсо обично, не му се јадеше. Ќе
каснеше три четири залака и ќе пиеше долго и мрзливо вода и потоа легнуваше на грб.
Очите по навика му се лепеа по сивите тантели од пајажината. Тие возбудуваа од
телото и тој се креваше невидлив како флуид, се лулаше на пајажините и го сеќаваше
грубото допирање на таванот и рапавата кора на палмата, вклештена во прозорецот. И
полека копнеше во млако растопување. Тоа беше некаков умилен занес што го
ослободуваше човекот од болната поврзаност со реалноста.
Еден ден го стресоа силни викотници. Мигум почувствува дека паѓа некаде ниско
здиплен и тежок. Се фати за рабовите на одарот и со треперење се подигна на своите
ослабени раце. Го удри по лице светлата жица од прозорецот, од неа сега струеше
жештина и викотниците како да излегуваа од неа и се истураа во собата врели и
мачни. Слушаше заморно вајкање, подвикнување кратко и грлесто воздивнување на
камили. Нешто се влечкаше по земја и сите шумови брзаа да стивнат и да се разбегаат
од страшното дишење на пустината. Некаде низ внатрешноста на затворот се растураа
гласови и стапки. Арсо малаксано се отпушташе на леглото, а му се чинеше дека тоне
во задушлива празнина и врз лицето му се дипли сребреникава пајажина која му пречи
да дише... Крцна вратата. Стоеше пред него висок човек, забраден со бел турбан.
- На ладовинка, глупаку, а? - слушна полнозвучен глас. Човекот ја
одметна забратката и на загореното од сонце и ветришта лице се белнаа јадри заби -
Сенкичка мила! — слушна пак Арсо. Човекот се заврте на петици и се нафрли на
стомната. Остро издадениот напред грклан се движеше нагоре надолу под дејството на
жедното голтање.
- Изгорев, вода! Еј ти!
Вратата веќе беше отворена. Човекот ја фаќаше, ја тресеше и истураше
тупаници. Прислужникот со некоја глупава зачуденост си го покажуваше лицето. Овој
енергично му ја клаваше стомната в раце.
— Донеси! Не гледај ме така! — Трчај! — Гласот и гестовите на човекот беа
господарски и сугестивни и прислужникот, гледајќи го вџашено назадечки исчезнуваше
во мракот од ходникот.
— Мрзливко! — човекот седна до Арсо.
Арсо си ги спушташе нозете на земја и не го откинуваше погледот од овој
човек. Јадар и плеќест, неговата тркалезна глава беше обрастена со бујно навиткана
коса која му се мешаше со исто така бујната брада. Усните му беа набабрени и
напукани. Силата на овој човек беше повеќе во неговите очи - од нив идеше некоја
особена привлечност што освојува и смирува. Тоа беа очи на рис, но премногу питомо-
чувствени, способни да го покорат срцето со онаа податливост во која жената ја
познава својата заљубеност.
— Глигоре, зар тоа си ти? - извикна Арсо и гласот му се распадна во
ненадејна расчувствуваност.
— Охо, брат мој! — овој го зграпчи и одвај што не го задуши во својата
прегратка. - Гледај го ти него, само еден глас и коските под дреата ти останале.
Атентаторе мој! Плашило мое! — и тој пак го стегнуваше во силно гушнување.
На Арсо му се плачеше и од болка, и од задушување, и од изненада, и од нешто
друго што сега бликнуваше во него. Се присетуваше за скапи и мили нешта и тоа го
разнежуваше и го возбудуваше. Се отпушташе уморено на неговото силно рамо.
Прислужникот ја донесе стомната. Клокотеше водата во грлото на Глигор. Пиеше
тој без прекинување, на еден здив. И со крајот на окото го следеше прислужникот и
кога тој се поткреваше да си оди се стркапа во неговата дланка мала сребрена пара.
— Во мене е цела Сахара, да ми го донесат морето ќе го излокам.
Во осамената соба влезе животот наметлив и силен и зафати да го најавува
своето присуство и своето право. Глигор распоредуваше. Прислужникот бргу се
отресуваше од својата флегматична затвореност, навреме се јавуваше кога е потребно
и ги исполнуваше точно неговите желби. Спроти леглото на Арсо беше ставен уште еден
одар со сламарник и перница и нова поголема стомна до одарот. Сега собата живееше
со полниот глас на Глигор и неговата смеа се разлеваше низ целата затворска зграда.
Грубо и весело ги одбиваше тој тажните исповеди на Арсо и го забавуваше со
интересни истории, не оставајќи го да се предава на своите нездрави размислувања.
Отпрвин, нешто измислувајќи, нешто украсувајќи, тој го воведуваше во
занимливиот свет на своите доживувања, во кои човекот секогаш победува и се
ослободува себеси од нечија волја. Живото раскажување влеваше бодрина во
настроението на Арсо и некоја убава топлина струјкаше во неговото тело.
...Едип ја познава пустината, ја познава како својата сопствена дланка. Нема
таков бедуин што крстари низ широките песочни пространства па да не знае за Едип
керванџијата. Под неговата закрила Глигор итро ги избегнува заседите и
преследувањата на пустинската полиција. И Едип е како него јатак. Заеднички ја
делат опасноста во пустинската шир и гостољубивоста на кротките феласи. Мирен е во
бескрајот песочниот океан, но понекогаш бура ги крева правливите таласи и во нив
Едип еден ден исчезна. Ги влечка Глигор во мекиот песок нозете и му се причинува:
таму зад жолтунестите рабови на хоризонтот го очекува бистрото око на кладенец. И
брза, измачуван од жед, да стигне до водата. А веќе се смрачува пред него и се меша
во замагленост и небото и земјата, и сеќава дека главата му се урива и во устата му
крцкаат песочинки. И тоа е сè.
Кога повторно си дојде на себеси, гледа пред него седи на колена и му ги
кваси усните со камилско млеко Смарагда. Сè повеќе се созема Глигор и сè поубаво се
бистри во неговите очи девојката. Млада е, да има, шеснаесет години. На нежно-
миндаловото лице се шират во сјај јадрите маслини на нејзините очи. Ја гледа Глигор
и не знае сон ли е или јава. А таа не се оттргнува од него и во длабочините на
нејзините зеници надѕирнува занесна податливост. Потрепнуваат под јашмакот меките
заоблени линии на младото тело. Струи во неговото лице забрзаното дишење на
девојката. Слуша: пред колибата нејзините стари родители водат бескрајно-монотон
разговор што потсетува на молитва.
Тука го исфрли бранот, на овој самотен остров со една единствена колиба и во
неа девојка, дојдена од приказните. Зар во оваа сиромашна неволја, на крај светот,
ќе живее Глигор? Смарагда е неодвојна како негова сопствена сенка, го демне секое
негово движење и го гушка и милува. Тој е мажот што £ се јавил во соништата. Нели
таа го оттргна од смртта и неговиот живот £ припаѓа само нејзе. И младата Арапка го
дарува со ненаситноста на својата страст и љубоморно бдее над него. На Глигор му е
тесно овде и љубовта не може да го задржи. Често се загледува во далечните песочни
бранови.
Глигор наденаш го пресече раскажувањето.
- Си мислел ли за бегање? - праша тој.
- Не! - се сепнаАрсо.
- Треба, - тврдо рече Глигор.
Се шеташе по тесното местенце меѓу сламарниците.
- Паметиш ли? Им избегав.
— Те фатија, - меланхолично шепна Арсо.
— Ќе им се извлечам пак!
Се истегнуваше на грб врз одарот. Светлата жица од прозорецот бледеше.
Свечерувањето пристапуваше тивко и Глигор со едно мирно чувство во себе трпеливо
раскажуваше, запирајќи се на ситните детали, раскажуваше за своето последно
бегство. Се вживуваше и гласот му затреперуваше раздразливо кога го изразуваше
својот презир кон затворот и опасностите.
Тоа е ѓаволски затвор, клекнат на самиот врв од стрмен брег. Глигор е
затворен во тесна соба. Прозорецот гледа на морето. Под него стрчат остри спили
како разголени челусти, а под нив се удира и пени морската вода. На видело и во
мрак Глигор го слуша само морето. Морето е просторно, час спокојно, час мрачно -
набрчкано и може ли некој да летне од оваа клека? Одминуваат месец, два, настапува
третиот. Глигор станува сè понемирен. Единствениот човек што го навестува е Едип.
Едип е за нешто растажен. Во неговиот мир нешто не е во ред. Глигор има клуч да ги
отвора несреќните души. И Едиповата душа се отвора цела, разголена и намачена. Син
му за некоја кражба дури во Бруса го заточиле. Три деца и жена му од тешка болест
лежат. И нема од никаде ни помош, ни совет, ни спас. Едиповата плата оди одвај за
долгови чиј крај не може да се види уште. Знајно е тоа — Едип во службата не
попушта, но Глигор е човек, а Едип копнее за мил човечки збор. Се погодуваат - Едип
праќа одвреме навреме по некои грошови дома. Човек на човека поможува. Зар праведно
е да си ја закопа младоста во оваа зандана? Што сторил тој? Ништо. Сака да живее
како што му прилега. Па и царот си живее како што му прилега, а никој не му пречи.
Чуден е овој човек Глигор. За секоја работа знае каде и е местото. Чесно да се
расудува, Едип е ништо пред него, прав што ветерот може да го однесе, а еве, го
туриле него на царско тезге. А овој, ехе, пророк не смее да му излезе спротија, го
клале в затвор. Не, ова не е праведно. Некоја грешка е сторена, голема, гревовна.
Така во разговори, еден ден Глигор му ја повери својата замисла. Тоа е и за
двајцата спасоносно. Просто, треба да се мавнат одовде двајцата. Луѓето не е редно
да се примират со вакво гадно живеење. Во светот се најдува сè што бара човекот. И
неговите домашни ќе видат бел ден. Во ќесето на Глигор се останати пет лири, со нив
Едип може да стори чудо. Едип слегува во градот се бави таму со рибарите крај
морето и, скриена во пазувата, секој пат донесува по една ортома. Од прозорецот до
брегот долу, како што мисли Едип, е потребна ортома сто лакти долга. Уговорено е со
луѓето што ќе се прави. Едип е сега бледен и неспокоен. Не е шега ова што го прави
тој. Царски службеник е, со апсанџија заедно... Ама нека, Глигор му помогна, нема
што, дури и опасно да е. А тоа, и инаку се замрсиле конците негови...
Ноќта е мирна, одвај само шепотат долу брановите. Глигор е на прозорецот. Во
ќелиите е тивко. Глигор се вгледува во темната далечина на морето. Оттаму трепнува
три пати светлина. Веднаш тој скокнува на рамот и се спушта по јажето во темнината.
Долу го чека Едип и трепери. Бргу Глигор се спушта. Стигнува до крајот на јажето.
Едип не се гледа долу под скалите. Му се чини далеку е уште земјата. Погрешно Едип
ја измерил височината. Да се качи пак горе, за тоа нема сили, ни пак би го направил
тоа. Му се ежи кожата од непријатно претчувство. Одвај се забележува на белузлавата
земја Едип како разлеана дамка. Одоздола иде до ушите на Глигор шепот сличен на
змиско саскање: „Песок, песок е, скокни!" Се ниша на јажето, неподнесливи се веќе
болките во дланките, се колеба уште миг-два и тешко се откинува од јажето и паѓа до
Едип...
Глигор многу уште раскажуваше за своето скитање со Едип по морето и долго
време потоа, китејќи го јазикот со умилни зборови ја опишуваше убавината на
Смарагда. На крајот замолче за малку и си ги протегна дланките кон Арсо.
— Смарагда со мелем ги лечеше. На види.
Арсо ги пипаше со прсти зарастените дланки, останати од јажето.
- Ме лечеше... Смарагда може да ја растопи душата. Ја љубам јас неа. Штом ќе
се извлечам одовде, прво кај неа...
- Те фатија! — како одглас прозвуче гласот на Арсо и усните му се собраа во
мрачна иронија.
- Среќата е гулаб, ќе падне на рамото, слатко ќе гука, па ќе му текне — ќе
летне. — Рече безгрижно Глигор. — И од среќата човек треба да си почине.
- Во зандана?
- Па што. Над глава - ќерамитка, под мршата сламарник, в мевот - царски леб.
Седи, размислувај и крои планови за иднината.
- Овде иднината е само бавно умирање.
- Тоа ти го велиш, атентаторе мој? Не си ја свршил ти сета работа.
- Ја запознав својата глупост и немам веќе своја работа да свршувам!
Дланката на Глигор падна на челото на Арсо.
- Гориш.
Тој стана, го извлече пешкирот под перницата, го натопи со вода и му го стави
на челото.
- Треба да подремнеш. Моите брборења те растроија. Се стемнуваше. Вечерва
прислужникот не го донесе фенерот. Се беа свршиле свеќите и целата затворска зграда
тонеше во темнина.
Глигор молчеше, но не спиеше. На Арсо навистина не му беше добро. Можеби
одамна тој боледува, а за тоа и не знаел. И го зафати страв за нешто. Ги
чувствуваше очите влажни и тешки од оган. Во главата му се преплетуваа сцени и
ликови од раскажувањата на Глигор. И сè почесто се завртуваа околу него темно-модри
кругови и елипси, се множеа и се ширеа како бранови на темна вода. И пак познатото
чувство дека паѓа во дното на собата, но тоа сега многу го беспокоеше. Вака некој
ден сосема ќе потоне во мрачините и ќе престане да го сеќава во себе животот. Зар
толку само? Сега да се умира? Што видел тој? Напевно звучниот глас на Глигор ечеше
во него како во голема празна сала. Се губеше тој во темно-модрите кругови и од
каде наеднаш му надојдуваше ваква сила: ги витка железата на прозорецот и слегува,
слегува по дебело јаже. И јажето шумоли во дланките, меѓу нозете и градите. Каква
моќ има во стисокот на неговите раце. Над него и под него е само простор и тој е
сад во просторот, без тежина, слободен како птица... Морски бран го извишува, го
ослепува сонцето што отскокнува од морето. Млака задоволеност му се шири во
утробата. Слободен, слободен! - слушнува спотаен глас. Тоа е можеби гласот на
неговиот двојник и го води во предели каде што нема ни почеток ни крај. Тоа е шепот
на крило или невидлива милувка. Во измаглините таму се нишаат две тенки мургави
раце. Рацете на Смарагда лутаат во измаглините...
- Арсо, Арсо!
Оддалеку допираше до него истенчениот глас на Глигор. Грубо му се закопуваа
во рамото нечии прсти. И го нишкаа. И сето тоа беше вака нестварно, испокинато. И
се топеше во глувост на длабока мирна вода...
И е здодевно. Зошто е дојден овде? Немаше време дури да се избричи. И да си
ја промени кошулата. Денес токму ќе го земеше костумот од шивачницата на Киркор.
Штофот, тоа е накаква мекост, темна како ноќ што гали и смирува. Дипломат ли е тој
или таен советник на кадијата? Се едно што е. Веројатно млад џентлмен кој нема
милост кон парите. Итриот Ерменец има причини да биде спрема него повеќе учтив
одошто е потребно. Еден шивач така добро познат меѓу одбраното општество е сосема
природно да биде оптимист. Да, Арсо вдахнува доверба, и со движењата, одмерено
вешти, и со тенко бледо лице на млад благородник и со ведрата синевина на очите, и
со необичниот акцент со кој ги изговара француските зборови. И глупаво и смешно е
тоа што го прави Арсо. Синот на терзијата од чаршискиот сокак го совладал
совршенството на истенчен измамник. Неправедно и претерано строго е да се каже тоа
за Арсо. Па зар е потребно сега да се мекушави кога целта стои пред него чесна и
чиста во својата големина и привлечност. Што ќе помисли Киркор за него кога
навистина тој нема да појде и не појде денес да си го плати костумот со штедрата
рака на богат расипник. Нека го однесат далгите и него и неговото мислење. Тој е
само еден понизен роб на својата ограниченост, кој зад наклоните и преправањата го
крие својот страв. Нему да му се открие Арсо? Овој човек не е достоен за такво
пожртвување. На крај краишта Арсо е непомирлив противник на робувањето. Тоа изгледа
така несомнено. Често ние се заплеткуваме во некоја зла иронија и секогаш се
покажуваме во своите желби такви какви што не сме. Еве, Арсо е богат странец, а
Киркор е среќен во своето лажно почитување. Арсо е способен да го види тоа, да го
замрази и да го презира длабоко во себеси. Зар не е одвратно тоа да влезеш под
кожата на оној што не можеш да го поднесуваш ни со чувството ни со мислата. Попусто
е човек да му се опира на тоа што станува и што треба да стане и да ја бара
чистотата на својот убав сон во средствата на остварувањето. Нервозен потсмев му ги
грчи усните. И во овој грч се наѕира иронија и горчевина. Во неговата душа се
сплеткуваат и трагичното и смешното. И меѓу нив граница нема. А меѓутоа треба да се
каже и вистината — два дена не клал ништо в уста и поради тоа звучно му се
преметкуваат цревата. Арсо е гладен. Тоа е гола вистина. Зошто дојде овде? И како
незабележливо протече времето од Солун до Цариград.
Во купето од втората класа, од учтивост или плашливост, тој податливо ги
потврдува здодевните зборови на србренокосиот човек кој патува до некоја блиска
станица и кој при слегувањето не заборави да си го каже името: Етхем-паша. Сега тој
е во состојба да ги отфрли сите негови мисли. Но му е тешко да се присетува на нив.
А нешто внатрешно го тера да не може да ги одбегне и заборави. Тоа е накакво
тескобно чувство. „Слободен си ти само во себеси, во својата самост. Ти можеше да
му се опреш на овој самозадоволеник! Замолкнете со вашите спасоносни будалштини!
Вие го барате спасот за човекот во мудроста на оној што го уништува токму човекот!
Или би го преграбал здебеленото тело и би го отпратил преку отворениот прозорец на
купето во мочуриштето низ кое трескоти возот." Тоа не го стори Арсо, туку молчеливо
ја крие пред него својата сомничавост и умилно восхитување му лебди на лицето, а
токму тоа го насрчува Етхем-паша и во неговите зборови блуди некоја горделивост што
го дразни Арса. И речиси, тој е дојден до крајот на своето здржување. Само еден
понемирен бран на возбуденоста и тој ќе избувне искрен и слободен и ќе го урне во
провалијата она за што е дојден и што вака пристрасно го носи во себеси. Но, поарно
е сето тоа да го заборави сега и да си ја сврши работата. Две години како не доаѓал
во овој град. Истиот си е пак. А има и нешто ново — електричните светилки наредени
во далнината на булеварот.
...Ќе ја помине онаа тесна улица што ја сече главната. На другиот крај, на
самиот агол, стои кокетна куќарка, обрастена со бршлан, и два кипариса стражарат
пред влезната врата. Се излегува на плоштад. Таму е ресторанот „Златен рог". Скоро
истиот е, само малку е потемнета бојата на рамот. Ги смирува чекорите, и, така
патем, ѕирнува преку прозорецот. Прозорецот е отворен и однатре удира спарен мирис
на тутун, вино и на живи трупови. Ги гледа тенките фигури на келнерите како бргу
потрчуваат меѓу тркалезните црвени глави, растурени по масите. Се поприбира и
решително влегува внатре. Еден смешно долгнавест ковчест келнер му притручува и
Арсо се сместува на мала округла маса. Никако не може да привикне на коњакот, но
сега го пие, грижејќи се да му даде на лицето израз, онаков, задоволен, како оваа
напитка да му е најомилена. Мирно прошетува со поглед во пространата кафеана и,
некако, небрежио и повеќе се задржува во длабочината од каде што јуреа нескладните
звуци на оркестарот. Таму, над ќелавите глави на виолинистите, плива бушавата,
светла коса на шансонетката. Изгледа таа го забележала неговото присуство. Тоа е
јасно за него. Оркестарот започнува да ја свири неговата љубена мелодија, што,
којзнае зошто, секогаш му ги разнежува чувствата. Да, Ана знае за неговото
пристигнување. Сега мирно ќе си се прибере горе во собата. Кафеаната се полни со
луѓе.
Запарност и чад, луто му ги дразни зениците и го скокотка грлото. Уште малку
ќе поседи. Треба да поседи уште малку. Не може да ја поднесува оваа мачна, задушна
сала во која малаксуваат звуците на оваа мелодија наситена со раздразлива егзотика.
Ќе ја дослуша до крај. Подигруваат јадрите гради на Ана по дивиот ритам на
инструментите. Преку замрешканите очи таа му го праќа својот повик. Ленливо се
мрешка чадот и ја счестува сивкавата замагленост. И очите му бегаат надвор. Таму на
широката рамка од прозорецот се црнее небото избоцкано со ѕвезди.
Собата е на горниот кат, над кафеаната. Скалите крцкаат под неговите нозе.
Портирот само пријателски си ја занишува главата и не му го бара пасошот. Ана,
твоето име ќе биде втиснато врз мермерот на славените! Го фрла палтото на столот и
паѓа како пресечен на креветот. И изнеможено се приклопуваат клепките. Преку
тенките кожени прегради очите ја сеќаваат розикавата и тешка светлина од ламбата.
Таа се разлева во него и тој се нурка во неа и му е неподнесливо повеќе да мижи.
Сега погледот му заскитува без цел по напрашената површина на таванските арабески.
Посегнува да ја угасне ламбата, но се присетува на нешто и пак си ја прибира
раката. Огледалото ја крши светлоста и остро ја расплиснува во неговите запалени
зеници. Под огледалото стои масичка, а врз неа — леген со вода. Поарно ќе е да се
наплиска и освежи. И крпата е таму зад вратата закачен на дрвен чивилук. Бесцелно
заскитаниот поглед се запира на сликата во златна бронза. Студено гледа оттаму
човек во мундир и со фес на неврастенично и жолчно бледно лице. Арсо не може да го
поднесува ова тмурно лице. Му оди на нерви. Презриво се свртува со лице кон ѕидот.
Но човекот во рамката веќе му се вклопува во мислите, пали во нив снемирување и
жолч. Човекот се смешка зајадливо и кисело, потоа се мати и распливнува во сивкава
замреженост и пак е јасен и жолчен (чувствува дека го загледува). Тој е во него, но
тој не е друг туку Етхем-паша. Во ушите му удира и ѕвони крвта. Несетно се упатува
во некаква интересна, слободна и дрска караница. Оној, другион, го губи тактот,
несовладливо му упаѓа во мислите на Арсо, кој сега смело ги урива неговите доводи:
„Ви е судено да умрете не од нашите зборови, туку од нашите бомби!" Страшно е да се
гледа тоа. Оној другион се мени во зелена боја. И се смалува, се смалува и тој е
веќе една обична блатска жаба. Нечисто зеленило фосфоресцира од испупчените очи.
Колку е ова мочуриште полно со зелени влечуги. Што бара овде тој? Скокнува од
креветот, стои исправен во недоумица и виновно се смешка на себеси. Често му
доаѓаат вакви штурости. Тоа е се од умор и раздразнетост. Треба да се оттргне
извесно време од оваа бркотна средина, да појде кај своите, таму на лозјето. Ќе се
одмори и ќе си дојде на себеси. Пак легна и реши да не мисли повеќе за ништо. Вака
простум, да си лежи и да си ја залажува својата чувствителност со некоја песничка
што му доаѓа сега во сеќавањето. И песничката и неговата решеност испепелуваат кога
погледот му паѓа на сликата во бронзената рамка. Тој го напипува чевелот под
креветот и замавнува. Искршеното стакло звучно се распаѓа во ситни парчиња, а
човекот со мундир пак е таму и во тенките усни забележува жолчна иронија. Од
темнината на отворениот прозорец извираат ситни мушички и пеперуги. Тврдоглаво се
удираат во шишето од ламбата. За да го уталожи гневот, тој започнува да ја следи
хаосната игра на инсектите. Но нивното брчење се вклопува во мозокот и го дразни, и
го дразни повеќе. Пак станува и се загледува во темнината. Далеку во морето оживува
и се ниша плашлива светлина. Темнината живее во далечината бесшумна и загубена.
Шепотливо плискаат брановите во невидливите карпи таму долу како да го повикуваат и
потсетуваат и му забележуваат за нешто, како да го опоменуваат за нешто многу важно
што тој го заборавил. Здодевно е ова брчење на инсектите во мозокот! Комарец еден
остро свирнува покрај увото. Замавнува во преграб. И овде ли треба да се брани?
Јадрата рака ги граба мушичките и на дланката остануваат нивните смачкани тела.
Гледаш, тоа излегува интересно. Туку не, тоа е возбудливо. Да се браниш макар и од
вакви ништовни животинки дури има и некоја смисла. Мала ништовна смисла што може да
те оттргне од твоите тешки и болни бладања.
Тивко почукнување ја прекинува оваа игра со инсектите. Тоа си ти, Ана!
Најпосле дојде да ги разгониш одвратните измачувања. Ти си сè така свежа и ниедна
брчка по лицето не ја издава опасноста што те демне. Дојдов да те ослободам, да ја
примам на себе опасноста.
Ана седи на колк врз работ на креветот и во сенката на нејзините убави очи
лежи умор. Сега е два часот. Малку време останува до муграта. Арсо е стуткан во
спротивниот крај од креветот и ја гледа со онаа чистота што понекогаш ја мачи Ана,
но секогаш разбудува во неа почит. Кај него таа е обновена, прочистена од грубите
милувања на морнарите од трговските бродови.
- Ана, одмори се.
- Остави ме да те погледам и да разговарам.
- На тоа имаш право повеќе од секоја друга.
- Ти верувам, само... само дистанцата што ја создаваш меѓу мене и тебе ме
потсетува на нешто...
- Залудно се мачиш со твоите сомневања.
- Ох, мили, скап мој, како да го пронајдам оној збор што ќе го изрази она
чувствување на жената како мене, слезена вака ниско.
- Во тебе има сјај што никој не е способен да го затемни.
- А дистанцата, таа ги прави неуверливи твоите зборови, мили.
- Тоа е само за тоа, само затоа што ти мислиш за она што за мене не е ни
важно.
- Јас сакам само да те чувствувам поблиску, да ме чувствуваш цела. Ништо
друго не ми е потребно.
- Зар ти не си горда за она твое што другите жени го немаат. Телото се
распаѓа, останува другото со вечното траење.
- Да верувам ли дека ти си готов да ме избегнуваш само заради другото?
- Големото е во духот.
- Тие не се твои зборови, мили. Во книгите има многу лаги. Лага е тоа што го
говориш. И сепак ти ме привлекуваш. Од твоите очи иде нешто што ми ја ублажува
болката...
- Ана, ти си изморена и... возбудена. Ќе те одведам во твојата соба.
- Ќе го дочекам разденувањето кај тебе.
- Појди да си легнеш. Те молам, Ана.
- Ќе подремам на столот.
- Не, легни овде, јас ќе се пренесам на столот.
Ана мрзоволно се упатува кон прозорецот и нејзиниот поглед потонува во
темната длабочина на заспаните улици. Таму нешто ја привлекува. Наеднаш, оживеана
од изненадно чувство, таа се свртува кон Арсо. Лукава раздвиженост избликнува од
нејзините зеници.
— Побргу! - му вика таа.
Арсо мигум се најдува зад Ана. Во светлоста на прозорецот од спротивната
страна на улицата тој гледа жена свртена со грб кон улицата. Го гледа нејзиното
лице и градите обично осветлени од ламбата ставена пред неа. Арсо го гледа сето тоа
одразено во огледалото, богато и сјајно од белината на нежното тело.
— Ти ме измачуваш, Ана! - скоро во шепот вели тој.
— Исусе мој! - Ана го прифаќа неговото рамо. Допирот разбудува врел трептеж и
крвта му ливнува во лицето.
— Кажи не би ли бил среќен во нејзините прегратки?
Арсо ѕирка преку Аниното рамо и блескаат пак девојкините гради во огледалото.
Девојката се насмевнува на својата убавина.
Арсо шепнува. И топло удира неговиот здив во увото на Ана.
— Ја познавам!
Ана трепнува и зачудено го погледнува.
- Не сум очекувала вакво познанство. Значи јас сум непотребна?
Што зборуваш, Ана! - тој £ ја задржува раката на своето рамо. — Ќерка на
пустината, — некако со нотка на восхит вели Арсо.
- Тоа се пак стихови, нели? - се смирува Ана.
- Се вика Смарагда, - вели сериозно тој, оставајќи ја без внимание нејзината
закачка.
- Ме спаси од смрт во песоците на Сахара.
- Кој?
- Смарагда!
- Како бргу умееш да измислуваш, — тажно се насмевнува Ана.
- Ништо не знаеш ти за моето заточение во Сахара.
- Знам дека си роден во сиромашка куќа, во некој планински предел на
Македонија, знам дека си го напуштил училиштето заради твоите идеи. И знам, сега си
овде крај мене. Ништо друго не знам.
- Животот во пустината! Ах, тоа е страшно, Ана! И Смарагда...
Наеднаш Ана се свртува кон неговото лице.
- Ти си растроен! Побргу в кревет! - Таа го поведува, држејќи го под лактот.
- Не ми веруваш... - се опира тој.
- Па ти бладаш, драги мој. Смарагда е црна, а девојката во огледалото не ја
видело сонцето. Легни, си Арсо. Не гледај ме така избезумено! Бледнината твоја ме
обеспокојува.
- Сакаш да ме натераш да признам дека сум болен? Ти знаеш зошто сум дојден.
Перокселинот во твоето собиче.
- Под мојот кревет. — додава Ана.
- Чудна си ти и храбра!
Ана ја клава својата дланка на неговите усни.
- А моите врски со морнарите?
- Тоа не ме интересира.
- Ти се преправаш само рамнодушен. Ти не можеш да го одминеш тоа...
- Не дозволувам да го угаснеш она што свети и блеска во тебе и те прави
недостижна. Под твојот кревет дреме пеколот. Експлозивите ќе ги збришат долните
страсти и оргиите. Нели е тоа страшна, прекрасна и чудна симболика.
- Јас стојам некаде долу, ти го знаеш тоа. Твојата божем рамнодушност ми
причинува повеќе болка. Ти си светец, а што сум јас? Сосем обична...
- Молчи, молчи! Ти си пријателка на револуцијата! За какви пороци говориш ти?
Ние ќе го збришеме гнилежот. Во неговите пепелишта ќе згинат нашите тела. За каков
порок, за какви низини говориш ти? На високо си ти, недостижна си ти, Ана!
- Не сакам да умрам.
- Твојата оданост те води натаму.
Арсо ја сеќава на образот топлата мекост на Анините гради.
- Блискоста со вас... заправо со тебе, ми дава спокој. И само тоа. И само
заборав за нешто загубено...Па, сакам да бидам полезна. И само заборав и само
спокој.
- Ана, Ана, капсулите и бартолетовата сол извади ги од под креветот. Прво,
прво тоа! Да ги сместиме во куферот. Возот тргнува во десет часот. Уште сега, ах,
Ана! Задушно е и пријатно, пријатно. Дојди, дојди ти со мене! Ана, твојата тежина
ме задушува и е толку мека и занесна... Нели е свинштина да останеме по атентатот.
Отпрвин ќе го фрлиме во пеколна агонија дивиот молох, твојата и нашата несреќа. И
потоа не е потребно да се живее. Не, Ана, не е потребно. И срамно е да се живее
потоа. Смислата на нашиот живот ќе биде исполнета и крајот настапува неизбежно и
природно. Ана, доста! Пушти ми го рамото. Не можам повеќе. Распетлај ми ја јаката.
Ана...
Му се чинеше дека испливува од длабочината на тивка вода. Ги подигна
клепките. Над него висеше јадрото црвено лице на Глигор.
— Ех, најпосле...
Го позна гласот. Во главата му лежеше тежина, која му пречеше да се отрезни
наеднаш и да ја сфати својата положба. Го парна мислата дека она што туку исчезна
не е јава туку сон, толку наметлив и привлечен сон. Тој е значи, пак овде, меѓу
ѕидовите налепени со мрак. И го зафати непреодолива желба пак да потоне таму каде
што е сосема инакво и убаво да се биде. Но гласот на Глигор му ги дереше ушите и ги
гонеше магловините од неговата свест и ја разголуваше болката за нешто загубено без
што овде е штуро и неподнесливо. Како го огорчува и мачи овој јасен глас. И како е
запарно овде. Врелина му ги потиснуваше градите.
— Најпосле се врати, атентаторе. Земи. Држи ја стомнава.
Водата блуткаво како пијавица се слизна во грлото и чувство на гнасење му ја
наежи снагата.
— Не, не можам...
Тој ја исплука втората голтка врз градите на Глигора.
— Немој така, мили.
— Остави ме.
Арсо се уште не беше дојден до онаа јасност кога на човека му е возможно и
лесно да го сфати реалното постоење на својата личност. Сè уште тој се колебаше на
работ меѓу минатоста и сегашноста - овие два различни по содржина света. Колку
повеќе се будеше, се поодредено разбираше дека она одвратното и навредливото е ток-
му тоа што постои, а она што го прекина овој смел глас е така полнолико гордо,
силно и младо и сета негова намачена душа жедува за она што веќе не постои и што
престанало да биде живот и се претворило во некаква оддалечена светлост а без која
е тескобно и мрачно.
— Остави ме, зошто не ме оставаш?
— Во грлото ти кркорат ѓаволи. Драги мој атентаторе, нема да те пуштам.
Потребен си ми.
— Само да знаеше, само малку да знаеше како ми е потребно да ме оставиш да
тонам во ова мирно блато... таму на дното има бисери. Остави ме да слезам кај
бисерите. Си спомнуваш ли за Ана?
— Ана Шепок?
— Да, Ана...
— Не можам да £ ги заборавам колковите и нејзиниот бес. Интересна жена.
Попусто го спомнуваш нејзиното име. Таа не е болничарка, болнику мој. Наивноста
понекогаш те прави и смешен и будалест. Ти си од восок направен и нејзината врелина
ќе те стопи.
— Циник...
— Само за тоа што се обидувам да ти помогнам да го раскинеш превезот на
бладањата. Само за тоа, нели?
— Пожртвуваноста на Ана...
— Нејзината привлечност е во она што ти во неа го негираш, она силното во неа
ти го презираш, зашто можеби, од некоја тврдоглавост, сакаш да му се
противставуваш. Нејзината слабост е во тоа, да ја бара во тебе утехата на
разбудената грешна совест. Нејзе и е потребно она што не може да го најде во мажите
со кои си ги плетка колковите, твојата чистота. Нејзе и е потребно тоа што не £
достасува, што го загубила или оскрнавила. Ти си нејзино чистилиште, нишка која
уште го задржува полното паѓање. Во очите на Арсо јас сум Дева Марија, вели таа. Ја
гледам жедно во набрекнатите цицки. И таа го сеќава гладот на моите очи. Земи го,
вели, сето ова што го имам, Арсо тоа не го сака. Ти ја навредуваш Ана, она женското
во неа го навредуваш, а ти не умееш да ја почувствуваш навредата за самиот себеси.
Ти не жалиш ли затоа? А што правеше со неа? Де, кажи, сами сме во оваа дупка.
— Престани да бидеш дрзок.
— Те љубеше?
— Тоа го знаеш!
— И ја избегнуваше нејзината љубов. Што си ти? Калуѓер или лудак? И веруваше
дека и се одблагодаруваш за нејзините рискови да падне во рацете на полицијата, да
загине за нешто, што не умееше да го разбере наполно и беше готова да се жртвува
само заради љубовта кон тебе.
— Сега твоја мудрост е да бидеш ждребец и само...
— И сега ли мислиш така?
- За мене жената секогаш е оличување на нешто повисоко...
- Не постои духовна без физичка потреба. Во жената сум јас целиот и со душа и
со тело.
- Не сакам по мојата смрт да речат, беше трчилаж. Ние се заколнавме да
загинеме заедно со оние што ги разнесоа бомбите.
- Е, ние не загинавме. Да си ја посолиме главата со пепел?
- Па, тоа е измама... и ние сме обични измамници!
- Секогаш сум среќен кога ја избегнувам смртта. То гаш сум горд дека сè уште
дишам, дека сè уште сум жив.
- Ти си ја загубил совеста! - рече Арсо возбудено, стискајќи ги усните.
- Не ја изневеривме совеста. По некаков случај ние останавме. И животот ќе го
употребиме пак за онаа цел...
- Во овој смрдлив кауш, смешно!
- Навистина треба да сожалуваш што не си ја треснал главата. Тогаш беше
сосема инаков. Од оној крениглавец Арсо не останало ништо. Ти си некој друг...
плачливец, покајник, една жална урнатина.
Глигор пламнуваше, мавташе бујно со тупаници во просторот меѓу себе и Арса и
лицето му грееше однатре со една темна црвенина. Стана, остро зачекори, загледан во
светлата реска на прозорецот која избледуваше и тоа како да го дразнеше па со
поголема жестина ја излеваше својата огорченост од човечката слабост и плашливост.
Неговиот глас громовито ја цепеше тесната ќелија, зборовите заканливо јуреа, се
заплеткуваа во некаква злобна караница. Бледото лице на Арсо постепено се
растопуваше во мракот веќе налепен во аглите. Светлосната жица помодруваше, а
заедно со ова неумоливо пристапување на приквечерината гласот на Глигор добиваше
нова упорност. Таа избледена светлост на прозорецот како да го испаруваше и
уплашено чезнеше од разбеснетите зборови и од мрачниот заговор на сенките што се
диплеа околу неподвижното тело на Арсо. Глигор одвај ги распознаваше истенчените
црти од неговото лице. Тоа беа само делови од чело, нос и брада, пливнати во
мракот. Глигор се наведна. Забележа модри кругови околу усните на Арсо. Очните
капаци мирно му беа спуштени. Тој беше отсутен пак и туѓ и неосетлив на навредите.
Му ја фати раката тешка, млитаво отпуштена. Зад увото на Арсо ленливо пулсираше
синкава вена. Глигора наеднаш го зафати страв за Арсо. Со тревога го следеше
трепнувањето на вената. Таму нешто можеше секој миг да исчезне. Му ја раскина
кушулата, и неговите тврди прсти бргу зашетаа по градите, рамењата и рацете. Телото
покорно се отпушташе на настојчивиот притисок на прстите. По налужената кожа се
појавуваа и исчезнуваа модри траги. Арсо сè повеќе се губеше во својот болезен сон.
Глигор брзаше да ја раздвижи крвта во тоа смирено тело, да го поттикне срцето да
излезе од своето опасно смирување. Глигор помисли на доктор. Но докторот доаѓаше
само еднаш во месецот, бидејќи беше одреден за неколку населби, длабоко растурени
во пустината. Не беа изминале уште петнаесет дена откако беше дојден последниот пат
во затворот. Тогаш на Арсо му препиша да ја изедува храната што му се доделуваше
секој ден - некоја сивкава посна чорба и пченкарен леб сличен на добро препечена
цигла. Глигор му нарача на прислужникот да му донесе урми. Годинава се беше случила
неродна и феласите ги чуваа овие спасоносни плодови за гладните месеци кои веќе беа
дојдени во овие зафрлени населби. Гадно се случи, мислеше Глигор. Ни доктор, ни
урми. Арсо лежеше издолжен на одарот и само челото му се белкаше, како камен
зафрлен во аголот. Глигор помислуваше дека Арсо веќе не постои, а останало само
некакво запуштено тело, труп што треба да се извади од ќелијата. Тој одново се
зафати да ја прогони смртната ладнина во телото на својот другар. Забликнатата пот
му течеше по слепоочниците и се цедеше во аглите на стиснатите усти. Тој плукаше
шумно и пцуеше. Со олеснување забележа дека неговите напори не останаа попусто.
Градите на Арсо зафатија полека да се подигнуваат и да се спуштаат. Потен и
намачен, Глигор тешко се спушти на одарот до мирното тело на Арса. Болеста негова
мошне го возбудуваше. Сите планови што беше ги смислил последниве денови ќе паднат
во вода само ако Арсо ги скине конците. Му беше потребен живиот Арсо. Мртвиот Арсо
- тоа е само зло, глупост, непоправлива глупост. Само да дише и да има малку свест
во главата, нека си лежи. Тоа ќе работи под одарот. Земјата ќе ја собира во темните
агли. Земјата во ќелијата е мека, песоклива.
На Глигор му се стори дека лицето на Арсо мрдна малку налево. Си го доближи
увото до неговите усни. Слабо струјкање заудира сосем малку во ушната школка на
Глигора. Спиеше длабоко и болно. Ќе може Глигор да се зафати со работа. Овој смрден
кауш стоеше надвор од луѓето и светот. Оние што се грижеа за редот и животот на
затворениците скоро и не доаѓаа. Смрдеата ги гонеше. Сè беше оставено на неколку
луѓе кои, исто така, не погледнуваа што стануваше во ќелиите. Глигор можеше да
започне.
„Посонувај ги пријателе, твоите глупави златни соништа".
Арсо беше таму - во својата вистинска реалност, во својот поминат свет.

ЖРЕПКА
Пролетниот повеј што иде од морето му ја мрешка косата, му ја полни пазувата
преку распетланата кошула со пријатен скокот, фиука во ушите и одминува во правец
на градот. Недалеку од него, висок морнар преграбал преку половината девојка сосема
млада и срамежлива. Нејзиното придушено кикотење штуро одекнува и се губи над
глувата згорнина од морето. Тој го гледа со една рамнодушност што издава внатрешна
устременост во себе. Го интересува нешто што не постои во реалноста. Не достига до
неговата свест ни морето испружено во недогледниот спокој, ни облаците тешки и
мрачни, ни девојкиното срамежливо кикотење. Светот е во него, во неговите мисли и
чувствувања, полн и бучен што му ги запленил сите сетила и го отуѓил од тоа што е
навистина стварно пред неговиот поглед.
Го гледа зарчето како отскокнува од јадрата црвена рака, се превртува во
воздухот и за миг ја остава трагата на својата белина. Потоа подрипнува на мазната
површина на масата. Сувото крцкање на птица ја полни тишината. Запалените зеници се
шират, демнејќи го скокањето на зарчето. Ги заморува ова кривуличење. Раката,
исплеткана со набабрени сини вени, тешко паѓа на работ од масата. Зарчето се
сепнува од опојот на своето вртење околу себе, подрипнува и стивнува, квадратесто,
бело и мртво. Во очите блеснува свеченост.
- Чифт! Чифт!... Четворка - се отприштуваат звучните гласови на шестмината
младичи.
Рацете се испремрешкуваат во нестрплива желба да му ја стиснат неговата бледа
и тенка рака што се губи меѓу нив и сеќава само силна болка во рачните коски. И не
може да си ја отргне. Ревење ја заглушува неговата радост. Крвта лудува, шуми во
ушите и замајува. Жрепката е фрлена, жрепката е фрлена! И се случи тоа за што сите
потајно копнееја. Нему му се падна. Нему му е одредено тоа. Сега може да ги
заборави и бессоницата и немирот на последната ноќ. Тој не би издржал ако не се
случеше токму така. Судбината е праведна понекогаш. Сомневањето е само темен
мачител што сака да ја замрачи и да ја замори свеста.
Ветрот му ја надува кошулата и закачливо го талка назад. На секој посилен
налет на овој невидлив скитник од морето тој си го потпира грбот на стеблото од
маслината. На кејот девојката си ги капе стапалките во зеленикавите бранчиња.
Нејзините розови колена се припиени во сините панталони на морнарот. Од џамијата
што го покажува својот остар врв зад ридот се провлекува молитвено виење. Време е
другари, време е! Сега дувкањето на ветрот го шиба во грбот и му ги забрзува
чекорите. Не сети како го помина просторот од пристаништето до оваа тесна улица,
каде што се потајува во бујната зеленина на бршленот вратата на магазинот. Дури се
изненади и се зачуди кога ја забележа мирната силуета на стражарот кој шета со
одмерени чекори пред зградата на Банк Отоман.
Тој се поприкри во сводестиот сплет на бршленот. Бајонетот натакнат на
пушката, се наклонува час напред час назад во ритмот на чекорењето, одблеснува
сонцето во него и стражаровото лице, зажарено од залезот, бавно плива во сенката
што му ги зафатила рамењата. Тоа е чудна глетка: нож по кој блескоти разлеаната крв
на сонцето и глава на која вивти војнички фес, мустаќи набабрени, свиснати што
фосфоресцираат и сето тоа бавно се ближи кон него. За миг прострујува во него
неопределено плашење. Се попритискува на ѕидот и раката махинално ја стега рачката
на револверот. Но сам тој знае дека не е потребно тоа, дека нема да дојде до тоа.
Стражаровото лице е замрзнато во маската на мирна рамнодушност. И двајцата не
мислат на тоа. Секако овој војник е вдаден во некоја своја мисла, сосема туѓа на
службената секојдневност. А нему му е потребно сега да си влезе во магазинот без да
го забележи тој таму. И тоа е сета негова грижа. Стражарот ќе стигне до работ на
зградата, потоа ќе направи полукруг околу себе, потоа неговиот грб ќе почне да се
оддалечува во спротивната страна. И токму така. Притрчува на прсти. Вратата, како
да го очекува неговото допирање, го пропушта во темната утроба на магазинот. И сето
тоа станува мирно. И сè останува на улицата непроменето. Но сега, во мирната улица,
тивко совладувана од квечерината, во немото присуство на човекот што ја носи
неблагодарната должност на царски војник, ќе стане нешто необично, лудечко и
грозно.
Во непроѕирноста на мракот тој се спушта бргу и сигурно по скалата во
потонот. Тој знае каде што се наоѓа во темнината, секој предмет може да го фати со
непогрешлива сигурност таму каде што си стои. Се поприведнува токму таму каде што
почнува каналот и си ја вовира главата во теснината. Сега вознемирените прсти бргу
работат. Кибритеното дрвце пламнува точно над рошкавиот врв на фитилот, пламенот
скокна мигновено на него и злобно засаска во неговото лице. Го гледа занесено и му
се чини неверојатно. Злобното јазиче на пламенот веќе се движи по тенкото тело на
фитилот кон длабочината на подземјето. Зар започна, она главното? Така едноставно,
а сепак неверојатно е сето тоа. Само уште неколку минути и јазичето ќе ја лизне
капсулата и темелите на „златниот Молох" ќе исчезнат во јароста на пеколот. Наеднаш
како да се ослободува од нешто тешко и опасно. Со ладнокрвна пресметливост тој се
изјазува на скалата, ја отвора вратата и со неколку потскокнувања се најдува на
спротивната страна на улицата. Го претрчува пространството до аго-лот на банчината
зграда и го најдува влезот за горниот кат. За стражарот сега не помислува. За тоа
не е потребно да мисли веќе. Судбината на секој што се наоѓа овде е неповратно
решена. Стравот и сомневањата се веќе мртви и само во сеќавањата ќе оставаат млака
трага. Се задржува горе на последното стапало од дрвените скали. Пред него стои
мршав човек во пижама. Му се стори дека на овој човек му е студено, зашто
потреперува и од неговото лице удира нездрава бледнина. Арсо задишено стои пред
него и му го допира пругестиот ракав од пижамата, и чувствува како му се движат
усните, бргу и грчевито, и не е во состојба да разбере дали ги слуша сопствените
зборови или сето тоа станува само во неговите мисли. Секако на овој човек му се
слоши — вџашено ги врти очите и бледилото на неговото лице се крши во гримасите на
преплашено изненадување. Можеби неговата појава е неподнослива и страшна. Си ја
пипа косата, но таа е загладена и лизгава од брилјантинот. Аха, како не се досети
досега, па овој, просто речено, не разбира ни збор од неговото брборење. Тој е
отскоро дојден, некаков интересен Француз од Ломбардија. „Да, (за него слушал
повеќе работи), помошник-директор на банката, има жена убавица (за неа знаат сите
мангупи во градот). Значи, тој се плаши од мојата посета". Секако овој младич не е
дојден да се шегува, секако тој е некаков уличник во сомнителна намера. А изгледа
така интелигентен. Можеби е некаков лудак (во градот ги има низ пристаништето и
кафеаните).
Зад пругaстите панталони се појавува русo детскo главче, тркалезни очички,
полни со ведрина, го гледаат со наивна љубопитност. Во левата рака држи маче,
направено од црно кадифе, со црвена пеперуга на вратот. Низ телото на Арсо поминува
изненадна трпка на згрозување. За миг неговата мисла полетува кај неговата
сестричка Анѓа. Вакви ведри очи има таа и ситно бело лице. Сега на свој ред се
плаши за нешто што му го приклештува срцето.
- Не бавете се, господине! — скоро рика на несмасен француски јазик. —
Зградата ќе летне во воздух само по две минути.
Ракавите на пижамата се дигаат нагоре. Мон дие, мон дие! Арсо го зграпчува
детето со брзина и вештина сосема несфатлива за избезумениот Француз. Јурнува
надолу по скалите. Го удираат в тил пронизливи пискотници на истанчен женски глас.
Трча без здив и се запира дури зад работ на втората куќа. Разнежено го гушка
детето, му ја гали главичката и полека го спушта на земјата до себе. Детето му ја
преграбува ногата, а со другата рака сè уште здраво ја гушка кадифената кукла. Во
скудната фенерска светлост ја видува жената, тенка, еластична и елегантна во
светлата свилена ноќница. Таа трча со сета сила, а по неа смешно подрипнува на една
нога мажот. Раскошно расплетената коса на жената бие во неговото лице и му ги
заслепува очите. Арсо излегува од своето скривалиште, покажувајќи им го детето. Мон
дие, мон дие Мари! Се разнежува уплашениот глас на мажот. Нежниот сопран на
мајкиниот повик го одлепува детето од ногата на Арсо. Наеднаш тоа се најдува во
прегработ на нежните бели раце. Маман, маман! Слеани во едно подвижно, преплашено,
чудно тело, тројца потонуваат во темнината на тесната улица, полнејќи го просторот
во викотници и плач. Од аголот на банчината зграда блеснува бајонет. Стражарот со
испружена пушка, збунет и забркан, е готов да ја прободе невидливата опасност. Арсо
ги брои секундите. Му се стори многу време минало. Тешко сомневање, го граба и го
мачи. Фитиљот е угаснат, фитиљот е угаснат! Не, не е возможно тоа! Страшно е да се
чека вака. Овој здодевен Француз ќе ја доведе полицијата. И, тогаш сè е
упропастено. Кога ти, Арсо, ќе се ослободиш од твојата фатална хуманост? Можеше тој
да си лежи во топлото гушкање на младата убавица. Нив провидението ги чува.
Проклети туѓинци! Фитиљот е прекинат некаде. Од напрегнатост во свеста на Арсо
започнуваат да се диплат магличести кругови. Банчината зграда се лула и витка,
фенерот паѓа на калдрмата и матно се разлева. Бргу, бргу! Во потсвеста некој
командува. Претрчај до вратата на магазинот. Оној таму ќе мора да го убиеш. Еден
загубен миг и сето што изгледа прекрасен подвиг ќе биде само жална иронија. Арсо се
покорува на повелбата, тој и служи на идејата, на себеси, на другарите. Сите
наредуваат и сите се само едно и тој е сам. Се наежува, камата се извлекува од
канијата. Два-три скока и право во тилот. Во тој момент од другата страна на
улицата се појавува пајтон. Арсо видува две лица. Едниот е со широкополна сламена
шапка, која се дига еден лакот над црната шапка на другиот, дебеличок, со пасторска
наметка врз плеќите. Жолтеникавата светлост од фенерот се збира и остро се крши во
неговиот монокл. По ѓаволите! Денес самата фаталност решила да му се исмее жестоко
и подмолно. Пајтонот го затскрива за момент стражарот. Арсо прави неколку брзи
чекори. Сега ништо нема да го запре. Да... И наеднаш грозен тресок го заглушува.
Земјата се раскинува во својата внатрешност. Густ прав го души и го дави. Полека се
поткренува, ги оттргнува од себеси штиците и ситните парчиња што го потиснале. И
здивен и горд се упатува во темнината. Сега е необично истрезнет. Спокојно и бавно
чекори по кривите сокаци. Таму, во центарот на градот, избувнуваат бомби. Неговите
другари сега си ја вршат својата работа. Жестока гордост му ги исполнува градите.
Вечерва градот нека биде само пекол! Да полудат пред глетката на грубата и насилна
смрт. Оние што ја заборавиле својата човечка должност нека ја видат бездната на
својот крај. Страшниот суд, страшниот суд на совеста... ...Една, две, три,
железните топки отскокнуваат од раката на Арсо и таму во тесната улица темнината
стенка и вие во агонијата на смртно погодување. Ноќта говори и заплашува, таа ја
збира својата моќ и издишува проклетства. Таму во нејзината длабина светнува дружен
плотун. Кратко и силно потсвирнуваат над неговата глава оловни зрна. Си ја
провлекува раката на подот, ги напипува тркалезните студени топки. Има уште
дванаесет. Чувај се сатано! И рика темнината и се кине нејзината утроба. Диви
чувства лудеат во него и ја пустошат улицата. Крцаат рамовите на вратите и
прозорите. Нека трепери крвавиот молох, нека! Јас сум сила што руши. Поулавете од
страв и малодушност, јас ве презирам! Ме задушувате, добро, јас го отворам
просторот за моите гради! Гнев ја мрачи свеста на Арсо и тоа трае сб додека не
летна од неговата рака последната бомба. Во намачената улица настапува штама,
опасна и зла во својата неизвесност. Вероломен двојник, кој досега се таеше скриен
во него, наеднаш излегува и го води, и лукаво му се потсмевнува. „Бегај сега. Ти
можеше да ја оставиш последната за себе и да се распаднеш во нејзиниот тресок. Ти
остана за да го преживееш понизното чувство на стравот. Што си ти всушност? Кому си
потребен сега, несреќен Арсо? За кога го отвораше просторот таму? Посеа смрт и сам
падна во прегратките на стравот..."
Проклетство! Пак лежеше овде и тишина висеше над него како крило на мртва
птица. Некаква чудовишна иронија како да се беше раскикотила над неговата слабост.
Лишен од волја, од желби, празен и опустен, се влечкаше час во минатото час во
сегашното. Понекогаш му се чинеше дека ја загубил границата меѓу јавето и сонот.
Што беше реалност?
Овој врел и мрачен гроб среде пустината или она што секако треба да е
минатост, минатост што така дрско продира во него и го напушта тогаш кога му е
најпотребна.
Не може да истрае до крај.
Зар има крај ова умирање.
Да се враќаш и да мислиш дека сè уште умираш, дека сè уште не си мртов...

ВО ДЕТСТВОТО
...Надвор, низ дворот се накашлува татко му.
Неговата поднаведната сенка се влечка по ѕидот и запира пред него. Татковиот
глас е смекнат. Тој го затворил порано дуќанот. Стасал да појде кај берберот и сега
лицето му изгледа празнично чисто. Аха! Арсо се присетува.
Утре е недела. Свечен завршеток на учебната година...
Училницата е свечено живната. Мајското сонце се расплиснува врз светлото
кадифе на масата, вивти во букетот од трендафили, ја оживува на ѕидот сликата на
човекот со мундир и златни еполети.
Арсо стои збунет и среќен. Час црвенее, час бледнее пред гостите седнати во
два реда пред него. Таму зад чалмата на кадијата се покажува само главата со русите
разбушавени веѓи и ситните мижливи очи на татко му.
— Почни, Арсо! — го лиже во тилот мекиот и кротко топол глас на учителот.
Арсо го заковува погледот во една точка, таму над главите на луѓето, каде (тој
добро забележува) се лула тенка пајажина, останата нефатена од метлата. Тоа што
започнува Арсо е некаква фалбена стихотворба за најсилниот и најмудриот човек на
светот. Смислата на зборовите не проникнуваат во неговата свест, тој се вовлекува и
се опива само од звучниот хаос на римите што го возбудуваат и го обземаат целото
негово суштество и, заборавен, восхитен, растопен во еден необичен свет на чувства,
разбранувани во неговата душа, тој го слуша сопствениот глас како трепери, се
подигнува и звучно се разлева. Тој веќе завршил, а сè уште во неговата глава
треперат римите. Силен шум на ракоплескање го враќа во стварноста. Еден задоволен,
плавен и длабок глас изречува пофалби.
— Дојди, момче!
Арсо пристапува напред. Кајмакамот се поткренува од столот и Арсо сеќава
скокоткање по образот и топол допир на влажните усни. Одзади се издолжува нагоре
главата на татко му и Арсо забележува на неговото лице радосно растопување на
брчките. Кајмакамот седнува, потоа вели:
— Ќе ти зададам три прашања. Ако одговориш, ќе те пратам на царски лицеј во
Стамбол. Прво, кој е најголемиот мудрец, второ, кој е пророк над пророците и,
трето, која е најдобрата вера на светот?
Арсо прошетува со светнатите очи над главите на луѓето и забрзано, како да
рецитира, на еден здив одговара. Та кој во оваа царштина не го знае тоа? Тоа беше
молитва на верност и понизност кон силниот. Зборовите изречени напевно и високо од
ѕвонливиот детски глас го исполнуваат со задоволство овој служител на редот и
спокојството. Тој извлекува со два прста еден грош и му го клава во раката на Арсо.
На крајот многу раце се протегнуваат за да му честитаат. Но и двете раце на Арсо му
се зафатени со некакви пакетчиња и цвеќиња и тој само, среќно збунет, си ја ниша
главата.
Дома го пречекува мајка му и долго, нежно и меко го гушка. Арсо сега седи до
татка си покрај софрата, чест која се прави само на заслужните и порастените луѓе.
Отсега натаму Арсо ќе му биде десна рака на стариов. Го заврши со одличен успех
третиот клас. Па тоа не е мала наука. Најпосле стигна и сигурна одмена. Такви беа
времињата — тој неписмен остана. Ама синот го доби тоа што тој не можеше да го
добие. Занаетот опаѓа од ден на ден. Стариот е уплашен и збркан, некоја сила го
турка надолу во провалија. Но, еве, синот навреме стаса. Сета надеж е во него.
Како ќе се почне сега. Арсо живее со книгите. Тие го влечат во непознати
светови. Уште во муграта, кога виделината одвај пробива преку спуштените завеси,
Арсо ја пушта раката под перницата. И се внесува во страниците на еден свет чуден,
незаборавен, сосема инаков од овој.
Пред него со изненадна сила избликнуваат нови работи, досега непознати,
неизвесни. Нови мисли и впечатоци навлегуваат во него. Тие го возбудуваат и
сладосно му ја запленуваат душата. Некаков чуден хаос од нови мисли и чувствувања
го вознемирува. И во него се пробива нејасна желба да го види она секојдневното
променето како што е таму. Зар не може да се направи истиот свет каков што е во
книгите што ги чита. И луѓето би можеле да бидат не вакви какви што се. Може да има
некаде по светот такви луѓе. Но Арсо не знае што сб има по светот. Сè што знае тоа
се неговите познаници од маалото, чаршијата и селаните пазарџии кои доаѓаат во
пазарните денови. Никако, не може да го спореди Жан Валжан со Рифат крадецот. Во
него нема човештина, никој за ништо не може да му се довери на овој груб и опасен
човек. А Тарас Буљба? Навистина тој има мустаќи тешки и дебели како Керим-бег. Но
Керим-бег далеку стои од казакот Тарас. Керим е зол, темерут и одмазднички жесток.
Да има такви луѓе како Тарас не би постоел ни Керим-бег, ни Рифат јанкесеџијата. И
како умно и убаво зборуваат таму во книгите. Сè е таму наредено така што во душата
ти останува светло, мирно и чисто.
Наведнат над книгата, Арсо го слуша гласот на мајка си далечен и нереален:
- Дојди на ручек, Арсо.
Чувствува внимателно и нежно допирање на мека дланка која полека се спушта на
неговата глава. Потоа:
— Касни: татко ти те чека в дуќан.
На Арсо секогаш му е здодевно кога останува повеќе време во дуќанот.
Татковиот занеат не го привлекува. Не го поднесува ова придушено крцкање на
ножицата. Сувата миризба на правлива волна му ги суши и стега градите и му се сака
да избега надвор на отворено каде што има воздух и ширина за погледот. Од
училиштето, до овој привлечен свет на книгите, наеднаш тука, во дуќанчето полно со
мрачнина во која господари незадоволството на татко му. Затворен зад овие ќепенци,
изгризани од црвците, тој е многу осамен и тажен. Се мачи да го потисне тоа свое
чувствување, но тоа уште повеќе го прави несреќен. Иглата му се слизнува од
прстите, ги прескокнува рабовите на абата каде што треба повеќе напор. Татко му го
следи под око и предупредувачки се поднакашлува. Арсо со мислите е некаде на друго
место, далеку од оваа строга замраченост, во која ведрите утрини згаснуваат и во
неговата душа се раздвижува нејасен и плаховит бунт. Со татко си не разговара. Само
го сеќава како голема тежина неговиот строг поглед. Неговото лице стои покорно и
мирно, тоа негово лице ги крие како туѓа маска неговиот бунт и здодевност, и тага.
Кога татковиот укор ќе го жегне, тоа негово лице се залева со нечиста црвенина.
Тогаш иглата заигрува во затреперените прсти. Но тоа е само возбудување така, од
кај згорнината. Рапавината на татковиот глас бргу потонува некаде како фрлен
предмет во непозната длабочина. Тој пак се затвора во својот свет, полн со мисли и
некакви несфатливи светлини од кои сета негова душа празнично грее. И сиот е тука
во засебна светлост. И тука го дочекува часот кога стариот ќе му заповеда да ги
залости кепенците. Молчејќи се упатуваа за дома. Секогаш ја гледа таа негова
прилика како се лула на своите несвикнати на одење нозе. Арсо претпазливо ја гази
сенката која не се откинува од стариот како да е фатена за неговите нозе и му пречи
да зачекори пошироко. Сега татко му сигурно ќе сврти по оној осамотен сокак па ќе
фати накај крчмата. Ќе му нарача дома да ја стават вечерата, да е готова, тој скоро
ќе се прибере. Тоа секоја вечер станува. Арсо и овој пат е сигурен дека стариот ќе
се дотетерави дома во никое време и стишен, темен ќе падне в постела. И Арсо
скршува по другиот сокак. Тој сокак не оди на крчма туку на друго место. Таму живее
учителот. Со него останува повеќе. Учителот ќе го наговори стариот. Само Арсо нека
потрпи. Учителот бара погодно место па да му се доближи на овој скржав во
зборувањето човек. Во дуќанот, мисли, не ќе е арно да отвори разговор за Арсо. Тука
стариот е сè некако нерасположен и лут. Само в крчма се отпушта, па се загрева
однатре и се растопуваат стегите што го држат во замолченост.
Нешто меко скокотливо и пријатно му се вселува во телото и овој чуден сок -
ракијата го смирува и здобрува со луѓето. И тогаш учителот, налактен на извалканата
маса, ќе започне за што и да било и за кого и да било, стариот слуша, и божем
случајно зборот ќе дојде и за Арсо. Отпрвин ги свиткува веѓите па подозриво се
вгледува во мекото од очите на учителот и започнува да се осмевнува. Сепак учителот
е прав. Арсо е умно детиште. Штета ќе е од него да стане еден ништо и никаков
занаетчија. Сам гледа — занаетот шивачки пропаѓа во вода. Арсо треба да стане човек
поинаков, секако поумен и за тоа и посреќен од него и можеби и сета фамилија ќе ја
извлечка од заглибувачката. Би било, сигурно, како што вели учителот, да, би било
поарно така. Па и право да зборуваме - на детето умот не му е во иглата. Сè знае
веќе, од него терзија не станува. Овој терзиски еснаф сиот е замршавен, ошумоглавен
од борчеви и немаштија. Па што тогаш? И Арсо ли да се завалка во оваа жива
умирачка. Нека биде како учителот.
И забележува Арсо дека од некое време наваму челото на татко му се ведри и
сурите длапки на лицето му смекнуваат. И една вечер, одејќи си накај дома, вели:
— Зошто не ми рече дека си сакал да учиш во Солун?
— Не реков...
Двајцата чекорат по нерамната калдарма и молчат.
Другиот ден, откако испива две чаши вино и £ наредува на жена си да ја крене
софрата, остро, како да се лути, подвикнува:
— Приготви му ги алиштата, Магдо!
Отпрвин побледнува, чиниш студена рака ја зграбува за срцето, загубено ги
мести очите час на мажот, час на синот. Тее зкае дека учеттелот сака Ароо да то
извлече од оваа запустеност овдешна, се радува, но повеќе £ е жал и мака. Со умот
се сложува и чека да стане тоа, туку не наеднаш и не вака грубо и безмилосно. И кој
знае зошто праша. А однапред знае дека не треба да праша.
— Ами, кај кого ќе оди таму?
И не очекува и се плаши да го слушне одговорот.
А мажот вели:
— Ти за тоа не грижи се. Таму е братучедот Орде. Во анот негов ќе остане. Ќе
му го продадам виното, па за Арсо да се грижи, да го поднагледува.
Жена му, научена молчаливо да поднесува сè во оваа куќа, нема со кого да си
ги сподели своите сомневања и немири, својата тага и својот страв за единствениот
син. Како ќе живее тој таму сосема сам, без неа? Па тој е уште толку мал. Град
голем, секакви луѓе има. Не смее сето тоа да му го каже на мажот си. Тоа си стои во
неа и ја мачи. И скришум ја топи перницата со солзи и нема сили да ги запре. Бар со
нив да истече таа набрана во неа тежина. Кога би можеле некако да запрат деновите,
да се сторат векови. Но пустите денови сега излетуваа како ластовици.
Грозјето бргу зрее. Стигнува и грозјеберењето. Во муграта темни се уште
силуетите на грозјеберачите. Во проѕирниот јасник на воздухот се шири пеењето на
младичите. Зарипнат машки глас ќе се заплетка во нивната мелодична врева. Високо и
ѕвонко трепери женска смеа. Мајка му на Арсо стишена и кротка, ги проникнува во
себе звуците. Таа го дофаќа во веселиот хаос неговиот глас, шумот од неговите
забрзани чекори. Низ светлата мрежа на утрината, спуштена над лозовите лисја таа го
гледа Арсо свеж, облеан со розовина, израстен меѓу ластарите. Овој синкав лач во
неговите очи ја растопува во некаква заборавна умиленост. Гали и сече неговиот
поглед, како срча остра и силна како надробена синевина на ова далечно небо. Арсо
ја полни веќе три пати кошницата откако излегло сонцето и три пати ја однесува и
истура во коритникот. И три пати £ се доближува и се оддалечува од неа. Нвговото
приближување е само сдадосно греење во душата, задоволство што ги стопува немирите.
Неговото оддалечување и силно опнување на нишка што се наоѓа длабоко закопана во
срцето.
Стивнуваат веселбите. Ширата шурка пенлива и мирисна. И настапува штама и
уште посилна бојазност за него.
Зошто е сега овој немир во неа, па тој е уште овде и ќе биде овде цел месец
уште.
Здодевно му е веќе на Арсо да седи овде. Стига мајко по мене си трчала.
Остави ме да си се почувствувам сам, да си се порадувам на себеси, на својата среќа
дека ќе бидам таму. За таму толку сум мислел. Таму ќе ми биде добро. Нели ти сакаш
да ми биде добро? Тоа ќе те радува. Престани да трчаш по мене како поулавена. Ќе ти
пишам писма, богами, често ќе ти пишам. И сè ќе ти раскажувам, мајко. Остави ме
сега сам и не гледај ме така жалостиво. Покривачот се свлекол од рамото на Анѓа.
Покриј ја и гледај да не ја разбудиш. Сакам да ја гледам како кротко спие.
Таа вечер е така нежна месечината. Не затворај го прозорецот. Нема да
настинам. Велат дека во Солун се живеело мегу ѕидови и месечината била затворена во
нив. Да ја погледам сега, да и се наситам. Види, ѕвездите вријат горе и како да
сакаат да се истурат на мене. Нека, нека дојдат ѕвездите. Ќе си ја наполнам
пазувата со ѕвезди. Да ги имам таму. Бавно минува времето кога очекуваш нешто...
Да, заборавив јас, се заборавам јас... На клепките му лежи лепливата тежина, не
можам да ги отворам. Не можам да ги отворам и знам дека тоа не треба да го
сторам... Знам дека овде нема ѕвезди и месечина... Темнина му ги полни очите и во
темнината познат глас ечка како во огромна празна црква. Откај таванот се цеди
матна светлост и се полепува по рабовите на нечија силуета. Зборовите паѓаат во
темнината како искинати издишки. „Нема да те разбудам. Само да ти се нагледам и ќе
си одам". Протегнува суви раце. Го свлечкува јашмакот. Тие се нејзините очи,
тргнати во мракот и оттаму блика мека светлост. Таа жена што го има мајчиниот глас,
го одголува својот бел костур. Темната облека се здиплува во нејзините нозе. Ладен
повев му го гибнува лицето на Арсо. И тишина долга и мачна се затестува околу него.
Сака да праша нешто, но згрозено му се згрчуваат усните. Жената молчи и во
длабините на очните дупки светка сега зеленикава виделина. Арсо дофаќа звуци во
себе, во празнината на своето тело. Тие стигнуваат до неговиот мозок.
„Татко ти не истраја. Ќе му правиме шестмесечен помен".
„А сестра ми?"
„Молчи!"
Сувиот долг прст замавнува и светлоста во очните дупки станува самрачно сива.
И пак тишина, тишина се таложи околу него, врз него, во него.
„Дојдов само да те ѕирнам... ќе си се вратам..."
На Арсо му се чини дека е затворен во теснината на сопственото тело, недвижно
испружено во темницата. Ковчестиот прст се издолжува кон него и сеќава на челото
ладен допир и крцкање на суви коски поминува во мозокот. На грлото му напира крик,
но не може да се ослободи и се разлева во градите и го задушува. Во душникот
застануваат рабести грутки и не му даваат да дише. Тој паѓа и се губи во спарена
непроѕирност. И таму се множат некакви загрижени маски. Тие се строги, смуртени и
пакосливо им се белкаат очите. По белузлавите влакна на долгите степкани бради
потсветнуваат краткотрајни искри. Трепери тркалезно око, налеано со црвенина.
„Го знаеш ли Емин? Не? Тоа ме чуди. Не сакаш да се присетиш за Емин. Тој ми е
син..."
Окото се доближува и во црнката се врти темна оска и сега, само за неколку
мига ќе се закопа во живото месо на Арсо.
„Сула го сака Емина. Ме прати таа. Ти му ја истури крвта на калдрма. Бара да
£ го вратиш Емин. Ќе се омажи за него..."
Темната оска втонува во Арсо. Чудно е сето тоа, болка не сеќава. Но сепак ги
стегнува вилиците да не го испушти крикот затнат на грлото.
„Емин ми е добар син. Тој ми е сè што имам. Потпора ми е тој за староста.
Нашето село е сè на сè осум куќи. Нашата е виранија таква, со сламарница е
покривот, ѕидовите се од плетвар и кал. Си имаме една земја, посна, сува, поскоци
се гнездат во неа. Ако посееше царевка, ќе се спржи, што ќе остане, чавки ќе ја
исколват. Седиме и мислиме со Емина - поарно ќе е на царска служба да појде Емин. И
така стори синот. И во месецот ми праќа по шест гроша.
Слава на господа. Да му се честити деновите. За тутун и ракија не трошам,
богами, не трошам. Ќе го женам Емин, па нека се спастрат малу парици. Да ти кажам,
не ќе ми веруваш. Сула се пресели во куќава. Ќе го чека, вели, Емин. Тепај ме, мачи
ме, одовде не излегувам. Личен ми е Емин, со сина чоја облечен, и скорни и каиш
преку половината. Селскиот полјак ништо не е пред него. Што може да има во нашава
пустелија селска. Таму, во Солун заптиите се како царот облечени. Сула не може да
му се нагледа. Тој ќе ја земе со себе во Солун. Само уште малку да поседи овде
додека и накупи алишта - да си ја покриеме голотијава наша... Тој не те познаваше
тебе... велиш и ти не го знаеше Емин велиш, темно било во сокакот. Па ти распрашај
се какви сè луѓе има во сокакот... тогаш пукај. Велиш лошотилакот си сакал да го
погодиш. Арно е тоа, арно ама, Емин што ти сторил тебе? Тоа не можам да ти го
простам, момче! Да знаеш. Никој татко не проштава, тоа да го знаеш!"
И окото се шири и се разлева. Темнината станува црвена и во црвенината се
протегнуваат раце, вратови, се склештат беззаби усти...
Тоа е некаков прозорец. Во длабочината на прозорецот се тестат и задушуваат
озлојадени гримаси. Возможно ли е тоа? Толку свет собран во ова малечко прозорче!
Таму се тие. Другарите негови. И себе се гледа таму. Истата соба (станот на Павле).
Само ѕидовите ја промениле бојата: црвени проѕирни ѕидови.
Арсо мавта со тупаници. И гласот му трепери:
„Другари, нема веќе враќање! Клетвата нè обврзува!"
И Глигор крева тупаница тешка, јадра. И Павле. И другите. Шума од тупаници.
Разлулани, збиени.
Ќе се срушат на оваа султанска виранија.
Удри часот на ослободувањето.
Ќе биде ден, народе мој!
Арсо станува. Зошто му се тресат нозете? И му се слошува?
Со нашите десет глави... Нашите глави се полни со експлозив. Ќе ги ставиме во
темелите на ова насилничко царство!
Ние сме торпеда упатени кон него. И враќање нема!
Има само заедничко загинување.
И заеднички крај!
И почеток на нешто убаво и достојно за оние што ќе излезат на сонце!
На Арсо му се вие свет. Зошто е пак сега тоа? Ништо. Само силна возбуда.
Светат лицата на овие младичи во неснослива усвитеност и се растопуваат во
црвената проѕирност. Арсо ја здогледува судската сала: полна, спарена, вмирисана.
Неверојатно бргу му се приближува. И во тесната прозоречна рамка се згустуваат зли,
презриво-горди, полни со бездушна иронија очи:
„Ха, тоа си ти, херој! Измамник малодушен! Кукавица! Не жалости се. Ќе ти
помогнеме: Рамадан џелатот има јака ортома и сигурни раце".
Го сеќава до себеси Патрокле. Шушлив и тепкав:
„Понаведни си ја главата..."
Џемал-ага му се внурнува во лицето:
„Не гледај ме така изеднички. Можеш ли да направиш чардак? Што можеш ти?
„Гадости“ - крикнува Арсо во јадрата рака на Глигора.
Од црвената длабочина изронуваат неговите другари огорчени, згрозени,
непомирливи:
„Ја исполнивме обврската! А ти?"
Згасна црвенината. Грее мршава месечина. И нејзината анемична светлост ја
сече штикот на војникот. Од темната улица испливуваат: широкополна сламена шапка и
монокл врз пасторовото лице. Патриво трча долгнавест Француз по малечка русокоса
девојка. Мари! Маман! О, мон дие! Тресок. И светлосен млаз го удира во очите.
И сè се преметкува во замрсено клопче и се сурива врз него...

ИЗЛЕЗ
Во ќелијата навлегуваше самрачината, а со неа доаѓаше ладно струјкање. На
Глигора му се стори дека овој ладен повев како да избива од тешко залепеното на
прозорецот, стебло од палмата. Во неговите гради навлезе и бодро затрепери свежина.
Северникот го почувствува и Арсо чии што носници започнаа да се шират. Во затворот,
потонат во малаксаноста на врелата тишина, во спарените ќелии започнаа наеднаш да
се подигнуваат бодри гласови. Зачестија брзи чекори по калдрмата на дворот и по
ходникот. Силен збир од нескладни звуци ја наполни приквечерината. Мртвата темнина
на ќелиите стана нестрпливо жива.
Бавно ги отвораше Арсо очите. Навлегуваше во неговиот мозок една јаснина како
да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина. И на таа згорнина релјефно испакна
јадрата фигура на Глигора. И му дојде некоја изненадна помогна да седне.
Однадвор доближија познати чекори. На отворената врата застана каушкиот
прислужник, насмевнат и подисправен. Ја остави лимената кутија со чорбата.
- Каква е таа врева надвор? - запраша Глигор.
- Господ дојде, - рече живо прислужникот.
- Да го земат ѓаволите твојот...
- Тој е и твој, - се смешкаше лукаво прислужникот
- Слушај, муцко, нема таков господ кој да биде и наш и ваш, - го подигна
гласот Глигор.
- Има, има, господин Глигор, - со истиот тон рече прислужникот
- Хм, тогаш, кој е?
- Па, ене, откако дојде и на Арсо му е подобро.
— Не ни е потребен ни нашиот, ни вашиот! - рече Арсо и изгледа тоа го возбуди
та на образите му се појави бледа розовина.
Прислужникот стоеше и се смешкаше на прагот и како да не му се сакаше да си
појде. Арсо за прв пат го гледа ваков. Обично, тој не зборуваше, молчаливо, тромо и
тмурно си ја вршеше својата работа и во изразот на неговото лице секогаш лебдеше
накаква мрзоволна стутканост. Сега, можеби имаше да каже нешто важно. Глигор
испитливо го загледуваше под своите дебели веѓи. Арсо, кој не ја поднесуваше оваа
смрачена личност, сега здогледуваше во него некоја промена што го правеше доверлив
и близок. И Глигор, и Арсо, и прислужникот чувствуваа во себе една промена која ги
зближуваше и поврзуваше, ги скротуваше и примируваше. Во оваа загадена јама луѓето
ја наоѓаа нишката што ги соединуваше. Иако тројцата спореа за господа, всушност тие
беа далеку од желбата да се караат сега. Зар беше важно тоа, каков и чиј е тој бог,
кому носи корист, кому пропаст, дали тој има чалма или златен ореол околу главата,
дали е облечен во турска салтамарка или е завиткан во црвено платно. Во нив, околу
нив беше дојден оној кого и сиромашните бедуини во пустината, и богатите, и
правоверните и ѓаурите го бараат и им беше потребен - северникот.
— Урмите, — рече Глигор.
— Урми...
— Заборави?
— Не. Туку...
— Како тоа? Ќе најдеш! - Глигор му кладе неколку ситни пари во раката на
прислужникот.
— Мачно се наоѓаат... ама ќе најдам, - угодиливо рече прислужникот.
Арсо чувствуваше како во неговото тело проникнуваше бодрина и сила и дури
започна да чекори со уште слаби треперливи нозе. Глигор се радуваше како дете. Тој
го истурка прислужникот и ја тресна вратата зад него.
- Сега, атентаторе мој, се надевам дека си ги изгонил од себе злите духови.
Има да ја свршиш онаа твоја задача што си ја започнал и не си ја завршил и поради
тоа паднаво очај. Зар ти мислиш дека е така едноставно да постигнеш една цел и така
е просто да се умре наеднаш, по одреден план? Ние не сме се ослободиле од клетвата,
таа нè задолжува. Другарите кои загинаа го исполнија својот долг. Ние треба да го
исполниме нашиот.
- Јас нема што да свршувам. Сè е празно во мене. Јас немам цел.
- Не, не можеш да го зафрлиш животот во каква и да е јама. Неправдата постои,
постоиш, и ти, борецу против неа. Во оваа смрдлива дупка ме зафаќаат соништа за
животот на слободните луѓе. Зад овој ѕид се истегнува пустината. Таму лутаат
камиларите и ги поминуваат врелите песоци. Ги носат фатаморганите на палмовите
сенки и ладните извори, и тие одат се понатаму, се понатаму. И, ако загинат во
песочната бура, нивната смрт на луѓе кои со сета сила се стремеле да го извлечкаат
животот од смртта. Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба. Ти што се
противставуваше на цела империја, малодушно се прикрши. Не те зафати бура, а така
нешто во тебе се скрши, во твоите мисли, во твоето чувство кон луѓето и светот
нешто се променило. И сакаш себеси да се убедиш дека не постоиш. А ти си од крв и
месо и не можеш да не ја чувствуваш близоста и нераскинливоста со сето она што
постои. Но нека одат по ѓаволите овие непотребни брборења. Да се зафатиме со
работа. Тоа е главното сега.
Арсо, кој од почетокот отуѓено ги слушаше зборовите на Глигор, со интерес се
загледа во него, во тоа енергично лице со широки вилици, со опнати цврсти мускули,
со испечена од пустинското сонце кожа на вратот, во неговата темна кадрава коса, во
јаките гради кои силно и власно се подигнуваа како да се стремеа да го наполнат
просторот на ќелијата и да искочат надвор од неа.
Глигор тешко зачекори, загледан во тесниот раб од избледнетото небо.
— Ние сме пак истите.
- Меѓу минатото и сегашноста се срушени мостовите — смрачено рече Арсо.
- Да се сложиме во едно само: не го сакам од тебе тоа што ти бесно и
фантазирано сам го даваше. Во оваа зандана земјата е мека, песоклива, во неа се
вкопани темелите. Од кон прозорецот е дворот, од левата страна има некакви церја.
Понатаму се редат палми, а зад нив е пустината. Ти треба само да лежиш и да бладаш
и да шеткараш во минатото, како досега што си правел и ништо друго.
- Па ти и ништо не бараш од мене.
- Тоа ништо за мене е сè - рече уверено Глигор
Во минути на смирување, кога спокојното размислување го потиснуваше
трагичното чувство на безизлезност, Арсо се враќаше кон напрежните свои убедувања
дека вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во
непреодоливата волја на човекот да дејствува. Се обвинуваше себеси дека тој не бил
и не може да биде никогаш способен да ја исполни таа тешка повелба. Спокојната и
упорна решеност на Глигор да го употреби својот живот за постигање на идеалот што
беше некогаш највисок врв на кој требаше да слета и Арсо, му се чинеше само
неостварен и никогаш неостварлив сон. Во оние пркосни денови Арсо се сметаше себеси
за непрекршлив револуционер, херој што ќе остави блескаво име во повеста на таа
неразбирлива намачена и жестока земја. Тој само го извалкал тоа гордо име.
Дејстуваше и гореше безумно и храбро и сам не е во состојба да објави како падна во
тоа тегобно смирување. Влезе во огнот, а неговиот дух беше премногу нежен за силни
пламтења. Во дното на својата душа чувствуваше наслоена сива ладна пепел. Тој се
срамнуваше себеси со скршено од првиот истрел оружје, оставено за секогаш
неупотребливо и мртво. Арсо ја префрлуваше во себе мислата узреана отскоро во него:
Треба да остане и ќе остане само оној што дејствува, се противставува, се судира и
во судирот ја менува својата судбина. Арсо не може повеќе. И страшно го измачуваше
претпоставувањето дека никогаш не бил тоа што мисли да биде. Во дните на
осаменоста, со болна страст се вдлабочуваше во себе, бараше одговор и решение на
замрсени сомневања. Се зафатил за нешто што не било за неговиот ломлив дух. Некоја
тешка одговорност го мачи и уништува. Не е способен веќе да избега од потполната
очаеност. Глигор не треба да очекува ништо од него. Ама сосем ништо.
Арсо има само една желба - да остане тука во мир и заборав. Што бара од него
Глигор? Да учествува и да му помогне во неговите подготовки да избега од затворот.
Да учествува лежејќи на одарот. Помош за која не е потребен напорот на волјата.
Арсо сакаше да биде задоволен дека сепак неговата немоќ е корисна за Глигора.
Тоа е што може да му даде на Глигор.
Скоро ќе удри часот на разделбата.
Глигор ќе остане единствен сведок на неговото незапирливо умирање.
Глигор ќе појде во животот.
Тој им е потребен на луѓето.
Арсо ќе му помогне да појде пак меѓу луѓето, така, лежејќи во исчезнувањето.
Му дојде чудната желба да остави сепак некоја трага во занданата. Со клинец
неговата треперлива рака ископа на ѕидот над одарот каде што лежеше реченицата што
почесто му светнуваше во мозокот: Тука згасна Арсо во лето илјада деветстотини и
трето.
Цела недела северникот ги даваше своите благодети.
Во каушите сè почесто се носеше витката мелодија на ориенталските песни,
полни со болка и копнеж.
Во приквечерината кога мракот ги зафаќаше зафрлените агли, Глигор им се
придружуваше на пеачите, пуштајќи го својот звучно тврд глас. Во неговите песни
извираше и се разлеваше гнев, закана и верба на луѓето од неговата земја, оставена
далеку зад морето. во смешаноста на мелодиите, во бркотницата од распеани звуци,
доминираше нешто одобрувачко, што ги истиснуваше мрачните во душата на Арсо.
Кога ноќта сосема го заклопуваше затворот и ја угаснуваше вревата, во
каушите, ходниците и дворот темнината стануваше глува и мртва. Глигор будно ги
следеше како гаснат шумовите и потоа се вовлекуваше под одарот на Арсо и со
упорност на кртица ја прегризуваше пречката што го држеше апсанџискиот свет откинат
од онаа слободна широчина во која луѓето ја заплеткале својата судбина во нечии
мрежи и ги кинат полни со верба дека има избавување и дека сето тоа е возможно да
се постигне. Да се излезе од овие ѕидишта. И дланките на Глигора ја избуткуваа
земјата зад себе и телото потонуваше во земјената тесна темна и ладна утроба за да
излезе на виделина. И песочните пластови попуштаа. Времето и волјата се беа
сојузиле.
Остануваше уште една ноќ.
И судбината на Глигор и Арсо ќе биде во нивните сопствени раце.
Таа беше ноќ без месечина, но со густи силни ѕвезди кои трепереа на работ од
прозорецот. За последен пат Глигор зарони во ископот. Напластената ровкава земја се
отресе од неговата глава и тој жедно ја вдишна свежината на воздухот. Се наоѓаше во
средината на густо церје. Бргу се повлече назад.
— Готово, атентаторе! Го заслужи орденот. Побрзај, надвор те чека Ана! -
весело задишан брбореше Глигор.
Тој си ја извлече главата од под одарот. Ги виде вжолтените нокти од нозете
на Арсо што висеа над него.
- Несреќниче! — рикна во болка и навреда Глигор. Телото на Арсо му
изгледаше необично издолжено. Тенкото јаже врзано на решатката длабоко се беше
вкопало во неговиот врат. На помодреното лице беше замрзната грозната гримаса на
тукушто свршената агонија.
Глигор си ја зеде торбата. Уште еднаш погледна на телото што висеше закачено
на решатката и, исполнет со гнев и огорченост, се нурна под одарот.
По неколку минути неговата темна силуета се појави меѓу палмите и бргу залута
во пустината. Ладната ноќ овозможуваше долго патување до онаа оаза на север. Таму
наблизу беше француската граница. Пред разденување ќе стигне.

You might also like