Си биле една лисица и едно зајаче. Еден ден Лиса му рекла на зајачето: – Ајде, зајаче да направиме две куќички една до друга и да живееме убаво како пријатели. – Добро Лиске! – се согласило зајачето. Зајачето собрало кора од дрвја и си направило дрвена куќичка, а лисицата куќичка од мраз. Дошло пролет. Огреало сонцето и куќичката од мраз се стопила. Останала Лиса без куќичката. Таа отишла кај зајачето и го замолила:
– Те молам, зајаче, пушти ме да
преноќевам во твојата куќичка! Зајачето се сложило и ја пуштило да преноќи, а лисицата влегла во куќичката, седнала до ќумбето и извикала: – Што стоиш тука, што не одиш! Излегувај! Куќичката е моја! Зајачето заплакало и излегло од својата куќичка. Одело по патот и плачело. Го сретнало кучето и го прашало: – Зошто плачеш зајаче? – Како да на плачам – му одговорило зајачето. – Имав дрвена куќичка, а Лиса од мраз. Ме замоли Лиса да ја пуштам внатре да преноќева. Јас ја пуштив, а таа влезе и ме истера од мојата куќичка. – Не плачи зајаче – му рекло кучето – јас веднаш ќе ја избркам. – Не, не ќе можеш да ја избркаш! – Ќе видиш, јас ќе ја избркам! Дошло кучето до куќичката и почнало да лае: – Ав,ав, ав! Излегувај Лисо надвор од куќичката на зајачето! А лисицата одвнатре му одговорила: – Не ме викај, не ме лути, оти ако станам ни влакно нема да ти остане на кожата! Кучето се исплашило и избегало во шумата. Зајачето продолжило да плаче. На патот го сретнала мечката и го прашала: – Зошто плачеш зајаче? – Како да на плачам - му одговорило зајачето. – Имав дрвена куќичка, а Лиса од мраз. Лиса ме замоли да ја пуштам внатре да преноќева. Јас ја пуштив, а таа влезе и ме истера од мојата куќичка. – Не плачи зајаче – рекла мечката – јас веднаш ќе ја избркам. – Не, не можеш, кучето ја бркаше, но не можеше да ја избрка. Не ќе можеш ни ти! – Ќе видиш, ќе ја избркам! Дошле до куќичката и мечката силно замумлала: – М-м-м! Излегувај од куќичката на зајачето! А лисицата одвнатре и одговорила: – Не ме викај , не ме лути , оти ако ти станам, влакно нема да ти остане на кожата! Мечката се исплашила и побегнала. Зајачето останало само, седнало на едно трупче и натажено размислувало. Одеднаш се чуло: „Кукуригу!” Тоа било петлето со жолти чизмичиња, со црвено бајраче и со коса на рамо. – Зошто плачеш, зајаче? – го прашало петлето. –Како да на плачам -му одговорило зајачето. –Имав дрвена куќичка, а Лиса од мраз. Ме замоли Лиса да ја пуштам внатре да преноќева. Јас ја пуштив, а таа влезе и ме истера од мојата куќичка! – Ах, таа Лиса! Смири се, не плачи зајаче! Јас веднаш ќе ја истерам. – Не, не можеш: кучето ја бркаше – не ја избрка, мечката ја бркаше, но и таа не можеше да ја избрка, па не ќе можеш ни ти да ја избркаш? – Е, јас, ќе ја избркам! – рекло петлето. Кога се доближило до куќичката, петлето почнало да удира со нозете, да плеска со крилјата. Силно извикало: – Кукуригу! Јас на рамо коса носам, тебе Лисо ќе те косам! Излегувај, Лисо, надвор! Лисицата се исплашила и рекла: – Сега, да ги обујам чевлите! Петлето уште посилно извикало: – Кукуригу! Јас на рамо коса носам, тебе Лисо ќе те косам. Излегувај, Лисо, надвор! А лисицата одговорила: – Еве, сега, да го облечам кожувчето! Петлето извикало уште посилно: – Кукуригу! Јас на рамо коса носам, тебе Лисо ќе те косам. Излегувај, Лисо, надвор! Лисицата се исплашила, рипнала од прозорецот и избегала далеку во шумата. И така зајачето и петлето останале да живеат заедно во куќичката.